Финансискиот пазар претставува пазар на понуда и побарувачка на слободни финансиски средства. Поточно, финансискиот пазар, како сегмент на вкупниот пазар се јавува во улога на механизам којшто треба да влијае врз оптимална алокација на финансиските средства и урамнотежување на реалните инвестиции и паричната акумулација.

Вовед уреди

Финансискиот пазар служи и за финансирање на инвестициите и тоа: директно, индиректно и интерно финансирање. Финансискиот пазар е специфичен пазар, бидејќи на него се тргува со специфична стока (пари, капитал, хартии од вредност - краткорочни и долгорочни, валути и девизи), на специфичен начин и според специфични услови. Финансискиот пазар се состои од три сегмента (секој од нив со определени функции):

  1. Пазар на пари:
  2. Пазар на капитал:
    • долгорочни хартии од вредност (акции и обврзници) и
    • долгорочно кредитирање на инвестициите (зајмовен капитал).
  3. Пазар на девизи:
    • краткорочни побарувања во странски валути.

Во секоја национална економија со одлики на пазарна економија, финансискиот пазар ги остварува следните функции:

  • алокативна функција,
  • одржување на одреден степен на ликвидност на економските субјекти и на националната економија,
  • обезбедување на финансиски средства за зголемување на обемот и динамиката на економските активности и
  • одржување на одреден степен на стабилност на домашната валута и стопанството во целина.

Современиот облик на финансискиот пазар егзистира од крајот на XIX век наваму, кога централните банки во пазарните земји основаа и организираа во почетокот национални, а подоцна и меѓународни финансиски пазари. Први почетоци на организирани пазарни трансакции егзистирале пред повеќе од 2.000 г. во Римското Царство. По распаѓањето на Римското Царство скоро десетина века не постоел организиран финансиски пазар.

Дури кон крајот на XII и почетокот на XIV век, со развитокот на италијанските градови Венеција, Џенова и Фиренца повторно почнуваат да се основаат и работат финансиските пазари. Кон крајот на XV и почетокот на XVI век биле основани националните финансиски пазари во Лондон и Париз. Кон крајот на XVI век во Амстердам основаниот финансиски пазар добива одлики на меѓународен финансиски пазар. Денес најзначајните финансиски пазари се наоѓаат во Лондон, Њујорк, Франкфурт, Токио и др.

Пазар на пари уреди

Поим и суштина на пазарот на пари уреди

Пазарот на пари претставува сретнување на понудата и побарувачката на слободни краткорочни финансиски средства (краткорочни парични средства - краткорочни банкарски кредити; краткорочни хартии од вредност). Пазарот на пари може да се разгледува до два аскекти, и тоа во потесна или во поширока смисла на зборот.

Пазарот на пари во потесна смисла:

  • претставува организиран механизам во институционална смисла на зборот со точно утврдени учесници, со нивни права и обврски, со дефиниран простор и време на функционирање и со регулирани услови за финансиските трансакции кои се вршат на овој пазар;
  • опфаќа промет на меѓубанкарски жирални пари и краткорочни хартии од вредност; и
  • учесници на пазарот се единствено за тоа овластени банки, специјализирана за тоа посредничка финансиска институција и централна банка.

Пазарот на пари во поширока смисла:

  • ги опфаќа вкупните парични трансакции кои се вршат во една национална економија;
  • го опфаќа прометот, освен со вишоци на парични средства и краткорочни хартии од вредност, и со готови пари, со валути и со девизи, земање и давање на сите краткорочни кредити, есконтирање реесконтирање, ломбардирање и реломбардирање; и
  • учесници се сите субјекти на финансискиот систем на една национална економија.

Инструменти на пазарот на пари се:

  1. слободни парични средства:
    • дневни пари (call money, tages geld) и
    • термински пари (time deposits, termin geld)
  2. краткорочни хартии од вредност:
    • државни обврзници,
    • државни благајнички записи,
    • благајнички записи на централната банка,
    • депозитниот сертификат,
    • банкарски акцепт и др.

