Финансиско известување

список на статии на Викимедија

Финансиско известување (англиски: Financial Reporting) претставува процес на изготвување извештаи за финансиското работење на некое трговско друштво.

Принципи и одлики на финансиското известување

уреди

Според методологијата и рамката за финансиско известување, дефинирана од Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) и објавена од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди (ОМСС), во финансиските извештаи содржани се:[1]

  • Информациите за финансиската состојба на субјектот во билансот на состојба, или извештајот за финансиската состојба
  • Информациите за успешноста на работењето на деловниот субјект во билансот на успех
  • Информациите за промените во финансиската состојба во извештајот за готовинскиот тек
  • Дополнителни информации се прикажуваат во различни табели, белешки на финансиските извештаи и други форми на финансиско известување.

Процесот на создавање на финансиските извештаи во согласност со МСФИ се потпира на два основни принципа:

  • Принцип на пресметковна основа - Овој принцип подразбира дека при процесот на финансиско известување, ефектите од активностите и другите настани се признаваат кога ќе настанат (а не кога ќе бидат примени или платени паричните средства) и се прикажуваат во финансиските извештаи за периодот за кој се однесуваат. Финансиските извештаи кои се потпираат на овој принцип се покорисни за корисниците, бидејќи тие обезбедуваат и информации за можноста, односно правата на субјектот да стекнува готовина во иднина како и обврските да исплаќа готовина во иднина.
  • Принцип на континуитет во работењето - Според овој принцип се претпоставува дека деловниот субјект, односно банката ќе продолжи со работењето во иднина (најмалку 12 месеци од датумот на издавање на финансиските извештаи),[2] од причина што единствено податоците содржани во извештаите кои го запазуваат овој принцип можат да бидат корисни и применливи во спроведувањето на финансиската анализа која ги дава потребните финансиски информации кои помагаат во деловното одлучување. Овој принцип исто така овозможува фиксните средства да се амортизираат според нивниот вообичаен век на користење, бидејќи се претпоставува дека субјектот ќе работи во догледна иднина.

За финансиското известување да обезбеди објективни финансиски информации кои ќе бидат корисни за корисниците, неопходно е при формирањето на финансиските извештаи да бидат запазени и примарните квалитативни одлики, а тие се:[3]

  • Разбирливост
  • Релевантност
  • Веродостојност
  • Споредливост

Разбирливост

уреди

Оваа одлика подразбира информациите содржани во финансиските извештаи да бидат лесно разбирливи за корисниците кои имаат познавања за економските процеси и за сметководството. Според МСФИ, во финансиските извештаи не треба да бидат исклучени релевантни информации, само затоа што се смета дека тие можат да бидат тешки за разбирање од страна на одредени корисници. Единствено преку разбирливи информации е возможно реално да се согледаат дејствијата и трансакциите кои настанале во периодот на кој се однесува формата на финансиско известување.[4]

Релевантност

уреди

За да биде корисна, информацијата треба да биде релевантна за нејзините корисници, односно да ги задоволи потребите на корисниците во процесот на донесување на одлуки. Имено информациите опфатени со финансиското известување се релевантни кога влијаат врз економските одлуки на корисниците со тоа што им помагаат да ги оценат минатите, сегашните и идните настани, или да ги потврдат или коригираат своите минати дејства[5] Ваквите информации можат да им послужат на корисниците и како база за прогнозирање на одредени позиции, како на пример, за предвидување на идната финансиска состојба или идниот финансиски резултат. Врз релевантноста на информациите влијае нивната природа и материјалност. Природата на информациите е сама по себе доволна да се оцени нивната релевантност. Онаа информација која е премногу мала за да има материјална вредност, најчесто и е нерелевантна за потребите на нејзините корисници.

