Хазарски речник
„Хазарски речник — роман-лексикон во 100 000 зборови“ — роман на српскиот писател Милорад Павиќ. Авторот го пишувал романот во Белград, во Регенсбург и пак во Белград, во периодот од 1978 до 1983 година, а делото било објавено во 1984 година.[1] Делото е напишано во форма на речник (лексикон) и претставува измислена реконструкција, т.е. второ, дополнето издание на божемното истоимено дело од 1691 година.
Содржина
уредиПретходни забелешки
уреди- Историјат на „Хазарскиот речник“: Писателот на второто издание на „Хазарскиот речник“ дава куси забелешки за појавата и исчезнувањето на Хазарите и на нивната држава, а потоа ја објаснува судбината на првото издание на речникот, дело на Јоанес Даубманус од 1691 година. Притоа, целокупниот тираж од 500 примероци бил запленет и уништен од Инквизицијата, но останале два примерока - златен (отровен) и сребрен(помошен). Златниот примерок долго време бил дел од наследството на едно пруско семејство при што ја предизвикал смртта на многу луѓе.[2]
- Состав на речникот: Овде се дадени оскудни податоци за структурата на оригиналниот Даубманусов речник чии два последни примерока биле уништени, а од нив останале само некои фрагменти. Исто така се објаснуваат разликата меѓу оригиналното и второ издание на речникот, како и тешкотиите во неговата реконструкција.[3]
- Начин на користење на речникот: Во овој дел се дадени совети за начинот на користење на речникот, кој се состои од три посебни речници со христијанските, исламските и хебрејските извори за хазарското прашање. Притоа, сите поими во речникот се означени со соодветни знаци (крст, полумесечина и Давидовата ѕвезда) кои упатуваат на трите речници. Најпосле, во овој дел, авторот дава совети за начинот на читањето на речникот.[4]
- Зачувани делови од предговорот кон уништеното Даубманусово издание на речникот од 1691 година (во превод од латински): Во овој дел с енаведени четири фрагменти од предговорот кон оригиналното издание на речникот во кои им се даваат совети на писателите и на читателите на речникот.[5]
Речници
уредиЦрвена книга (Христијански извори за хазарското прашање)
уредиВо овој дел, најпрвин е претставена хазарската принцеза Атех, која учествувала во расправата меѓу трите мудреци. Притоа е наведена легендата за нејзината необична смрт, која настапила така што се погледнала истовремено во две огледала (бавно и брзо) и умрела кога ги погледната смртоносните букви напишани на трепките на очите. Потоа е претставен ликот на Аврам Бранковиќ, благородник и дипломат во Цариград, еден од писателите на книгата. Тој е опишан како човек кој спиел само дење, бил многу вешт во ракувањето со сабја, а слуги му биле Аверкиј Скила и Јусуф Масуди. Во една прилика, Аврам направил вештачки човек кого го нарекол Петкудин. По свадбата со Калина, младенците заминале на излет во еден римски театар. Таму, Петкудин случајно го пресекол прстот и тогаш мртвите ги нападнале младенците и ја изеле Калина. Потоа, нереќниот Петкудин намерно го пресекол прстот за да го препознае мртвата Калина и тогаш таа го изела него. Инаку, Аврам постојано сонувал непознат човек со црвени очи и со стаклени нокти. Притоа, Аврам го сонувал животот на непознатиот, а тој пак го сонувал животот на Аврам. Аврам бил преокупиран со истражувањето на Хазарите и тајно пишувал речник посветен на нивното покрстување. Еден ден, подготвувајќи се да замине во војна, неговите помошници, Масуди и Никон Севаст (кој, всушност, бил ѓавол) му кажaле корисни сознанија за речникот, а Никон Севаст му го соопштил името на човекот кој го сонувал - Самуел Коен. Аврам Бранковиќ погинал за време на австриско-турската војна, во близината на Кладово, на брегот на Дунав. По завршената битка, додека спиел, него го убиле турските војници, а пред да умре, Аврам го видел Самуел Коен кој, пак, веднаш заспал. Понатаму, во оваа книга се дадени и податоци за историјата на Хазарите, за Хазарската расправа и за христијанските учесници во неа - свети Кирил (кој победил во расправата со пресудно влијание на принцезата Атех) и свети Методиј (кој бил сведок, т.