Индиски носорог

(Пренасочено од Азиски носорог)
Индиски носорог
Индиски носорози
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Непарнокопитни
Семејство: Rhinocerotidae
Род: Rhinoceros
Вид: R. unicornis
Научен назив
Rhinoceros unicornis
Линеј, 1758
Распространетост на индискиот носорог

Индиски носорог (науч. Rhinoceros unicornis) познат и како азиски носорог — голем цицач кој живее на териториите на Непал, Бутан, Пакистан и во Асам, Индија. Негово природно живеалиште се пасиштата и шумите во подножјето на Хималаите. Индискиот носорог може да трча на кратки растојанија со брзина од 40 км/ч и е одличен пливач. Има одличен слух и осет за мирис, но многу слаб вид.

Иако во минатото бил доста распространет, ловот и уништувањето на неговото природно живеалиште за создавање земјоделски површини драстично го намалиле нивниот број, па на почетокот на XX век останале само 100-200 единки. Заштитата која е донесена во 1910 година овозможила зголемување на популацијата, која во 2006 година достигнала бројка од 2500 единки.

Таксономија

уреди

Индискиот носорог е првиот носорог кој бил познат на европејците. Научното име на носорогот – Rhinoceros доаѓа од двата грчки јазикгрчки збора ῥινός (ринос) што значи нос и κέρας (керас) што значи рог. Инискиот носорог е монотипичен, што значи дека не постојат подвидови. Rhinoceros unicornis е типовен вид за семејството Rhinocerotidae, и за првпат е класифициран од Карл Лине во 1758 година[2].

Еволуција

уреди

Предците на носорозите се одвоиле од останатите непарнокопитни животни за време на раниот еоцен. Според анализите на митохондриалната ДНК предците на денешните носорози се одвоиле од предците на Equidae пред околу 50 милиони години[3]. Семејството Rhinocerotidae за првпат се појавило во Евроазија за време на доцниот еоцен, и предците на овие носорози се распространиле низ Азија на почетокот на миоценот[4].

Фосили од индискиот носорог се појавуваат за време на средниот плеистоцен. За време на овој период родот Rhinoceros бил распространет низ југоисточна и јужна Азија, со единки кои живееле на Шри Ланка. За време на холоценот, односно пред околу 3200 години, единки живееле дури и во Пакистан и Гуџарат [2].

Индискиот и јаванскиот носорог, единствените членови на родот Rhinoceros, во фосилните остатоци во Азија за првпат се појавуваат пред 1,6-3,3 милиони години. Според молекуларните анализи се претпоставува дека видовите се одвоиле многу порано, односно пред околу 11,7 милиони години[3][5]. Се смета дека индискиот и јаванскиот носорог не се многу блиски роднини со останатите видови на носорози. Неколку истраживања поставиле хипотези дека овие два вида се многу поблиски со изумрените Gaindetherium и Punjabitherium. Според деталните истражувања на кладите во Rhinocerotidae, постојат хипотези дека Rhinoceros и изумрениот Punjabitherium се во иста клада со Dicerorhinus (Суматранскиот носорог). Други истражувања пак, укажуваат дека суматранскиот носорог е сепак поблизок со двата африкански видови[6]. Можно е суматранскиот носорог да се одвоил од азиските носорози пред околу 15 милиони години[4][7].

Карактеристики

уреди
 
 

Големината на овие носорози е слична со големината на белиот носорог од Африка. Овие два вида се најголеми од сите видови на носорози. Возрасен мажјак во дивината е поголем од женката и тежи од 2200 до 3000 килограми. Жанка индиски носорог тежи околу 1600 килограми. Индиските носорози се високи од 1,7 до 2 метри и имаат должина од 4 метри. Најголемиот регистриран примерок тежел околу 3500 килограми.

Индискиот носорог има само еден рог, кој е присутен и кај машките и кај женските единки, но го нема кај новородените. Рогот, како ноктите и косата е составен од кератин и почнува да расте после 6 годишна возраст. Кај повеќето возрасни идивидуи рогот достигнува должина од околу 25 сантиметри[8], но регистрирани се единки и со рекордна должина од 57,2 сантиметри. Рогот е свиткан наназад и е со црна боја. Кај животните во заробеништво рогот често е свртен надолу[2].

