Поштарот
Поштарот е филм од 1994 година во режија на Мајкл Редфорд.
Филмот бил последниот во кој глумел Троизи, кој починал прерано неколку часа по завршувањето на снимањето, а е инспириран од романот Il postino di Neruda (Ardiente paciencia) на чилеанскиот писател Антонио Скармета.
Содржина
уредиВо летото 1952 година, на остров во Јужна Италија населен претежно од рибари, живее Марио Руополо, млад син на рибар кој е вдовец. Во истиот период, островот му нуди политички азил на познатиот чилеански поет Пабло Неруда, прогонуван од неговата земја поради неговите комунистички идеи. По тој повод Марио, кој навистина не го цени тоа што мора да живее од риболов, гледа оглас за работа како поштар објавен на вратата од поштата на островот, се појавува на интервју и е примен на работа; директорот Џорџо Серафини му објаснува дека поштата ќе треба да ја доставува само до Неруда, кој добива обемна преписка (остатокот од населението е неписмено, затоа никогаш не прима и не праќа пошта, причината поради која дотогаш поштарите никогаш не биле потребни на островот).
Марио ја започнува својата работа, доставувајќи му ја поштата на поетот секој ден и се зачудува на големиот број жени кои му пишуваат и на восхитот што го чувствуваат кон него. Од ден на ден, Марио станува сè повеќе и повеќе фасциниран од поетот, толку многу што купува една негова стихозбирка на која добива и автограм.
Набрзо се раѓа искрено пријателство меѓу поетот и поштарот; тие двајца често шетаат заедно низ островот и Марио учи да зборува за поезија и метафори, со едноставноста која му припаѓа на човек од неговата социјална состојба, и се доближува до комунистичките идеологии, под влијание на поетот.
Еден ден Марио влегува во гостилницата со која раководи госпоѓата Роза и ја запознава Беатриче Русо, внуката на сопственичката со која безуспешно се обидува да игра фудбал на маса. Двајцата играат без да зборуваат и Марио, восхитувајќи ѝ се на девојката, веднаш се заљубува во неа. Следното утро, взори, Марио трча кај Неруда и го замолува да му помогне да ја освои девојката, пишувајќи му песна што ќе и ја посвети за да ја натера да се заљуби во него. По извесно колебање, поетот му дава книга на која ќе пишува поезија и, откако отишол во таверната со Марио да ја запознае девојката, пишува една реченица во книгата на Марио, со што им го покажува нивното пријателство на присутните и на Беатриче.
Следните денови Марио и се додворува на Беатриче со рецитирање на песните на Неруда и почнува да ја освојува. Госпоѓа Роза, сфаќајќи дека нејзината внука нешто крие од неа, бара објаснување од неа и се сомнева дека љубовта на Марио е несериозна. Еден ден Марио ја преминува границата, посветувајќи ѝ на Беатриче малку експлицитна песна што Неруда првично ја напишал за неговата сопруга Матилде Урутија . Тетката на Беатриче го зема листот со песната и му го дава на локалниот свештеник да ѝ ја прочита; кога ќе го слушне насловот „Гола“, бесна, оди кај Неруда да го прекорува и му наредува да му каже на Марио дека никогаш повеќе не смее да се сретне со Беатриче, во спротивно ќе пука во него. Истата вечер Беатриче бега од нејзината тетка за скришно да се сретне со Марио и двајцата се свршуваат и се бакнуваат за првпат. Подоцна Марио и Беатриче одлучуваат да се венчаат и Неруда е нивен сведок, иако на почетокот свештеникот не се согласува бидејќи поетот бил левичар, потоа се предомислил гледајќи го како се моли во црквата. За време на свадбената прослава, Неруда добива писмо од Чиле: налогот за апсење против него е отповикан, значи може да си оди дома.
Следниот ден Марио за последен пат му ја доставува поштата на Неруда, кој би сакал да му понуди пари, но Марио одбива, па двајцата се прегрнуваат и се збогуваат. Од тој ден Марио почнува да пишува поезија и, не можејќи повеќе да работи како поштар бидејќи нема веќе ниту еден примач, ѝ помага на својата сопруга со работата во гостилницата. Времето минува и Неруда патува од едниот до другиот крај на светот за да добие разни награди; Марио продолжува да ги следи сите активности на својот пријател, во надеж дека, минувајќи низ Италија, ќе се врати да го посети. Беатриче објавува дека е бремена и Марио би сакал да го именува својот син Паблито, во чест на поетот, иако таа не се согласува многу.