Веродостојност

уреди

Веродостојноста, опфаќа верифицираност, верно презентирање и непристрасност. За да бидат корисни, информациите и податоците мора верно да ги претставуваат трансакциите, односно да се веродостојни.. Информациите имаат квалитет на веродостојност доколку не содржат материјални грешки и доколку се неутрални, односно се ослободени од пристрасности. Финансиските извештаи не се неутрални, доколку се подготвени со цел да се прикаже однапред определениот финансиски резултат. Воедно, треба да биде запазена суштина пред формата, што значи дека трансакциите и другите настани треба да се евидентираат и да се прикажат во согласност со нивната суштина и економска реалност, а не само во согласност со нивната правна форма. При изготвувањето на финансиските извештаи, деловниот субјект, односно банката треба да го почитува принципот на внимателност во насока на тоа да средствата или приходите не се преценети, а од друга страна обврските или расходите да не се потценети. Понатаму, информациите треба да бидат комплетни, бидејќи нецелосните и делумно комплетираните информации може да предизвикаат неточни или погрешни заклучоци, а со тоа да бидат неверодостојни или со недостатоци во однос на нивната релевантност.

За менаџментот да осигура точност, односно веродостојност на формите на финансиско известување мора да обезбеди систем на внатрешна контрола и ревизија и да ангажира надворешен независен ревизор. Ревизорите даваат мислење за веродостојноста на финансиските извештаи и тие сносат одговорност пред целокупната јавност. Најголема улога во потврдување на точноста на податоците во финансиските извештаи имаат одделенијата за внатрешна контрола и ревизија, кои покрај редовните финансиски ревизии од надворешни ревизорски куќи спроведуваат интерни ревизии на системите и процедурите.

Споредливост

уреди

Финансиските извештаи мора да бидат споредливи во текот на времето со цел да се идентификуваат трендовите во нејзината финансиска состојба и успешноста во работењето. Воедно, тие мора да бидат споредливи помеѓу различни деловни субјекти. Според тоа, мерењето и прикажувањето на финансискиот ефект на слични трансакции и други настани мора да бие извршено на доследен начин во текот на различни периоди и на доследен начин за различни фирми. При споредбата, посебно внимание треба да се посвети на сметководствените политики и процедури, со цел да се утврди дали е настаната промена кај нив. Имено, кај информациите и податоците во одреден домен може да се дијагностицира силна промена која е резултат на променетите сметководствени политики. Усогласеноста со меѓународните стандарди, треба да ја подобри конзистентноста, односно компаративната одлика на финансиските извештаи.

Фактори кои влијаат на веродостојноста и релевантноста на информациите

уреди

Според МСФИ, се идентификуваат три фактори кои влијаат на неможноста во финансиските извештаи информациите да бидат релевантно и веродостојно прикажани:[3]

  • Роковите за подготвување на извештаите: Со цел да се избегне непотребно доцнење во објавувањето на финансиската информација, честопати се пристапува кон нејзино објавување, со што се намалува нејзината веродостојност.
  • Трошоците за обезбедување на информациите: Придобивките од стекнување на информацијата треба да ги надминат трошоците за нејзиното обезбедување. Во пракса е тешко да се имплементира анализата на трошоците и придобивките (cost-benefit analysis) во овој домен, бидејќи придобивките и трошоците не можат да се измерат со висока точност.
  • Односот помеѓу квалитативните одлики: Најчесто е тешко да се обезбедат сите примарни одлики на финансиското известување, комплетно и истовремено.

Наводи

уреди
  1. Melville A. (2009), International financial reporting - a practical guide. London: Pearson Education, pp. 19-23.
  2. НБРМ (2010), „Методологија за вреднување и евидентирање на сметководствените ставки и подготовка на финансиските извештаи“. Скопје: Народна банка на Република Македонија, стр. 2.
  3. 3,0 3,1 Melville A. (2009), International financial reporting - a practical guide. London: Pearson Education.
  4. „К. Бошевска, „Анализа на финансиските извештаи", Капитал, 2011 (пристапено на 15.3.2014)“. Архивирано од изворникот на 2011-12-14. Посетено на 2016-08-29.
  5. Greuning H., Scott D. and Terblanche S. (2011), International Financial Reporting standards. Washington D.C.: The World Bank, p. 5.