Патување до крајот на ноќта

Патување до крајот на ноќта (француски: Voyage au bout de la nuit) — роман на францускиот писател Луј-Фердинан Селин, објавен во 1932 година.

Патување до крајот на ноќта
АвторЛуј-Фердинанд Селин
Изворен насловVoyage au bout de la nuit
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Жанрроман
Издадена
1932

Содржина

уреди

Посвета

уреди

Романт е посветен на Елизабет Крејг, а во прологот е наведен следниов извадок од Песната на швајцарските гардисти од 1793 година:[1]
Нашиот живот е патување
Низ Ноќта и низ студенилото на зимите
Ние го бараме преминот кон Небото
Каде што има единствено мрак

Прв дел

уреди

Еден ден, во Париз, Фердинан Бердами гледа колона војници и одлучува да им се придружи. Веднаш го испраќаат на фронтот, каде се соочува со ужасот на Првата светска војна. За брзо време, тој станува каплар, но чувствува голема омраза кон војната и има само една цел - да преживее по секоја цена. Ранет, Фердинанд се враќа во Париз, каде е одликуван со орден. Таму ја запознава Американката Лола и со неа започнува љубовна врска. Меѓутоа, еднаш полудува поради што го сместуваат во болница, а Лола го напушта, разочарана од неговиот антимилитаризам. Тој почнува љубовна врска со музичарката Мизин, но и таа набргу го напушта, а него го префрлаат во друга болница. Таму го посетуваат бројни угледни луѓе, а во една прилика се одржуав рецитал за неговото лажно херојство.[2]

По отпуштањето од болницата, Фердинан заминува со брод за Африка. За време на патувањето, сите патници на бродот го мразат, сметајќи го за злосторник и имаат намера да го убијат, но тој се спасува благодарение на својот лицемерен патриотски говор. Во француската колонија во Африка, тој успева да најде работа во едно трговско претпријатие при што е испратен на служба длабоко во џунглата. Таму го среќава Робинсон кого го запознава за време на војната. Кратко време по започнувањето на неговата работа, Фердинанд ја пали својата колиба и во тешка здравствена состојба е пренесен во соседната шпанска колонија. Таму, додека се наоѓа во бесознание, него го купува капетанот на еден брод кој плови кон САД.[3]

Кога бродот пристигнува во Њујорк, некое време Фердинан поминува во карантин, а потоа оди во градот со намера да најде работа. Тој ја среќава Лола, која го прима со голема нетрпеливост, но сепак му дава одреден износ пари. Така, тој оди во Детроит каде наоѓа работа во фабриката на „Форд“. Сепак, не може да ги поднесе тешките услови за работа и набргу дава отказ. Тогаш, ја запознава проститутката Моли, која го сака и покажува голема грижа кон него, настојувајќи да му помогне. Меѓутоа, во него победува желбата за независност и авантури, па ја напушта Моли и се враќа во Франција.[4]

Втор дел

уреди

По враќањето во Франција, Бердами ги довршува студиите по медицина, а потоа се населува во Ранси, сиромашно предградие на Париз, каде започнува да работи како лекар. Но, дури и тогаш, тој живее сиромашно, зашто пациентите ретко му плаќаат за извршените прегледи. Таму повторно го среќава Робинсон кој е во очајна состојба. Оттука, тој се нафаќа за пари да убие старицата Анруј, поставува бомба, но експлозијата го ранува него. Бердами го лекува Робинсон, кој го загубил видот, а нарачателите на убиството (синот на старицата и неговата жена) настојуваат да се ослободат од старицата и од Робинсон. Поради тоа, Бердами потоа го убедува Робинсон да замине на југот на Франција, а за услугата зема пари од семејството Анруј. По заминувањето на Робинсон, Бердами кришум го напушта станот во Ранси и заминува во Париз. Таму живее во хотел, а времето го поминува така што статира во забавни претстави и често ја посетува блиската јавна куќа. Еден ден, заминува во Тулуза за да го посети Робинсон и се запознава со неговата свршеница Мадлон со која има сексуални односи. Пред враќањето во Париз, тој дознава за смртта на старицата Анруј како последица на божемен несреќен случај и знае дека неа ја убил Робинсон.[5]