Како резултат на дејството на понудата и побарувачката на овие средства се формира и нивната цена (камата). Висината на каматата може да се формира на различни начини, а сепак тие се разликуваат и по тоа дали се работи за национални или меѓународни трансакции.

Значајноста на пазарот на пари се согледува во тоа што овозможува: одржување на оптимална ликвидност на субјектите, непречена циркулација на финансиски инструменти, остварување на целите на монетарно-кредитна и девизна политика, успешно функционирање на деловното банкарство и остварување на адекватна стапка на растеж и стабилност на стопанството во целина.

Пазарот на пари во развиена пазарна економија не е статична категорија, туку динамична - изложена на перманентни движења и промени т.н. пазарни осцилации, кои можат да бидат позитивни или негативн. Исто така разликуваме состојба на скапи пари (високи каматни стапки) и состојба на евтини пари (ниски каматни стапки).

На пазарот на пари важат определени принципи, и тоа:

  • еднообразност на инструментите на пазарот на пари,
  • пазарно однесување на субјектите и
  • стабилност и доследност во пазарот на пари.

Функции на пазарот на пари уреди

Со успешното функционирање на пазарот на пари (оптимална реализација на банкарските операции на тој пазар) се остварува непречено снабдување со пари на сите стопански субјекти и на општествената репредукција во целост.

Основните функции на пазарот на пари се:

  • задоволување на побарувачката за парични средства на субјектите што учествуваат во пазарот на пари,
  • одржување на оптимална ликвидност на монетарниот и кредитниот систем во земјата,
  • остварување на дополнителни приходи на банките и другите учесници во пазарот на пари и
  • урамнотежување на понуда и побарувачка на пари и краткорочни хартии од вредност.

Учесници на пазарот на пари уреди

На пазарот на пари во извршувањето на трансакциите учествуваат определен број на субјекти, и тоа: централна банка, деловни банки и специјализирани финансиски посреднички институции, додека ако се сфати пазарот на пари во поширока смисла на зборот учествуваат сите субјекти на финансискиот систем на една национална економија. Останатите правни и физички лица своите права на пазарот на пари ги остваруваат преку деловните банки или преку посебно овластените посреднички финансиски организации.

  1. Централната банка во суштина е основач, организатор, регулатор и контролор на вкупните деловни процеси што се одвиваат на пазарот на пари. Таа автономно ги донесува одлуките според кои се одвиваат работите на пазарот на пари, кои се врзани за:
    • цената на парите, изразена во поголема или помала есконтна и дисконтна стапка;
    • обемот на понудата изразен во зголемувањето или намалувањето назадолжителните резерви; и
    • обемот на јавниот долг изразен во продажба или купување на државни хартии од вредност.

Централната банка може да стапува во пазарот на пари и за сметка на државата, кога државата треба да го финансира својот буџет.

  1. Деловните банки исто како и централната банка имаат својство на легитимен учесник во пазарот на пари. Деловните банки при работата во пазарот на пари дејствуваат во свое име, за своја сметка, на своја одговорност и на свој ризик дури и кога вршат работа за некој друг субјект (правно лице или физичко лице) кој не е учесник во пазарот на пари.
  2. Специјализираните посреднички финансиски институции, кои се учесници на пазарот на пари, треба да бидат посебно овластени (дозвола, лиценца) од централната банка. Разликуваме две групи на вакви организации:
    • Дисконтни и есконтни финансиски организации, кои работат во свое име и за своја сметка; и
    • Брокерски фирми, кои работат во свое име и за туѓа сметка (ги доведуваат во контакт купувачите и продавачите на паричните средства и краткорочните хартии од вредност - за тоа наплатуваат провизија).

