Доживувањата на добриот војник Швејк
„Доживувањата на добриот војник Швејк во светската војна“ (чешки: Osudy dobrého vojáka Švejka za světové války) - роман на чешкиот писател Јарослав Хашек, пишуван од 1920 до 1923 година. Книгата ја илустрирал чешкиот сликар Јозеф Лада, потоа речиси сите преводи на ова дело ги содржат цртежите на Лада.[1]
Содржина
уредиРоманот се состои од четири дела при што четвртиот дел останал недовршен:
- Во позадината (V zázemí, 1921)
- На фронтот (Na frontě, 1922)
- Славниот пораз (Slavný výprask, 1922)
- Продолжение на славниот пораз (Pokračování slavného výprasku, 1923)
Во предговорот на книгата, Хашек им изразува почит на „непознатите, скромни јунаци кои не стекнале слава ниту влегле во историјата, како Наполеон“, но „анализата на нивните карактери би ја замрачила и славата на Александар Македонски.“ Тој вели дека таков јунак е Швејк, кој „оди скромно по својот пат, никому не му здодева, а и нему не му здодеваат“. Но, токму тој Швејк е оној јунак кој бил на усните на сите граѓани на Чешка и чија слава нема да потемне. На крајот од предговорот, Хашек пишува: „Тој не го запалил храмот на богињата во Ефес, како оној глупак Херостат, за да влезе во весниците и во школските читанки. И тоа е доволно.“[2]
Прва книга: Во позадината
уредиЈозеф Швејк дознава дека е убиен престолонаследникот Фердинанд и оди во блиската кафеана. Таму наседнува на провокациите на полицискиот агент Бретшнајадер кој го апси поради велепредавство. Потоа, Швејк е упатен на лекарски преглед, прогласен за идиот и испратен на натамошно набљудување во лудница, но таму го ослободуваат како потполно здрав. Некое време, него го следи агентот Бретшнајдер, но Швејк вешто ги избегнува сите провокации. Сепак, кога почнува војната, тој е мобилизиран и веднаш е затворен заради симулирање, но набргу станува помошник на воениот свештеник. Нему Швејк му служи верно сè додека свештеникот не го продаде за 100 круни поради коцкарски долг. Така, Швејк му станува помошник на офицерот Лукаш кој, исто така, е воодушевен од неверојатната наивност на Швејк. Меѓутоа, нивниот заеднички живот завршува кога Швејк му набавува куче на својот офицер, но тоа му припаѓа на еден полковник. Кога полковникот го здогледува офицерот Лукаш со украденото куче, го прекомандува во друга воена единица која треба да замине на фронтот.[3]
Втора книга: На фронтот
уредиОфицерот Лукаш и Швејк патуваат со воз до Чешке Буѓејовице, каде треба да се јават на служба во полкот. Меѓутоа, Швејк го запира возот, а потоа останува на железничката станица и мора да го продолжи патот пеш. Неколку дена, тој скита по околните места, но не може да го пронајде патот до целното место. Најпосле, тој е уапсен и осомничен дека е руски шпион, но потоа е спроведен до неговиот полк. Таму, веднаш е затворен и повторно му е доделен на натпоручникот Лукаш како негов служител. Набргу, нивниот полк е прераспореден во околината на Виена и таму Швејк предизвикува голем скандал (тепачка го локалното унгарско население). Поради тоа, Швејк е повторно затворен, а потоа, тој и натпоручникот Лукаш добиваат прекоманда во друга воена единица, која треба да замине на фронтот. Притоа, офицерот Лукаш добива нов служител, но Швејк е унапреден во ордонанс на неговата чета. Притоа, тој ја извршува несмасно и оваа функција, постојано нервирајќи го натпоручникот Лукаш. Истовремено, пред поаѓањето на фронтот, во полкот владее општ хаос во кој војниците се целосно деморализирани, а офицерите се потполно неспособни.[4]
Трета книга: Славниот пораз
уредиПолкот во кој служи Швејк патува со воз до Будимпешта. Патем, Швејк им раскажува разни случки на војниците; служителот на офицерот Лукаш постојано ја јаде храната наменета за неговиот претпоставен; кадетот Биглер сонува да се истакне во борбата и да биде унапреден, но кога се опијанува, командантот на баталјонот, за да се ослободи од него, го испраќа во воената болница како болен од колера (иако Биглер е потполно здрав); во меѓувреме, натпоручникот Лукаш открива дека Швејк повторно предизвикал збрка со тоа што на офицерите им доставил погрешна книга која треба да служи за шифрирање на воените пораки. Кога возот пристигнува во Будимпешта, војската дознава дека Италија ѝ објавила војна на Австроунгарија. Потоа започнува долго патување со воз до Галиција. Патем, Швејк има постојани проблеми со поручникот Дуб, кој упорно се обидува да го казни Швејк. За време на патувањето, Швејк повторно се среќава со едногодишниот доброволец Марек со кого своевремено бил во притвор. Марек е именуван за баталјонски летописец и тој почнува да ги измислува непостоечките херојски подвизи на војниците. Кога конечно пристигнуваат на фронтот, Швејк има можност насекаде да ги види последиците од војната: разурнати домови и гробови. Таму, тој е дел од извидницата што треба да им обезбеди сместување на војниците по селата. Еднаш, за време на една таква задача, тој се упатува по погрешен пат и наидува на избеган руски заробеник. Љубопитниот Швејк ја облекува неговата униформа и потоа го заробува австриската војска.[5]
За романот
уредиРоманот „Доживувањата на добриот војник Швејк“ бил напишан во периодот од 1920 до 1923 година, но останал недовршен поради смртта на авторот. Притоа, од замислените 12 дела, Хашек стигнал да напише само четири: „Во позадината“, „На фронтот“, „Славниот пораз“ и „Продолжение на славното војување“. Во Чехословачка, романот доживеал неколку изданија и станал најчитаната книга, а потоа бил преведен и на повеќе други јазици.[6]
