Финансиска стабилност
Финансиската стабилност — состојба во која финансискиот систем може непречено и ефикасно да ги извршува своите функции.
Поим за финансиска стабилност и финансиска нестабилност
уредиПоимот „финансиска стабилност“ се појавил во 1990-тите. Всушност, уште во конвенцијата за основање на ОЕЦД, како цели на оваа организација била спомената финансиската стабилност, но овој поим не бил објаснет. Во 1994 година, Банката на Англија го употребила овој поим за да ги означи оние нејзини цели кои не се поврзани со ценовната стабилност или со ефикасното функционирање на финансискиот систем.[1]
За финансиската стабилност постојат различни дефиниции. На пример, во 2005 година, ЕЦБ ја дефинирала финансиската стабилност како „состојба во која финансискиот систем е способен за добро извршување на сите негови нормални задачи и во која се очекува дека ќе функционира така во догледна иднина“. Потоа, во 2008 година, ЕЦБ понудила нова дефиниција: „Финансиската стабилност може да се дефинира како состојба во која финансискиот систем... е способен да ги истрпи шоковите и да ги отстрани финансиските нерамнотежи, а со тоа да ја намали веројатноста за нарушувања во процесот на финансиско посредување кои се доволно остри за значително да ја попречат алокацијата на заштедите кон профитабилните можности за инвестирање.“ Швајцарската национална банка ја дефинира финансиската стабилност на сличен начин: „Стабилниот финансиски систем може да се дефинира како систем во кој различните компоненти ги извршуваат нивните функции и се способни да ги поднесат шоковите на кои се изложени“.[2]
Во 2008 година, гувернерот на Банката на Англија, Марвин Кинг, изјавил: „Финансиската стабилност ја замислувам како период во кој платниот систем функционира нормално и способноста на домаќинствата даги насочат нивните заштеди во реалните инвестиции во економијата, дома или во странство, се одвива нормално“, но веднаш потоа додал: „Но, прашањето е - што е тоа нормално?“. Исландската банка ја дала следнава дефиниција: „Финансиската стабилност подразбира: 1) дека клучните институции во финансискиот систем се стабилни, во смисла дека постои високо ниво на доверба дека тие можат да ги продолжат своите договорни обврски без нарушување или без надворешна помош; 2) дека клучните пазари се стабилни, во смисла дека учесниците можат сигурно да извршуваат трансакции на нив по цени кои ги одразуваат фундаменталните сили и не се менуваат значително во краток временски период кога немало никакви промени во фундаментите.“ Американскиот економист Фредерик Мишкин ја дефинира финансиската стабилност како „постоење на финансиски систем кој е способен да обезбеди, на трајна основа и без големи нарушувања, ефикасна алокација на заштедите кон инвестиционите можности“.[3] Според Мајкл Фут, поранешен извршен директор на Службата за финансиски услуги (Financial Services Authority), финансискиот систем е стабилен ако се исполнети четири услови: 1) стабилна вредност на парите, 2) вработеноста да биде близу до природната стапка, 3) доверба во операциите на клучните финансиски институции и пазари, 4) нема релативни движења на цените на средствата кои во догледно време би ги поткопале горните три услови.“[4]
Поради тешкотиите да се дефинира финансиската стабилност, некои автори ја дефинираат финансиската нестабилност која може да се дефинира како множество на околности кои се доволни да резултираат со појава на финансиски потрес/криза споредбено со нормалните шокови. Овие шокови можат да потекнуваат или од реалната економија или пак од самиот финансиски систем. Финансиската стабилност во тој случај е дефинирана како недостиг на финансиска нестабилност.[5] Ален и Вуд ја дефинираат финансиската нестабилност како „епизоди во кои голем број страни, независно од тоа дали се домаќинства, трговски друштва или влади, запаѓаат во финансиски кризи кои не се поврзани со нивното претходно однесување.“[4]
Според едно истражување, направено од Леван и Валенсија во 2012 година, почнувајќи од 1970 година, просечните банкарски кризи предизвикувале трошоци во висина од 12,4 % од БДП на даночните обврзници, изразени преку фискалните трансфери кон финансискиот сектор.[6]
Мерење на финансиската стабилност
уредиВо 1996 година, Банката на Англија била првата централна банка која започнала да објавува Преглед на финансиската стабилност (Financial Stability Review), а набргу нејзиниот пример го следеле повеќе други земји така што на крајот од 2005 година речиси 50 централни банки објавувале вакви извештаи.[7]
Индикатори за стабилноста на финансискиот систем на Меѓународниот Монетарен Фонд
уредиВо 1999 година, ММФ започнал да подготвува единствен систем од индикатори за финансиска стабилност (FSI – Financial Stability Indicators). Индикаторите се поделени во две групи:[8]
- Индикатори кои се однесуваат на банкарскиот сектор и индикатори за пазарот на недвижнини (основен систем),
- Индикатори кои се поврзани со банкарскиот сектор и индикатори кои се однесуваат на небанкарските финансиски институции, домаќинствата, финансиските пазари и пазарот на недвижнини (дополнителен систем).