Организација на пазарот на пари уреди

Пазарот на пари, од аспект на институционалното организирање, може да се јави во три вида:

  1. Институцинализиран пазар на пари, кој претставува посебна посредничка финансиска организација која што е специјализирана за вршење на работи на пазарот на пари. Таа посредничка финансиска организација работи во име и за сметка на своите членови и ги врши сите можни трансакции на пазарот на пари. Предноста е во тоа што овозможува концентрирање на понудата и побарувачката во едно место и во исто време - со тоа се добива пореална каматна стапка. Тука недостатоци постојат од аспект на тоа што ефикасноста на пазарот е помала, бидејќи брзината на операциите е помала поради постоење на посредници за секоја пазарна операција.
  2. Неинституционализиран пазар на пари, со кој се отстранија некои недостатоци на институционализираниот облик на пазар на пари, но со тоа се отстраниле и некои негови предности. Поради тоа овој облик на пазар на пари има третман на преоден облик од институционализиран во мешан вид на пазар на пари.
  3. Мешан вид на институционализиран и неинституционализиран пазар на пари, во кој централната банка - која има најголемо учество, ја регулира вкупната понуда и побарувачка на краткорочни парични средства и краткорочни хартии од вредност, со тоа и вкупните трансакции на пазарот на пари. Во развиените земји, пазарот на пари не е институционализиран, што не е случај со пазарот на капитал и пазарот на девизи кои се институционализирани. Во земјите во развој и неразвиените земји покрај официјалниот пазар на пари функционира и неофицијалниот (црн) пазар на пари, како резултат на институционалната неуреденост во монетарната сфера на тие земји - постоење на повисоки каматни стапки во однос на официјалниот пазар.

На пазарот на пари, посебно на пазарот на краткорочни хартии од вредност сретнуваме два вида на пазари: примарен пазар и секундарен пазар.

Примарен пазар на краткорочни хартии од вредност уреди

На примарниот пазар на краткорочни хартии од вредност учествуваат централната банка, деловните банки и други финансиски и специјализирани институци за тргување со краткорочни хартии од вредност. На овој пазар се врши емитување и прва продажба на краткорочни хартии од вредност и тоа од јавноправен и приватен карактер:

  • емитувањето и првата проджба на краткорочни хартии од вредност од јавен карактер (државни обврзници и благајнички записи на централната банка) го остварува централната банка. Продажбата и купувањето на овие хартии од вредност се врши по пат на:
    • директно продавање и купување, кој се остварува со директен однос на централната банка како продавач и деловната банка и другите овластени субјекти како купувачи. Овој начин често се применува.
  • аукција, односно лицитација, во овој случај централната банка добива понуди од повеќе деловни банки и други субјекти на пазарот на пари. Предност на купување имаат оние кои понудиле најповолни услови.
    • емитувањето и првата проджба на краткорочни хартии од вредност од приватен карактер (депозитни сертификати, банкарски акцепти и др.) го врши една деловна банка или некој друг овластен учесник на пазарот на пари.

Секундарен пазар на краткорочни хартии од вредност уреди

На секундарниот пазар на краткорочни хартии од вредност се врши натамошна продажба на емитуваните, односно првично продадените, краткорочни хартии од вредност. Според тоа секундарниот пазар претставува логично продолжение на примарниот пазар. Секундарниот пазар на краткорочни хартии од вредност се разликува од примарниот пазар во квантитативна смисла (поголем обем на трансакции) и во квалитетивна смисла (условите на промет, уесници во прометот и улогата на централната банка што го има на тие пазари).

Условите на работа се поинакви од примарниот пазар, бидејќи тие се формираат врз основа на дејството на понудата и побарувачката на хартиите од вредност. Хартиите од вредност што излегуваат на секундарниот пазар на краткорочни хартии од вредност ги имаат следните цени:

  • номинална цена, која претставува паричниот износ на кого што гласи хартијата и е запишан на бланкетот на хартијата од вредност;
  • цена на емитирање, која претставува износот на пари што мора да го плати купувачот при првата продажба на хартијата од вредност. Оваа цена може да биде помала или еднаква на номиналната цена. Во практиката цената на чинење на хартијата од вредност се нарекува и емисионен курс на хартиите од вредност.
  • пазарна или купопродажна цена, претставува цена која се формира врз основа на понудата и побарувачката кои дејствуваат во пазарот. Во практиката пазарната цена на хартијата од вредност се нарекува и берзански курс на хартиите од вредност.