Овој носорог има дебела, сребрено-кафеава кожа кој добива розова боја во близина на наборите кои го прекриваат телото. Кај мажјаците има дебел набор на вратот. Предните нозе и рамениците се прекриено со еден вид на џумки. Има многу малку влакна, освен трепките, влакната на ушите и на врвот на опашката[2].

Во зарбеништво четири единки живееле над 40 години, од кој настарата единка умрела на возраст од 47 години[2].

Однесување

уреди
 
Носорози во Националниот парк Читван

Овие животни живеат на пасиштата и во речните шуми, но поради загубата на природното живеалиште се приморани да живеат на пообработливи почви. Најчесто се самотни животни, со исклучок на мајките и нивните малечки, и паровите за време на сезоната на парење, иако сепак понекогаш се собираат во регионите каде се бањаат. Носорозите имаат таканаречени домашни пространства. На мажјаците се со колемина од 2 до 8 квадратни километри и често се препокриваат едни со други. Доминантните мажјаци се толеранти кон мажјаците кои поминуваат низ нивната територија, освен за време на сезоната за парење кога има борби. Активни се навечер и рано наутро. Денот го поминуваат валкајќи се во езерата, реките и барите за да се разладат. Носорозите се одлични пливачи.

Индиските носорози имаат многу малку природни непријатели, освен тигрите. Се случува тигар да убие незаштитено младо, но ворасните единки не се толку ранливи поради нивната големина. Луѓето се единствената закана за овие животни, кои ги ловат за забава или за нивниот рог. Птици од семејствата Sturnidae и Ardeidae се хранат со безрбетници кои ги има на кожата на носорогот и околу неговите стапала. Познато е дека постојат еден вид на коњски муви кои ги касаат носорозите. Индискиот носорог е доста осетлив на болести предизвикани од паразити како што се цевчести црви, пијавици и крлежи. Забележани се и болести како антркас и сепса [2].

Исхрана

уреди

Индискиот носорог е хербиворно животно. Скоро ексклузино нивната исхрана се состои од трева, но се храни и со листови, фиданки, плодови и водни растенија. Истражување кое било направено со непалскиот парк Читаван во 1978 година покажало дека овие носорози се хранат со 183 различни видови на растенија, од кои 70-89% претставувале тревести видови[9].. Индискиот носорог ја користи горната усна за да ги зграпчи растенијата, и има доста развиени предни заби за да ги кине растенијата.

Социјално однесување

уреди
 

Возрасните мажјаци генерално се самотни животни, освен за време на сезоната на парење и борбите со други мажјаци. Возрасните женки се исто така самотни животни кога немаат малечки. Мајките индиски носорози остануваат со своите млади и до 4 години после нивното раѓање, дозволувајќи понекогаш на младите да останат дури и ког се раѓа ново младенче. Младите носорози кои сѐ уште не достигнале зрелост често формираат групи. Групи од 2-3 млади мажјака најчесто живеат во маргиналните делови на животниот простор на доминантните мажјаци. Младите женки се помалку социјални од мажјаците. Индиските носорози формираат повремено и краткотрајни групи, најчесто во шумските мочуришта за време на сезоната на монсуни и на пасиштата за време на март и април. Групи до 10 носорози се собираат во мочуриштата, но овие групи се сотавени од доминантен мажјак, жанки и младенчиња, но нема млади мажјаци[10].

Индискиот носорог е доста вокално животно. Употребува најмалку 10 различни звуци како грофтање, мукање, рикање, пиштење и јачење. Како дополна на комуникацијата со звуци користи и мирисни знаци. Возрасните мажјаци уринираат наназад, на растојание од околу 3-4 метри, најчесто како одговор на вознемирување од други единки. Како и останатите носорози, и индискиот носорог изметот го остава во големи купови. Индискиот носорог има и мирисни жлезди со кои ги означува овие купови од измет. Набљудувани се мажјаци кои се движат душкајќи ја земјата, најверојатно следејќи го мирисот оставен од женките[10].

Во група, овие носорози најчесто се пријателски расположени. Набљудувани се како се поздравуваат со триење на главите, испуштање специфични звуци или лижење. Исто така понекогаш и играат, трчајќи и носејќи фиданки во устата. Возрасните мажјаци се главни иницијатори на борби. Борбите помеѓу доминантни мажјаци е најчестата причина за смрт меѓу носорозите. Мажјаците се исто така доста агресивни и кон женките за време на парењето. Мажјаците ги прогонуваат женките на долги растојанија и понекогаш директно ги напаѓаат[10]. За разлика од африканските носорози, индискиот носорог напаѓа со забите секачи, а не со рогот[11].

