Стопански раст
Стопански раст (или економски раст) — зголемувањето на општиот обем на производство на стоките и услугите во економијата. Обично, економскиот раст се пресметува и изразува на два начина: како процентуално зголемување на реалниот бруто-домашен производ (БДП) на земјата во однос на претходниот временски период или како стапка на пораст на реалниот БДП по глава на жител (per capita).[1]
Стопанскиот раст наспроти стопанскиот развој
уредиВо економската литература, поимите стопански развој и стопански раст понекогаш се користат како синоними, имајќи предвид дека двата израза означуваат позитивни промени во стопанството. Тоа особено се однесува за квалитативните анализи каде што не се бара поголема точност, туку само се изведуваат општи заклучоци. Од друга страна, во квантитативните економски анализи се прави разлика меѓу стопанскиот раст и стопанскиот развој при што стопанскиот раст се употребува да се означи квантитативниот раст на стопанството (растот на БДП), додека стопанскиот развој се користи како поширок поим кој ги означува вкупните промени во стопанството, т.е. структурните, технолошките и институционалните промени. Оттука, стопанскиот развој е предуслов за стопанскиот раст, но исто така, тој е и резултат на стопанскиот раст. Имено, од една страна, стопанскиот раст не може да се оствари без претходни промени во структурата на стопанството и без технолошките и институционалните промени, но до друга страна, стопанскиот раст создава услови и потреби за нови промени во стопанството.[2]
Фактори на стопанскиот раст
уредиОснови фактори од кои зависи стопанскиот раст се:[3]
- трудот и човечкиот капитал
- физичкиот капитал
- земјата (природните ресурси)
- техничкиот прогрес
Покрај нив, стопанскиот раст зависи и од повеќе други фактори, како:[4]
- макроекономската стабилност
- распределбата на доходот
- финансиското посредување
- отвореноста на стопанството кон странство
- структурните промени
- политичките и општествените услови
- информациите и информациските технологии
Основен извор на трудот е населението, односно работната сила (човечките ресурси) — способностите, стручноста и знаењата на луѓето кои се или можат да бидат вклучени во производството. Значењето на човечките ресурси во стопанскиот раст може да се набљудува двострано: од страната на понудата и од страната на побарувачката. Од страната на понудата, човечките ресурси можат да се набљудуваат како прост труд (квантитативно) и како човечки капитал (квалитативно). Од аспект на побарувачката, населението се јавува како носител на потрошувачката која, пак, го определува производството. Покрај големината на населението, за стопанскиот раст е важна и структурата на населението, и тоа: според полот и староста, според економската активност, дејноста, занимањата, образованието итн. Исто така, важни се и природното и механичкото движење на населението, односно наталитетот, морталитетот, природниот прираст, миграциите итн.[5]
Физичкиот капитал го сочинуваат: фабриките и нивната опрема (машините), физичката инфраструктура (патишта, телекомуникации, електрична енергија, водоснабдување) итн. Како капитални добра можат да се сметаат и инвестициите во истражување и развој кои ја зголемуваат продуктивноста на трудот и на капиталот, како и општествените издатоци за образование, здравствена заштита итн. Врската меѓу физичкиот капитал и производството се изразува преку просечниот и маргиналниот капитален коефициент кои го претставуваат односот меѓу капиталот и обемот на производството, искажан во физички единици или во пари. Овие капитални коефициенти покажуваат колку физички капитал е потребен за да се произведе единица производ. [6]
Во стопанскиот раст, под поимот „земја“ се мисли на сите природни ресурси: земјоделското земјиште, шумите, пасиштата, минералните богатства, реките, езерата и морињата, климата итн. Количеството и квалитетот на природните ресурси се важни фактори кои влијаат врз стопанскиот раст. При анализата на природните ресурси како фактори на растот се земаат предвид разни видови трошоци, како што се: трошоците за експлоатација, трошоците за превоз, трошоците за замена на еден со друг природен ресурс. Во економската теорија, при анализа на стопанскиот раст, природните ресурси најчесто не се земаат предвид или пак се вклучуваат во физичкиот капитал, поради две причини: 1) природните ресурси се фискни, 2) без физичкиот капитал, тие се речиси безвредни како фактор на стопанскиот раст. Постојат и негативни ставови во поглед на важноста на природните ресурси за стопанскиот раст кои истакнуваат дека во земјите кои растот го засноваат врз природните ресурси, еден дел од работната сила заглавува во трудоинтензивните дејности во кои се потребни ниски знаења и вештини, а тоа не обезбедува стопански раст на долг рок.[7]
