Жлезда
Жлездите (латински: glandulae) се поединечни клетки или групации од клетки кои се специјализирани за секреција. Обично жлездите водат потекло од жлездениот епител. Во зависност од тоа каде ги секретираат своите секрети, се разликуваат два вида на жлезди:
- Егзокрини - кои своите секрети ги излачуваат преку изводни каналчиња надвор од телото или во неговите телесни празнини. Се нарекуваат и жлезди со надворешно лачење.
- Ендокрини - кои своите секрети ги излачуваат директно во крвта. Производите (секретите) од ендокрините жлезди се нарекуваат хормони. Познати се уште како и жлезди со внатрешно лачење.
Меѓутоа, освен овие два основни типови на жлезди, во организмот на животните се среќаваат и преоден тип на жлезди, односно жлезди кои своите секрети ги излачуваат и по егзокрин, но и по ендокрин пат. Ваквите жлезди се познати како жлезди со двојно лачење. Такви се, на пример, панкреасот, семениците кај машките единки, јајчниците кај женските единки итн.
Сите жлезди настануваат со пролиферација на клетките од покривниот епител во сврзното ткиво, каде настанува нивна понатамошна диференцијација. Притоа, егзокрините жлезди ја задржуваат својата врска со покривниот епител, односно се во континуитет со него. Ендокрините, пак, се одделуваат од покривниот епител и се сместуваат на друго место во организмот.
Егзокрини жлезди
уредиНа секоја егзокрина жлезда се разликува секрециски дел, изграден од секреторни клетки и изводни канали кои го носат овој секрет надвор од жлездата. Едноставните жлезди имаат само еден изводен канал, додека сложените имаат повеќе.
Распоредот на клетките во секрецискиот дел е еден од повеќето критериуми според кои се поделени егзокрините жлезди. Едноставните жлезди можат да бидат тубуларни (имаат цевчест секрециски дел), извиено тубуларни (цревест секрециски дел), разгрането тубуларни (две или повеќе цевчести секрециски делови се спојуваат во еден изводен канал), како и алвеоларни (сферовиден секрециски дел). Сложените се поделени на тубуларни, тубуло-алвеоларни и алвеоларни.
Според природата на секрецијата, егзокрините жлезди се класифицирани како мукозни, серозни или серомукозни. Мукозните лачат муцин и нивните клетки под микроскоп имаат светла цитоплазма поради присуството на голем број мукозни везикули. Серозните лачат серозен, а нивните клетки имаат обоена, базофилна цитоплазма. Кај серомукозните жлезди, секрецискиот дел е составен од групации на мукозни и серозни клетки.
Начинот на секреција е критериум кој условил егзокрините жлезди да се поделат на мерокрини, апокрини и холокрини. Мерокрините жлезди го исфрлаат секретот преку егзоцитоза на секреторните везикули, додека апокрините со отфрлање на апикалниот (врвен) дел на жлездената клетка, заедно со секреторните везикули. Холокрините жлезди го исфрлаат својот секрет по пат на т.н. ексфолијација, односно со секретот се одделуваат и самите клетки кои секретираат.
Ендокрини жлезди
уредиНајчесто сите ендокрини жлезди се опфатени во ендокриниот систем. Тоа е како резултат на нивните заеднички одлики: релативно мали димензии, без изводни канали, снабдени богато со крв и минимални количества од нивните хормони ги регулираат и интегрираат функциите на различните органи и организмот во целина.
Кај различните ‘рбетници, ендокрините жлезди се обично од исто потекло и иста градба, а само понекогаш се разликуваат по надворешниот изглед и местоположбата. Покрај тоа, една иста ендокрина жлезда произведува исти хормони кај сите ‘рбетни животни. Кај ‘рбетниците се востановени 8 жлезди со внатрешно лачење: штитна (тироидеа), параштитна, градна (тимус), панкреас, надбубрежна, полова, епифиза и хипофиза.