Луј-Фердинан Селин

француски писател
(Пренасочено од Луј-Фердинанд Селин)

Луј-Фердинан Селин (27 мај 18941 јули 1961) — француски романописец и лекар. Неговиот стил на пишување има заслуга за модернизирање на француската литература, а негов најпознат роман е Патување до крајот на ноќта. Селин го користел јазикот на средната класа во неговото творештво, за разлика од неговите претходници, кои го употребувале јазикот на буржоазијата. Неговиот стил имал влијание на разни книжевни жанрови и писатели, не само од француското говорно подрачје, туку низ целиот западен свет. Тука спаѓаат авторите на егзистенцијализмот, модернизмот, црната комедија и бит генерацијата. Сепак, поддршката на Селин за силите на Оската за време на Втората светска војна и памфлетите против Евреите го нарушиле неговиот имиџ како културна икона.

Луј-Фердинан Селин
Луј-Фердинан Селин во 1932
Роден/а27 мај 1894
Курбвоа, Франција
Починат/а1 јули 1961
Медон, Франција
Занимањероманописец, лекар
Националностфранцузин
Значајни дела

Животопис уреди

Младост уреди

Луј-Фердинан Селин (чие вистинско име е Луј Фердинанд Огист Детуш) е роден на 27 мај 1894 година, во Курбвоа на Сена, близу Париз, во куќата бр. 12 на улицата Рамп ди Пон. Се родил во една соба во која штотуку умрело некое девојче, така што нејзините родители ја издале собата под наем.[1] Тој бил единственото дете на Фернан Огист Детуш и Маргерита Лујза Селин Гију. Татко му, со потекло од Нормандија, работел како менаџер во осигурителното друштво „Феникс“ (иако имал дипломирано книжевност), додека мајката била од Бретања и поседувала продавница за модерна облека. Дедо му на Луј-Фердинанд по страната на татко му бил професор по книжевност.

Во 1895 година, родителите го дале Луј-Фердинанд на чување кај една дадилка и кај неа останал две години. Во 1897 годинал, неговото семејство го затворила дуќанот и се преселило во Париз, во Вавилонската улица, а следната година се преселило во пасажот Шоазел каде мајката го презела еден дуќан со „куриозитети“.[2][3][4]

Како дете ги посетил Англија и Германија во 1908-1910 за да ги научи тамошните јазици и полесно да се вработи.[4] По завршувањето на основното училиште сѐ до полнолетство, работел повеќе работи како продавач на накит, помошник на кујунџии, итн. при што променил дури 12 занимања. Така, уште во 1910 година, тој работел како чирак кај еден трговец со трикотажа, а потоа и кај еден златар.[1][2] Иако не бил многу образуван, со заработените пари купувал книги и самиот учел.[5] Според неговото сеќавање, уште во раното детство, на петгодишна возраст, кај него се јавила желбата да биде лекар.[1]

Во 1912 година, Луј-Фердинанд се пријавил во Дванаесеттиот оклопен коњички полк во Рамбује, иако родителите не се согласувале со тоа. Во тоа време се случила Втората мароканска криза, по што национализмот имал силно влијание меѓу помладата генерација.[6] Тригодишната служба ја почнал во Рамбује, но отпрвин бил несреќен и размислувал да дезертира.[7] Потоа се приспособил на условите и во 1914 година станал помлад водник. Се борел на фронтот во Лорена, а потоа во Фландрија и бил одликуван со орден и воен крст поради пожртвуваноста при преносот на едно писмо до Ипр, подвиг во кој бил ранет од огнено оружје. Веројатно, тогаш добил и потрес на главата поради што до крајот на животот страдал од главоболки и вртоглавици.[4] Поради повредата на раката, во септември 1915 година бил прогласен за воено неспособен без право на пензија и се вратил во Франција. Во 1916 година се оженил со барската забавувачка Сузан Неби, а во март истата година потпишал договор за работа како надзорник на плантажите на каучук и какао „Шанга-Убанги“ во Камерун. Во септември истата година станал надзорник на плантажата „Бикобимбо“. Во февруари 1917 година го раскинал договорот, а во март се лекувал од маларија чии последици ги чувствувал до крајот на животот. Во април се качил на бродот „Тарква“ кој пловел за Ливерпул. Летото го поминал во Лондон, а потоа се вратил во Париз. Во 1918 година бил ангажиран од Рокфелеровата фондација во борбата против туберкулозата при што заминал во Рен каде се запознал со докторот Фоле и со неговата ќерка Едит. Притоа, често патувал во Бретања каде ги учел луѓето како да се заштитат од туберколоза и како да одржуваат лична хигиена.[8][9]