Техничкиот прогрес ги означува ефектите од промената на технологијата врз стопанскиот раст. Тој е резултат на четири компненти: истражување, инвенција, развој и иновација при што првите две компоненти создаваат знаење, а другите претставуваат негова примена во економијата. Во зависност од карактерот, техничкиот напредок може да биде трудо-штедлив, капитало-штедлив и неутрален. Неутрален технички прогрес значи сосотјба во која се постигнува поголемо ниво на производство со истото количество и со истата комбинација на трудот и капиталот. Техничкиот прогрес е трудо-штедлив ако поголемото прозиводство се оствари со исто количество труд, додека капитало-штедлив е техничкиот прогрес што овозможува поголемо производство со исто количество капитал. Понатаму, се разликува технички прогрес кој го облагородува (проширува) трудот и технички прогрес кој го облагородува (проширува) капиталот. Првиот е техничкиот прогрес кој го зголемува квалитетот на трудот (човековиот капитал), а вториот е оној кој овозможува попродуктивно користење на капиталните добра. Според Харод, поделбата на техничкиот прогрес на трудо-штедлив и капитало-штедлив се прави според капиталниот коефициент: за дадено ниво на профит, техничкиот прогрес е капитало-штедлив ако го намалува капиталниот коефициент; трудо-штедлив ако го зголемува капиталниот коефициент; и неутрален ако не го менува капиталниот коефициент. Оттука, според Харод, техничкиот прогрес може да предизвика промени во комбинацијата на производните фактори или пак супституција на капиталот со труд. Од друга страна, поделбата на техничкиот прогрес според Хикс е заснована врз маргиналната стапка на супституција на производните фактори, а тоа е стапката по која еден производен фактор се заменува со друг при што нивото на производството останува исто. Оттука, при константен однос меѓу трудот и капиталот, техничкиот прогрес е капитало-штедлив ако го зголемува маргиналниот производ на трудот во поголема пропорција од порастот на маргиналниот производ на капиталот; тој е трудо-штедлив ако го зголемува маргиналниот производ на капиталот во поголема пропорција од маргиналниот производ на трудот; најпосле, техничкиот прогрес е неутрален ако не ја менува маргиналната стапка на супституција на производните фактори.[8]
Во однос на другите фактори на стопанскиот раст, макроекономската стабилност претставува само предуслов, но не и гаранција за стопански раст. Тоа во прв ред се однесува на одржувањето ниска стапка на инфлација со што се овозможува непречено функционирање на системот на цените кои ги даваат основните информации за оптимална алокација на ресурсите. Понатаму, макроекономската стабилност влијае врз каматните стапки, кои имаат големо влијание врз инвестициите. Во продолжение, макроекономската стабилност ги опфаќа и реалните девизни курсеви и фискалната стабилност.[9]
Во економската литература се среќаваат различни погледи за врската меѓу нееднаквоста во распределбата на доходот и стопанскиот раст. Од една страна, нееднаквоста на доходот влијае врз потрошувачката на луѓето и врзнивните можности да инвестираат во човечки капитал. Од друга страна, нееднаквоста претставува стимул за повеќе работа, зашто ако сите луѓе остваруваат еднаков доход, тогаш никој не би бил стимулиран да работи повеќе или да биде попродуктивен. Освен тоа, поголемата нееднаквост на доходот е поврзана со поголемо штедење, зашто луѓето со понизок доход штедат помалку.Оттука, економската наука смета дека постои компромис (размена) меѓу еднаквоста во распределбата на доходот и економската ефикасност, т.е. со намалувањето на нееднаквоста во распределбата на доходот истовремено се намалува економската ефикасност. Инаку, врската меѓу нееднаквоста и стопанскиот раст се изразува со помош на Кузнецовата крива која покажува дека на почетокот, стопанскиот раст ја зголемува нееднаквоста, потоа нееднаквоста се стабилизира и најпосле повисокиот раст предизвикува намалување на нееднаквоста. Сепак, треба да се има предвид дека Кузнецовата крива се однесува на влијанието на стопанскиот раст врз нееднаквоста, а не обратно.[10]