Во Париз, Бердами се вработува во санаториумот на познатиот психијатар Баритон со кого набргу се спријателува и му дава часови по англиски јазик и англиска книжевност. Постепено, Баритон го менува својот животен став и носи одлука да ја напушти клиниката и да замине во Англија. Така, Бердами станува директор на санаториумот. Еден ден, неочекувано во клиниката се појавува Робинсон кој, откако ја убил старицата Анруј и му се вратил видот, ја напуштил Мадлон. Меѓутоа, по некое време и Мадлон доаѓа во Париз и ја обновува врската со Робинсон. За да се смири со неа, Бердами, неговата нова болничарка Софија, Робинсон и Мадлон го посетуваат блискиот панаѓур, но помирувањето не успева. Мадлон цело време е лута и нервозна, а на патот кон дома, во таксито доаѓа до остра кавга меѓу неа и Робинсон при што таа му се закануав дека ќе го пријави во полицијата, а потоа пука во него и бега. Смртно ранетиот Робинсон го носат во санаториумот, каде набргу умира. Потоа, неговото тело го носат во полициската станица каде се прави извештај за убиството, а Бердами, неговиот соработник од клиниката и Софија одат во блиската гостилница.[6]

Осврт кон делото

уреди

„Патување до крајот на ноќта“ е нихилистички роман, кој ги прикажува дивјаштвото и насилството со доза на циничен хумор. Селин гледа со песимизам за човековата природа, за општеството и за животот. Раскажувачот Бардами, на крајот на романот, кога работи во санаториум, вели: „не можам да не се сомневам дека постои свест за нашите најдлабоки нарави, освен војната и болеста, тие два бескрајни кошмари.“[7] Романот има полубиографски карактер и во него авторот ги искажал и сопствените трауми од Првата светска војна.[8] Селин се одликува со специфичен стил на пишување, често користејќи загради и хиперболи.[9] За романот се напишани голем број осврти, есеи и критички осврти во кои тој се опишува како „емотивна симфонија, како клучен роман, како една од неколкуте книги кои пресудно влијаеле врз модерната книжевност и како книга која е многу поблиска до ХомероватаОдисеја“ отколку ЏојсовиотУлис“. Притоа се нагласува исклучителната сила и оригиналниот стил кој е повремено јазик на улицата и подземјето, а повремено поетски и интелектуален.[10] Книгата била рангирана на шестото место во изборот 100 книги на векот според Ле Монд.

Според изјавата на самиот Селин, „во времето на „Патувањето“ јас сè уште не смеев да одам до крајот... на својата идеја. Меѓутоа, тука сепак се наоѓа она што го измислив јас: непосредната емоција, како во говорниот јазик. Не го направив тоа намерно, само се трудев битието и појавите да ги изразам колку што е можно поприродно...[11] Во друга прилика, тој го нарекол романот „романсирано раскажување во прилично чуден облик за кој не гледам многу примери во книжевноста.. Повеќе станува збор за некој вид емпотивна симфонија отколку за вистински роман...“[12]

Македонски изданија

уреди

Наводи

уреди
  1. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 5.
  2. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 7-111.
  3. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 112-187.
  4. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 188-240.
  5. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 110-175.
  6. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 176-263.
  7. Voyage au bout de la nuit [Paris: Folio plus classiques, 2006], p. 442.
  8. Tom Quinn, The Traumatic Memory of the Great War 1914–1918 in Louis-Ferdinand Céline's "Voyage Au Bout De La Nuit" (Lewistown, NY: Edwin Mellen Press, 2005).
  9. Henri Godard, "Notice", in Céline, Romans, vol. 1 [Paris: Bibliothèque de la Pléiade, 1981], p. 1262.
  10. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019.
  11. „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 244-245.
  12. „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 246.

Поврзано

уреди