Пазарот на пари, како интегрален дел на финансискиот пазар, може да функционира како национален или меѓународен пазар.

Пазар на капитал уреди

Поим и суштина на пазарот на капитал уреди

Пазарот на капитал од институционална гледна точка претставува интегрален дел на финансискиот пазар. Тој претставува организирано сретнување на понудата и побарувачката на слободни долгорочни финансиски средства. На овој пазар предмет на купување и продавање се долгорочните слободни парични средства и долгорочните хартии од вредност (ефекти).

Приносите на пазарот на капитал можат да бидат во неколку видови, и тоа како:

  1. дивиденда што ја добиваат сопствениците на акциите;
  2. камата што ја добиваат сопствениците на обврзниците и
  3. капитална добивка која што одговара на разликата меѓу продажната и куповната цена на капиталот, односно меѓу продажната и куповната цена на хартиите од вредност.

Вложениот капитал секогаш носи со себе и определен ризик, зависно од големината на приносот што се очекува. Етимолошки зборот ризик потекнува од латинскиот збор рисцио што упатува на опасност да се пропадне, изгуби. Од аспект на детерминантите ризиците најчесто се групираат на: нестопански ризици, како резултат на нестопански (неекономски) детерминанти (војна, елементарни непогоди...) и стопански ризици, како резултат на стопанските (економските) детерминанти. Но, во пазарот на капитал се сретнуваат следните ризици:

  1. Финансиски ризик, кога поради лошото работење претпријатието не е во состојба да плати дивиденда за акциите, односно камата за обврзниците;
  2. Пазарен ризик на ликвидноста, кој се јавува во состојба кога финансиски инструменти се продаваат пред конечниот рок на достасување;
  3. Ризик на куповната сила, се јавува во услови на инфлација кога реалните каматни стапки се значително помали од номиналните каматни стапки и
  4. Ценовниот ризик, кој е детерминиран со намалување на пазарната вредност на финансиските инструменти како резултат на промените во висината на каматните стапки или на промените во висината на девизниот курс.

Функции на пазарот на капитал уреди

Како што спомнавме понапред, кај поим и суштина на пазарот на капитал, за националната економија пазарот на капитал има големо значење итоа поради неговите специфични одлики и функции што ги има. Во натамошното излагање ќе ги поентираме само оние функции коишто мислиме дека се најзначајни.

  1. Пазарот на капитал овозможува мобилизација (прибирање) и алокација (разместување) на слободниот паричен капитал кој натаму служи за долгорочно финансирање на работењето на претпријетието. Овој начин на прибирање на паричниот капитал претставува начин на доброволна централизација на капитал и негово производсвено ориентирање. Корпорациите преку ноќ доаѓаат до капитал кој веќе претставува нивен “сопствен” капитал, бидејќи не се обврзуваат на инвеститорите да им ги вратат вложените парични средства, туку само да им платат надомест (дивиденда, камата). Пазарот на капитал секогаш дава можност за реалокација на средствата, од едно во друго претпријатие, а со тоа хартиите од вредност ги менуваат своите сопственици.
  2. Преку утврдување на цените на акциите и обврзниците (на берзите), според тоа и на цената на капиталот, се врши и тековно вреднување на самото претпријатије што ги емитирало хартиите од вредност. Ако претпријатието работи успешно, цените на издадените хартии од вредност ќе бидат повисоки и обратно претпријатието ако работи неуспешно.
  3. Пазарот на капитал го овозможува финансиското, сопственичкото и управувачкото преструктуирање на претпријатијата и дејствува врз зголемувањето на вкупната ефикасност на стопанисувањето на националната економија во целост. Ако претпријатието работи неуспешно често доаѓа до преземање на претпријатието од група на други сопственици, кои поставуваат свој управувачки кадар, а тие пак вршат други преструктуирања при работењето во претпријатието.
  4. Пазарот на капитал ја обезбедува ликвидноста на средствата на потенцијалните инвеститори и им овозможува ним (на приватните и институционалните инвеститори) да вршат оптимизација на сопствениот портфељ. Ликвидноста на средствата е осигурана со самиот факт што на берзата хартиите од вредност можат релативно лесно да се продадат и да се претворат во паричен капитал кој може да се пренасочи во други инвестиции.

