Вирџинија Вулф

(Пренасочено од Virginia Woolf)

Вирџинија Вулф (25 јануари 1882 - 28 март 1941) — англиска писателка, критичарка, есеистка, и интелектуалка од првата половина на XX век. За време на периодот меѓу двете светски војни, Вулф била значајна фигура во лондонското литературно друштво и централна личност во влијателната Блумсбери група на интелектуалци. Таа се смета за еден од најистакнатите модернисти на 20 век, пионер во користењето на текот на свеста како наративно средство и еден од основачите на модерниот психолошки роман.

(Адилејн) Вирџинија Стефан Вулф
Занимањероманописец, есеист, критичар
Значајни делаКон светилникот, Г-ѓа Даловеј, Сопствена соба,Орландо
Сопруг/аЛенард Вулф (1880-1941)

Животопис

уреди
 
Портрет на Вулф од Роџер Фрај c. 1917

Вирџинија Вулф е родена во 1882 година, во Лондон, Велика Британија. Таа била ќерка на Лесли Стивен познат англиски книжевник од XIX век. Во својот дом, Вулф имала прилика да се стекне со врвно образование, бидејќи се среќавала со најголемите писатели од тоа време, како: Харди, Стивенсон, Раскин и Мередит. Во 1912 година, таа се омажила за книжевникот и политичар Леонард Вулф и двајцата живееле интензивен интелектуален живот. Со текот на времето, нивниот дом во лондонскиот кварт Блумсбери станал важен уметнички центар во кој се собирале голем број познати уметници и интелектуалци (Форстер, Онд, Спендер, Стречери итн.). Иако тие биле само група пријатели и соговорници, нивното влијание во општеството било толку големо, што биле познати како „Блумсбериската група“.[1]

Животот на Вулф завршил трагично. По завршувањето на ракописот на последниот роман, „Помеѓу чиновите“, подоцна објавен посмртно, Вулф западнала во депресија од која и порано страдала. Почетокот на Втората светска војна, уништувањето на нејзиниот дом во Лондон за време на „Лондонскиот блиц“ и ладниот прием на биографијата што таа ја напишала за нејзиниот починат пријател Роџер Фрај дотолку ѝ ја влошиле состојбата што таа веќе не можела да работи.[2] На 28 март 1941 година, Вулф ги наполнала џебовите на елекот со камења и се фрлила во реката Уз во близина на нејзиниот дом. Телото ѝ го пронашле дури на 18 април 1941 година.[3] Нејзините кремирани остатоци биле закопани под една бреза во градината на нивниот дом во Сасекс.

Во последното писмо до маж ѝ, таа напишала:

Најмил мој, сигурна сум дека повторно полудувам. Мислам дека нема да можеме да издржиме уште еден таков бурен период. Овојпат нема да се опоравам. Почнувам да слушам гласови и не можам да се сконцентрирам. Ова што го правам ми се чини дека е најправилно. Со тебе посреќна не можев да бидам. Никој не можеше да ми биде она што ми беше ти. Немаше посреќни луѓе од нас пред да се разболам од оваа ужасна болест. Веќе не можам да се борам. Знам дека ти го уништувам животот; без мене ќе можеш да работиш. Знам дека ќе работиш. Ни ова не можам да го напишам како што треба. Не можам да читам. Сакам да кажам дека тебе ти ја должам сета среќа во мојот живот. Ти беше крајно трпелив со мене и неверојатно добар. Сакам да го кажам ова – сите го знаат веќе. Ако некој можеше да ме спаси, тоа беше ти. Веќе во ништо не сум уверена, освен во твојата добрина. Не сакам да ти го доуништам животот. На светот не постоеле посреќни луѓе од нас двајцата. В.[4]

Творештво

уреди

Вулф започнала професионално да се занимава со пишување во 1900 година, кога објавила статија во книжевниот додаток на „Тајмс“ за селото Хаворт, домот на сестрите Бронте.[5] Во 1915 година го објавила првиот роман, „Крајот на патувањето“. Првичниот наслов на книгата бил „Мелимброзија“, но Вулф честопати го менувала текстот. Денес е достапна една постара верзија од романот со првичниот наслов, реконструирана од страна на Луиз де Салво, стручњак за делото на Вулф, која посочува дека Вулф го менувала текстот во согласност со промените во нејзиниот живот.[6] Нејзината сериозна книжевна кариера започнала во 1912 година, откако се омажила за Леонард Вулф. Двајцата, заради забава, во 1917 година, своерачно, со помош на рачна машина, објавиле три свои раскази и веднаш постигнале огромен успех. Потоа, брачниот пар Вулф продолжил со издавачката дејност, објавувајќи дела на млади писатели на кои им помогнале да се прослават (Кетрин Менсфилд, Томас Стернс Елиот итн.). Подоцна, нивната издавачка куќа „Хогарт прес“ се развила во една од најголемите англиски издавачки куќи.[1]

