Народна банка на Србија

Народна банка на Србија (српски: Народна банка Србије) е централна банка на Република Србија. Таа е овластена за издавање на српските динари, за водење на монетарната политика и за регулација и супервизија на банкарскиот систем на Србија.

Алекса Спасиќ, прв гувернер на НБС

Историја

уреди

Првата централна банка на Србија е основана во 188 година под името Привилегирана Народна Банка на Кралството Србија. Оваа банка била организирана според примерот од Белгиската народна банка, кое во тоа време важела за пример на современо организирање на банкарските институции. Притоа, биле формирани и органите на централната банка: Собрание на акционери, Главен одбор, Управен одбор, Надзорен одбор и Есконтен одбор и биле воспоставени функциите гувернер и вицегувернер. Народната банка на Кралството Србија била сместена во центарот на Белград, а потоа се преселила во претставителна, наменски изградена зграда на улицата „Крал Петар“ во која се наоѓа до ден-денес.[1] По Првата светска војна, по законот од 26 јануари 1920 година, Привилегираната Народна Банка на Кралството Србија прераснала во Народна банка на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и под тоа име ја презела работата на територијата на целото кралство. До 1920 година, кога била проширена нејзината територијална надлежност, таа се сметала само како кредитна установа, а во 1931 година, како прва функција ѝ била доверена монетарната политика, а како втора – кредитната политика. Првата и најважна задача, по промената на името во Народна Банка на Кралството Југославија (1929), ѝ била доверена одржување на стабилноста на валутата. За време на Втората светска војна, банката ја извршувала нејзината работа од своето претставништво во Лондон, а во септември 1946 година таа била национализирана и продолжила да работи под името Народна Банка на Југославија.[1]

Поновата историја на Народната банка на Србија започнала со распаѓањето на Југославија и формирањето на Србија како самостојна држава. Притоа, на 19 јули 2003 година стапил во сила Законот на Народна банка на Србија, со кој се утврдени позицијата, организацијата, овластувањата и функциите на Народната банка на Србија.

Статус на НБС

уреди

Согласно со законот, НБС:[2]

  • е самостојна, независна во извршувањето на функциите
  • има статус на правно лице
  • има право за предложување на закон и други општи прописи од областа на монетарниот – кредитен и девизен систем и политика
  • може да образува и филијали
  • во својот состав има специјализирана организација - Завод за изработка на книжни пари и монети

Народната банка на Србија е јавна институција одговорна за чување на вредноста, односно, куповна сила на парите. Народната банка на Србија е самостојна и независна во извршувањето на функциите утврдени со Законот за Народна банка на Србија и другите закони, а за својaта работа е одговорна пред Народното Собрание на Република Србија. Основна цел на Народна банка на Србија е потиккнување и зачувување на ценовна стабилност. Покрај тоа, придонесува и за јакнење на стабилноста на финансиските системi.

Функции на Народна банка на Србија

уреди

Основната цел на Народната банка на Србија е грижата за стабилноста на валутата, односно ценовната стабилност, како и грижата за стабилноста на финансискиот систем. Исто така, Народната Банка на Србија:[3]

  • управува со парите и каматните стапки за да оствари ниска, стабилна и предвидлива стапка на инфлација, со која би се создал амбиент за одржлив економски раст и развој и раст на вработеноста.
  • со грижата за вредноста на националната валута, придонесува за раст на животниот стандард на граѓаните.
  • со управувањето со парите и кредитите, Народната Банка на Србија влијае на јакнење и одржување на довербата на јавноста во динарот, што им олеснува на стопанствениците и на граѓаните во донесувањето на работните одлуки и планирање на иднината.
  • Народната Банка на Србија влијае на финансиската стабилност, обезбедувајќи сигурност и ефикасност на платниот систем и ги надгледува и контролира активностите на банките и другите финансиски организации.
  • Народната Банка на Србија е банкар на државата и управува со девизните резерви на земјата.

