Инструменти на монетарната политика
Инструментите на монетарната политика (англиски: monetary policy instruments) се средства или активности кои централните банки со голема прецизност ги контролираат и користат за остварување на таргетите и целите на монетарната политика. Централната банка треба да располага со поголем број на инструменти, флексибилно поставени, со цел соодветно да реагира во секоја ситуација, употребувајќи го притоа инструментот кој е најпогоден во дадениот момент. Со помош на инструментите се спроведува секојдневното оперативно водење на монетарната политика.
Фактори кои влијаат врз изборот на инструментите на монетарната политика
уредиИзборот на монетарните инструменти во одредена земја е условен од тоа дали банкарскиот систем се соочува со структурен вишок на ликвидност (доколку автономните фактори, како што се готовите пари во оптек, нето-позицијата на државата и нето-девизната актива делуваат во насока на создавање ликвидност) или, пак, се соочува со структурен недостиг на ликвидност (доколку нивното влијание е во насока на повлекување на ликвидноста). Развиените економии вообичаено се одликуваат со структурен недостиг на ликвидност и нивните монетарни инструменти се поставени во насока на создавање ликвидност во банкарскиот систем. За разлика од нив, голем дел од централните банки на земјите во транзиција и земјите во развој ја спроведуваат монетарната политика во услови на структурен вишок на ликвидност, кој вообичаено е генериран од девизните приливи во земјата. Затоа, инструментите на монетарната политика во овие земји се поставени во насока на повлекување на вишокот ликвидност од банкарскиот систем.[1]
Светската финансиска криза наметна нови предизвици за централните банки и потреба од промени на традиционалната поставеност на оперативната рамка на монетарната политика. Во услови на системска недоверба, недоволна ефикасност на стандардните монетарни инструменти и нарушено функционирање на трансмисискиот механизам, централните банки се обидоа да ги пренесат сигналите на монетарната политика преку директно влијание врз финансиските пазари и економијата во целина. Во таа смисла, централните банки, пред сè во развиените економии, презедоа неконвенционални мерки. Неконвенционалните мерки подразбираат примена на нови инструменти за обезбедување на доволно ликвидни средства во системот, релаксирање на критериумите за колатерал, зголемување на опфатот на институции кои имаат пристап до операциите на централната банка, продолжување на рочноста на основните операции за обезбедување на ликвидност, активно користење на директни инструменти (од типот на задолжителната резерва), спроведување на операции за обезбедување девизна ликвидност, кредитни олеснувања, како и разни видови квантитативни олеснувања, како откуп на државни хартии од вредност и хартии од вредност издадени од приватниот сектор и сл.[1]
Поделба на инструментите на монетарната политика
уредиИнструментите на монетарната политика можат да се поделат според два критериума:
- според првиот, тие се делат на директни и индиректни; и
- според вториот, тие можат да бидат квантитативни и квалитативни.
Директни инструменти
уредиДиректните инструменти на централната банка се оние инструменти кои ги регулираат или цените (каматните стапки) или количините (кредитите). Тие во монетарната теорија се третираат како административни инструменти и се насочени главно кој одредени позиции од билансите на депозитните банки. Директните инструменти делуваат непосредно на кредитната активност на банките. Основни монетарни инструменти за директна контрола се лимитите на каматните стапки и кредитните ограничувања (лимити).
Индиректни иснтрументи
уредиИндиректните инструменти се сметаат за пазарни инструменти кои делуваат врз ликвидноста на банките и нивниот потенцијал за одобрување кредити. Тие делуваат преку пазарот, делувајќи врз понудата и побарувачката. Со други зборови, индиректните инструменти влијаат врз понудата на пари преку трансакциите со банките и небанкарските субјекти по пазарни цени, на доброволна основа. Сепак, и кај нив постои одреден минимален степен на регулатива во однос на условите за нивно користење како што се: овластени учесници, форми на аукциите, начин на плаќање и сл.
Квантитативни инструменти
уредиСо квантитативните инструменти се влијае врз кредитниот потенцијал на банките и преку тоа индиректно врз паричната маса. Тие се утврдуваат согласно утврдените приоритети на економската политика.[2] Главни квантитативни инструменти се:
- операциите на отворен пазар,
- дисконтната политика и
- политика на задолжителна резерва.