 
Литон Стречери и Вулф во Гарсингтон, 1923.[2]

Вулф е автор на повеќе романи, критики и три книги со есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од 50 јазици, и тоа од страна на писатели како Хорхе Луис Борхес и Маргерит Јурсенар. Таа се појавила на книжевната сцена околу првата деценија на XX век како претставник на новата генерација писатели кои настојувале да раскрстат со традиционалниот начин на пишување во кој писателот е семоќен творец кој владее со ликовите и настаните во своите дела. Наместо тоа, во своите дела, Вулф се свртела кон истражување на човековото јас и се задлабочила во психолошките случувања и односот на човекот со она што го опкружува. На тој начин, Вулф била еден од главните експериментатори во книжевноста меѓу двете светски војни и еден од творците на таканаречениот „роман на текот на свеста“.[7] Репутацијата на Вулф спласнала по Втората светска војна, но нејзиното дело повторно добило значење со појавата на феминистичката критика во 1970-те.[8] Денес, Вирџинија Вулф се слави како еден од најголемите писатели на XX век и еден од водечките модернисти.[9]

Некои критичари сметаат дека делата на Вулф се олицетворение на ограничениот свет на богатите Англичани-интелектуалци. Други сметаат дека на делата им недостига универзалност и длабочина, и дека немаат моќ да искажат ништо од емоционална или етичка важност на обичниот читател, уморен од естетичарите од 1920-те. Сепак, најсилен аспект на делата на Вулф е нивната лиричност. Нејзините романи се експериментални – нарацијата, најчесто бездејствена и обична, се прекршува, се топи, се разложува во свеста на ликовите. Лиричноста и стилската виртуозност се соединуваат и создаваат свет натрупан со аудиовизуелни импресии.[10]

 
Вирџинија Вулф,1927

Осврт кон романите на Вулф

уреди

Моќната поетска визија на Вулф ги увеличува обичните и понекогаш банални амбиенти (многу често за време на војна). На пример, главниот лик во „Г-ѓа Далавеј“ (1925), Клариса Даловеј, средовечна Англичанка од високата класа, се обидува да направи забава. Вулф врши паралела на нејзиниот живот со животот на Септимус Смит, воен ветеран од работничката класа, кој има длабоки психолошки лузни од Првата светска војна.[11]

„Кон светилникот“ опишува два дена – вториот по десет години од првиот. Се работи за исчекувањето и сеќавањето на семејството Ремзи на посетата на светилникот и семејните тензии. Една од главните теми во романот е напорот на уметничката Лили Бриско да слика покрај сите семејни препирки. Романот претставува и медитација на животот на населението на една нација во време на војна. Исто така, Вулф го истражува минувањето на времето и тоа како општеството ги присилува жените да им дозволат на мажите да им ја земат емоционалната сила.[12]

„Орландо“ (1928) е еден од највеселите романи на Вирџинија Вулф. Романот е пародична биографија на еден млад благородник кој живее три века без речиси воопшто да остари повеќе од 30 години (но кој одеднаш ќе се претвори во жена), а е делумно портрет на љубовничката на Вирџинија, Вита Секвил-Вест. Романот бил наменет да ја утеши Вита за загубата на родниот дом, но тој претставува и сатиричен поглед на Вита и нејзиното дело. Во „Орландо“, Вулф ги исмева техниките на историските биографи.[13]

Во романот „Бранови“ (1931) се претставени шест пријатели чии мисли (кои повеќе наликуваат на рецитативи отколку на внатрешни монолози) создаваат една брановидна атмосфера која повеќе наликува на прозаична поема отколку на роман со класично дејство.[14]

Последниот нејзин роман „Помеѓу чиновите“ (1941) ги сумира и увеличува главните преокупации на Вулф: трансформацијата на животот преку делото, сексуална амбивалентност, медитации за текот на времето и животот, претставен како корозија и подмладување едновремено – сето ова сместено во доста креативна и симболична нарација која ја опфаќа речиси целокупната историја на Англија. Оваа книга ѝ е најлирична од сите, пред сѐ од стилска гледна точка, бидејќи најголемиот дел е напишан во стихови.[15]