е. хроничар на расправата), како и за некои други ликови, вклучени во создавањето на речникот. Таков е случајот со Севаст Никон, кој во 17 век работел како зограф по манастирите во Овчарската Долина по течението на реката Морава. Откако при еден лов му се прикажал архангел Гаврил, Севаст добил голема сликарска дарба и станал најдобар и најценет зограф во околината. Подоцна, тој почнал да слика со левата рака и така ја прекршил клетвата на архангелот, па тогаш и другите зографи ја стекнале неговата вештина. Така, тој престанал да слика и заминал во Цариград за да работи како личен писар на Аврам Бранковиќ. Најпосле, во овој дел се наоѓаат и белешките за Аверкиј Скила, вештиот мечувалец кој му бил помошник на Бранковиќ, како и за археологот д-р Михајло Сук, професор на Универзитетот во Нови Сад, кој бил познат истражувач на историјата на Хазарите. Еден ден, тој се разбудил со мал хазарски клуч во устата. Кога излегол на улица, него почнале да го гонат неколку луѓе, удирајќи му шлаканици. Тој влегол во продавница за музички инструменти и купил мало виолончело, наменето како подарок за една госпоѓица), но продавачот му продал и необично јајце кое можело да замени еден ден во животот на сопственикот. На јајцето била напишана некоја идна дата (денот на смртта на професорот Сук).[6]
Зелена книга (Исламски извори за хазарското прашање)
уредиОвој дел, исто така, содржи белешки за Хазарите и за учесниците во Хазарската расправа во која победил исламскиот учесник (со помош на принцезата Атех). Така, покрај принцезата Атех, овде се споменуваат и други ликови, како: Јабир Ибн Акшани, скитник и свирач од 17 век кој, всушност, бил ѓавол; Ал Бекри, арапскиот хроничар на Хазарската расправа; Фараби Ибн Кора, исламскиот претставник во расправата; Јусуф Масуди, познат музичар од 17 век, истражувач на хазарската историја и еден од писателите на речникот, кој станал ловец на сонови. Тој умеел да влегува во туѓите соништа при што почнал да слеи еден млад човек за кој дознал дека се вика Коен, а кој, исто така, ги истражувал Хазарите. По средбата со ѓаволот Јабир Ибн Акшани, кој му дал корисни совети, Масуди се откажал од пишувањето на речникот и ја започнал потрагата по двајцата луѓе (Аврам Бранковиќ и Самуел Коен) кои меѓусебно си ги сонувале животите. Така, Масуди пристигнал во Цариград каде му станал слуга на Бранковиќ, а подоцна со него заминал во Кладово каде ја видел смртта на Бранковиќ онака како што ја сонил Коен, а утредента бил погубен од турската војска; д-р Абу Кабир Муавија, универзитетски професор од Каиро, познат проучувач на хазарската историја. По Израелско-арапската војна od 1967 година, тој на напуштил работата и се повлекол во Александрија каде читал огласи од 19 век и насобрал необични предмети за кои подоцна открил дека се поврзани со Хазарите. Така, повоторно станал професор и во 1982 година заминал на конференција во Цариград каде бил убиен.[7]
Жолта книга (Хебрејски извори за хазарското прашање)