Овие инструменти не се статичка категорија, туку со текот на времето тие еволуираат и се менуваат во зависност од економските и политичките услови. Исто така, набљудувано во ист временски период, инструментите се разликуваат од земја до земја. Според емпириските истражувања, во развиените земји доминираат инструментите со кои се влијае врз односите на пазарот на пари и на пазарот на капитал, односно тие ја претпочитаат политиката на отворен пазар. Во земјите во развој, поради тоа што немаат развиен финансиски пазар, во преден план се инструментите со кои се влијае врз кредитниот потенцијал на банките (на пример, задолжителната резерва или дисконтната политика).[3]
Операции на отворен пазар
уредиОперациите на отворен пазар претставуваат најзначаен монетарен инструмент во земјите со развиен финансиски пазар. Постоењето на активен меѓубанкарски пазар и софистициран пазар на хартии од вредност во развиените земји ѝ овозможува на централната банка ефикасно да го регулира општото ниво на ликвидност преку купување и продажба на вредносни хартии.
Така, во услови на рецесија во земјата, централната банка со цел да ја оживее економијата, ја зголемува паричната маса. Тоа го прави со купување на државни хартии од вредност од комерцијалните банки или од нефинансискиот сектор. Кога централната банка купува вредносни хартии од депозитните банки, слободниот кредитен потенцијал на банките се зголемува, се зголемува бројот на кредити кои ги даваат банките и на тој начин е постигната целта на централната банка, да се зголеми паричната маса. Доколку, пак, централната банка ги купува вредносните хартии од небанкарските субјекти, доаѓа до помало зголемување на слободниот кредитен потенцијал на депозитните банки поради задолжителната резерва која банките треба да ја издвојуваат кај централната банка. Значи во овој случај, ефектот од операциите на отворен пазар е помал отколку кога централната банка ги купува вредносните хартии од депозитните банки. Во обратен случај, кога економијата е во експанзија, т.е. има инфлација, централната банка продава хартии од вредност со што повлекува парични средства од економијата и на тој начин влијае рестриктивно на инфлацијата.[4]
Основна претпоставка за ефикасна примена на овој монетарен инструмент е постоење на организиран и развиен пазар на хартии од вредност. Понатаму, на тој пазар треба секогаш добро да котираат државните обврзници, односно во секое време да постои силна понуда и побарувачка, за да може централната банка брзо и ефикасно да реагира.
Постојат два типа операции на отворен пазар:
- динамички операции на отворен пазар што имаат за цел промена на нивото на резервите и монетарната база, и
- одбранбени операции на отворен пазар што имаат за цел неутрализирање на движењата на други фактори што влијаат врз резервите и монетарната база, како што е, на пример, промената на депозитите на Министерството за финансии кај ценралната банка.[5]
Централната банка може да ги врши операциите на отворен пазар на примарниот и секундарниот пазар. На примарниот пазар, операциите на отворен пазар се вршат во форма на директна (прва) продажба и купување. Тоа најчесто се врши во форма на редовни аукции на благајнички записи на државата или централната банка. На секундарниот пазар, се врши купопродажба на веќе издадените хартии од вредност. При тоа, таа може да тргува со: хартии од вредност (благајнички записи) на централната банка, државни хартии од вредност или комбинација од двете.
Користењето на операциите на отворен пазар како инструмент за монетарно регулирање има неколку значајни предности во однос на другите инструменти на монетарната политика:[6]
- Операциите на отворен пазар се спроведуваат по иницијатива на централната банка, која има целосна контрола на обемот на операциите, за разлика од дисконтните операции кај кои финансиските институции се тие коишто диктираат кога и во колкав износ ќе позајмуваат.
- Операциите на отворен пазар се флексибилни и прецизни, можат да бидат спроведени во било кој износ и било кое време.
- Операциите на отворен пазар лесно се спроведуваат во обратната насока. Доколку е направена грешка при спроведувањето на операциите на отворен пазар, тогаш централната банка може лесно да спроведе обратна операција.
- Операциите на отворен пазар можат да се спроведат брзо и не вклучуваат никакви административни задоцнувања.
- Трансакциите кај овој инструмент се доброволни по пазарно утврдени цени.
