Часовен рекорд
Часовен рекорд — велосипедски рекорд за најдолго извозено растојание во еден час на велосипед. Постојат неколку рекорди. Најпознат е оној за велосипеди кои ги исполнуваат условите на Меѓународниот велосипедистички сојуз (UCI). Рекордот е еден од најпрестижните во велосипедизмот. Обидите за часовниот рекорд се вршат на велодром.
Прв забележан рекорд бил во 1876 година, кога Американецот Франк Додс извозел 26,508 километри со старовремски велосипед (со големо предно и мало задно тркало).[1] Во 1972 година, Еди Меркс поставил рекорд од 49,431 километар кој стоел 12 години.
Моменталниот рекорд на UCI бил поставен на 7 јуни 2015 година од страна на британскиот велосипедист Бредли Вигинс со извозени 54,526 километри.[2] Часовниот рекорд кај жените изнесува 46,274 километри и бил поставен на 12 септември 2015 година од Американката Моли Шафер ван Хувелинг.
Историја
уредиПоради аеродинамиката, за часовниот рекорд се употребувала иновативна опрема, но ова довело до дебата во велосипедизмот за тоа дали треба да се прифаќаат само рекорди кои се резултат само на вештината, силата и издржливоста на велосипедистот на вообичаен велосипедист или треба да се прифатат промените во дизајнот на велосипедот.
На 7 јули 1933 година, Франсис Форе поставил рекорд од 45,055 км возејќи на лежечки велосипед, но во 1934 година, UCI ја вратила својата положба и ги одбила овие велосипеди. Ова довело до две нивоа на рекорди. Во едниот се дозволени само вообичаени велосипеди; овој е надгледуван од UCI. Во другото ниво е дозволен секој дизајн и е надгледуван од Меѓународната асоцијација за човечки придвижувани возила.
Часовен рекорд на UCI
уредиЧасовниот рекорд е вообичаено постигнуван од друмски велосипедисти кон крајот на нивната кариера. На пример, таков бил случајот со Мигел Индураин (Шпанија), Франческо Мозер (Италија), Крис Бордман (Велика Британија), најнеодамнешниот Јенс Фогт (Германија).
Еди Меркс изјавил дека обидот за часовен рекорд бил „најтешката трка која некогаш сум ја имал“. Го поставил во 1972 година во Мексико на височина од 2.300 метри.[2]
Во јануари 1984 година, Мозер поставил два рекорди, вториот изнесувал 51,151 км. Ова било прво забележано користење на велосипед со дискови, кои обезбедиле поголема аеродинамика.[2]
Во 1993 и 1994 година, Греам Обри, Шкот кој направил свој велосипед, забележал два рекорди додека неговите раце биле под неговите гради. Во 1996 година, Бордман поставил рекорд користејќи друга положба воведена од Обри, неговите раце напред во положба како „Супермен“. Обата биле сметани за контроверзни од страна на UCI, и иако рекордите биле признаени, положбите биле забранети.[2] Обри и Бордман направиле неколку обиди да го претекнат претходниот рекорд.
Со зголемувањето на разликата помеѓу современите велосипеди и она што било достапно во време на рекордот на Меркс, UCI вовела два рекорди:
- Часовен рекорд на UCI (кој им забранува на натпреварувачите секаква поново опрема од онаа во времето на Меркс, како шлемови за хронометри, дискови на тркалата, аеродинамични рачки и рамки) и
- Најдобар човечки напор — понекогаш означуван како „апсолутен“ рекорд на UCI.[2]
Сите рекорди од 1972 година, вклучувајќи го оној на Бордман од 56,375 км во 1996 година биле сметани како најдобар човечки напор. Во 2000 година, Бордман се обидел за рекордот на UCI со традиционален велосипед и извозел 49,441 км, надминувајќи го Меркс за 10 метри — подобрување за 0,02%.
Во 2005 година, Онджеј Сосенка го подобрил резултатот на Бордман на 49,700 км користејќи запченик 54х13. Со 2 метри височина, Сосенка користел необична положба на седлото и мала височина на рамката за да биде во рамките на одредбите на UCI.[3] Сосенка паднал на допинг-контролата во 2001 година и повторно во 2008 година, што резултирало до суспензија до крајот на кариерата, што го става под сомнение неговиот рекорд.