Организација на пазарот на капитал уреди

Пазарот на капитал како организирана форма на сретнување на понудата и побарувачката на долгорочни слободни финансиски средства се состои од два сегмента:

Пазарот на долгорочни парични средства претставува всушност долгорочно кредитирање за инвестициите и тој се остварува по пат на контакти меѓу економските субјекти, деловните банки, финансиските институции, инвестиционите фондови и други. Пазарот на долгорочни хартии од вредност опфаќа емисија и промет на долгорочни хартии од вредност (ефекти). Тој се дели на:

  • Примарен пазар на капитал,
  • Секундарен пазар на капитал,
  • Терцијален пазар на капитал и
  • Квартален пазар на капитал.

Примарен пазар на капитал уреди

Примарниот пазар на капитал ги опфаќа институциите, инструментите и механизмите преку кои се вршат комплексните врзани за подготовката и реализацијата на емисиите на долгорочни хартии од вредност (акции и обврзници). На овој пазар се врши мобилизација (прибирање) на слободен паричен капитал, со цел за долгорочно финансирање на корпорациите која се врши преку нова емисија на акции и обврзници. Станува збор за доброволна централизација на капиталот преку која корпорациите, “преку ноќ”, доаѓаат до финансиските средства.

Финансирањето на претпријатијата преку емисија на долгорочни хартии од вредност се врши на три основни начина: директна, индиректна и интерна емисија.

Кај директната емисија економските субјекти директно комуницираат со финансиските инвеститори без посредување на т.н. финансиски интермедиери. Директна емисија најчесто вршат големи и познати фирми кои се одлучуваат за приватна емисија т.з. приватен пласман (private placement), односно кои директно ги пласираат акциите и обврзниците до крајните купувачи. Покрај големите фирми за директна емисија на долгорочни хартии од вредност се одлучуваат и мали семејни фирми со цел да ги избегнат трошоците околу посредувањето.

Кај индиректната емисија централна, клучна улога имаат финансиските посредници (интермедиери). Како интермедиери во англосаксонските системи се инвестиционите банки, додека кај западноевропските системи се универзалните банки. Овде всушност станува збор за т.н. јавна понуда (public offering) на хартиите на пазарот на капитал.

Кај интерната емисија хартиите од вредност се емитуваат врз основа на распределба на остварената добивка на претпријатијето. Во тој случај дивидендите не се плаќаат во готово туку за износот на дивидендите се емитуваат т.н. “дивидендни акции” и со тоа се настојува да се одржи непроменето учеството на постојните акционери во капиталот на претпријатијето. Емитуваните хартии од вредност (акции) со овој начин на емисија, се распределуваат на вработените во претпријатијето менаџерите и работниците, при што не се предмет на купопродажните трансакции на пазарот на капитал. Најприменлив е индиректниот начин на емисија на долгорочни хартии од вредност.

Како интермедиери се јавуваат: инвестициона банка (кај англосаксонскиот систем) - кои се специјализирани банки за преземање и пласман на нови хартии од вредност; и универзални банки (кај западноевропкиот систем) - кои освен преземање и пласман на хартиите од вредност се занимаваат и со традиционалните банкарски работи, депозитни и кредитни работи. Тука не треба да се заборави фактот што баките се еден вид “трговци на големо” на хартии од вредност, кои заработуваат од разликата помеѓу цената по која ги купува и по која ги продава хартиите од вредност (акциите или обврзниците).

