Повест на партијата на умерениот напредок во границите на законот

Повест на партијата на умерениот напредок во границите на законот (чешки: Politické a sociální dějiny strany mírného pokroku v mezích zákona) — книга на чешкиот писател Јарослав Хашек, објавена посмртно.

Содржина

уреди

Книгата се состои од вовед и четири дела:

  • Од летописот на Партијата на умерениот напредок: Овој дел започнува со опис на настаните кои му претходеле на основањето на Партијата на умрениот напредок во границите на законот чии клучни членови, покрај раскажувачот (авторот) биле и поетот Густав Опоченски и македонскиот војвода Климеш. Авторот ја опишува својата средба со војводата Климеш, кој на почетокот на XX век работел во Софија. По грешка, авторот и Климеш станале доброволци во борбата против турската власт во Македонија. Меѓутоа, уште за време на првата битка, тие им се предале на Турците, кои ги вратиле назад во Бугарија. Подоцна, Климеш раскажувал по кафеаните во Прага за своите херојски подвизи во Македонија, а особено за тоа како ја ослободил Битола. Првите активности на Партијата на умерениот напредок почнале во 1904 година. Во овој дел од книгата, авторот ги опишува бројните средби на малубројните припадници на Партијата, кои се одвивале во прашките кафеани.[1]
  • Апостолската дејност на тројцата припадници на Партијата на умерениот напредок: Во овој дел се опишува патувањето на Јарослав Хашек и двајца членови на Партијата, Јарослав Кубин и Франтишек Вагнер, низ Средна Европа. Најпрвин, тие посетиле неколку мали места во Моравија, но Вагнер ги потрошил парите и поради тоа не можеле да го продолжат патувањето. Сепак, тие присуствувале на митинг на социјал-демократската партија и со нивниот воз пристигнале во Виена. Таму, најпрвин позајмиле малку пари од чешкиот поет Махар, а потоа биле гости на Чесите во Виена, по што го продолжиле патувањето низ Австрија и низ Унгарија, искористувајќи го гостопримството на своите сонародници во туѓина. Во Велика Канижа биле избркани од домаќинот поради непристојно однесување. Најпосле, во овој дел, авторот раскажува за разни случки и личности од Прага.[2]
  • Шпионските афери на Партијата на умерениот напредок во границите на законот: Третиот дел на книгата е посветен на бројни личности од јавниот и кафанскиот живот во Прага.[3]
  • Партијата оди на избори: Во последниот дел е претставен манифестот на Партијата и неколку говори на Хашек, а опишан е и поразот на изборите на кои Партијата на умерениот напредок освоила само 38 гласа.[4]

Осврт кон книгата

уреди

Пролетта 1911 година, во прашките Винохради биле распишани дополнителни избори. Тогаш, во боемското друштво на Хашек, кое се состанувало во една кафеана, се појавила идејата да се основа политичка партија во чие име би стоеле зборовите: „умерен“, „напредок“, „граница“ и „закон“, а за говорник и изборен кандидат на партијата бил избран Хашек. Се разбира, кандидатурата на Хашек не била официјално регистрирана, но тој се вклучил во предизборната кампања, држејќи ги легендарните говори кои биле полни со импровизација, играње со зборовите, акцентите и паузите. Наговорен од сопругата Јармила, во 1911 година, Хашек почнал да ја пишува „Повеста на Партијата на умерениот напредок во границите на законот“, конципирана како повест на прашките боемски кругови. Оттука, заедно со изборните манифести и говори, во книгата се појавуваат скици и портрети на членовите и симпатизерите на партијата, како и на некои познати јавни личности. Притоа, заради композицијата на делото, Хашек ги допишал главите во кои се опишува апостолската дејност на тројца членови на Партијата, а првите две глави од вториот дел на книгата најверојатно настанале во 1906 година.[5] Како составен дел и продолжение на состаноците на Партијата на умерениот напредок настанало подоцнежното кабаре на Партијата на умерениот напредок и за некои други слични претстави кои се прикажувале под разни имиња, како што се: „Кај браќаат Макавеевци“, „Братство за почитување на мајсторот Јан Мидлар, прашкиот крвник“, „Кабаре Нирвана“, „Шолја црно кафе“ итн. Овие претстави се прикажувале во омилените места на припадниците на Партијата: гостилницата во Темпларската улица, ноќниот бар „Монмартр“ на пејачот Јозеф Валтнер во Ретезовата улица, во куќата „Кај тројцата дивјаци“ итн.[6]

Уште од пародискиот наслов на книгата се гледа дека главната цел на Хашек била да ги исмее модерните социолошки методи. Со привидна енциклопедистичка сеопфатност, тој ги пародира говорничката и новинарската фразеологија и ги разобличува празните тези за општиот напредок. Исто така, тој ја разобличува фразеологијата на либералистичката и реформистичката политика и ситните материјални интереси на политичките водачи. Соодветно на неговата намера, тој свесно ја користи формата на хроника, која му дозволува на авторот да реди неповрзани настани и факти при што тој гротескно ги поетизира баналните случки и појави, а традиционалните поетски елементи стануваат предмет на деградација и уништување. Како творечки принцип за организација на книгата му служи кафеанскиот расказ и боемската импровизација, блиски на живиот говорен јазик и со тенденција на неврзана епска развлеченост. Комичното претерување и иронијата служат како израз на новооткриената човечка димензија, единствената можноста за самопроекцијата на човекот во светот на апсурдните и отуѓените вредности. Во оваа книга Хашек ја развива својата хумористична епика која претходно ја остварувал во кафеанската импровизација, а според изворноста и оригиналноста, книгата претставува претходничка на лесниот и интелектуалниот хумор застапен во романот „Доживувањата на добриот војник Швејк“.[7]

Наводи

уреди
  1. Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 17-79.
  2. Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 81-214.
  3. Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 215-254.
  4. Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 255-279.
  5. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 7-8.
  6. „Komentari“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 282, 287.
  7. Radko Pytlík, „Jaroslav Hašek“, во: Jaroslav Hašek, Povijest stranke umjerenog napretka u granicama zakona. Zagreb: Globus, 1986, стр. 7-10.