Дуњска Река

река во Македонија

Дуњска Река (позната и како Лисичка Река) — река во Македонија која тече низ областа Мариово и претставува лева притока во Црна Река во која се влева недалеку од познатиот Расимбегов Мост во Скочивирската Клисура.[1] Устието во Црна Река е во месноста Градок на височина од 345 метри.[2]

Дуњска Река
Местоположба
Физички особености
УстиеЦрна Река
 • надм. вис.
345 м
Должина19 км
Особености на сливот

Течение

уреди

Изворот на Дуњската Река се наоѓа на апсолутна височина од 1440 метри во највисоките делови на Дрен Планина[1]. Всушност, неа ја сочинуваат повеќе водотеци кои се формираат под највисоките делови на Дрен Планина, имено Кокренска Река, Дуњска Река, Вепрчанска Река и други со поголем број свои помали притоки[1]. Под селото Дуње тие се спојуваат во еден водотек кој при вливот во Црна Река кај месноста Градок, го носи името Дуњска или Лисичка Река[1]. Речиси целиот слив на овој водотек е формиран на оголен терен, додека и ова речно корито нема изразити клисурски делници, какви што се среќаваат кај десните притоки на Црна Река[1]. Дуњска Река е првата лева (само една од двете леви притоки на Црна во Мариово) и воопшто петтата притока која ја прима Црна во Мариово.

Именување

уреди

Оваа река е позната под две имиња. Имено од својот извор по течението сè до под селото Дуње е позната само под името Дуњска Река, а имено по влевањето на Вепрчанска Река овој водотек се именува и како Лисичка Река[1]. Името Дуњска Река доаѓа поради фактот што таа протекува низ селото Дуње, додека потеклото на името Лисичка Река не е целосно познато и можно е да доаѓа од име на месност или некогашно раселено село Лисиче, Лисец или Лисичани или пак од фактот што во овој предел сè до денес има големо и често присуство на лисици.

Хидрографски и водостопански одлики

уреди
 
Приказ на надолжниот профил на Дуњска Река
 
Табела со вредностите на надолжниот профил на Дуњска Река

Изворот на Дуњска Река се наоѓа на апсолутна височина од 1440 метри, а вливот во Црна Река кој се наоѓа во месноста Градок, е на кота од 345 метри[1]. Должината на водотекот е 19 километри, а дренира односно ги собира водите од сливна поршина од 137 км2 со средна височина од 880 метри[1]. Падот во надолжниот профил кај Дуњска Река е неизедначен, односно сè уште го следи првичниот релјеф[1]. Така, во најгорниот дел (1440-900 м) тој изнесува 186,2 % и се намалува до делницата со висинска разлика од 760 до 660 метри височина, каде изнесува 33,3%[1]. Меѓутоа, наследната делница тој се сголемува на 47,7%, за веднаш по неа (570-500 м) на должина од 3,1 км тој да има најмала вредност од само 22,6%[1]. Интересно е дека кај овој водотек на последната делница (400-345 м) падот во надолжниот профил е меѓу најмалите притоките на Црна во Мариово (25,0%) и наедно е помал од патот на претходната делница, што е единствен случај меѓу реките во целата мариовска област[1]. Вкупниот пад на водотекот изнесувам 1085 метри, а релативниот 57,6%[1]. Водостојот на реката особено се зголемува во врнежливите периоди на пролетта и есента и топењето на снеговите, додека кон крајот на пролетта и летото таа значително многу го намалува своето ниво. Како и повеќето реки во Мариово, поради слабата населеност на пределот, Дуњска Река се одликува со чиста и бистра вода, која што најчесто се користи за напојување на стоката и наводнување на посевите по нивите и градините во селото Дуње.

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Гашевски, Миливој (1984). Хидрографски особености на Мариово (Мариово - комплексни географски проучувања. изд.). Скопје: Географски факултет. стр. 119.
  2. „Риболовна основа за риболовна вода „Слив на Црна Река" за период 2011-2016“ (PDF). Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. Скопје: Влада на Република Македонија. 2011. Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-04-12. Посетено на 7 декември 2015.

Надворешни врски

уреди

41°14′44″N 21°41′00″E / 41.24556° СГШ; 21.68333° ИГД / 41.24556; 21.68333