Во развиените пазарни стопанства целокупната процедура на емисија, запишување и пласман на долгорочните хартии од вредност е мошне комплексно и претставува извршување на многубројни операции од кои најзначајни се:

  1. Избор на инвестициона или универзална бака. Може да се примени методот на преговори помеќу емитентот и банката (емисија на акции од страна на претпријатије) или пак конкурентниот метод (емисија на обврзници за потребите на државните органи и институции).
  2. Преговори помеѓу емитентот и банката за условите наемисијата. Во прв ред станува збор за цената по која банката ќе ги преземе акциите или обврзниците од емитентот (претпријатије или државен орган) и начинот на поднесување на ризикот од евентуалниот пад на цените. Резултатите од преговорот во крајна линија зависат од преговорачката моќ на партнерите. Ако се работи за мало и неафирмирано претпријатије тогаш условите на емисијата ги диктира банката, а сосема обратна ситуација е ако се работи за големо и афирмирано претпријатије.
  3. Формирање на конзорциум (синдикат) на банките. Ова се врши со цел да се раздели ризикот на пласманот на емисијата и да се намалат трошоците на пласманот. Имено инвестиционата банка, организатор на пласманот, новата емисија на хартии од вредност ја разделува на повеќе други инвестициони банки и така настанува конзорциумот (синдикатот) на банките. Разликуваме:
    • “чист конзорциум” на банки, кога банките што го сочинуваат целосно ја откупуваат емисијата и комплетно го преземаат ризикот на пласманот и
    • “комисионен конзорциум” ризикот од неможноста да се пласираат хартиите од вредност или од опаѓањето на нивните цени го презема самиот емитент.
  4. Регистрација на новата емисија на хартиите од вредност кај надлежниот државен орган. Кај земјите со развиено пазарно стопанство постои државен орган на којшто треба да му се пријави секоја нова јавна емисија на хартии од вредност и којшто издава дозвола за реализација на емисијата. Државниот орган, многу често тоа е државна комисија, обично се формира во рамките на владите во земјите, но дејствува како стручна и независна институција. Емитентот (претпријатије или државен орган) поднесува извештај за новата емисија до комисијата. Најзначајниот дел на извештајот е т.н. проспект кој ги дава сите релевантни показатели од кои може да се утврди бонитетот, квалитетот на емитентот. Очевидно е дека Комисијата има цел и задача да го оцени бонитетот на емитентот и на тој начин да ја заштити широката публика од шпекулации и злоупотреи. Но тоа не значи дека секој акционер сигурно ќе заработи бидејќи, напротив деловниот ризик трајно останува - секој акционер има слобода каде да го вложи сопствениот капитал и за тоа сам го сноси ризикот.
  5. Формирање на група продавачи на хартии од вредност и нивна дистрибуција до крајните купувачи. Инвестиционите банки склучуваат договор со специјализирани фирми за продажба на хартиите од вредност до крајните купувачи, односно со брокерски и дилерски фирми - “трговци на мало” на долгорочните хартии од вредност и нив ги продаваат на крајните купувачи (широката публика).

Секундарен пазар на капитал уреди

Секундарен пазар на капитал ги опфаќа институциите и механизмите преку кои се врши прометот (купување и продавање) на еднаш веќе емитирани хартии од вредност. Тука треба да се има превид тоа дека купувачите на хартиите од вредност немаат можност така вложените пари да ги повратат од самото претпријатије, туку единсвена можност им е нив да ги продадат на специјализираните пазари – ефектни берзи ( кои всушност претставуваат секундарен пазар на капитал). Во овој пазар хартиите од вредност само го менуваат својот сопственик, значи се остварува функциијата на ликвидност на вложените средства што го овозможува овој пазар. Поради ова треба да се овозможи континуираност на пазарот. Секунадарниот пазар на капитал се состои од два сегмента:

  1. организиран (службен) пазар на хартии од вредност – ефектни берзи; и
  2. неорганизиран (неслужбен) пазар на хартии од вредност - “Пазар преку шалтер”, од англ. “over the counter”.

Терцијален пазар на капитал уреди

Третиот пазар (third market) во суштина значи директно купување и продавање на хартии од вредност со кои истовремено се тргува и на ефектните берзи. Најзначајни учесници на овој пазар се институционалните инвеститори - поедини компании и специјализирани фондови за пласирање на средствата во хартии од вредност, банки и друштва за осигурување.

