Бугарска работничка социјалдемократска партија
Бугарска работничка социјалдемократска партија (бугарски: Българска работническа социалдемократическа партия; БРСДП) — бугарска политичка партија. Таа била основана во 1894 година преку обединување на Бугарската социјалдемократска партија на Димитар Благоев и Бугарскиот социјалдемократски сојуз, на чело со Јанко Сак’зов. Дотогаш двете организации постоеле независно една од друга и исповедувале различни ставови за развојот на социјалистичкото движење во Бугарија.
На изборите за 8. Обично народно собрание во 1894 година за првпат биле избрани двајца пратеници од БРСДП (Јанко Сак’зов и Никола Габровски). Во следните години теоретските спорови и личните противречности во партијата продолжиле и во 1903 година таа се разделила на Бугарска работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти), на чело со Димитар Благоев и Бугарска работничка социјалдемократска партија (широки социјалисти) на чело со Јанко Сак’зов.
БРСДП издавала весниците Работнически весник (марксистички) и Народ (реформистички), како и списанијата Ново време (марксистичко) и Општо дело (реформистичко).