Промена на обединетото правило
уредиВо 2014 година, UCI ги обединила двата пласмани во еден пласман во рамки на одредбите за моменталните велодромски велосипеди. Претходните избришани рекорди на Крис Бордман и Греам Обри ќе бидат вратени, меѓутоа, моменталниот рекорд останал на 49,700 км поставен во 2005 година од Онджеј Сосенка, иако тоа не е најдобриот резултат.[4][5] Според новите одредби, возачите можат да го користат било кој велосипед одобрен од UCI при обидот за соборување на резултатот.[6] Возачите се обврзани да бидат дел од програмата за биолошки пасош.[7]
По промената на правилото, Германецот Јенс Фогт станал првиот возач кој се обидел да го сруши рекордот, на 18 септември на велодромот Свис во Гренхен, Швајцарија.[8][9] Поставил нов рекорд од 51,115 км, рушејќи го претходниот рекорд на Сосенка за 1,4 километри.[2] На 30 октомври 2014 година, Матијас Брендле поставил нов рекорд од 51,852 километри во Светскиот велосипедски центар во Егл, Швајцарија.
Развој на часовниот рекорд
уредиЧасовен рекорд на мажи
уредиДатум | Велосипедист | Растојание | Место |
---|---|---|---|
11 мај 1893 | Анри Дегранж (ФРА) | 35,325 км | Париз |
31 октомври 1894 | Жил Дибоа (ФРА) | 38,220 км | Париз |
30 јули 1897 | Оскар ван ден Ејнде (БЕЛ) | 39,240 км | Париз |
3 јули 1898 | Вили Хамилтон (САД) | 40,781 км | Денвер |
24 август 1905 | Лисјен Пети-Бретон (ФРА) | 41,110 км | Париз |
20 јуни 1907 | Марсел Берте (ФРА) | 41,520 км | Париз |
22 август 1912 | Оскар Ег (ШВА) | 42,122 км | Париз |
7 август 1913 | Марсел Берте (ФРА) | 42,741 км | Париз |
21 август 1913 | Оскар Ег (ШВА) | 43,525 км | Париз |
20 ноември 1913 | Марсел Берте (ФРА) | 43,775 км | Париз |
18 август 1914 | Оскар Ег (ШВА) | 44,247 км | Париз |
25 август 1933 | Јан ван Хут (ХОЛ) | 44,588 км | Рурмонд |
28 септември 1933 | Морис Ришар (ФРА) | 44,777 км | Сен Трон |
31 октомври 1935 | Џузепе Олмо (ИТА) | 45,090 км | Милано |
14 октомври 1936 | Морис Ришар (ФРА) | 45,325 км | Милано |
29 септември 1937 | Франс Слатс (ХОЛ) | 45,485 км | Милано |
3 ноември 1937 | Морис Аршамбо (ФРА) | 45,767 км | Милано |
7 ноември 1942 | Фаусто Копи (ИТА) | 45,798 км | Милано |
29 јуни 1956 | Жак Анкетил (ФРА) | 46,159 км | Милано |
19 септември 1956 | Ерколе Балдини (ИТА) | 46,394 км | Милано |
18 септември 1957 | Роже Ривиер (ФРА) | 46,923 км | Милано |
23 септември 1959 | Роже Ривиер (ФРА) | 47,347 км | Милано |
30 октомври 1967 | Фердинанд Браке (БЕЛ) | 48,093 км | Рим |
10 октомвври 1968 | Оле Ритер (ДАН) | 48,653 км | Мексико |
25 октомври 1972 | Еди Меркс (БЕЛ) | 49,431 km | Мексико |
27 ноември 2000 | Крис Бордман (ВБР) | 49,441 км | Манчестер |
19 јули 2005 | Онджеј Сосенка (ЧЕШ) | 49,700 км | Москва |
18 септември 2014 | Јенс Фогт (ГЕР) | 51,115 км | Гренхен |
30 октомври 2014 | Матијас Брендле (АВТ) | 51,852 км | Егл |
8 февруари 2015 | Роан Денис (АВС) | 52,491 км | Гренхен |
2 мај 2015 | Алекс Даусет (ВБР) | 52,937 км | Манчестер |
7 јуни 2015 | Бредли Вигинс (ВБР) | 54,526 км | Лондон |
16 април 2019 | Виктор Кампенертс (БЕЛ) | 55,089 км | Акваскалиентес |
Најдобар напор на мажи
уредиВо 2000 година, UCI ги укинал часовните рекорди поставени во периодот 1984-1996, бидејќи се користеле аеродинамични специјални тркала и различни положби на седење, кои не биле во согласност со новите одредби.
