Кариотип
Под кариотип се подразбира карактеристичната хромозомска гарнитура кај еден еукариотски организам.[1][2] Подготовката и проучувањето на кариотиповите е поле на цитогенетиката.
Основниот број на хромозомите во телесните (соматски) клетки на една единка или вид се нарекува соматски број (диплоиден број) и се означува со 2n. Според ова, кај луѓето 2n=46. Кај половите клетки, хромозомскиот број се означува со n (кај луѓето n=23).[1]
Според горенаведеното, кај нормалните диплоидни организми, автозомните хромозоми се присутни во две копии. За разлика од нив, во зависност од видот на организмот, може или не мора да има полови хромозоми. Полиплоидните клетки имаат повеќе копии на хромозоми, а хаплоидните клетки имаат единечни копии, односно половина од диплоидниот број. Проучувањето на целосната гарнитура на хромозоми понекогаш се нарекува кариологија.