На Марио му недостига поетот и жали за исходот од политичките избори, во корист на партијата Христијанска демократија, партија чиј член, д-р Ди Козимо, ја освојува изборната наклонетост на жителите на островот започнувајќи ги активностите за нов аквадукт за потоа да ги прекине (и овие активности донеле многу клиенти во гостилницата, составена од работници од бродоградилиштето, кои не ја пропуштиле можноста да ѝ се додворуваат на Беатриче); главниот лик е убеден дека доколку Неруда сè уште бил таму, работите ќе се одвивале поинаку. Еден ден тој добива писмо што се открива дека го напишал некој друг во име на поетот, кој барал да му испрати некои лични предмети оставени во неговиот стар дом на островот. Марио безволно ја извршува задачата и ја користи можноста да го употреби стариот магнетофон на Неруда, оставен во куќата, за снимање на некои типични звуци на островот (претходно, кога Неруда побарал од него да зборува за некоја убава работа за островот на микрофонот, за да го слушнат чилеанските пријатели на поетот, тој можел да го изговори само името на Беатриче).
Поминуваат пет години, Неруда и неговата сопруга се враќаат на островот и влегуваат во гостилницата, каде што среќаваат петгодишно момче кое си игра; момент подоцна се појавува и мајката, која е Беатриче и го нарекува синот по име „Паблито“. Беатриче објаснува дека за жал Марио, непосредно пред раѓањето на Паблито, бил убиен во тепачка со полицијата за време на една комунистичка манифестација, токму кога ќе требало да чита песна што ја напишал. Беатриче му ја пушта за првпат на Неруда снимката што ја направил Марио, а Неруда е длабоко импресиониран; исчезнатиот пријател и природата на островот ќе остават траен спомен во душата на поетот.
Продукција
уредиПоштарот е базиран на романот Поштарот на Неруда (1986) од Антонио Скармета, кој исто така го приспособил и за театар (изведен на фестивалот Асти во 1989 година под режисерската палка на Лујџи Пистили).
Откако го прочитал романот за кој станува збор, Троизи по секоја цена сакал да ги купи правата за снимање на адаптација на романот и му ја доверил режијата на филмот на Мајкл Редфорд, вратен од неколкугодишната неактивност во светот на кинематографијата по Орвел 1984 (1984), со Ричард Бартон и од White Mischief (1987). По долгата развојна фаза на сценариото, која траела од почетокот на 1993 година до јуни истата година, Троизи и Редфорд снимиле неколку кратки прелиминарни сцени на Пантелерија, иако сценариото за филмот всушност не било завршено.
Почетокот на снимањето, првично закажано за септември 1993 година, било одложено поради ненадеен здравствен проблем што го погодил Троизи: бидејќи страдал од сериозни проблеми со срцето уште како новороденче, неаполскиот актер бил принуден од американските лекари да изврши итна операција на срцето, втора за него, бидејќи вештачкиот залисток кој му бил пресаден во Америка во 1976 година од познатиот кардиохирург Мајкл Дебејки целосно се влошил, оштетувајќи го и аортниот залисток. За време на операцијата, Троизи имал срцев удар и лекарите за среќа успеале да го одржат во живот; тоа го принудило на одлошжување на снимањето и на долго закрепнување, при што му била предложена трансплантација. Знаејќи ја сериозноста на неговата здравствена состојба, тој храбро претпочитал да го продолжи своето закрепнување колку што е можно повеќе за да започне со снимање, планирајќи да ја изврши трансплантацијата подоцна.
Снимањето конечно започнало на 14 март 1994 година во Чинечита и траело 12 недели, со само еден прекин на Велигден . Се одржало првите 5 недели во Чинечита, од 18 април до 10 мај во Салина, од 11 до 23 мај во Прочида, од 24 мај до 3 јуни повторно во Чинечита. Последната клапа се одржала токму во Чинечита на 3 јуни; Следниот ден Троизи починал на 41-годишна возраст, погоден во сон од срцев удар по епизода на ревматска треска.