Самиот Селин се опишал себеси на следниов начин: „Како Бретонец, јас сум мистик, месијанец, сосема природно фанатик - без напор - безумен... А поркај тоа, паганин по апсолутното восхитување кон телесната убавина, здравјето. Ги мразам болеста, робувањето, морбидноста. Во тој поглед сум потполно грчки настроен - обожавам здраво детство... ослободен од секаква љубомора, донжуанизам, садизам итн. отсекогаш сум негувал воодушевување само за убавината на облиците... Секогаш сакав жените да бидат убави и лезбејки - многу пријатни за набљудување... Јас сум воаер, отсекогаш! Живеев десет години со Елизабет Крејг - танечрка од старо американско семејство. Многу убава црвенокоса - ги имаше Молиеровите црти пренесени на женско, со целиот негов дух и целиот негов гениј истовремено. Се врати во Америка за да потоне во ниско гангстерство и алкохол...[10]

Лекарската и писателската кариера уреди

Во 1919 година ја положил матурата во Бордо, во август се оженил со Едит Фоле, а со помош на нејзиниот татко се запишал на Факултетот за природни науки во Рен. Во 1920 година почнал да студира медицина по забрзана постапка наменета за воените ветерани, а во јуни истата година му се родила Колет Детуш. Во 1922 година стажирал во театарот „Тарние“ во Париз, каде ги продолжил студиите, а во 1924 ја одбранил тезата со наслов „Животот и делото на Филип Ингациј Земелвајс“. Следната година, како дел од мисијата на Друштвото на народите, Селин престојувал во Куба, а потоа и во Њујорк, Вашингтон, Њу Орлеанс, Балтимор, Детроит, Канада итн. Како дел од истата мисија, во 1926 година престојувал во Западна Африка (Сенегал, Судан, Гвинеја, Того и Брегот на слоновата коска), а тогаш се развел од Едит. Во август заминал во мисија во Европа каде ја запознал американската танчерка Елизабет Крејг, девојка со „слободни погледи“ и со неа започнал кратка, но бурна врска.[11][12]

Во 1926 година го посетил Детроит за да ја види автомобилската компанија „Форд“, бидејќи правел студија за работниците. Селин бил згрозен од експлоатацијата на работниците, и напишал негативна статија во неговиот труд. Во 1927 година се вратил во Париз, а договорот со Друштвото на народите не му бил продолжен. За таа работа, самиот Селин напишал: „Премногу Евреи, премногу состаноци и извештаи...“

Во ноември отворил ординација за општа и детска медицина во Клиши, а во 1929 работел како хонорарен лекар во градскиот диспанзер во Клиши. Истата година патувал низ Германија, Скандинавија и во Лондон. Во март 1932 година умрел татко му, а истата година повторно патувал низ Германија и во Берлин се сретнал со Ерика Ирганг и Силија Пам, девојките кои ги запознал неколку месеци претходно во Париз. Во текот на мај и јуни 1933 година патувал низ Европа, а во 1934 година ја посетил Елизабет Крејг во САД. Во Лос Анџелес ја раскинал врската со неа и заминал во Чикаго со данската танчерка Карен-Мари Јенсен, а оттука заминал во Њујорк и потоа се вратил во Европа. Во декември истата година престојувал во Антверпен, заедно со Евелин Поле. Во февруари 1935 година заминал во Виена со Силија Пам, но во март се вратил во Антверпен кај Поле. Во мај заминал во Лондон каде имал кратка врска со пијанистката Лисјен Делфорж, а кон крајот на годината ја запознал оперетската пејачка Лисета Алманзор.[13][14]