Народната банка на Србија ги има следниве функции:

  • Утврдува и спроведува монетарна и девизна политика
  • Управува со девизните резерви
  • Утврдува и спроведува, во округот на надлежностите, активности и мерки за зачувување и јакнење на стабилноста и финансискиот систем
  • Издава и одзема дозволи, односно овластувања за извршувањето на дејностите на осигурувањето и врши надзор на извршувањето на истите дејности и извршува други работи, согласно со законот со кој се уредува осигурувањето
  • Издава и одзема дозволи за работа и врши контрола на бонитетот и законитостите за работење на банките и извршува и други работи согласно со законот за уредување на банките
  • Издава и одзема дозволи за работа на друштва за управување на доброволни пензиски фондови, врши надзор на овие дејности и извршува други работи, согласно со законот со кој се уредуваат доброволните пензиски фондови
  • Издава и одзема дозволи за извршување работи на лизингот, врши надзор на извршувањето на овие работи и извршува други работи, согласно со законот со кој се уредува лизингот
  • Издава банкноти и монети и управува со текот на готовината
  • Го уредува, надгледува и унапредува избалансираното функционирање на платниот промет во земјата и со странство, согласно со законот
  • Го остварува законот, односно договорот за утврдените работи на Република Србија не загрозувајќи ја притоа својата самостојност и независност
  • Ги остварува работните заштитни права и интереси на корисниците на услугите кои ги нуди банката, друштвата за осигурување, давателите на финансиски лизинг и друштвата за управување со доброволните пензиски фондови, согласно со законот.

Управување и раководење

уреди

Извршниот одбор, гувернерот и Советот на гувернери се главните органи на Народната банка на Србија.

Извршниот одбор се состои од гувернер, директор на Управата за надзор и вицегувернерите на Народната банка. Во надлежностите на Извршниот одбор е утврдување на монетарната и девизната политика, како и извршување на активности за одржување и јакнење на стабилноста на финансискиот систем. Одборот ги утврдува посебните услови и начини на издавање на хартии од вредност на Народната банка на Србија, условите и начините според кои се спроведуваат операции на отворен пазар и се извршуваат дисконтни работи. Политиката на одобрување на краткорочни кредити и политиката на курс на динарот се дел од надлежностите на одборот. Исто така, начинот на управување на девизните резерви, референтните каматни стапки и другите каматни стапки на Народна банка на Србија, односно основата за пресметување на задолжителната резерва и стапките на задолжителните резерви ги поставува Извршниот одбор. Извршниот одбор утврдува мерки и активности, во округ на надлежноста на Народна банка на Србија, за одржување на ликвидноста на банките. Извршниот одбор одлучува за давање и одземање на дозвола за работа на банките, друштвата за осигурување, за извршување работи на финансискиот лизинг и друштвото за управување на доброволниот пензиски фонд. Одборот ги донесува своите одлуки на седниците, врз основа на мнозинството на гласови. Доколку постои изедначеност на гласовите, одлуката ја донесува гувернерот.[3]

Советот на гувернери се состои од пет члена, вклучувајќи го и претседателот. Членовите се бираат на секои пет години, со право на повторен избор. Советот на гувернери, на предлог на извршниот одбор, во согласност со Владата, го утврдува режимот на курсот на динарот, донесува Статут на Народната банка на Србија, како и стратегија за управување со девизните резерви. Советот го донесува и финансискиот план и усвојува годишни финансиски извештаи на Народна банка на Србија. Исто така избира надворешен ревизор, поставува раководител и извршител на внатрешната ревизија и будно го следи нивното работење. Советот врши надзор на системот на финансиското известување, управувањето со ризиците и внатрешната контрола во Народната банка на Србија, и оценува дали сметководствените политики и процедури одговараат на поставените стандарди. Врши надзор и усвојува годишен план за извршувањето на интерната ревизија во Народна банка на Србија. И како една од поглавните функции на Советот е одлучувањето за членство во меѓународните финансиски организации и институции. Покрај наведеното, Советот најмалку еднаш годишно во Народното собрание на Република Србија поднесува извештај за работата, за годишната сметка на Народната банка на Србија. Советот одлучува на седницата со мнозинство гласови во вкупниот број на членови на Советот.[3]