Ставови кон јудаизмот, христијанството и фашизмот

уреди

Некои ја критикуваат дека била антисемитист, и покрај тоа што била среќно мажена за Евреин. Овие критичари се потпираат на некои ликови Евреи од делата на Вулф, кои таа ги прикажала на генерализиран и стереотипен начин и ги опишала како одвратни и валкани.[16] Раширениот антисемитизам во 1920-те и 1930-те веројатно имал влијание врз Вулф. Во нејзиниот дневник, таа напишала: „Не ми се допаѓа гласот на Евреите; не ми се допаѓа нивното смеење“. Но, во писмо до композиторката Етел Смит во 1930 година, цитирано во биографијата на Вулф на Најџел Николсон, таа пишува: „Колку ми пречеше што се омажив за Евреин – каков сноб сум била. Тие имаат голем елан“.[17]

Во друго писмо до Етел, Вулф со презир ја осудува христијанската религија, опишувајќи ја како „себична“ и тврдејќи дека „мојот Евреин има повеќе религија во еден нокт на ногата – повеќе љубов во едно влакно од косата“.[18]

Вирџинија и маж ѝ Леонард го мразеле и се плашеле од фашизмот во 1930-те поради ширењето на антисемитизмот, и пред да знаеле дека се наоѓаат на црната список на Хитлер. На пример, во книгата „Три гвинеи“, објавена во 1938 година, таа го обвинува фашизмот.[10]

Вулф и феминизмот

уреди

Од неодамна, студиите на Вирџинија Вулф се фокусираат на феминистичките и лезбејски теми во нејзините дела, како во збирката на критички есеи од 1997 година, „Вирџинија Вулф: Лезбејски четива“, уредена од Елен Барет и Патриција Крамер.

Најпознатите нефикционални дела на Вулф, „Нечија сопствена соба“ (1929) и „Три гвинеи“ (1938), ги испитуваат тешкотиите со кои писателките и интелектуалките се соочувааат бидејќи мажите имаат непропорционално правна и економска моќ и иднината на жените во образованието и општеството во своите раце. Во „Вториот Пол“ (1949), Симон де Бовоар набројува, од сите жени кои живееле, само три жени авторки —Емили Бронте, Вулф и „понекогаш“ Кетрин Менсфилд— кои го истражиле „даденото“.[19]

Библиографија

уреди

Романи

уреди
  • „Крајот на патувањето“ (The Voyage Out) (1915)
  • „Ден и ноќ“ (Night and Day) (1919)
  • „Собата на Јакоб“ (Jacob's Room) (1922)
  • Г-ѓа Даловеј“ (Mrs Dalloway) (1925)
  • „Кон светилникот“ (To the Lighthouse) (1927)
  • „Орландо: биографија“ (Orlando: A Biography) (1928)
  • „Бранови“ (The Waves) (1931)
  • „Години“ (The Years) (1937)
  • „Помеѓу чиновите“ (Between the Acts) (1941)

Збирки раскази

уреди
  • „Понеделник или вторник“ (Monday or Tuesday) (1921)
  • „Опседнатата куќа и други куси раскази“ (A Haunted House and Other Short Stories) (1943)
  • „Собрани куси фантастични раскази“ (The Complete Shorter Fiction) (1985)

„Биографии“

уреди
  • „Орландо: биографија“ (Orlando: A Biography) (1928)
  • „Флаш: биографија“ (Flush: A Biography) (1933)
  • „Роџер Фрај: биографија“ (Roger Fry: A Biography) (1940)

Есеи

уреди
  • „Модерна фантастика“ (Modern Fiction) (1919)
  • „Обичниот читател“ (The Common Reader) (1925)
  • „Нечија сопствена соба“ (A Room of One's Own) (1929)
  • „За болеста“ (On Being Ill) (1930)
  • „Лондонската сцена“ (The London Scene) (1931)
  • „Обичниот читател: Втора серија“ (The Common Reader: Second Series) (1932)
  • „Три гвинеи“ (Three Guineas) (1938)
  • „Смртта на ноќната пеперутка и други есеи“ (The Death of the Moth and Other Essays) (1942)
  • „Моментот и други есеи“ (The Moment and Other Essays) (1947)
  • „Смртната постела на капетанот и други есеи“ (The Captain's Death Bed And Other Essays) (1950)
  • „Книги и портрети“ (Books and Portraits) (1978)
  • „Жените и пишувањето“ (Women And Writing) (1979)
  • „Собрани есеи“ (Collected Essays) (четири тома)