„Доживувањата на добриот војник Швејк“ била една од првите книги за кои Хитлер наредил да биде запалена, затоа што Швејк бил крајна спротивност на националсоцијалистичките идеи. Таа е народна книга, напишана на јазикот и дијалектот на обичниот човек, која стекнала голема слава и која ги преминала очекувањата на самиот автор. Имено, и Хашек се посомневал во вредноста на своето дело како последица на острата критика на која била изложена таа.[7] Така, критичарите го оцениле делото како „нелитерарно“ и како „лошо компониран воен еп напишан според принципите на кои не била навикната Европа, па ни Чехословачка.“[6] Притоа, критичарите му забележувале на Хашек за простиот говор, војничкиот жаргон, вулгарноста и отсуството на вистинско вдахновение. Исто така, на чешките критичари им пречело тоа што нивниот најрепрезентативен книжевен јунак не бил направен според моделот на лажните херои, туку бил простодушен човек. Чешката критика го обвинувала Хашек не само за „вулгарноста“ на неговите теми, во кои тој обработува безброј секојдневни примери од животот на обичните луѓе, туку и за простонародниот прашки дијалект. И навистина, Хашек воопшто не се плашел од употребата на силни и драстични изрази, туку тој пронаоѓал изрази кои не потпаѓале под законите на „граматичкото робување“. На тој начин, Хашек постигнува брзи генијални, смешни и згуснати дејства со огромен број примери на совршен хумор при што Хашек секогаш го пронаоѓа нервот на ситуацијата и не го губи времето со непотребни заплеткувања. Неговиот став е подвлечено-ироничен и за таа цел, тој намерно се задлабочува во споредни епизоди кои навидум немаат никаква врска со темата за која се зборува. Во тој поглед, Хашек се покажал како нов комичен Плутарх на своето време.[8] Дури и во родната Чехословачка, меѓу двете светски војни, на војниците и на учениците им било забрането да го читаат романот за Швејк,[9] а тој бил забранет и по Втората светска војна, затоа што неговиот остар дух и неговиот здрав разум биле опасни по новиот мистицизам, оној на комунистичката власт. Оттука, во заблуда се оние кои мислат дека овој роман е насочен само против Австроунгарската монархија, зашто тој е против секој остаток од тогашната Австроунгарија и секаде каде има трага од оној мрачен и лукав мистицизам што ги труе луѓето и народите ги подбуцнува против другите народи, таму стои Швејк како противотров.[10]
Како секој голем сатиричар, така и Хашек не го измислил војникот Швејк, туку него го доживеал. Поради тоа, делото ја отсликува трагиката на тогашното време, а низ непресушниот хумор и низ острата сатира се возвишува дело од трајна вредност, дело кое осветлува една епоха, еден систем и една етика.[9] Во својата комична епопеја, Хашек го опишува судирот на малиот човек со австроунгарската монархија која е во процес на распаѓање. Во романот, Хашек остро ги критикува католичката црква и монархијата чија пропаст за него претставува само прва цел. Со својот здрав разум, Швејк е непријател на застарениот мистицизам, на метафизиката и на култот на идолите. Според В. Каплицки, Хашек „се бори против чешкото малограѓанство, против неговата глупост, ограниченост, незнаење, идиотизам, тапост, алчност...“ Но, Хашек никогаш не запаѓа во очај, туку во целиот роман провејува оптимизмот и љубовта кон животот. „Доживувањата на добриот војник Швејк“ останува книга со голем хумор, книга што придонесува за зголемување на среќата на човештвото со самото тоа што постои и што можеме да ја читаме.[11]
По повод бројните забелешки што му биле упатени поради „непристојните изрази“, уште во првата книга на романот Хашек напишал поговор во кој дал објаснување на својот книжевен јазик. Во него, тој истакнал дека од обичниот човек, прикажан во романот, не може да се очекува да се изразува како во отмените салони и во парламентите, а чешкиот народ го изразил својот отпор против австриската власт токму со непосредни изрази, просто и чесно. Исто така, тој истакнал дека не Швејк да стане само една нова пцовка, но ако се случи тоа, тој ќе мора да се задоволи и со таквото збогатување на чешкиот јазик.[12]
Значење и влијание
уредиВрз основа на романот, биле снимени филмовите „Добриот војник Швејк“ (1956)[13] и „Покорно јавувам“ (1957) во режија на Карел Стекли.[14]
Наводи
уреди- ↑ „Jozef Lada“, во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 606.
- ↑ Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 5.
- ↑ Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 15-184.
- ↑ Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 187-383.
- ↑ Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 387-601.
- ↑ 6,0 6,1 „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
- ↑ Stanislav Vinaver, „Predgovor“, во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 10.
- ↑ Stanislav Vinaver, „Predgovor“, во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 10-11.
- ↑ 9,0 9,1 „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 606.
- ↑ Stanislav Vinaver, „Predgovor“, во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 11.
- ↑ Stanislav Vinaver, „Predgovor“, во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 8-11.
- ↑ Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 603.
- ↑ HRT, obri vojak Švejk, čehoslovački film (пристапено на 15.3.2021)
- ↑ Pokorno javljam, čehoslovački film (пристапено на 20.12.2023)