Дисконтна политика
уредиДисконтната политика е една од најтрадиционалните инструменти на монетарната политика. Со неа, централната банка ги одредува условите под кои ги кредитира комерцијалните банки. Всушност, централната банка ја користи каматната стапка како техника со која управува со побарувачката за пари со цел да се обезбеди ефикасна алокација на ресурсите и да се постигне внатрешна и надворешна стабилност на економијата.[7] Основна претпоставка за да може овој инструмент да функционира е да постои голема зависност на депозитните банки од кредитите на централната банка. Доколку комерцијалните банки не позајмуваат пари од централната банка, во тој случај, примената на овој инструмент не би ги дала посакуваните резултати. Поради тоа, овој инструмент е особено значаен во земјите каде финансиските пазари не се добро развиени, односно земјите кои се на понизок степен од својот развој. Во високоразвиените земји, овој инструмент има секундарна улога.
Постојат повеќе видови дисконтни заеми кои централните банки им ги даваат на комерцијалните банки. На пример, Фед на САД одобрува три вида дисконтни заеми на банките:
- примарни кредити;
- секундарни кредити; и
- сезонски кредити.
Примарнитe кредити претставуваат дисконтно позајмување со најзначајна улога во монетарната политика. На здравите банки им е овозможено да позајмуваат од Фед во неограничен износ на многу кратки рокови (вообичаено преку ноќ) преку аранжманот на примарни кредити и затоа овие кредити уште се нарекуваат и расположливи кредити. Каматната стапка на овие кредити е дисконтната стапка. Преку овие кредити, Фед има за цел да биде резервен извор на ликвидни средства за депозитните банки. Секундарните кредити им се одобруваат на банки што се соочуваат со финансиски тешкотии и поголеми ликвидносни проблеми. Каматната стапка за овие кредити е поставена над дисконтната стапка. Сезонските кредити служат за потребите на мал број мали банки што се наоѓаат во туристички или културни места што се соочуваат со сезонско движење на депозитите.[8] Слични видови кредити од централните банки има и во останатите земји.
Централната банка, употребувајќи ја дисконтната политика, влијае врз паричната маса во оптек преку дисконтната стапка по која им дава заеми на депозитните банки. Со промената на дисконтната стапка, таа влијае врз цената по која позајмуваат комерцијалните банки од неа и на тој начин влијае врз паричната маса во оптек. Кога економјата запаѓа во инфлација, централната банка ја зголемува дисконтната стапка по која им позајмува на банките. Тоа значи дека позајмувањето на депозитните банки станува поскапо, па и тие ги зголемуваат своите каматни стапки по кои им позајмуваат на претпријатијата и населението. Тоа предизвикува интересот за кредити да се намали, со што се намалува и паричната маса во оптек и централната банка ја остварува својата цел, да ја намали инфлацијата. Обратен е случајот кога економија е во рецесија, односно кога има недостиг на пари во оптек. Со цел да ја поттикне економијата, централната банка ја намалува дисконтната стапка, предизвикувајќи понатаму низа од реакции, кои ќе доведат до зголемување на паричната маса и заживување на економијата.
Освен на каматните стапки на банките, промената на дисконтната стапка на централната банка влијае и врз каматните стапки на пазарот на пари. Кога таа е поголема од каматните стапки на пазарот на пари, на банките повеќе им се исплатува да позајмуваат на пазарот на пари, отколку кај централната банка. Тие ги продаваат краткорочните хартии од вредност, со цел да се стекнат со ликвидни средства. На тој начин се зголемува понудата на истите, наспроти побарувачката и нивните цени опаѓаат, а каматните стапки на краткорочните вредносни хартии растат. Обратен е случајот кога дисконтната стапка е помала од каматните стапки на пазарот на пари. Освен врз краткорочните каматни стапки, промената во дисконтната стапка има влијание и врз долгорочните каматни стапки.[9]
Во рамките на дисконтната политика, освен со промената во дисконтната стапка, централната банка може да влијае на паричната маса и преку останатите услови на кредитирање на депозитните банки, како што се: количината на кредити што ги дава, потребниот колатерал, рокот на враќање на кредитот итн.
Покрај значењето на дисконтната политика од аспект на регулирање на паричната маса, таа е исто така значајна и за спречување на финансиска паника, односно за извршување на улогата на централната банка како кредитор во краен случај[10]. За да спречат масовно банкротирање на банките, централните банки им обезбедуваат резерви на проблематичните банки во периодите кога никој друг не би сакал да ги финансира, со што спречуваат банкарски и финансиски паники. Дисконтните заеми се особено делотворен начин на обезбедување резерви за банкарскиот систем за време на банкарски кризи, бидејќи резервите веднаш се пренесуваат на банките на кои најмногу им требаат. Користењето на дисконтни позајмици за избегнување на финансиска паника, преку извршување на улогата на кредитор во краен случај, е особено важно за успешна монетарна политика.