Подоцнежниот живот и смртта уреди

 
Цртеж на Селин во поодмината возраст

Во периодот од 1935 до 1937 година, Селин го започнал својот политички ангажман. Иако не бил член на ниту една политичка партија, тој објавувал антисемитски памфлети, по што англискиот книжевен критичар Вилијам Епсон го нарекол „ударно перо на фашизмот“.[15] Така, во 1936 година, тој објавил еден антикомунистички и три антисемитски памфлети, а истата година, во јули и август отпатувал во СССР (Ленинград и Москва) од каде што се вратил полн со омраза кон комунизмот. Во февруари 1937 година престојувал во Њујорк, а кон крајот на годината престанал да работи во диспанзерот во Клиши. Во јануари 1938 година престојувал во Антверпен со Евелин Поле, а во април и мај престојувал во Канада и во САД. Во ноември 1938 година го објавил памфлетот „Училиште за трупови“ во кој се залагал за сојуз меѓу Франција и Германија. Во 1939 година се преселил во станот на мајка му, а истата година бил дефинитивно ослободен од воената обврска како инвалид од прва категорија со право на државна пензија. Во декември ја прифатил работата како лекар на бродот „Шели“ кој пловел кон Казабланка. Меѓутоа, на 5 јануари 1940 година, дошло до судар меѓу „Шели“ и еден британски брод, па морал принудно да застане во Гибралтар. Во март почнал да работи како лекар во Сартрувил, а на 10 јуни, по навлегувањето на германската војска во Франција, заминал во збег заедно со персоналот на диспанзерот. Во својот памфлет „Во сос“ од 1941 година ги анализирал причините за поразот на Франција, а во март 1942 година во текот на пет дена престојувал во Берлин. Во 1943 година, Селин се оженил со Лисета Алманзор.[16][17]

Во јуни 1944 година, Селин и Лисета заминале во Германија со намера да пребегаат во Данска. Притоа, престојувале во Баден-Баден, во Берлин и во Зигмаринген каде се наоѓал и маршалот Петен. Во 1945 година, во Париз, умрела мајка му на Селин, а тој и Лисета пристигнале во Копенхаген каде престојувале кај Карен-Мари Јенсен.

Во април 1945 година, францускиот суд издал налог за апсење на Селин и врз основа на него тој бил подоцна уапсен, а францускиот суд го прогласил за „срам за државата“. Во 1946 година го напишал „Одговорот на тужбата за предавство која против мене ја издала француското правосудство, а која ја изнесоа истражните органи на данскиот суд во истражната постапка во текот на мојот притвор 1945-1946 во Копенхаген.“ Во тоа време тој го напишал следново за нацизмот: „Нивниот филозофски и управен персонал беше очајнички медиокритетски... орда алчни малограѓански провинцијалци собрани околу пленот. Ситни профитери достојни за совршен презир - ништо повеќе... Сè што повраќаше Хитлер мене отсекогаш ми изгледаше ништожно... Да поживееше Хитлер, сигурно би ме стрелал.“ Во ноември бил префрлен в болница.[18]

Во јуни 1947 година, Селин бил ослободен и му било дозволен престој под надзор во Копенхаген. Во ноември напишал отворено пимсо до Жан Пол Сартр со наслов „Споулавеност“. Во 1950 година, во отсуство бил осуден на затворска казна во траење од една година, глоба од 50.000 франци, конфискација на 50% од имотот и бил прогласен за национално недостоен“, што вклучувало и губење на граѓанските права. Меѓутоа, во 1951 година, воениот суд го амнестирал и тој се вратил во Париз, а во септември се населил во Медон каде отворил ординација, а Лисета - училиште за танцување. Таму, тој бил посетуван од бројни пријатели и уметници, а Во Париз се сретнал со Ален Гинсберг и Вилијам Бероуз, предводниците на Бит генерацијата. По враќањето од прогонството, Селин го загубил авторитетот, но не зажалил за антисемитските ставови и го негирал холокаустот.

Утрото, на 1 јули 1961 година, тој ја известил Лисета дека го завршил романот „Ригодон“, а потоа напишал писмо до издавачот Галимар. Умрел истиот ден, во 18 часот, поради прскање на проширен крвен сад (анеуризам). Бил закопан на гробиштата во Медон. Ноќта, на 23 мај 1968 година, во работната соба на Селин во Медон избувнал пожар при што изгорела целата куќа.[19][20]

