Задолжителна резерва

Задоложителната резерва (англиски: legal reserves, reserve requirement) е стандарден инструмент на монетарната политика, кој ги обврзува банките да издвојуваат средства на своите сметки кај централната банка. Износот на задолжителната резерва го одредува централната банка како процент од вкупниот износ на депозитите и другите обврски на банките. Основната функција на инструментот е стабилизирање на краткорочните каматни стапки на пазарот на пари и нивото на кредитна мултипликација, како и намалување на структурниот вишок на ликвидност.

Методи на пресметка

уреди

При пресметката и исполнувањето на задолжителната резерва, можни се два основни пристапа: пресметка на задолжителната резерва со задоцнување (lagged reserve calculation) и тековна пресметка на задолжителната резерва (contemporaneous reserve calculation). Во првиот систем, периодот на пресметка на задолжителната резерва се разликува од периодот на исполнување на обврската. Со други зборови, задолжителната резерва се пресметува според износот на депозитите и другите обврски во некој минат временски период, а издвојувањето на задолжителната резерва се врши подоцна. Наспроти тоа, во вториот систем, периодот на пресметка и на издвојување на задолжителната резерва се поклопуваат, т.е. задолжителната резерва се пресметува според состојбата на обврските на банките во тековниот период и во истиот период се исполнува обврската за задолжителна резерва. Според тоа, првиот систем овозможува многу полесно исполнување на обврската за задолжителна резерва, бидејќи банките однапред знаат колкава резерва треба да издвојат во следниот период.[1]

Задолжителната резерва во Македонија

уреди

Според прописите на НБРМ, задолжителната резерва се пресметува само на обврските на банките кон нефинансиските единици (население, претпријатија и други нефинансиски друштва). Притоа, основата за пресметување на задолжителната резерва ја сочинуваат следниве обврски: депозити, издадени должнички хартии од вредност, земени кредити и други обврски. Притоа, на оваа обврска не подлежат меѓусебните обврски на банките, обврските кон централната банка, како и субординираниот долг што влегува во дополнителниот капитал на банките. Исто така, поради стимулирање на долгорочното штедење, од 2011 година, задолжителна резерва не се пресметува ниту на орочените депозити на населението со рочност од две и повеќе години. Задолжителна резерва се издвојува на денарските обврски на банките, а почнувајќи од јуни 2003 година, и на обврските изразени во странска валута.[2]

Во минатото, стапките на задолжителна резерва се разликуваа во зависност од рочноста на депозитите. На пример, според регулативата од 2001 година, на депозитите со рочност до три месеци, банките пресметуваа задолжителна резерва од 10%, додека на депозитите со рочност над три месеци, стапката изнесуваше 5%. Подоцна, од почетокот на 2005 година до средината на 2009 година постоеше единствена стапка на задолжителна обврска од 10%.[1]

Од средината на 2009 година, стапката на задолжителна резерва на банките изнесува:

  • 10% за обврските во домашна валута,
  • 20% за обврските во домашна валута со валутна клаузула, и
  • 13% за обврските во странска валута.

Стапката на задолжителна резерва на штедилниците изнесува 2.5%.[3]

Во Македонија се применува системот на пресметка со задоцнување, т.е. основата за пресметување на задолжителната резерва се утврдува како просек од состојбата на обврските од билансите на банките и штедилниците за секој календарски ден од претходниот месец. Притоа, постои мала разлика кај пресметката на задолжителната резерва во девизи, којашто се пресметува на состојбата на девизните обврски на банките на крајот од претходниот месец. Периодот на исполнување на задолжителната резерва е од 11 во тековниот месец до 10 следниот месец, со одредени отстапувања за деновите на викендите.

Задолжителната резерва во денари на банките се пресметува како збир на износот утврден од обврските во домашна валута, износот од обврските во домашна валута со валутна клаузула и 23% од износот утврден од обврските во странска валута. Задолжителната резерва во денари на банките ја исполнуваат на просечно ниво.