Размножување

уреди
 
Мајка со младенче

Во зоолошките градини, женките почнуваат да се парат на возраст од 4 години, но во дивината најчесто почнуваат да се парат после шестата година[12]. Поголемата возраст во дивината најверојатно е поради фактот што тие треба да бидат доволно големи за да не бидат убиени од агресивните мажјаци. Периодот на носење на младенчињата трае 15,7 месеци. Интервалот помеѓу две раѓања е од 34 до 51 месец[12]. Во заробеништво мажјаците се парат на возраст од 5 години, но во дивината само доминантните мажјаци се парат, а за да станат доминантни носорозите мора да бидат многу поголеми и постари. За време на пет-годишни истражувања бил регистриран само еден мажјак кој имал успех за време на сезоната на парење и кој бил проценет дека е стар помалку од 15 години[13].

Распространетост

уреди

Во минатото Rhinoceros unicornis бил распространет во подножјето на Хималаите, од северниот дел на Пакистан до северот на Бангладеш и до Асам (Индија). Не е докажано но се претпоставува дека живеел и во Мјанмар [14], југот на Кина и Индокина [15][16].. За време на XV век популацијата била грубо проценета на 500.000 единки[17].. Индискиот носорог денес е целосно изумрен во Пакистан[18] и Бангладеш и е доста редок во Индија и Непал.

Популации и закани

уреди
 
Могулскиот цар Бабур во лов на носорози

Индискиот носорог бил немилосрдно ловен за време на 19тиот и почетокот на XX век. Според одредени извештаи од средината на XIX век, некои офицери во Асам поединечно убиле по над 200 носорози секој. Во почетокот на 1900-тите, државните служби почнуваат да се загрижуваат за опстанокот на овој вид. До 1908 година во Каиранга, еден од главните региони во кој живеел овој носорог, популацијата паднала на само 12 единки. Во 1910 година, ловот на носорози во Индија бил забранет[2].

Овој вид на носорог е успех на програмите за заштита. Од само 100-тина единки кои останале во почетокот на 1900-тите, еден век подоцна нивниот број се зголемил на 2500 единки. И покрај успехот, индискиот носорог сѐ уште е загрозен вид. Најголема закана сѐ уште претставува нелегалниот лов поради неговиот рог. Во источна Азија се смета дека рогот има исцелителни моќи и се употребува во традициналната кинеска медицина. Загубата на природното живеалиште исто така е закана за овој вид.

Индиската и непалската влада заедно со Светскиот фонд за дива природа (WWF) презема мерки за заштита на индискиот носорог. Денес овој носорог е заштитен во националниот парк Казиранга, Националниот парк Манас, резерватот Побитора во Асам (каде има најголема концентрација од овие животни), Националниот парк Оранг, резерватот Лаокова и националниот парк Читван.

Демографијата на Rhinoceros unicornis. Извори: тука.

Година Вкупно Индија Непал
1910 100
1952 350 300 50
1958 700 400 300
1963 600
1964 625 440 185
1966 740 575 165
1968 680
1971 630
1983 1000
1984 1500
1986 1711 1334 377
1987 1700
1990 1700
1994 1900
1995 2135 1600 535
1997 2095
1998 2100
2000 2500
2002 2500
2005 2400
 

Во заробеништво

уреди
 
Носорог во зоолошката градина во Берлин

Rhinoceros unicornis е присутен во зоолошките градини веќе долго време. На почетокот размножувањето на индиските носорози во заробеништво било неуспешно. Првиот индиски носорог кој е роден во заробеништво е регистриран во Катманду во 1826 година. Во следните 100 години немало ниту еден успешен случај на бременост, сè до 1925 година кога е роден носорог во зоолошката градина во Калкута. Во Европа не биле родени носорози сè до 1956 година, меѓутоа денес програмите за размножување се доста успешни. До 2005 година, во светот се родени околу 140 индиски носорози во заробеништво[19].

Носорозите во културата

уреди

Индискиот носорог е најголемиот цицач во Индија, освен индискиот слон. Поради тоа, ова животно одиграло голема улога во културата на народите во севениот дел на индискиот полуостров.