Овој инструмент на монетарната политика, како и останатите, има свои предности и недостатоци. Најважна придобивка на дисконтната политика, во однос на останатите инструменти на монетарната политика, е што централната банка може да ја користи за да ја извршува својата улога на кредитор во краен случај и на тој начин да влијае превентивно, да спречува финансиски и банкарски паники, како и банкрот на депозитните банки. Еден од недостатоците на овој инструмент е што централната банка нема целосна контрола во однос на резултатите од оваа политика, поради тоа што банките се тие кои ги носат одлуките за земање дисконтни заеми, за разлика од операциите на отворен пазар, коишто се под целосна контрола на централната банка.[11]
Политика на задолжителна резерва
уредиПолитиката на задолжителна резерва е традиционален инструмент на монетарната политика што се користи за обезбедување на контрола врз кредитниот потенцијал на банките, односно за контрола на процесот на монетарна мултипликација. Влијанието на централната банка врз потенцијалот за создавање пари се врши преку:
- пропишување на стапката на издвојување на дел од ликвидните средства на банката на посебна сметка; и
- преку одредување на видот на депозитите што влегуваат во основата на која се пресметува оваа обврска.
Овој инструмент на монетарната политика најпрвин се користел за да ги заштити депонентите преку обезбедување минимално ниво на ликвидност на банките. Но, подоцна се увидело дека со делот од ликвидните средства на банките кој е постојано издвоен кај централната банка може да се манипулира, односно преку зафаќање и ослободување на дел од депозитните средства на банките може да се регулираат парите во оптек.
За разлика од дисконтниот механизам и операциите на отворен пазар, со кои првенствено се влијае врз монетарнaта база, а преку неа и врз паричната маса, со задолжителната резерва во прв ред се влијае врз нивото и стабилноста на монетарниот мултипликатор, а со тоа и врз вкупната количина на пари во економијата. Па така, доколку централната банка ја зголеми стапката на задолжителна резерва, монетарниот мултипликатор ќе се намали, а со тоа се намалува и паричната маса. И обратно, со намалување на стапката на задолжителна резерва се влијае врз зголемувањето на монетарниот мултипликатор и се зголемува паричната маса во оптек. Освен оваа примарна функција, задолжителната резерва има и секундарна функција, а тоа е нејзино користење за одржување (дополнување) на ликвидноста на банките во периодите кога се јавува краткорочна неусогласеност меѓу расположливите средства и достасаните обврски.
Со овој инструмент се поврзува пасивата на централната банка со пасивите на депозитните банки. Имено, централната банка наложува дека депозитните банки мора да држат одреден износ на резерви на посебна сметка кај централната банка, кој вообичаено се одредува како процент од определени депозитни категории во билансот на банките. Притоа, некои централни банки користат униформни стапки за сите видови депозити, додека други одредуваат пониска стапка за штедните (орочени) депозити, отколку за депозитните пари. Исто така, вообичаено е пресметката на обврската за издвојување на задолжителната резерва да се врши врз основа на просекот од секојдневната состојба на депозитите, или на месечно ниво.
Задолжителната резерва е особено важна во економиите во кои не постои, или не функционира успешно инструментот „операции на отворен пазар”, било тоа да е случај поради неразвиеноста на финансиските пазари или поради одредени институционални пречки. Ова е особено карактеристично за земјите на понизок степен од нивниот развој. Колку една земја е поразвиена, толку во преден план избиваат операциите на отворен пазар и каматите.
Политиката на задолжителна резерва има неколку недостатоци во однос на останатите инструменти на монетарната политика, како што се:
- Во некои земји задолжителната резерва повеќе не е обврзувачка за повеќето банки, така што овој инструмент е многу понеделотворен во споредба со порано;
- Порастот на задолжителната резерва може да предизвика моментални ликвидносни проблеми за банките што се обврзани на задолжителна резерва; и
- Честите промени на задолжителната резерва ја зголемуваат неизвесноста и го отежнуваат ликвидното работење.