уредиИ овој дел на речникот содржи белешки за Хазарите и за учесниците во Хазарската расправа во која победил хебрјскиот учесник. Повторно, најпрвин е спомената принцезата Атех која прва почнала да го составува речник за Хазарите. Таа му помогнала на хебрејскиот учесник да победи во расправата, а поради тоа била казнета така што го заборавила мајчиниот јазик. Понатаму, споменат е и Јоанес Даубманус, Евреин од Полска, кој уште во младоста бил осакатен од некоја болест. Подоцна, тој станал печатач и оздравел. Еден ден, него го посетил православен монах, кој му го дал Хазарскиот речник. Даубманус го испечатил речникот и самиот го прочитал, а тогаш повторно станал грбав и умрел. Натамошен значаен лик во Жолтата книга е Јехуда Халеви, хебрејскиот хроничар на хазарската расправа, кој напишал една позната книга за Хазарите. Самуел Коен, еден од писателите на оваа книга, бил млад Евреин од Дубровник, кој имал црвени очи, а едниот мустаќ му бил побелен. Уште од детството сонувал чудни сонови, а најмногу сонувал некој непознат човек кој живеел во Цариград. Распрашувајќи се за христијанскиот светец кој бил мисионер кај Хазарите, Коен бил затворен. Потоа, тој се вљубил во богатата благородничка Ефросинија Лукаревиќ (Лукари), жена со по два палци на рацете, всушност, ѓавол од еврејскиот пекол. Откако бил по вторпат затворен, претставниците на еврејската заедница ги пронашле неговите ракописи за Хазарите и, во 1689 година, Коен бил протеран од Дубровник. Иако имал намера да оди во Цариград, тој заминал на брегот на Дунав. Таму, Коен најпосле го видел човекот од своите сонови — Аврам Бранковиќ, кој во тој миг сонувал. Тогаш, Бранковиќ бил смртно ранет и се разбудил, а Коен веднаш паднал во сон. Сведок на таа случка бил Масуди, кој го гледал сонот на Коен додека умирал Бранковиќ. Од сонот, Масуди прочитал дека Бранковиќ умрел трипати, а по третата негова смрт, Коен никогаш повеќе не се разбудил. По неговото заминување од Дубровник, Ефросинија го напуштила градот и во потрага по него пристигнала на Дунав каде умрела. Ал Сафер Мокадаса бил најпознатиот хазарски ловец на сонови и љубовник на принцезата Атех. Исак Сангари бил хебрејскиот учесник во хазарската расправа. Д-р Дорота Шулц, Еврејка со полско потекло, професорка по славистика на Универзитетот во Ерусалим, во периодот од 1967 до 1982 година самата си испраќала писма на својата полска адреса. Во нив, таа го опишала оддалечувањето од сопругот, откако тој бил ранет во војната од 1967 година. Од него, таа дознала дека него го ранил египетскиот војник Абу Кабир Муавија кого го сретнала подоцна на научната конференција во Цариград. Таму, Дорота се запознала и со д-р Исајло Сук, а во хотелот било присутна и необичното белгиско семејство Ван дер Спак чие дете имало по два палци на рацете. Уште претходно, Дорота планирала да го убие Муавија, кого го сметала за пречка во односите со нејзиниот сопруг, но се премислила кога Муавија ѝ дал важни информации за Хазарските беседи на св. Кирил. По средбата со него, таа отишла во хотелската соба на д-р Сук кого го нашла мртов, а во истиот миг, со нејзиниот пиштол некој го убил Муавија, а таа била уапсена и обвинета за убиството.[8]
Appendix I: Отец Теоктист Николски како преработувач на новото издание на „Хазарскиот речник“
уредиНекаде во Полска, отец Теоктист Николски ја пишувал својата претсмртна исповед, раскажувајќи го својот живот: Уште во детството се одликувал со неверојатна способност за паметење и набргу заминал во еден манастир по долината на реката Морава, каде препишувал црковни книги. Со текот на времето, тој станал вешт препишувач, па дури почнал да ја менува содржината на книгите кои ги препишувал. Во една прилика, тој му се придружил на зографот Никон Севаст, кој работел во друг манастир во близината, а потоа двајцата заминале во Белград, каде работеле како препишувачи на световни книги. Оттаму, тие заминале во Виена, каде стапиле во служба кај Аврам Бранковиќ, а подоцна, заедно со него, се преселиле во Цариград. Кога Бранковиќ ја објавил намерата да го напушти градот, меѓу Никон Севаст и Јусуф Масуди, слугата на Бранковиќ, дошло до остра кавга при што Севаст ги изгорел ракописите на Масуди (арапската верзија на Хазарскиот речник), а набргу ги запалил и ракописите на Бранковиќ кои, исто така, претставувале речник за Хазарите. Меѓутоа, Теоктист веќе ги знаел напамет двете верзии на речникот, иако не ја разбирал нивната содржина. Отец Теоктист бил присутен во моментот на смртта на Аврам Бранковиќ при што успеал да ги земе ракописите кои ги носел Самуел Коен и така дошол до трите верзии на Хазарскиот речник. Оттука, тој заминал во Полска, каде го сретнал печатарот Даубманус, кој прифатил да ги испечати трите книги.[9]
