Хромозом

(Пренасочено од Хромозоми)

Хромозомите (од грчки chroma - боја) се основни носители на наследните својства кај живите организми. Нив ги има во 2 форми - спирализирана и деспирализирана, во зависност од тоа во кој степен од клеточната делба се набљудуваат. Кај бактериите и археите, хромозомите се состојат од едноставни кружни ДНК молекули кои се движат слободно во организмот (т.е. клетката), додека кај сите други форми на живот (еукариоти), хромозомите се наоѓаат во клеточното јадро. Исто така, кај еукариотите, формата на овие структури е линеарна, а не кружна.

Морфологија на метафазен хромозом.
Дијаграм на бројот на хромозоми и базни парови кај секој човечки хромозом.

Составни елементи на хромозомите се: хроматидите, хромонемите, хромомерите, центромерот (примарно стеснување), сателитот (секундарно стеснување), теломерите и матрицата. Кај телесните човечки клетки има 46 (диплоиден број) хромозоми, додека кај половите има 23 (хаплоиден број).

Вкупниот збир на хромозомите во една клетка, кој е карактеристичен за даден организам, се нарекува кариотип. Во телесните клетки на речиси сите растенија, животни, габи и останати организми постојат хромозомски парови - еден хромозом од мајката и еден од таткото. Ваквите хромозоми се нарекуваат хомологни, додека збирот од хомологните хромозоми го дава диплоидниот хромозомски број. Во кариотиповите на разделнополовите организми има еден или неколку парови на полови хромозоми, кои кај одделните полови се разликуваат по морфологијата. Останатите, неполови хромозоми, се нарекуваат автозоми. Кај цицачите, во половите хромозоми, се локализирани гени кои го определуваат полот на организмот, додека кај винската мушичка (Drosophila melanogaster), полот го определува соодносот помеѓу половите хромозоми и автозомите (балансна теорија за определување на полот).

Истражување на хромозомите

уреди

Најпрво хромозомите (од страна на германскиот научник В. Валдејер) биле опишани како телца кои интензивно се боеле со базични бои. Се покажало и дека хромозомите ја менуваат својата форма во текот на клеточната делба. Основата на хромозомите во секоја фаза од клеточната делба ја чинат хромонемите - нишковидни структури кои се најспирализирани на крајот од делбата, додека во клетките кои не се делат тие се деспирализирани. Во периодот меѓу две клеточни делби (односно период на интерфаза), деспирализацијата продолжува, со што хромозомите се речиси невидливи под светлосен микроскоп. Морфологијата на хромозомите кај еукариотите е суштествено различна од прокариотите и вирусите. Последните содржат најчесто еден линеарен или кружен хромозом. Хромозомитте се изградени од една сложена белковинеста материја, составена од дезоксирибонуклеинска киселина-ДНК,во која се сместени наследните особини. Хлоандскиот научник Јохансен ги нарекол гени.

Поврзано

уреди