Развиениот финансиски систем го поттикнува стопанскиот раст така што ги мобилизира заштедите потребни за финансирање на инвестициите и така што овозможува ефикасна алокација на ресурсите. Повисокиот степен на отвореност на екномијата влијае поволно врз растот така што овозможува трансфер на технологијата, поттикнување на иновациите, зголемување на способноста за имитирање на странското производство, трансфер на менаџерски и работни вештини итн. Во продолжение, структурата на економијата, односно учеството на одделните сектори (земјоделството, индустријата и услугите) , исто така, влијае врз темпото на стопанскиот раст. Политичкиот систем на земјата, политичката стабилност, степенот на економската слобода, корупцијата, војните итн. имаат големо влијание врз стопанскиот раст. Во поново време се истакнува улогата на развојот на информациониет технологии кои ја зголемуваат продуктивноста и така го поттикнуваат растот на економијата, иако сè уште не постојат цврсти докази за значењето на овој фактор.[11]
Улогата на финансискиот систем во стопанскиот раст
уредиВрската помеѓу финансискиот систем и стопанскиот раст е предмет на долгогодишни дебати при што економистите искажуваат различни ставови во однос на оваа врска. На пример, според Bagehot и Hicks, финансискиот систем одиграл клучна улога во поттикнувањето на индустријализацијата во Англија, овозможувајќи мобилизација на капитал за „огромните потфати“.[12][13] И Шумпетер истакнува дека добро развиениот банкарски систем ги поттикнува технолошките иновации со наоѓање на претприемачите со најдобри шанси за успешни иновативни производи и производни процеси. Тој утврдил дека иновацијата и претприемништвото можат да влечат напред само кога економијата успешно го мобилизира штедењето, ефикасно ги алоцира ресурсите, го смалува ефектот на информациона асиметрија и го подобрува управувањето со ризикот, што се услуги кои ги обезбедува модерниот финансиски сектор.[13] Спротивно на ова, Џоан Робинсон тврди дека „онаму каде претпријатието води, финансиите следат“. Според ова гледиште, стопанскиот развој создава побарувачка за одредени видови финансиски производи, па тој го поттикнува финансикиот развој, а не обратно.[14]
Постојат бројни емпириски истражувања кои ја проучуваат врската меѓу финансискиот развој и стопанскиот растеж. На пример, користејќи податоци за 35 земји во периодот од 1860 до 1963 година, Голдсмит заклучува:[15] прво, помеѓу стопанскиот и финансискиот развој може да се повлече груба паралела, доколку се разгледува подолг период од неколку декади; второ, во некои од земјите постои индикации дека периодите на забрзан стопански раст биле придружувани со натпросечна стапка на финансиски развој. Кинг и Левин во својата студија проучуваат 80 земји во периодот од 1960 до 1989 г. Тие користат четири мерки за нивото на финансискиот развој: ликвидните обврски на финансискиот сектор во однос на БДП, односот на распределбата на кредитите меѓу комерцијалните банки и централната банка, коефициентот на кредитите на приватни корисници во однос на домашните кредити (освен кредити на банките), и коефициентот на кредитите на приватни корисници во однос на БДП. Потоа тие ја оценуваат емпириската поврзаност на секој од четирите индикатори на финансискиот развој и три индикатори на раст, тоа се: просечната стапка на раст на БДП по глава на жител, просечната стапка на раст на капитал по жител и вкупниот раст на продуктивноста. Тие заклучуваат дека постои силна позитивна поврзаност помеѓу четирите индикатори на финансиски развој со трите индикатори на раст.[16] Левин и други (2000) ја истражуваат врската меѓу финансискиот сектор и стопанскиот развој во периодот од 1960 до 1995 година и утврдуваат дека егзогените компоненти на развојот на финансиските посредници се позитивно и силно поврзани со стопанскиот развој.[17]
Мерење на стопанскиот раст