Гувернерот на Народна банка на Србија, кој раководи, ја застапува и ја претставува оваа банка, го одбира Народно собрание на Република Србија со мандат од шест години, но со право на повторен избор. Гувернерот е надлежен и одговорен за остварување на целите на Народна банка на Србија, а особено за спроведување на одлуките на Извршниот одбор и Совет. Тој донесува прописи, општи и поединечни акти на надлежностите на Народната банка на Србија, кои не се определени со закон во работата на Извршниот одбор и Советот. Ја уредува внатрешната организација на банката и систематизацијата на работните места, како и работните односи на вработените, ги именува и разрешува вработените кои раководат со организационите единици во Народната банка на Србија. Гувернерот, како претседател на Извршниот одбор, ги потпишува решенијата кои ги донесува одборот.[3]

Народна банка на Србија е правно лице со седиште во Белград. Таа може да образува филијали кои немаат статус на правно лице, а нивната внатрешна организација, делокруг и должност се одредени со Статутот на Народна банка на Србија. Народна банка на Србија во својот состав има специјализирани организации, Завод за изработка на книжни пари и монети – Топчидер, чии обврски и одговорности се одредуваат со законот за Народна банка на Србија и Статутот на Народната банка на Србија.[4]

Монетарна политика

уреди

Основна цел на Народната Банка на Србија е постигнување и одржување стабилност на цените. Не доведувајќи ја во прашање основната цел, Народната Банка на Србија ја поддржува економската политика на Владата, која постигнува одржлив економски раст. [3] Таргетирањето на стапката на инфлација, како годишна отстотна промена на индексот на потрошувачки цени, е единствениот бројчен показател за монетарната политика која ја спроведува Народната Банка на Србија. Народната Банка на Србија настојува и да го поддржи спроведувањето на економската политика на Владата под услов со тоа да не е загрозено остварувањето на таргетирање на стапката на инфлација, ниту стабилноста на финансискиот систем. Народната Банка на Србија постигнува таргетирање на стапката на инфлација со промена на референтната каматна стапка, која се применува во спроведување на главните операции на монетарната политика. Таа каматна стапка претставува основен инструмент на монетарната политика, додека останатите инструменти придонесуваат за непречена трансмисија на влијанието на референтната каматна стапка на пазарот, како и за развој на финансискиот пазар. Исправките на референтната каматна стапка се засновани на анализите на моменталната економска ситуација, оцените на идните движења и среднорочните проекции на инфлацијата.Народната Банка на Србија спроведува режим на управуван флуктуирачки девизен курс, кој подразбира право на интервенција во случај на дневни осцилации на девизниот пазар, загрозеност на финансиската и ценовната стабилност и заштита на адекватно ниво на девизни резерви. Целната стапка на инфлација ја утврдува Народната Банка на Србија со соработка со Владата, преку основни анализи на тековните и очекуваните макроекономски движења и среднорочен план за исправка на цените на кој Владата има директно или индиректно влијание. Работејќи на транспарентен начин и одговорно према јавноста, Народната Банка на Србија:[5]

  • објавува соопштенија од седницата на Извршниот одбор истиот ден кога седницата е одржана;
  • одржува конференции за објаснување на причините поради кои се донесени одлуките на Извршниот одбор, како и за одговарање на сите евентуални прашања на јавноста;
  • објавува Извештај за инфлацијата тромесечно, кој претставува најважно средство за информирање на јавноста околу случувањата во економијата која ја определуваат одлуките на Извршниот одбор и активностите на централната банка.

Инструменти на монетарната политика

уреди

Референтната каматна стапка е основниот инструмент на монетарната политика на Народна Банка на Србија. Оваа каматна стапка Народната Банка на Србија ја применува во спроведувањето на главните операции на отворениот пазар. Останатите инструменти на монетарната политика се:[6]

