Отвори го главното мени

Јарослав Хашек (24 април 1883, Прага, Австро-Унгарија3 јануари 1923, Липница, Чехословачка) бил чешки писател и есеист.

Јарослав Хашек

БиографијаУреди

Јарослав Хашек е роден во 1883 година, во Прага, во учителско семејство. Во младоста, ја напуштил гимназијата, па учел во трговска академија, но никогаш не станал службеник. По неколку патувања низ Словачка ја напуштил работата и заминал на Балканот, за кратко време придружувајќи му се на македонското револуционерно движење (иако овој дел од животот на Хашек не е целосно потврден). Набргу, Хашек станал скитник и се вљубил во Меѓимурје, скитал низ Буковина и им се восхитувал на баварските селани. Подоцна, станал сопственик на еден сомнителен кинолошки институт, а работел и како новинар во повеќе прашки весници („Чешки збор“, анархистичкиот весник „Комуна“), бил уредник на бизарното списание „Светот на животните“, а кратко време работел во банката „Славија“. Хашек бил легендарна личност на кафеанскиот и ноќниот живот во Прага, познат како скандал-мајстор и шегаџија, предизвикувајќи конфликти со полицијата и правејќи есктравагантни боемски испади. Така, тој ја основал фиктивната Партија на умерениот напредок во границите на законот, која одржувала собири, па дури и учествувала на дополнителните парламентарни избори во Винохради, во 1911 година. Заедно со двајца други членови на партијата, Хашек организирал патување по Средна Европа, кое претставува една од најголемите загатки во неговиот живот и за кое има малку информации. На крајот, неговите другари се откажале од патувањето, а Хашек бил затворен, а потоа, пеш патувал од Трст до Прага. Всушност, неговата „партија“ била пародија на тогашниот полтронски либерализам во Чешка.[1] [2] [3] [4] Хашек бил оженет со Јармила Маерова, која била неговата најголема љубов и на која ѝ пишувал детски, наивни писма. Тој ја запознал Јармила со посредство на госпоѓата Славка Хајнишова.[5] Родителите на Јармила се противеле на врската со Хашек, но браќата на Јармила им помагале на двајцата љубовници да се среќаваат, така што Хашек се спријатели со браќата Маер. Подоцна, Јармила му била и книжевна секретарка, а истовремено, и самата имала голема литерарна амбиција. Токму таа го убедила Хашек да ја напише „Повеста на партијата на умерениот напредок во границите за законот“ и го пишувала делото по неговиот диктат.[6]

 
Хашек, октомври 1922 година.

Штом избувнала Првата светска војна, Хашек бил мобилизиран во австро-унгарската војска и бил испратен на фронтот во Галиција, но таму веднаш пребегал на спротивната страна, приклучувајќи се на „Чехословачката легија“, каде работел како уредник на списанието „Чехословак“. Во 1918 година, по Октомвриската револуција, Хашек станал член на руската комунистичка партија и на Црвената армија, борејќи се во Сибир, како воен командант во рамките на Шестата армија на Источниот фронт.[7] Во 1920 година, руската комунистичка партија го испратила Хашек на револуционерна работа во Чехословачка, каде што бил пречекан со воодушевување од левицата, но истовремено, бил остро нападнат од бројни кругови, кои го нарекувале болшевик и предавник на татковината. На тие напади, Хашек им се спротивставил со духовитата парабола „Мојата исповед“, објавена во списанието „Руде право“. Хашек умрел во 1923 година, во Липница, Чехословачка.[8] [9]

 
Гробот на Хашек.

ТворештвоУреди

Хашек стапнал на чешката книжевна сцена на почетокот на 20 век, како припадник на анархистичката генерација, под водство на поетот Нојман (Neumann) и новинарот Кахе (Káche), која настојувала да се оддалечи од симболизмот и книжевноста да ја приближи до животот.[10]

Хашек е автор на голем број раскази (околу 1.500), хуморески, цртички и есеи. Своите кратки хумористични раскази започнал да ги пишува уште на осумнаесетгодишна возраст,[11] [12] а набргу се стекнал со локална слава благодарение на своите смешни анегдоти, хуморески и политички сатири. Светската слава ја постигнал со хумористично-фарсичниот роман „Доживувањата на добриот војник Швејк“ (кој останал недовршен), а од расказите, најпозната му е збирката „Командантот на градот Бугулма“. Избор од неговите куси раскази е објавен на македонски јазик под насловот „Шашави раскази“ (Темплум, 2011).[13] Исто така, тој е автор и на хумористичната книга „Политичка и социјална повест на Партијата на умерениот напредок во границите на законот“.[14]

Денес, Хашек се смета за најголемиот чешки хуморист и сатиричар, како и еден од најпознатите светски мајстори на хуморот. За него, чешкиот писател Карел Чапек напишал: „Хашек беше човек кој го виде светот. Многу други за него само пишуваат.“[15] Во своите дела, тој ги исмевал и критикувал малограѓанштината, вечните човекови маани, бирократијата и авторитативните и конзервативните елементи во општеството. На почетокот, неговото творештво било остро критикувано и исмејувано од страна на сериозната книжевна критика, која му замерувала за вулгарноста и употребата на уличниот говор. Под влијание на острата критика, дури и самиот Хашек се сомневал во вредноста на своите дела. Исто така, неговиот роман „Војникот Швејк“ бил една од првите книги кои нацистите ги запалиле во средината на 1930-тите како пример за „лошата литература“,[16] а книгата била забранета и во Чехословачка.[17]

 
Споменик на Хашек во Прага.

НаводиУреди

  1. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр. 157-158.
  2. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
  3. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 5-7.
  4. „Komentari“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 280, 289.
  5. „Komentari“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 288.
  6. „Komentari“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 281, 284.
  7. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
  8. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр. 158-159.
  9. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 6-7.
  10. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 5.
  11. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
  12. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 5.
  13. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр.
  14. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 5.
  15. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 5.
  16. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр. 154-159.
  17. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.