уредиЗа споредување на нивото на стопанскиот раст меѓу земјите најчесто се употребуваат показателите бруто-домашен производ по глава на жител или бруто-национален производ по глава на жител (per capita), кои приближно ја покажуваат вредноста на добрата и услугите кои едно лице во земјата би можело да ги купи во текот на годината под претпоставка дека доходот се распределува рамномерно. Најчесто, овие показатели се искажуваат во американски долари, но бидејќи одреден износ долари нема иста куповна сила во различни земји, бруто-домашниот производ се искажува во долари мерени според паритетот на куповната сила. Кога се зборува за мерењето на стопанскиот раст, интересно е да се спомене правилото на бројот 71, според кое, ако бројот 72 се подели со просечната стапка на стопански раст на земјата, тогаш ќе се добие времето потребно земјата да го удвои бруто-домашниот производ по глава на жител. На пример, ако економијата на земјата расте по стапка од 2 %, тогаш таа земја ќе го удвои БДП по глава на жител за 36 години (72 / 2 = 36). Во продолжение, за споредување меѓу земјите се употребуваат и други показатели, како што се композитните показатели на развојот: индексот на човековиот развој, индексот на физичкиот квалитет на животот и развојниет дијаманти. На пример, развојните дијаманти сликовите го прикажуваат нивото на развиеност на земјата мерено според четири показатели: очекуваното траење на животот, бруто-стапката на упис во основното и средното образование, пристапот до здрава вода и БДП по глава на жител. Овие показатели се нанесуваат на по една оска од координатниот систем и се поврзуваат правејќи слика на дијамант, кој понатаму се споредува со просечниот дијамант на соодветната група земји.[18]
Сметководство на растот
уредиСметководството на растот, всушност, претставува анализа на изворите на стопанскиот раст, која поаѓа од производната функција. Притоа, анализата на изворите на растот врши декомпозиција на растот на трите компоненти на производната функција: трудот, капиталот и продуктивноста. Во анализата се поаѓа од претпоставката дека учеството на капиталот во производството изнесува 1/3, а учеството на трудот изнесува 2/3. Врз основа на овие коефициенти лесно може да се пресмета придонесот на трудот и на капиталот во стопанскиот раст, додека придонесот на продуктивноста е претставен преку остатокот (резидуалот). На пример, ако БДП растел по стапка од 3,1 % годишно, ако трудот растел по стапка од 1,9 % годишно и ако годишната стапка на раст на капиталот изнесува 3,2 %, тогаш од вкупниот раст на БДП од 3,1 %, придонесот на капиталот изнесува 1,1 (3,2 х 0,33), а придонесот на трудот изнесува 1,3 (1,9 х 0,67). Тоа, пак, значи дека остатокот од 0,7 (3,1 - 1,1 - 1,3) процентни поени произлегува од продуктивноста.[19]
Емпириски факти за стопанскиот раст
уредиБританскиот економист Николас Калдор неведува шест основни емпириски факти за стопанскиот раст:[20]
- производот по глава на жител расте со текот на времето, а неговата стапка на раст нема тренд на намалување
- физичкиот капитал по работник расте со текто на времето
- стапката на принос на капиталот е речиси константна
- односот меѓу физичкиот капитал и производството е речиси константен
- учествата на капиталот и на трудот во националниот доход се речиси константни
- стапката на раст на производот по работник значително се разликува меѓу земјите
период | годишна стапка на раст (%) |
---|---|
1870-1890 | 1,2 |
1890-1910 | 1,5 |
1910-1930 | 1,3 |
1930-1950 | 1,4 |
1950-1970 | 3,7 |
1970-1990 | 2,2 |
период | годишна стапка на раст (%) |
---|---|
1900-1913 | 1,2 |
1913-1950 | 0,4 |
1950-1973 | 2,6 |
1973-1987 | 2,4 |
Теоретски модели на стопанскиот раст
уредиКласична теорија на стопанскиот раст
уредиМоделот на стопанскиот раст на Адам Смит поаѓа од страна на понудата, односно од претпоставката дека производството е резултат на трите производни фактори: трудот, капиталот и земјата. Оттука, стопанскиот раст произлегува од растот на населението, инвестициите, растот на обработливата земја и од порастот на продуктивноста. Според Смит, растот на населението зависи од расположливите средства за исхрана, инвестициите зависат од стапката на штедењето (претежно, штедењето на капиталистите), порастот на земјата зависи од колонизацијата (освојувањето) на нови земји, а технолошкиот напредок, преку специјализацијата на трудот, исто така, влијае врз стопанскиот раст. На тој начин, основните елементи во теоријата на стопанскиот раст на Адам Смит се: работната сила, ефикасноста и големината на пазарот. Во однос на темпото на стопанскиот раст, Смит смета дека особено значење има распределбата на доходот. Тоа поризлегува оттаму што инвестициите, а со тоа и стопанскиот раст, се поврзани со штедењето на капиталистите. Бидејќи штедењето зависи од профитот, тоа значи дека со зголемувањето на масата на капиталот во стопанството, истовремено доаѓа до намалување на профитот поради борбата за работници коај предизвикува раст на платите. Оттука, намалувањето на животниот стандард на работниците е еден од начините за одржување на стапката на стопанскиот раст.[23]