Покрај Троизи, во филмот глуми и Филип Ноаре, француски актер кој во италијанската кинематографија веќе го играл, меѓу другото, ликот на Џорџо Пероци во Моите пријатели и Моите пријатели - чин II од Марио Моничели и ликот на Алфредо во Ново кино Парадизо од Џузепе Торнаторе и Марија Грација Кучинота,[1] прославена во светот на кинематографијата токму со овој филм. Запаметен како филм-завет на Троизи, тој бил претставен на Филмскиот фестивал во Венеција на 1 септември 1994 година и се прикажал во италијанските кина следниот ден, 22 септември. Во американските кина се прикажувал на 14 јуни 1995 година, освојувајќи одличен процент на позитивни критики.
Приказната за филмот
уредиФилмот, сместен во 1952 година, го прикажува периодот на егзил на Неруда во Италија и се одвива целосно на мал остров населен со заедница на неписмени рибари, кои се целосно посветени на својот занает и не се поврзани со континентот со постојан аквадукт, што ги принудува островјаните да собираат вода во цистерна што се снабдува со специјални бродови. Приказната е адаптација на романот на Скармета, со одредени промени во содржината.
Во овој контекст, се истакнува имагинарната фигура на Марио Руополо, поштар кој го има Неруда како единствен примач на преписката што ја доставува и кој со истиот успева да стекне многу силна и обединета врска на пријателство.
Откако го прочитал романот на Скармета, Троизи решил да ја пренесе оваа оригинална и поетска модерна приказна во светот на целулоидот, додавајќи допир од неговата типична меланхолија.
Троизи успева да му даде глас и душа на поштарот Марио, срамежлив и несмасен, но кој постепено станува способен да „создава метафори“, збор чиешто значење претходно го игнорирал и дури го исплашил самиот негов звук, и да му дава совети на учениот писател Неруда, како кога ги дефинира мрежите на рибарите како „тажни“.
Заработка
уредиЗаработката од последниот филм на Троизи достигнала сума од околу 22.000.000 $ за само неколку недели, надминувајќи ја онаа од Ново кино Парадизо на Џузепе Торнаторе . Вклучувајќи ги приходите собрани низ целиот свет, се достигнала бројка од 80.000.000 $, поставувајќи го новиот рекорд за најголема заработка досега, ширум светот, за италијански филм.
Според податоците ажурирани до 2014 година, „Поштарот“ го држи осмото место меѓу најуспешните филмови на странски јазици во САД.[2]
Во Италија бил рангиран на 9-тото место меѓу првите 100 филмови со најголема заработка од филмската сезона 1994-1995 година.[3]
Успех
уредиФилмот добил 5 номинации на Оскарите во 1996 година, за најдобар филм, најдобар главен актер
(Масимо Троизи), најдобар режисер (Мајкл Редфорд), најдобро адаптирано сценарио и најдобра оригинална драматична музика. Сепак, само оваа последна номинација, резултирала со освојување на статуетка.
Наместо тоа, добива БАФТА за најдобар режисер и БАФТА за најдобaр звучен запис и други посакувани награди, вклучително и Филмска награда по избор на критичари за најдобар странски филм, Давид ди Донатело за најдобар монтажер и Сребрена лента за најдобaр звучен запис.
Критика
уредиКако и повеќето филмови на Троизи, филмот бил успех на критиката. Шон Конери и Роберто Бенињи го оцениле како еден од најдобрите во жанрот, како италијански, така и европски.
,,Поштарот го претставува интернационалниот триумф за кој Троизи се надеваше дека ќе го има и во кој не стигна на време да ужива"
,,Троизи му дава на својот лик една вистина е една едноставност која означува сè"
Њујорк Тајмс го вклучил филмот во својата специјална ранг листа на 1.000 најдобри филмови на сите времиња.[4]
Наводи
уреди- ↑ Il provino per il ruolo di Beatrice venne inizialmente vinto da Mietta, in seguito scartata; vennero prese in considerazione anche Monica Bellucci e Manuela Arcuri, ma alla fine la scelta cadde sulla Cucinotta.
- ↑ Foreign Language Movies at the Box Office. Box Office Mojo.
- ↑ „Stagione 1994-95: i 100 film di maggior incasso“. hitparadeitalia.it.
- ↑ https://www.listchallenges.com/new-york-times-best-1000-movies-ever-made/list/17