Индикаторите за финансиска стабилност во банкарскиот сектор се класифицирани според шест области на потенцијална ранливост:
- Адекватност на капиталот
- Квалитет на средства
- Способност на менаџментот
- Добивка и профитабилност
- Ликвидност
- Чувствителност на пазарен ризик
Притоа, секоја од овие шест групи има различна улога во оцена на финансиската стабилност: индикаторите за адекватноста на капиталот служат за мерење на капацитетот на банкарскиот сектор да ги апсорбира потенцијалните загуби; индикаторите за квалитет на средствата го следат квалитетот на кредитите и концентрацијата на банкарското портфолио; индикаторот за способноста на менаџментот ја нагласува важноста на раководењето за здравјето и стабилноста на банките; различните податоци за маржите, приходите и трошоците можат да се користа за мерење на профитабилноста; мерките за ликвидност се однесуваат на способност на банките да се справат со паричните текови; чувствителноста на пазарен ризик се однесуваат на промените на цените на пазарот, каматните стапки, валутните курсеви, недвижнините, итн.
Индикаторите за финансиска стабилност во нефинансискиот сектор главно се насочени кон левериџот (задолженоста), ликвидноста и способноста за сервисирање на долговите. Четири најчесто користени индикатори за сосотјбата на секторот на претпријатијата се:
- Коефициент на долгот во однос на капиталот – го мери левериџот или степенот до кој активностите се финансирани од сопствени средства.
- Поврат на капиталот – ја утврдува профитабилноста и ефикасноста во користење на капиталот.
- Коефициент на готовината (тековна ликвидност) – однос помеѓу краткорочните средства и краткорочните обврски.
- Сервисирање на долговите – капацитет за плаќање на достасаните обврски.
Во секторот на домаќинствата вообичаено се користат два индикатори:
- Коефициент на долгот на домаќинствата во однос на БДП – го мери целокупното ниво на долгот (потрошувачки и хипотекарни кредити) како дел од БДП,
- Коефициент на долгот во однос на приходите – го мери капацитетот за покривање на отплатите на долговите (камата и главнина).
Индикаторите за осигурителниот сектор се аналогни на оние од банкарскиот сектор. Понатму, може да се изврши поделба на индикаторте во осигурителниот сектор посебно за животно и за неживотно осигурување. Овие индикатори се:
- Адекватност на капиталот
- Квалитет на средствата
- Реосигурување
- Адекватност на барањата за оштета
- Способност на менаџментот
- Добивка и профитабилност
- Ликвидност
- Чувствителност на пазарен ризик
Макропруденцијални индикатори на Европската централна банка
уредиИндикаторите на ЕЦБ се дел од методолошко-статистичката рамка за макропрудентна анализа на банкарскиот сектор во ЕУ. Рамката прифатена од ЕЦБ има три блокови:[9]
- Прв блок – оцена на тековните финансиски услови врз основа на историски податоци.
- Втор блок – анализа на актуелните или потенцијалните извори на ризик на кои се изложени банките и идентификација на големината на овие изложености. Во оваа анализа се земаат предвид историските и идните можни сценарија за изложеноста на банките на ризици.
- Трет блок – отпорност на банките наспроти различните ризици и нивната ранливост.
И рамката на ЕЦБ се користат неколку групи на индикатори:[9]
- Индикатори на профитабилноста: Во ова множество на индикатори се наоѓаат мерките за финансиската состојба на банките. Овие индикатори се аплицираат на ниво на ЕУ/Еврозона и на национално ниво врз основа на пондерирани просеци за да се увидат разликите во големината на банките. Исто така, постојат посебни индикатори за мали, средни, големи банки. Клучни индикатори се: поврат на капиталот и поврат на средствата.
- Индикатори на солвентноста: способноста на една компанија на долг рок да ги исполнува своите обврски кон добавувачите, клиентите, државата и другите доверители.
- Квалитет на средствата и ликвидносни индикатори: Податоците за сомнителни и нефункционални средства се историски поглед на квалитетот на кредитот. Банкарскиот сектор се подготвува за можни загуби од нефункционални и сомнителни кредити со помош на резервации. Индикаторите за ликвидност ја покажуваат способноста на банките да ги задоволат неочекуваните одливи на парични средства.
Наводи
уреди- ↑ Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 54.
- ↑ Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 55.
- ↑ Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 56.
- ↑ 4,0 4,1 Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 57.
- ↑ Borio C., Drehman M. (2009), “Financial instability and macroeconomics: bridging the gulf”, Research paper, September 2009, стр. 3.
- ↑ Leaven L., Valencia F. (2012), „Systemic banking crisis database: an update“, IMF Working Paper WP/12/163, p. 18.
- ↑ Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 61-62.
- ↑ IMF (2013), „Modifications of the current list of financial soundness indicators“ (пристапено на 20.1.2018)
- ↑ 9,0 9,1 Agresi A.M., Baudino P., Polini Paulo (2008), “The ECB and IMF indicators for the macro-prudential analysis of the banking sector: a comparison of the two approaches” – ECB Occasional Paper, p. 29.