Според Давид Рикардо, поради фиксното количество на земјата и нејзиниот различен квалитет важи законот за опаѓачка продуктивност на земјата, а тоа предизвикува две последици за стопанскиот раст: прво, тоа предизвикува раст на рентата која ја присвојуваат земјопоседниците, а тоа значи намалување на профитот; второ, заради потребата од користење и на полошата земја доаѓа до пораст на трошоците за исхрана, а со тоа и на платата, што повторно го намалува профитот. Овие две последици, пак, водат до намалување на стопанскиот раст. Сепак, Рикардо смета дека технолошкиот напредок и специјализацијата на трудот можат да го неутрализираат опаѓањето на профитот, штедењето и инвестициите.[24]
Во учењето на Карл Маркс (кое, исто така, е засновано врз Смитовата теорија), платите на работниците не се определени од потребните средства за исхрана, туку од договорот меѓу работниците и капиталистите, додека профитот зависи од штедењето, односно од акумулацијата на капиталот. Оттука, намалувањето на профитната стпка не влијае врз акумулацијата на капиталот (како во моделот на Смит), туку врз намалување на платите на работниците. Според Маркс, причината за намалувањето на профитната стапка и на стопанскиот раст е порастот на органскиот состав на капиталот, а тоа е вредносниот состав на капиталот кој е определен од техничкиот состав при што вредносниот состав го претставува односот меѓу фиксниот и варијабилниот капитал искажани во пари, додека техничкиот состав на капиталот го покажува односот меѓу средствата за производство и бројот на работниците за да го стават капиталот во употреба. Според Маркс, намалувањето на профитната стапка може да се запре преку порастот на степенот на експлоатација на работната сила, но за тоа постојат општествени и природни граници.[25]
Кејнзијанска теорија на стопанскиот раст
уредиХарод-Домаровиот модел на стопански раст
уредиХарод-Домаровиот модел го става нагласокот врз штедењето и инвестициите, односно поаѓа од претпоставката дека даденото ниво на ефикасност, вклучувајќи ја и технологијата, автоматски ја претвора акумулацијата на капиталот во стопански раст. На тој начин, овој модел претпоставува дека стопанскиот раст не бара постојано зголемување на ефикасноста. Според Харод-Домаровиот модел, стопанскиот раст зависи од три фактори: стапката на штедење, која зависи од начинот на кој домаќинствата вршат поделба на доходот на потрошувачка и заштеди; капиталниот коефициент, кој ја одразува побарувачката на фирмите за капитал; и стапката на амортизација, која делумно е последица на инвестициите во минатото. Притоа, порастот на стапката на штедење значи и повисока стапка на стопански раст, додека порастот на употребата на капиталот во однос на обемот на производството (повисокиот капитален коефициент) го намалува стопанскиот раст. Најпосле, повисоката стапка на амортизација на капиталот значи намалување на нето-инвестициите, а оттука, и намалување на стопанскиот раст. Харод-Домаровиот модел поаѓа од две претпоставки: прво, домаќинствата штедат фиксна пропорција од нивниот доход (S = s × Y); второ, фирмите сакаат да задржат фиксен обем на капитал во однос на производството. Исто така, во моделот се претпоставува дека штедењето е еднакво на инвестициите (S = I).[26]
Основното равенство на Харод-Домаровиот модел може да се напише како:[27]
ΔY / Y = s / v
каде: левата страна го претставува процентуалниот раст на националниот доход (стопанскиот раст), s е стапката на штедење, а v е капиталниот коефициент. Според тоа, моделот предвидува дека стопанскиот раст е можен само ако општеството штеди и инвестира определен процент од доходот при што, колку повеќе се штеди и се инвестира, толку е повисок стопанскиот раст. На тој начин, моделот дава одговор и на прашањето: по колкава стапка може да расте стопанството при дадена стапка на штедење и инвестиции, а таа стапка зависи од инверзната вредност на капиталниот коефициент, која го претставува производниот коефициент или коефициентот на ефективност (колкаво производство се создава на единица капитал или инвестиции). Со други зборови, ако стапката на штедење се помножи со производниот коефициент (инверзната вредност на капиталниот коефициент), ќе се добие стапката на стопански раст.