Книжевно творештво уреди

Првите книжевни обиди на Селин датираат од 1912 година, кога ги напишал белешките кои биле објавени посмртно под насловот „Тетратката на оклопникот Детуш“. Подоцна, во 1917 година, во текот на пловидбата на бродот „Тарква“, ја напишал новелата „Бранови“. Потоа, по неколкугодишна пауза, во 1926 година ја напишал комедијата „Црква“, а следната година ја напишал фарсата „Перикле“ која била посмртно објавена под насловот „Прогрес“. Кон крајот на 1929 година почнал да го пишува своето најпознато дело, романот „Патување до крајот на ноќта“ (Voyage au bout de la nuit) кој бил објавен на 15 октомври 1932 година и веднаш предизвикал големи бранувања на книжевната сцена. Во 1933 година почнал да го пишува романот „Смрт на кредит“ (Mort a credit), а во септември истата година била објавена комедијата „Црква“. Романот „Смрт на кредит“ бил објавен во април 1936 година, а два месеца подоцна биле објавени „Островските тајни“, сценарио за балет. Истата година, романот „Патување до крајот на ноќта“ бил објавен и во СССР, а по посетата на Советскиот Сојуз, во декември 1936 година, Селин го објавил есејот „Mea culpa“, како и „Животот на Земелвајс“. Во 1937 година го напишал балетот „Ван Багаден“, а на 22 декември истата година било објавено делото „Багатели за еден масакр“ (Bagatelles pour un massacre) во кое отворено повикал на „војна против еврејската и јудео-болшевичката опасност“. Ова дело претставува огромна фреска на француската декаденција која намерно е прикажана во претеран стил и тон. Во 1938 година се појавил преводот на „Смрт на кредит“ на англиски јазик, а во ноември се појавил памфлетот „Училиште за трупови“ во кој Селин се залагал за сојуз со Германија. Во 1939 година, „Багателите за еден масакр“ и „Училиштето за трупови“ биле повлечени од продажба.[21]

Во 1941 година, Селин го објавил делото „Чин на вера“ кое предизвикало голема полемика со печатот во која тој објавил околу 30 отворени писма и четири интервјуа. Во декември го објавил памфлетот „Во сос“ во кој ги анализирал причините за францускиот пораз во војната против Германија. Во 1942 година го напишал сценариото за цртаниот филм „Скандал во понорите“, а во март 1944 година бил објавен романот „Гињоловата дружина“. По војната, во 1947 година, Селин го напишал митолошкиот балет „Громови и молњи“, а во ноември „Разулавеност“, отворено писмо до Сартр. Летото 1948 година го завршил романот „Гињоловата дружина II“ кој бил објавен помсртно (1964 година) како „Лондонскиот мост“. Во 1949 година се појавило новото издание на „Патувањето до крајот на ноќта“, во декември бил објавен романот „Топовско месо“ (Casse-pipe), а во мај 1950 година се појавило новото издание на „Смрт на кредит“. Во 1952 година го објавил романот „Бајка за некое друго време“ (Feerie pour une autre fois), а во 1955 година излегол романот „Норманса“ (Normance). Следната година се појавило џепното издание на „Патувањето до крајот на ноќта“, а Арлеи и Мишел Симон снимиле две шансони на Селин и читале извадоци од неговите дела. Во 1957 година бил објавен романот „Од замок до замок“ (D'un chateau l'autre), две години подоцна се појавило новото издание на сите негови пет балети под наслов „Балети без музика, без никого и без ништо“, а во 1960 година излегол романот „Север“ (Nord). Утрото, на 1 јули 1961 година, Селин ја известил сопругата дека ја завршил втората верзија на неговиот последен роман „Ригодон“, потоа му напишал писмо на издавачот Галимар, а вечерта во 18 часот умрел. „Ригодон“ бил објавен во 1969 година.[22]

Во една прилика, самиот Селин изјавил дека успехот на романот „Патувањето до крајот на ноќта“ го попречил понатаму да се занимава со медицината и дека му било жал за тоа, зашто медицината била неговиот повик. Притоа, тој изјавил: „Не требаше никогаш да се впуштам во пишување... Мојата желба беше да станам психијатар. Тоа би било подобро... Би ме почитувале. И би се плашеле од мене... Би бил во добри односи со обвинителот, со жандармите, со сите тие луѓе... Би ја сакал работата... Корисен сте, неопходен! А литературата, книгите... Гледате каде води тоа!“[23]

Библиографија уреди

  • Патување до крајот на ноќта (1932)
  • Црквата (1933)
  • Омаж на Емил Зола (1936)
  • Смрт на кредит (1936)
  • Багатели за еден масакр (1937)
  • Училиште за трупови (1938)
  • Гињоловата дружина (1944)
  • Топовско месо (1948)
  • Бајка за друго време (1952)
  • Норманса (1954)
  • Разговори со професор Y (1955)
  • Од замок до замок (1957)
  • Север (1960)
  • Лондонскиот мост (1964)
  • Ригодон (1969)

Осврт кон творештвото на Селин уреди

Творештвото на Селин е предмет на голем број критички есеи во кои се истакнува дека тој е еден од тројцата најголеми француски писатели на XX век (заедно со Ками и Пруст) и дека извршил пресудно влијание врз развојот на модерната книжевност. За него критиката истакнува дека е истовремено забавен и вистинит, неподнослив и вистинит, претеран и вистинит; дека како ретко кој писател успеал да воспостави рамнотежа меѓу своите емоцијата и нејзиниот говорен израз; дека го обновил романот при што го разнишал конформизмот; дека неговото дело е голема фреска на современото човештво и во него се дава суд за нашата суетна, бескрвна и речиси безживотна илјадагодишна цивилизација итн.[24]