Датум | Возач | Растојание | Велодром |
---|---|---|---|
19 јануари 1984 | Франческо Мозер (ИТА) | 50,808 км | Мексико |
23 јануари 1984 | Франческо Мозер (ИТА) | 51,151 км | Мексико |
17 јули 1993 | Греам Обри (ВБР) | 51,596 км | Хамар |
23 јули 1993 | Крис Бордман (ВБР) | 52,270 км | Бордо |
27 април 1994 | Греам Обри (ВБР) | 52,713 км | Бордо |
2 септември 1994 | Мигел Индураин (ШПА) | 53,040 км | Бордо |
22 октомври 1994 | Тони Ромингер (ШВА) | 53,832 км | Бордо |
5 ноември 1994 | Тони Ромингер (ШВА) | 55,291 км | Бордо |
7 септември 1996 | Крис Бордман (ВБР) | 56,375 км | Манчестер |
Часовни рекорди на жени
уредиДатум | Возачка | Растојание | Велодром |
---|---|---|---|
7 јули 1955 | Тамара Новикова (СССР) | 38,473 км | Иркутск |
18 септември 1957 | Рене Висак (ФРА) | 38,569 км | Милано |
25 септември 1958 | Милдред Робинсон (ВБР) | 39,718 км | Милано |
9 ноември 1958 | Елси Јакобс (ЛУК) | 41,347 км | Милано |
25 ноември 1972 | Марија Кресари (ИТА) | 41,471 км | Мексико |
16 септември 1978 | Кети ван Остен-Хаге (ХОЛ) | 43,082 км | Минхен |
18 октомври 2000 | Ана Вилсон (АВС) | 43,501 км | Мелбурн |
5 ноември 2000 | Жани Лонго Сипрели (ФРА) | 44,767 км | Мексико |
7 декември 2000 | Жани Лонго Сипрели (ФРА) | 45,094 км | Мексико |
1 октомври 2003 | Леонтин Зејлард ван Морсел (ХОЛ) | 46,065 км | Мексико |
13 септември 2015 | Моли Шафер ван Хувелинг (САД) | 46,273 км | Акваскалиентес |
Најдобар напор на жени
уредиДатум | Возачка | Растојание | Велодром |
---|---|---|---|
20 септември 1986 | Жани Лонго (ФРА) | 44,770 км | Колорадо Спрингс |
23 септември 1987 | Жани Лонго (ФРА) | 44,933 км | Колорадо Спрингс |
1 октомври 1989 | Жани Лонго (ФРА) | 46,352 км | Мексико |
29 април 1995 | Катерин Марсал (ФРА) | 47,112 км | Бордо |
17 јуни 1995 | Ивон Мекгрегор (ВБР) | 47,411 км | Манчестер |
26 октомври 1996 | Жани Лонго Сипрели (ФРА) | 48,159 км | Мексико |
Наводи
уреди- ↑ Mallon, Jeroen Heijmans, Bill. Historical dictionary of cycling. Lanham, MD: Scarecrow Press, Inc. ISBN 0810873699.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Клемитсон, Суз (19 септември 2014). „Зошто Јенс Фогт и новата група на велосипедисти сакаат да го соборат часовниот рекорд“. The Guardian. Посетено на 19 септември 2014.
- ↑ Онджеј Сосенка објавил фотографии од неговиот велосипед и други информации на чешки на неговата страница (http://www.sosenka.cz)
- ↑ „Промена на правилото за часовен рекорд“. Cycling Weekly. 15 мај 2014. Посетено на 18 септември 2014.
- ↑ „UCI ги менува одредбите за часовниот рекорд, дозволувајќи современо велодромски велосипеди“. VeloNews.com. Посетено на 18 септември 2014.
- ↑ „Како часовниот рекорд ќе го спаси велосипедизмот“. Outside Online. Посетено на 18 септември 2014.
- ↑ „Cookson reveals that people have come forward to the CIRC Reform Commission“. Cyclingnews.com. Посетено на 18 септември 2014.
- ↑ Џил Ричардс. „Агенда: Јенс Фогт цели да го сруши еден од најтешките рекорди во велосипедизмот“. the Guardian. Посетено на 18 септември 2014.
- ↑ „Одговорено: 11 прашања околу обидот за часовен рекорд на Јенс Фогт“. VeloNews.com. Архивирано од изворникот на 2014-09-18. Посетено на 18 септември 2014.