Задолжителната резерва на банките во девизи се утврдува на ниво од 77% од износот на обврските во странска валута. Задолжителната резерва на банките во девизи се издвојува на посебни девизни сметки на НБРМ во странство и се исполнува во евра. Штедилниците ја исполнуваат задолжителната резерва на посебни сметки кај НБРМ на фиксно ниво.

До средината на 2009 година, исполнувањето на обврската за задолжителната резерва се вршеше во денари (за денарските обврски) и во евра (за девизните обврски). Сепак, под влијание на ефектите од глобалната финансиска и економска криза, НБРМ ја воведе обврската 23% од задолжителната резерва на девизните обврски да се издвојува во денари.[4]

Надомест на задолжителна резерва

уреди

На износот на задолжителна резерва во денари, НБРМ им плаќа на банките камата чија висина се менувала повеќепати, а почнувајќи од август 2004 година, стапката на надомест изнесува 1% годишно. Стапката на надомест на задолжителната резерва во евра изнесува 0,1%.[5] Притоа, НБРМ плаќа камата само за задолжителната резерва, но не и за вишокот пари што банките го чуваат на своите сметки над износот на пропишаната задолжителна резерва. Од друга страна, имајќи предвид дека се работи за законска обврска, централната банка наплаќа казнена камата доколку некоја банка не ја исполни обврската за задолжителна резерва, а можни се и други, построги мерки.

Надоместот што НБРМ им го плаќа на банките на износот на задолжителната резерва се пресметува според следнава формула:[6]

N= (ZR x n x d)/ (100 x 360)

каде што:

  • N - надомест на задолжителната резерва за период на исполнување;
  • ZR - износ на ипсполнетата задолжителна резерва;
  • n - стапка на надомест;
  • d - број на денови во периодот на исполнување.

Ефектите врз понудата на пари

уреди

Задолжителната резерва може да влијае врз монетарната политика, бидејќи колку е поголема задолжителната резерва толку се намалува понудата на пари која банките може да ја позајмува и одржувајќи ја куповната моќ на стабилно ниво. Во обратен случај, кога се намалува задолжителната резерва, се зголемува понудата на пари која банките може да ја позајмуваат, но исто така, тие пари може повторно да се депонираат во банките.

Ефектот кој го има задолжителната резерва врз понудата на пари се огледа преку следната формула:

MS = Mb x Mm Mm = (1+C)/(C+R)

каде:

  • MS = Понуда на пари (Money supply);
  • Mb = Монетарна база (Monetary base);
  • Mm = Паричен мултипликатор (Money multiplier);
  • С = Стапка на готови пари која е во рацете на населението;
  • R = Стапката на задолжителна резерва.

Управување со задолжителната резерва

уреди

Задолжителната резерва претставува законска обврска на банките што тие не можат да ја избегнат, но истовремено, чувањето повеќе пари од потребното предизвикува трошоци. Оттука, банките мора да ги исполнат своите обврски за задолжителна резерва, но се трудат да не држат вишок пари на своите сметки кај централната банка. Со други зборови, тие се заинтересирани да го сведат износот пари на нивото на задолжителната резерва.

Задолжителната резерва го претставува најнискиот износ пари што банката мора да го чува на својата сметка кај централната банка. Сепак, тоа не значи дека состојбата на сметката никако не смее да падне под износот на задолжителната резерва. Кога имаат потреба од пари, банките можат да посегнат по задолжителната резерва, т.е. таа може да се користи за одржување на секојдневната ликвидност. Инаку, можноста за користење на задолжителната резерва се однесува само на денарската резерва, додека кај задолжителната резерва во девизи не постои таква флексибилност. Единствено, во текот на периодот на исполнување, банката мора на својата сметка кај НБРМ, во просек, да чува толку пари колку што изнесува задолжителната резерва. Значи, еден ден салдото на сметката може да падне под задолжителната резерва, друг ден банката ќе чува повеќе пари, но во просек, во периодот на исполнување, банката мора да го одржува пропишаниот износ на задолжителна резерва. На пример, ако обврската на банката врз основа на задолжителната резерва изнесува 32 милиони денари, тоа значи дека банката мора, во текот на периодот на исполнување, на својата сметка кај НБРМ да чува најмалку 32 милиони денари, но само како просек. Тоа значи дека еден ден салдото на сметката ќе биде 25 или 30 милиони, а другпат банката ќе чува 35 или 38 милиони, но важно е просечното салдо на сметката да биде најмалку 32 милиони денари.

