Цевчести црви
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Nematoda
Рудолфи, 1808
Класи

Adenophorea
   Поткласа Enoplia
   Поткласа Chromadoria
Secernentea
   Поткласа Rhabditia
   Поткласа Spiruria
   Поткласа Diplogasteria

Шематски приказ на анатомијата на мажјак од Ascaris sp.:
1. уста
2. црево
3. клоака
4. екскреторни органи
5. тестис
6. околуголточен нервен прстен
7. грбна (дорзална) нервна врвка
8. стомачна (вентрална) нервна врвка
9. екскреторна пора.

Цевчести црви (или кружни црви, односно Nematoda) — голем тип на животни со илјадници видови. Овие црви некогаш се класифицирале во многу голема и хетерогена група на животни, групирани врз основа на нивната црвовидна форма, едноставната структура на телесната празнина (наречена псевдоцелом) и отсуството на некои други одлики, како трепки и добро дефиниран главен регион (глава). Оваа група, порано позната како Aschelminthes или Pseudocoelomata, денес не е признаена како природна. Мошне е веројатно дека едноставниот план на градба на телото кај овие организми резултирал од редукцијата и упростувањето на повеќе од една група на предци. Едноставноста на градбата е резултат на секундарно упростување на покомплексен телесен дизајн. Поновите студии индицираат дека нематодите се всушност поврзани со членконогите и приапулидите во една релативно нова група - екдисозоа.

Телесни одлики

уреди
 
Движење на слободниот цевчест црв Caenorhabdites elegans

Телото на цевчестите црви е долго и тенко, а понекогаш може да биде и во вид на конец. Токму од оваа особина доаѓа и името на овие животни - зборот "нематода" доаѓа од грчкиот збор nema што значи "конец". Епидермисот (кожата) на нематодата е многу необичен; тој не се состои од клетки како кај другите животни, туку од маса на клеточен материјал и јадра без јадрена мембрана. Тој секретира тенка надворешна кутикула која е жилава и флексибилна. Кутикулата е одлика која ја делат нематодите со членконогите и другите екдисозои. Како и кај другите групи животни со кутикула, така и кај цевчестите црви таа се слекува за време на животот на единката, обично четири пати пред таа да го достигне возрасниот стадиум. Кутикулата е најблиската обвивка која кружните црви ја поседуваат до скелетот, и всушност црвот ја користи својата кутикула како поддршка и лост при движењето. Долгите мускули лежат под епидермисот. Тие се наредени надолжно низ внатрешноста на телото, така што нематодата може само да го совива своето тело од една на друга страна, а не да ползи или да се подигнува.

Мускулите се активираат од два нерва кои се протегаат по должина на нематодата на двете страни (грбната и стомачната). За разлика од другите животни, каде нервите се разгрануваат до мускулните клетки, истите кај цевчестите црви се разгрануваат кон нервите. Вентралниот (стомачен) нерв поседува серии на нервни центри по неговата должина, и двата нерва се поврзуваат со нервен прстен и додатни нервни центри кои се сместени во главата.

Главата на цевчестите црви има неколку ситни сетилни органи и усна празнина која се отвора кон голтник, каде храната се раздробува. Понатаму, голтникот води до долга, едноставна цревна празнина чиј ѕид не е изграден од мускули, од каде несварените остатоци се исфрлаат преку анусот сместен близу врвот на дорзалниот дел од животното. Дигерираната храна во цревото не се дистрибуира со циркулаторен систем, а исто така отсуствува и дишен систем за дистрибуција на кислородот. Наместо на овој начин, хранливите материи и екскретите се дистрибуираат во телесната празнина, чија содржина е регулирана од страна на екскреторни канали на двете страни од телото.

Криптобиоза

уреди
 
Ascaris lumbricoides, вид на цевчест црв кој паразитира во цревата на човекот.

Многу нематоди се способни да ги суспендираат своите животни процеси кога условите на животната средина станваат неповолни; во овие отпорни стадиуми тие можат да преживеат екстремно сушење, топлина или студ, а дури потоа да се вратат во живот кога повторно ќе настапат поволни услови. Ова е познато како криптобиоза и е одлика која цевчестите црви ја делат со ротиферите и тврдокрилците.

Фосили на цевчести црви

уреди

Пронајдени се фосилни нематоди во карпи. Повеќето цевчести црви се микроскопски, што значи дека откривањето на нивни фосили е многу тешко. Од друга страна, еден вид на паразитска нематода може да достигне 13 m во должина. Кај цевчестите црви отсуствуваат и основни цврсти елементи, што е една од причините за тешка фосилизација. Без разлика на овие проблеми, фосилните нематоди можат повремено да се најдат во смола од кенозоикот.

Распространетост и претставници

уреди

Цевчестите црви живеат насекаде на Земјата. Можат да живеат и во екстремни живеалишта, како мраз и топли извори, како и на речиси секое активно животно или растение. Слободните нематоди се многу застапени во почва и седименти, каде се хранат со бактерии и детритуси. Другите цевчести црви се паразити и можат да предизвикаат болести кај економски важни посеви. Останатите паразитираат на животни (вклучувајќи го и човекот); добро познати паразитски нематоди се кукестите црви, игличестите црви, Гвинеја црвот (од родот Dracunculus) и цревните цевчети црви од родот Ascaris.

Надворешни врски

уреди