Според признанието на самиот Селин, во своите дела тој се обидел да ги претстави тешките животни околности и незгоди на најзабавен начин, т.е. морал да биде мемоарист за да не го малтретира читателот, и тоа на начин кој се разликува од другите. Притоа, за темите воопшто не морал да се мачи, зашто било доволно само да го опише својот живот и да го прикаже својот лик (со неопходното транспонирање). На забелешката на критичарите за употребата на арго, тој вели дека „тоа воопшто не е арго. Тоа е еден јазик за себе кој ми одговара... Сите сакаа да ме имитираат во тоа; никој не успеа. Тие ме сметаат за примитивец, а јас сум рафиниран, аристократ...“[25]

Во друга прилика, Селин изјавил: „За пишувањето треба стил. Приказни! Треба само човек да се наведне и да ги собере, да погледне на улицата... Но, да се пишува! Да им се пренесе на другите својата треска, својот страв, својата глад, љубов, бес...Прво треба сето тоа се почувствува, потоа да се пронајде себеси, да се разбере себеси, да се работи на својата скапоцена личност“.[26]

Селин ја опишал својата книжевна постапка на следниов начин: „Јас не сум човек со порака. Јас не сум човек од идеи. Јас сум човек на стилот. Се ужасувам од фразите, од дотераниот јазик... Чувството директно го следам со зборовите, не му оставам време да се покрие со фрази... го зграпчувам додека е сè уште во сурова, подобро речено во поетска состојба, зашто човековата суштина, наспроти сè, е во поезијата... Но, да се пренесе говорниот јазик во книжевноста не е стенографија.. На одреден начин, речениците се принудуваат да исчекорат од своето вообичаено значење, да излезат од своето лежиште, да се изместат, и така и самиот читател да се натера да го премести своето поимање. Но, сосема незначително! Ох, сосема незначително! Зашто сето тоа, ако го изведете грубо, тоа е гаф, вистински гаф... Финтата е во тоа на јазикот да му се втисне одредено изобличување, така што, еднаш напишан, на читателот да му изгледа како да му се зборува на увото... Во самата срж, тоа е враќање кон спонтаната поезија на дивјаците... Да се направи јазикот повторно чувствителен, повеќе да трепери отколку што образложува - тоа ми беше целта...[26]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 243.
  2. 2,0 2,1 „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 266.
  3. Chronology given in the Pleiade edition of his novels, volume I, Bibliothèque de la Pléiade, éditions Gallimard, ISBN 978-2-07-011000-1, p.LV-LVI.
  4. 4,0 4,1 4,2 O'Connell, David (1976). Twayne's World Author Series: Louis Ferdinand-Céline. Twayne Publishers. ISBN 0-8057-6256-6. p. 14.
  5. McCarthy, Patrick (1975). Céline: A Biography. Viking Press. ISBN 0140045341.
  6. David Cottington, Cubism in the Shadow of War: The Avant-garde and Politics in Paris, 1905–1914 (New Haven and London: Yale University Press, 1998), pp. 33–37.
  7. McCarthy p. 24.
  8. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 266-267.
  9. McCarthy p. 27.
  10. „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 244.
  11. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 267.
  12. McCarthy p. 28.
  13. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 268.
  14. O'Connell, David (1976). Twayne's World Author Series: Louis Ferdinand-Céline. Twayne Publishers. ISBN 0-8057-6256-6. p. 15.
  15. Empson, William, Some Versions of the Pastoral, Chatto & Windus, 1935, p.11
  16. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 268-270.
  17. Axelrod, Mark (2004). Borges' Travel, Hemingway's Garage: Secret Histories. University of Alabama Press. стр. 101.
  18. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 270-271.
  19. Atkins, Stephen E. (April 2009). Holocaust denial as an international movement. ABC-CLIO. стр. 87–8. ISBN 978-0-313-34538-8. Посетено на 4 April 2012.
  20. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 271-272.
  21. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 266-269.
  22. „Dodatak II: Hronologija“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći (drugi deo). Beograd: LOM, 2019, стр. 269-272.
  23. „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 246.
  24. Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019.
  25. „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 244-245.
  26. 26,0 26,1 „Dodatak I: Selin o Selinu“, во: Luj-Ferdinand Selin, Putovanje nakraj noći. Beograd: LOM, 2019, стр. 245.

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: