Источни Инди
Источни Инди или само Инди — постар назив за земјите во Јужна и Југоисточна Азија.[1] Во потесна смисла, под поимот се подразбираат островите во Југоисточна Азија, особено Малајскиот Архипелаг.[1][2] Поимот „Инди“ потекнува од реката Инд и се однесува на деловите од Азија со индиското културно влијание (освен Виетнам и Сингапур кои се во кинеската културна сфера).
За време тривековната власт, холандските колонии се нарекувале Холандски Источни Инди, и тоа останало сè до осамостојувањето на Индонезија, додека пак шпанските колонии биле Шпански Источни Инди пред британското освојување и подоцнежната независност на Филипините. Во подрачјето може да се вбројат и поранешна француска Индокина, британските територии Брунеј и Сингапур и некогашниот португалски Источен Тимор. Тука не спаѓа Холандска Нова Гвинеја (Западна Нова Гвинеја, т.е. Западна Папуа), која географски ѝ припаѓа на Меланезија.
Жителите на Источните Инди речиси никогаш не се нарекувале Источни Индијци, за разлика од жителите на Карибите (кои се нарекуваат Западни Инди) и американските староседелци, кои се нарекуваат „Индијанци“. Населението е мошне бројно и разновидно, па затоа се користел поимот „домородно население“. Најзастапени вери се будизмот, исламот, христијанството и хиндуизмот, а во некои подрачја значајни се сикизмот, џаинисмот, кинеската народна вера и други верувања и обичаи. Поважните јазици припаѓаат на различни семејства, но не треба да се мешаат со индските јазици, кои се само една група индоирански јазици од Јужна Азија.
Во минатото Источните Инди се делеле на два дела (од европско гледиште): Поблиска и Подалечна Индија. Првиот поим ја опфаќал Британска Индија, а вториот се однесувал на Југоисточна Азија.
Регионите во Источните Инди понекогаш се нарекуваат по колонијалните царства на кои им припаѓале, па затоа имаме Британски Источни Инди (Малезија), Холандски Источни Инди (Индонезија) и Шпански Источни Инди (Филипините).
Историски, владетелот на Абисинија (денешна Етиопија) се нарекувал „Презвитер Јован на Индите“, бидејќи тој дел од светот се сметал за една од „Трите Инди“.
Историја
уредиЕвропските сили почнале да ги истражуваат овие краишта кон крајт на XV и почетокот на XVI век, под водство на португалските морепловци.[3] Поимот „Инди“ први го вовеле Португалците, и истиот подоцна добил повеќе значења. Источните Инди, наречени „Стари“ или „Големи Инди“ се во Азија, додека пак Западните Инди, наречени „Нови“ или „Мали Инди“ се во Америка.[4]
Овие краишта имале голема важност во трговијата, особено со стоки како памукот, индигото и зачините. За таа цел, европските сили до XVII век основале големи трговски друштва како што се Британската и Холандската источноиндиска компанија.
Кристофер Колумбо првично го сметал Новиот Свет за најисточниот дел од Индите, во огромна мера потценувајќи ја оддалеченоста меѓу Европа и Азија во западен правец. Подоцна, за да се направи разлика, Новиот Свет почнал да се нарекува Западни Инди, а старите го добиле името Источни.
Во минатото во оптек бил поимот Источноиндиец (East Indian) за лице од Источните Инди, за да се избегне забуна со американските староседелци, кои тогаш се нарекувале просто Индијанци (Indian) — разлика која не ја прави англискиот јазик.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Oxford Dictionary of English 2e, Oxford University Press, 2003, East Indies/East India
- ↑ „East Indies“. Encyclopædia Britannica.
- ↑ „The Present State of the West-Indies: Containing an Accurate Description of What Parts Are Possessed by the Several Powers in Europe“. World Digital Library. 1778. Посетено на 2013-08-30.
- ↑ Kitchin, Thomas (1778). The Present State of the West-Indies: Containing an Accurate Description of What Parts Are Possessed by the Several Powers in Europe. London: R. Baldwin. стр. 3.