Квартален пазар на капитал уреди

Четвртиот пазар (fourth market) се однесува на трансакциите во кои чествуваат најчесто институционалните инвеститори (пензиските фондови, осигурителни друштва, инвестициони компании) и богатите поединци, кои директно еден од друг купуваат или продаваат хартии од вредност т.з. дека не користат услуги за посредување на брокерите. Учесниците на овој пазар тргуваат со голем број хартии од вредност.

Учесници на пазарот на капитал уреди

Ако пазарот на капитал се дефинира како сретнување на понудата и побарувачката за долгорочните слободни финансиски средства со цел да се капитализираат, тогаш на пазарот на капитал мора да постојат два формално-правно рамноправни партнери - продавачи и купувачи на хартии од вредност. Како учесници на пазарот на капитал се јавуваат уште и посредниците и државата. Согласно со тоа во земјите во кои постои и функционира пазарот на капитал, како инвеститори се јавуваат:

  • Поединци – физички лица;
  • Стопански субјекти - правно лице;
  • Државни и парадржавни субјекти, иституции и организации и
  • Банкарско-финансиски и инвестициони институции.

Големината на капиталот, добиен од штедењето или од преработувачката функција на банките ја претставува потенцијалната снага на една национална економија, пред сè во функција на остварување на националниот доход и бруто-домашниот производ. Доколку функционирањето на пазарот на капитал е поуспешно, дотолку се поголеми претпоставките за поуспешно и поефикасно остварување на целите на развојната политика. Само во теоретски идеални услови вкупната понуда на капитал е еднаква со вкупната негова побарубачка. Вообичаено во практика постои разлика меѓу релизираната побарувачка на капитал со вкупната понуда.

Мотивите за користење на капиталот се многубројни, но без претензија на сеопфатност, истите може да се сведат на следниот заеднички именител – успешно стопанско работење, засновано на економската сметка, и создавање нови вредности, добивка и општествено богатство. Клиентите во инвестицискиот амбиент може да се класификуваат во 3 групи: сектор на население, стопански сектор и државен сектор. Ова тројство не е совршено; во него не се опфатени некои организациски групи како што се непрофитните агенции, а проблем се и некои полуформации како што се некорпоративните или семејните работни дејности.

  1. Сектор на населението. Населението катадневно донесува најразлични одлуки во однос на своето живеење или работење: образование, вработување, работна обука, пензиско планирање, во крајна линија заштедите вис-à-вис потрошувачката. Најголемиот дел од населението е заитересирано за широк асортиман на актива, односно за средства што се привлечни и кои може да варираат во зависност од неговата економска состојба. Широките варијации на побарувачката на средства се токму погонската сила што со сета сила ги тера нанапред финансиските иновациски решенија. Притоа, како фактори што имаат доминантно влијание врз однесувањето на населението се наметнуваат висината на даночните оптоварувања и степенот на ризикот со кој се соочува определена активност.
  2. Стопански сектор. За разлика од финансиските одлуки на населението чија цел е изнаоѓање начини како да се инвестираат парите, стопанскиот сектор се фокусира на обезбедување парични средства за финансирање инвестиции во реална актива – производствени погони, опрема, know how, развој на човечките ресурси итн. Претпријатијата при издавањето хартии од вредност имаат неколку цели:
    • Остварување најдобра цена за нивните хартии од вредност и
    • Пласирање на емисијата со што е можно пониски трошоци.
  3. Државен сектор. Во високо развиените земји со пазарен начин на стопанисување, државата често финансирањето на нејзините трошоци го чини со земање средства на заем. но, спротивно на стопанството, државата не е во можност да продава сопственички акции. Таа е ограничена на зајмење средства во случај даночните приходи да не се доволни за да ги покријат расходите. Државата има посебна предност во земањето средства на заем, пред сè преку долговни хартии: државни обврзници и записи, со оглед на фактот што даночната власт ја прави многу кредитоспособна и затоа е во можност да се задолжува со најниски стапки.