Квалитативни (селективни) инструменти
уредиПокрај квантитативните инструменти, во монетарната политика се употребуваат и квалитативни (селективни) инструменти, преку кои се настојува да се насочат кредитите во одредени области, односно гранки од стопанството. Притоа, најчесто преку овие инструменти се настојува да се поддржува земјоделството и извозот. По правило, кредитите што се даваат во овие области и гранки кои се сака да се поддржат, се со поповолни услови, како што се: пониска каматна стапка, подолг рок на отплата и сл.[12]
Посебно значајна мерка во спроведувањето на селективната монетарна политика претставува т.н. морално убедување кое се состои од препораките и советите коишто централните банки им ги даваат на депозитните банки за насочување на кредитите во одредени области. Селективната кредитна политика поголемо значење има во земјите во развој кои имаат структурни проблеми во стопанството, сиромашна финансиска структура, перманентно поголема побарувачка за кредити од понудата, неразвиени и недоволно ефикасни пазарни инструменти, па често се јавува како неопходност употреба на селективни инструменти на кредитната политика за финансирање на приоритетните области.
Неконвенционални инструменти на монетарната политика
уредиВо 2007 година започнала најголемата светска финансиска криза по Големата депресија во 1930-тите. Во моментите кога каматните стапки на централните банки паднале блиску до нула, монетарните власти презеле дополнителни мерки со цел да ја стимулираат економијата. Таквите мерки, односно политики во литературата се познати како неконвенционална монетарна политика. Неконвеционалните монетарни политики се јавуваат во неколку форми, како:[13][14]
- Експлицитна обврска на централните банки да ја одржуваат краткорочната каматна стапка на ниско ниво додека не започне процесот на заздравување на економијата, и насочување на очекувањата за долгорочните каматни стапки.
- Обезбедување на голем број т.н. ликвидоносни инструменти (капитални инјекции) наменети за банкарскиот сектор, а со цел да им се обезбедат ресурси за да можат непречено да продолжат со позајмување средства на бизнисите и потрошувачите (претпријатија и домаќинства).
- Политика на квантитативно олеснување (Quantitative Easing). Со ваквата политика, централната банка врши откуп на државни обврзници од страна на комерцијалните банки, и другите финансиски институции, а сè со цел зголемување на ликвидноста на финансискиот сектор, што понатаму ќе придонесе кон зголемено кредитирање на приватниот сектор и домаќинствата, зголемени инвестиции, покачување на економската активност, намалување на дефлаторниот притисок и евентуално излез од рецесијата.
- Директни интервенции во одредени специфични сегменти на пазарот на пари и пазарот на капитал, при што централната банка одобрува кредити на нефинансиски корпорации, врши купување на приватни средства или давање кредитни линии поврзани со преземање средства од приватниот сектор.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Инструменти на монетарната политика на Фед Архивирано на 28 септември 2013 г.
- Монетарна политика на ЕЦБ
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 НБРМ, „Споредбена анализа и предлози за промена кај монетарните инструменти на НБРМ“, Скопје, декември, 2011.
- ↑ Љупчо Трпески, Монетарна економија, прво издание, Скен поинт, Скопје 2010, стр. 238.
- ↑ Љупчо Трпески, Монетарна економија, прво издание, Скен поинт, Скопје 2010, стр. 238-239.
- ↑ Мајкл Бурда и Чарлс Виплош, Макроекономија - европски текст, Скопје, 2009, стр.211-211.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје 2010, стр.378.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје, 2010, стр.380.
- ↑ Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр.243-244.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје, 2010, стр.381.
- ↑ Љупчо Трпески , Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 245.
- ↑ Мајкл Бурда и Чарлс Виплош, Макроекономија - Европски текст, Скопје, 2009, стр.221.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари,банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје, 2010, стр.383.
- ↑ Трпески Љупчо, Монетарна економија, прво издание, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 252.
- ↑ Joyce Michel, Miles David, Scott Andrew, Vayanos Dimitri, „Quantitative Easing and Unconventional Monetary Policy - An Introduction“, The Economic Journal, 122, 2012, pp. 271-274.
- ↑ Klyuev Vladimir, Imus Phil, Srinivasan Krishna, “Unconventional Choices for Unconventional Times: Credit and Quantitative Easing in Advanced Economies”, IMF Staff Position Note, International Monetary Fund, 2009, pp. 7-9.