Според тоа, во секојдневното управување со парите, надлежниот раководител настојува да ја одржува состојбата на сметката кај централната банка на нивото на пропишаната обврска за задолжителна резерва. Притоа, во исполнувањето на таа задача, од голема помош е системот на пресметка на задолжителната резерва врз основа на износот на обврските во минатиот месец. Тоа му овозможува на раководителот на паричните средства (cash manager), уште пред почетокот на периодот на исполнување на обврската, да го знае износот на задолжителната резерва што треба да го одржува во следниот период.[7]

Сепак, и покрај ова олеснување, управувањето со парите воопшто не е едноставна работа. Проблемот се состои во тоа што салдото на сметката на банката постојано, од час во час, се менува под влијание на бројни фактори од кои некои се под контрола на банката, додека врз некои таа нема никаква контрола. На пример, кога некој голем клиент на банката ќе поднесе налог за плаќање во полза на трговско друштво што има сметка во друга банка, тоа веднаш предизвикува одлив од сметката на банката. Спротивно на тоа, сите уплати во полза на банката, спроведени низ системот за големи плаќања (МИПС) веднаш и безусловно предизвикуваат прилив на нејзината сметка. Од друга страна, малите плаќања, коишто се вршат со посредство на системот наречен КИБС, не предизвикуваат веднаш промени на сметката на банката, туку тие меѓусебно се пребиваат, така што само разликата меѓу уплатите и исплатите води кон прилив или одлив на сметката на банката. Но, во секој случај, плаќањата што ги извршуваат клиентите на банката претставуваат фактор што влијае врз салдото на нејзината сметка, а врз кој таа нема никаква контрола. Наспроти тоа, кога банката купува државни или благајнички записи, или кога зема или дава кредит на меѓубанкарскиот пазар, станува збор за трансакции што влијаат врз состојбата на сметката на банката, но кои се под нејзина контрола.

Оттука, откако банката ќе го пресмета износот на задолжителната резерва што мора да го одржува во периодот на исполнување, таа мора внимателно да ги процени сите неконтролирани фактори што влијаат врз состојбата на нејзината сметка. За таа цел, раководителот на паричните средства мора постојано да биде во контакт со другите служби на банката од каде што ќе црпи информации за сите трансакции што значат прилив или одлив на пари. Исто така, врз основа на искуството, тој мора да ги процени сите редовни, периодични трансакции на клиентите на банката, коишто влијаат врз салдото на нејзината сметка (исплата на фактури, исплата на даноци итн.). Најпосле, раководителот на паричните средства неизбежно мора да биде во секојдневен контакт со големите клиенти со цел да се информира за поважните парични приливи и одливи што тие ги очекуваат во следните денови.

Понатаму, врз основа на овие информации, се прави проекција на салдото на сметката кај НБРМ, посебно за секој ден во периодот на исполнување, и така се согледува во кои денови состојбата на сметката се наоѓа под износот на задолжителната резерва, а кога банката има вишок пари. Притоа, целта на управувањето со парите е да се избегне поголемо и трајно неисполнување на обврската за задолжителна резерва, како и да се избегне непотребното држење големи вишоци парични средства. Во првиот случај, банката треба да ги употреби оние фактори што се под нејзина контрола за да ја обезбеди потребната задолжителна резерва (да позајми од друга банка, да продаде благајнички записи итн.). Ако, пак, банката има вишок пари над задолжителната резерва, таа треба да ги разгледа можностите за инвестирање во различни форми (давање кредит на друга банка, купување хартии од вредност итн.).[8]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 183.
  2. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 230.
  3. Одлука за задолжителна резерва
  4. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 182.
  5. „Народна банка на Република Македонија“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2012-01-19.
  6. „Народна банка на Република Македонија“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-05-12. Посетено на 2012-01-19.
  7. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 232.
  8. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 233.