Во културата на цивилизацијата од долината на Индите (од XVI до XIX век п.н.е.), постои претставување на бог со три лица. „од двете страни на бог се наоѓаат четири животни, слон и тигар од неговата десна страна, носорог и бивол на неговата лева страна“[20]. Четирите животни кои седат околу бог се најголемите и најсилните во северот на Индија, и нивната асоцијација со бог покажува дека нивната физичка сила се смета за симбол за моќ.

Дури и во подоцните периоди носорогот останува поврзан за бог. Се сметало дека рогот му бил даден од Парвати, жената на Шива. Поради овие верувања се смета дека носорогот е свето животно со магични моќи.

Еден од првите европејци кој го опишал индискиот носорог е Николо де Конти, истражувач од XVI век кој го поистоветил носорогот со еднорогот.

 
Носорогот на Дирер (1515)

Импресионирани од ова животно, португалците кои ја откриле Индија во XVI век, денеле неколку единки во Европа. Албрехт Дирер во 1515 година изработил гравура во дрво, наречена Носорогот на Дирер. Ова дело е направено според пишан опис и мала скица на индиски носорог која била донесена во Лисабон порано истата година и направена од непознат автор. Дирер никогаш го немал видено носорогот во живот. Кон крајот на 1515 година, кралот на Португалија Мануел I, го праќа животното како подарок за папата Лав X, но носорогот умира во бродолом близу италијанските брегови на почетокот на 1516 година. Во Европа немало носорози сè до пристигнувањето на втората единка во Лисабон во 1577 година.

Индиската држава Асам има еднорог носорог како официјално државно животно.

Наводи

уреди
  1. Rhinoceros unicornis. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 28 ноември 2008.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Laurie, W.A.; E.m. Lang, and C.P. Groves (1983). „Rhinoceros unicornis“. Mammalian Species (211): 1–6. doi:10.2307/3504002.
  3. 3,0 3,1 Xu, Xiufeng; Axel Janke, and Ulfur Arnason. „The Complete Mitochondrial DNA Sequence of the Greater Indian Rhinoceros, Rhinoceros unicornis, and the Phylogenetic Relationship Among Carnivora, Perissodactyla, and Artiodactyla (+ Cetacea)“. Molecular Biology and Evolution. 13 (9): 1167–1173. Посетено на 2007-11-04.
  4. 4,0 4,1 Lacombat, Frédéric. The evolution of the rhinoceros. In Fulconis 2005, стр. 46–49.
  5. Tougard, C.; T. Delefosse, C. Hoenni, and C. Montgelard (2001). „Phylogenetic relationships of the five extant rhinoceros species (Rhinocerotidae, Perissodactyla) based on mitochondrial cytochrome b and 12s rRNA genes“. Molecular Phylogenetics and Evolution. 19 (1): 34–44. doi:10.1006/mpev.2000.0903.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  6. Cerdeño, Esperanza (1995). „Cladistic Analysis of the Family Rhinocerotidae (Perissodactyla)“ (PDF). Novitates. American Museum of Natural History (3143). ISSN 0003-0082. Посетено на 2007-11-04.
  7. Dinerstein 2003, стр. 10–15
  8. Dinerstein 2003, стр. 272
  9. D’après Laurie, Lang et Groves en 1983, dans l'article « Rhinoceros unicornis » sur la revue Mammalian Species N°211 [PDF], une publication de the American Society of Mammalogists.
  10. 10,0 10,1 10,2 Dinerstein 2003, стр. 283–286
  11. Dinerstein 2003, стр. 134–135
  12. 12,0 12,1 Dinerstein 2003, стр. 142
  13. Dinerstein 2003, стр. 148–149
  14. U Tun Yin, Wild animals of Burma, Rangoon Gazette, Rangoon, 1967.
  15. L.C. Rookmaaker, « The distribution of the rhinoceros in eastern-India, Bangladesh, China, and the Indo-Chinese region », ZOOLOGISCHER ANZEIGER, N°205, pages 253-268, 1980.
  16. D’après l’IUCN Архивирано на 25 јуни 2008 г..
  17. D’après l’International Rhino Foundation Архивирано на 27 октомври 2007 г..
  18. A l’exception de deux animaux réintroduits en 1982 dans le parc pakistanais de Lal Sohanra, et qui ne se reproduisent pas.
  19. Source : International Rhino Foundation.
  20. Sir John Marshall, cité dans le Yoga, immortalité et liberté de Mircea Eliade.

Надворешни врски

уреди