Appendix II: Извод од судскиот записник со исказите на сведоците во случајот на убиството на д-р Абу-Кабир Муавија
уредиВо овој дел се дадени исказите на сведоците за време на судењето на Дорота Шулц за убиството на Абу-Кабир Муавија. Притоа, Вирџинија Атех (која пред судот се изјаснила како Хазарка), келнерка во хотелот „Кингстон“, каде се извршило убиството, тврдела дека малиот син на белгиското семејство Ван дер Спак е убиецот на д-р Муавија, но судот го оценил таквото сведочење како лажно и ја казнил со парична казна. Истовремено, белгиското семејство ги негирало нејзините тврдења како бесмислени, иако господинот Ван дер Спак бил виден во собата на д-р Исајло Сук непосредно пред неговата смрт. Од друга страна, Дорота Шулц негирала дека е виновна за убиството на д-р Муавија, но признала дека таа го убила д-р Сук. За време на истрагата, во собата на д-р Сук, полицијата пронашла скршено јајце и златен клуч кој одговарал на бравата на Вирџинија Атех, додека во собата на семејството Ван дер Спак пронашла хотелска сметка на која било напишано: 1689 + 293 = 1982.[10]
Завршна забелешка за користа од овој речник
уредиНа крајот од книгата се дадени неколку совети поврзани со читањето на речникот, особено за ползата од спојувањето на женскиот и машкиот примерок.[11]
Осврт кон делото
уредиВеднаш по објавувањето, романот го привлекол вниманието на критиката и на публиката: за само девет месеци биле објавени четири изданија,[12] а во 1984 година ја освоил НИН-овата награда за роман на годината. Исто така, според известувачите на весниците „Sunday Times“ и „Publisher's Weekly“, на Саемот на книгата одржан во Франкфурт во 1987 година, романот стекнал култен статус и бил една од двете најбарани книги.[13]
Според издвачот „Бук рајет“ (Book riot) „Хазарски речник“ е книга на српски јазик преведена на најмногу странски јазици (повеќе од 39),[14] додека според зборовите на неговата сопруга, Јасмина Михајловиќ, романот е преведен на точно 40 јазици при што посмртно бил преведен и на албански, на тамилски и на фарски. Во електронска форма, романот е објавен на англиски, на руски и на кинески јазик.[15]
Наводи
уреди- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 296.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 11-17.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 17-19.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 20-22.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 23.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 27-112.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 113-179.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 181-266.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 267-286.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 287-294.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 295-296.
- ↑ Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988.
- ↑ „Beleška o autoru“, во: Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 299.
- ↑ „THE MOST TRANSLATED BOOKS IN EUROPE“. Book riot. 26.08.2021. Посетено на 4 септември 2021. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ KURIR, „JASMINA MIHAJLOVIĆ ZA KURIR: Jedina želja mi je da me sahrane pored mog muža Milorada Pavića u Aleji velikana!“ (пристапено на 23.5.2023)