Харод-Домаровиот модел страда од проблемот на нестабилноста (т.н. проблем на „knife-edge“). Имено, во штедењето и капиталниот коефициент во моделот се фиксни, зашто се определени од институционалните фактори. Оттука, ако стварниот стопански раст е понизок од „гарантираната стапка на раст“, опредлена од основното равенство на моделот, тоа значи дека постои вишок на капацитет, т.е. производствениот капацитет го надминува растот на агрегатната побарувачка, а тоа предизвикува фирмите да инвестираат помалку, што предизвикува натамошно намалување на побарувачката и уште поголем вишок на производствен капацитет. Од друга страна, ако стварниот стопански раст е повисок од „загарантираната стапка“, тогаш растот на агрегатната побарувачка го надминува производствениот капацитет поради што фирмите ќе ги зголемат инвестициите, што ќе предизвика уште поголем раст на побарувачката. Оттука, според Харод-Домаровиот модел, ако агрегатната побарувачка не расте по иста стапка како и производството, тогаш стопанството ќе расте или ќе опаѓа бесконечно, што значи дека постои нестабилен пат до рамнотежното ниво. Единствениот стабилен стопански раст е оној кога стварната стапка на раст е еднаква на „гарантираната“ (s / v).[28]
Наводи
уреди- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 138.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 138-139.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 141.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 141.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 141-143.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 143-145.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 148-149.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 149-151.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 153-154.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 155-157.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 158-165.
- ↑ Hicks, J. (1969), A theory of economic history. Oxford: Clarendon Press.
- ↑ 13,0 13,1 Levine, R. (1997), „Financial development and Economic Growth: Views and Agenda“. Journal of Economic literature, Vol. 35, pp. 688-726.
- ↑ Robinson, J. (1952), „The Generalization of the General Theory“, во: The rate of interest, and other essays. London: Macmillan, pp. 67-142.
- ↑ Goldsmith, R.W. (1969), Financial structure and development. New Haven, Yale University Press.
- ↑ King, R. G. and Levine, R. (1993), „Financial Intermediation and Economic Development“, во: Mayer, C. and Vives, X., Financial intermediation in the construction of Europe. London: Centre for Economic Policy Research, 1993, pp. 156-89.
- ↑ Levine, R., Loayza, N. and Beck, T. (2000), „Financial intermediation and growth: Casuality and causes“, Journal of Monetary Economics, Vol. 46, pp. 31-77.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 166-168.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 175-178.
- ↑ Robert J. Barro and Xavier Sala-i-Martin, Economic growth. McGraw-Hill, 1995, стр. 5.
- ↑ Robert J. Barro and Xavier Sala-i-Martin, Economic growth. McGraw-Hill, 1995, стр. 6.
- ↑ Robert J. Barro and Xavier Sala-i-Martin, Economic growth. McGraw-Hill, 1995, стр. 6.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 180-181.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 181-182.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 182-181.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 194-196.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 196-197.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 198-199.