Во современите услови на стопанисување се почесто се случува во едно лице да се пронајде и сопственикот и корисникот на капитал. Овој процес на капитализација, кој се нарекува капитално самофинансирање, со своите предности и недостатоци, се почесто е тема на расправа, како од практичен, така и од теоретски аспект. Резултатите од тие расправи, може да се изразат во констатацијата дека самофинансирањето го скратува слободното движење на капиталот, односно го ограничува неговото користење на однапред корисници, наместо негово лоцирање од страна пазарните механизми. Основниот мотив на капитално самофинансирање е користењето на бенефиции и даночни привилегии, како и користење на префенцијални услови на деловните аранжмани врзани за капиталните вложувања.

Финансискиот пазар во Македонија уреди

Со распаѓање на СФРЈ настанала економска, финансиска и монетарна дезинтеграција. Имено, со политичкото осамостојување на поедините поранешни републики на СФРЈ се создаваат самостојни суверени држави со свои национални економии, кои остваруваат свој монетарно-кредитен и банкарски систем, своја национална валута, свој финансиски пазар.

Истата судбина ја следи и Р. Македонија. Со распаѓањето на СФРЈ се затворија финансиските текови на ниво на Југославија и се сведуваа на републички рамки од една страна и потребата за алоцирање на слободните финансиски средства од друга страна, го условија формирањето на финансискиот пазар и во Македонија.

Намалувањето на референтната каматна стапка на НБРМ, како и повисокиот интерес на инвеститорите за инвестирање во државни записи имплицираа намалување и на каматните стапки на овој пазарен сегмент. Така, на аукциите одржани во текот на годината, просечната пондерирана каматна стапка на државните записи со рок на достасување од три месеци изнесуваше 6,33%, наспроти 10,08% во 2005 година. Просечната пондерирана каматна стапка на шестмесечните државни записи на аукциите одржани во текот на 2006 година изнесува 6,98%, наспроти 10,16% во 2005 година, додека просечната пондерирана каматна стапка на одржаните аукции на едногодишни државни записи во текот на 2006 година изнесуваше 8,70%, наспроти 9,89% во 2005 година.

Притоа, каматните стапки на државните записи во текот на годината бележеа континуирано опаѓање, при што во просек пондерираните годишни каматни стапки се намалија за 1,19-3,75 процентни бодови во зависност од нивната рочност. Најголем пад е забележан кај просечната годишна пондерирана каматна стапка на тримесечните државни записи (3,75 процентни бодови).

Каматната стапка на дванаесетмесечните државни записи во декември 2006 година (8,86%) е намалена за 0,73 процентни бодови во однос на декември 2005 година, додека каматната стапка на тримесечните државни записи во декември 2006 година изнесува 6,26% и на годишна основа е намалена за 1,77 процентни бодови. Со оглед на тоа, кривата бележи се понагорен тренд, што е позитивен индикатор за економијата. Значајно е да се нагласи дека зголемувањето на наклонот на кривата е реализирано во услови на намалување на каматните стапки.

Во вкупната состојба на краткорочните државни записи, од аспект на сопственичката структура, доминираат банките со 77,4%, по кои следуваат нефинансиските правни субјекти со 8% и осигурителните друштва со 5,2%. Двата приватни пензиски фонда учествуваат заеднички со 1,1% во вложувањето во краткорочни државни записи. Притоа, функционирањето на примарниот пазар на краткорочни државни хартии од вредност се поефикасно го промовира и институционалното штедење, создавајќи инструменти кои овозможуваат диверзификација на ризикот. Така, во првата година од функционирањето на приватните пензиски фондови, на 31.12.2006 година, нивните вложувања во краткорочни државни записи изнесуваат 6,9% од вкупните средства на фондовите.

Литература уреди

  • Д-р Панче Јовановски „Финансиски пазар и институции”, Скопје, 2004
  • Д-р Тихомир Јовановски „Финансиски пазар“, Скопје, 1994
  • Д-р Љупчо Трпески „Пари и банкарство“, Скопје, 1995

Надворешни врски уреди