  • операции на отворен пазар: Со операциите на отворениот пазар Народната банка на Србија врши привремена и трајна купопродажба на хартии од вредност. Со нив се влијае врз нивото на краткорочните каматни стапки, односно нивото на расположливите ликвидни средства на банките. Народната Банка на Србија операциите на отворен пазар ги спроведува со цел да ја регулира ликвидноста на банкарскиот сектор и да влијае врз движењата на краткорочните каматни стапки.
  • задолжителни резерви: Народната Банка на Србија задолжителната резерва ја користи како помошен инструмент само кога се исцрпени ефектите на останатите пазарни мерки на монетарното регулирање. Одлуката околу висината на стапката, како и основата за пресметување на задолжителната резерва, ја донесува Извршниот одбор на Народната Банка на Србија.
  • кредитни и депозитни олеснувања: Постојаните олеснувања на централната банка ги опфаќаат кредитните и депозитните олеснувања кои на банките им се постојано достапни. Тие операции имаат прекуноќна рочност, а ги иницираат банките. Кредитните олеснувања опфаќаат користење на кредити за одржување на дневната ликвидност на банките врз основа на залог на квалификувани хартии од вредност. Под депозитни олеснувања се подразбира прекуноќно депонирање на вишокот ликвидни средства на банките кај Народната Банка на Србија. Каматните стапки на постојаните олеснувања претставуваат еден вид коридор на каматните стапки на меѓубанкарскиот пазар на пари. Тие претставуваат важен фактор во процесот на управување со ликвидноста на банкарскиот сектор, влијаејќи на тоа да се намалат флуктуациите на краткорочните каматни стапки на меѓубанкарскиот пазар, кои би биле поизразени доколку не постојат овие олеснувања. Каматните стапки на постојаните прекуноќни олеснувања се одредуваат според висината на референтната каматна стапка.
  • интервенции на девизниот пазар: Во режимот на таргетирање на инфлацијата, девизните интервенции ретко се користат и тоа како секундарен инструмент кој придонесува за остварување на целната стапка на инфлација кога се исцрпени можностите за делотворно влијание на референтната каматна стапка врз инфлацијата. Народната Банка на Србија девизните интервенции ги спроведува исклучиво поради: ублажување на прекумерната дневна флуктуација на девизниот курс на динарот; обезбедување финансиска стабилност; и одржување адекватно ниво на девизни резерви.

Процес на одлучување за монетарната политика

уреди

Одлуките за монетарната политика ги донесува Извршниот одбор на Народната банка на Србија. Извршниот одбор донесува одлуки на седници, со мнозинство гласови од сите членови. Во случај на изедначен број гласови, одлучува гласот на гувернерот. Одлуките на Извршниот одбор за референтната каматна стапка се засноваат на анализа на макроекономските движења, проекција на инфлацијата и анализа на отстапувања од проектираната инфлација. Проекцијата за инфлацијата се подготвува квартално и се објавува како составен дел од извештајот за инфлацијата (февруари, мај, август и ноември). Референтната каматна стапка се менува во согласност со економските движења и проекциите на динамиката на инфлацијата, така што придонесува за одржување на инфлацијата во предвидената рамка.[7]

Пари во оптек

уреди

Народната банка на Србија има ексклузивно право да издава банкноти и монети во Република Србија. Српскиот динар е официјалната валута во Србија. Меѓународната ознака на динарот е RSD. Народната банка на Србија издава банкноти и монети, ги утврдува деноминациите и основните одлики на банкнотите и монетите и донесува одлуки за издавање и повлекување на банкноти и монети. Печатењето на банкноти и монети се врши од специјализирана организација на Народната банка на Србија - Институт за банкноти и производство на монети - Топџидер. Динарот има девет деноминации на банкноти: 10 динари, 20 динари, 50 динари, 100 динари, 200 динари, 500 динари, 1000 динари, 2000 динари и 5000 динари. Покрај тоа, динарот има пет деноминации на монети: 1 динар, 2 динари, 5 динари, 10 динари и 20 динари.[8]

Финансиска стабилност

уреди

Освен основната цел, Народната Банка на Србија има за цел и чување на финансиската стабилност, односно да придонесува за зачувување и јакнење на финансискиот систем на Република Србија. Во рамките на активностите за одржување на финансиската стабилност, Народната банка на Србија:[9]

  • спроведува редовни и сеопфатни анализи на макроекономското опкружување и на функционирањето на клучните финансиски институции, пазари и инфраструктури;
  • дава преглед на ризиците што ја загрозуваат стабилноста на финансискиот систем;
  • ги идентификува трендовите што можат да ја зголемат ранливоста на финансискиот систем;
  • покренува дискусија за новите регулаторни иницијативи и нивното потенцијално влијание врз финансискиот систем и реалната економија.