Драми

уреди
  • „Свежа Вода: Комедија“ (Freshwater: A Comedy) (поставена во 1923, обновена во 1935, објавена во 1976)

Автобиографии

уреди
  • „Дневник на писателот“ (A Writer’s Diary) (1953)
  • „Моменти на постоењето“ (Moments of Being) (1976)
  • „Слободата на моментот: краток дневник“ (A Moment's Liberty: the shorter diary) (1990)
  • „Дневникот на Вирџинија Вулф“ (The Diary of Virginia Woolf) (пет тома) 1915 - 1941
  • „Страсен чирак: Раните списанија, 1897-1909“ (Passionate Apprentice: The Early Journals, 1897-1909) (1990)
  • „Патувања со Вирџинија Вулф“ (Travels With Virginia Woolf) (1993)
  • „Платформата на времето: Сеќавања на семејството и на пријателите“ (The Platform of Time: Memoirs of Family and Friends) (2008)

Писма

уреди
  • „Сродни души: избрани писма“ (Congenial Spirits: The Selected Letters) (1993)
  • „Писмата на Вирџинија Вулф 1888-1941“ (The Letters of Virginia Woolf 1888-1941) (шест тома, 1975-1980)
  • „Хартиени стрелички: Илустрираните писма на Вирџинија Вулф“ (Paper Darts: The Illustrated Letters of Virginia Woolf) (1991)

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej, RAD, Beograd, 1964, стр. 171.
  2. 2,0 2,1 Lee, Hermione: "Virginia Woolf." Knopf, 1997.
  3. Panken, Shirley (1987). „"Oh that our human pain could here have ending" – Between the Acts“. Virginia Woolf and the "Lust of Creation": a Psychoanalytic Exploration. SUNY Press. стр. 260–262. ISBN 9780887062001. Посетено на 13 August 2009.
  4. Rose, Phyllis (1986). Woman of Letters: A Life of Virginia Woolf. Routledge. стр. 243. ISBN 0863580661. Посетено на 24 September 2008.
  5. „Virginia Woolf“. Архивирано од изворникот на 2015-01-28. Посетено на 5 October 2007.
  6. Haule, J. (1982). Melymbrosia: An Early Version of "The Voyage out". Contemporary Literature, 23, 100–104.
  7. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej, RAD, Beograd, 1964, стр. 172-173.
  8. "Critical Essays on Virginia Woolf", Morris Beja, 1985, Introduction, pp. 1, 3, 53.
  9. "Critical Essays on Virginia Woolf", Morris Beja, 1985, Introduction, p јануари
  10. 10,0 10,1 "The Hours" DVD, "Special Features", "The Mind and Times of Virginia Woolf", 2003.
  11. "Critical Essays on Virginia Woolf", Morris Beja, 1985, pp. 13, 53.
  12. "Critical Essays on Virginia Woolf", Morris Beja, 1985, pp. 15-17.
  13. "The Novels of Virginia Woolf", Hermione Lee, 1977, pp. 138–157.
  14. "Critical Essays on Virginia Woolf", Morris Beja, 1985, p. 19.
  15. "Critical Essays on Virginia Woolf", Morris Beja, 1985, p. 24.
  16. "Tales of abjection and miscegenation: Virginia Woolf's and Leonard Woolf's Jewish stories", Twentieth Century Literature, Fall, 2003 by Leena Kore Schroder https://archive.today/20120629005937/findarticles.com/p/articles/mi_m0403/is_3_49/ai_n6130106/pg_17/
  17. „Mr. Virginia Woolf“. Commentarymagazine.com. Архивирано од изворникот на 2007-02-28. Посетено на 8 September 2008.
  18. "The Letters of Virginia Woolf" Volume Five 1932–1935, Nigel Nicolson & Joanne Trautmann, 1979, p. 321.
  19. Beauvoir, Simone de (1949 (translated 2009)). The Second Sex. Trans. Constance Borde and Sheila Malovany-Chevallier. Random House: Alfred A. Knopf. стр. 748. ISBN 978-0-307-26556-2. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)