Макропрудентна рамка

уреди

Основните цели на макропрудентната политика на Народната банка на Србија се:[10]

  • ублажување и спречување на прекумерен кредитен раст и финансиска зависност;
  • спречување на настанок или зголемување на позначително времено несовпаѓање помеѓу изворите на средства и пласманите на финансиските институции;
  • спречување на појава или ограничување на концентрацијата на изложеност на финансиските институции кон специфични сектори или поединечни видови на средства;
  • ограничување на системските последици од несоодветни стимулации, во смисла фаворизирање на одредени финансиски институции, со цел да се намали моралниот хазард;
  • јакнење на отпорноста на финансиската структура.

Односи со странство

уреди

Односи со ММФ

уреди

Поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија била една од земјите кои учествуваа на Бретонвудската конференција (1944) и основач на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и ССветската банка. Со одлуката на Одборот на извршни директори на ММФ од 14 декември 1992 година прекинало членството на СФРЈ во ММФ, а во исто време биле утврдени и условите под кои земјите-наследници би можеле да го наследат членството во СФРЈ во ММФ. Од активата и пасивата на СФРЈ во ММФ, СР Југославија учествувала со 36,52%. На 20 декември 2000 година, Управниот одбор на ММФ донел одлука, со ретроактивно дејство од 14 декември 1992 година (Соопштение за медиуми бр. 00/75), дека СР Југославија ги исполнува условите за членство во таа институција. По осамостојувањето на Република Црна Гора, Република Србија ја наследила меѓународната правна субјективност на државната унија на Србија и Црна Гора и го продолжила своето членство во меѓународни финансиски организации. На 21 јули 2006 година, ММФ го потврдил континуитетот на Република Србија во однос на државната унија на Србија и Црна Гора (соопштение за медиуми бр. 06/161), како и ја потврдил постојната квота од 467,7 милиони специјални права за влечење и сите права и обврски што произлегуваат од тоа членство. Гувернерот на Народната банка на Србија ја извршува функцијата гувернер на Република Србија во Меѓународниот монетарен фонд, а вицегувернерот на Народната банка на Србија ја извршува функцијата заменик-гувернер на Република Србија во ММФ. Република Србија е членка на конституенцата на Швајцарија, изборна групација преку која го остварува своето право на глас во ММФ и Светската банка од декември 2000 година. Земјите-членки што ја сочинуваат конституенцата во ММФ се: Швајцарија, Полска, Србија, Туркменистан, Казахстан, Азербејџан, Киргистан и Таџикистан. Во 2009 година, Белград бил домаќин на состанокот на конституенцата на Швајцарија. Редовната соработка на Република Србија со ММФ се одвива во рамките на годишните консултации согласно член IV од Статутот на оваа институција. Ваквите консултации се законска обврска на земјите-членки, врз основа на кои ММФ прави проценка на економската состојба во земјата и соодветноста на мерките за економска политика.[11]

Улогата на Народната банка на Србија во европската интеграција

уреди

Од почетокот на процесот на пристапување на Република Србија во Европската унија, Народната банка на Србија е активен учесник во сите фази на процесот, а усогласувањето на правната и институционалната рамка со критериумите и стандардите во Европската унија е еден од приоритетите. Народната банка на Србија во рамките на процесот на преговори е институција која претседава за одредени области на законодавството, како што се: финансиски услуги, економската и монетарната политика.[12]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Официјално мрежно место на НБС (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-04. Посетено на 2020-07-04.
  2. Закон за Народната банка на Србија
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-08-04. Посетено на 2020-07-04.
  4. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020“. Архивирано од изворникот на 2013-05-27. Посетено на 2013-05-31.
  5. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-04. Посетено на 2020-07-04.
  6. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-04. Посетено на 2020-07-04.
  7. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-04. Посетено на 2020-07-04.
  8. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2017-02-02. Посетено на 2020-07-04.
  9. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-08-04. Посетено на 2020-07-04.
  10. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-05. Посетено на 2020-07-04.
  11. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-04. Посетено на 2020-07-04.
  12. „Официјално мрежно место на Народна банка на Србија (пристапено на 10.5.2020)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-05. Посетено на 2020-07-04.