Бушева Планина

планина во Македонија

Бушева Планина — средновисока планина во западниот дел на Македонија, со највисокиот врв Мусица (1.788 м.), на чии падини се наоѓа градот Крушево.

Бушева Планина
Бушева или Бушоа Чешма, Слива, Крушевска Планина, Дѐни-Камен
Поглед на западните падини на Бушева Планина
Највисока точка
Надм. вис.1.788 м [1]
Истакнатост1.233 м
Координати41°26′7″N 21°10′59″E / 41.43528° СГШ; 21.18306° ИГД / 41.43528; 21.18306
Друго имеБушева или Бушоа Чешма, Слива, Крушевска Планина, Дѐни-Камен
Географија
Бушева Пл. is located in Македонија
Бушева Пл.
Бушева Пл.
Местоположба на Бушева Пл. во Македонија
Бушева Планина на карта

Карта

МестоМакедонија Македонија
Матичен венецБушева, Лубен, Баба Сач

Протегање и природни одлики уреди

 
Глетка од падините на Бушева Планина

Бушева Планина се протега помеѓу долината на Треска на север, превојот Барбарас (864 м.) на североисток, Прилепско Поле односно Пелагонија на исток, долината на Црна Река во областа Железник (Демир Хисар) на југ и реката Жаба и најголемото карстно поле во Македонија, Церското Поле на запад.[2]. Зафаќа површина од 325 км2 Највисок врв е Стара Мусица или само Мусица (1.788 м.).[3]

На главното планинско било кое се протега во правец југозапад–североисток се издигаат уште 10 врвови повисоки од 1.500 метри, меѓу кои највидни се Козјак (1762 м.н.в), Блато (1592 м.н.в.) и Кула (1437 м.н.в.) во северниот дел и Мечкин Камен (1454 м.н.в.) и Плоча (1293 м.н.в.) во јужниот дел на планината.[2]

На запад Бушева Планина морфолошки е тесно поврзана со пониските планини Баба Сач (1697 м.н.в) и Лубен (1762 м.н.в), со кои сочинуваат заеднички планински масив кој на над 1000 метри надморска височина зафаќа вкупна површина од 346 км2, додека на 1500 метри надморска височина површината на овој заеднички планински масив се намалува на само 22,8 км2.[2] На југ од Бушева Планина, одвоено со Црна Река се простира скоро обесшумениот масив Кале со истоимениот врв висок 1.494 метри,[2] кој Ѓорче Петров го нарекува Гола Планина. На оваа планина на надморска височина од 1.250 метри се наоѓа единствениот планински град во Македонија и воопшто највисок планински град на Балканот, Крушево.[4]

Како дел од големата планинска верига која се испушта од Стогово во вториот дел на Шар, сѐ кон југоисток на 1,5 часа северно од Битола, Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ оваа планина ја опишува именувајќи со неколку различни имиња како Бушева или Бушоа Чешма, Крушевска Планина, Слива и Дѐни-Камен.[5]

Од покажувањето во Прилепското Поле кај превојот Барбарас со Даутица до Бучинскиот Преод планинската верига има југоисточна поставеност и ги носи имињата: Бушева Чешма и Слива, завршувајќи на југ со Гола Планина до селото Бучин, каде што Црна Река ја пресекува веригата.[5] На Слива е расположено гратчето Крушево, поради кое што таа позната повеќе под називот Крушевска Планина. Главната верига продолжува уште малку во источен правец под името Бушева-Чешма (Бушоа Чешма), со големиот бел на изглед и варовнички по состав, врв Козјак.[5] Баба Сач, Стрмол, Бушева чешма и Слива сочинуваат една прекршена линија која се состои од 4 дела од коишто Баба има источна насока, Стрмол остро завртува на североисток, Бушева Чешма се свртува на југ–југоисток, а Слива на југ–југозапад.[5] За изгледот на Бушева Планина, Ѓорче Петров го дава следниот опис: некоја стена со еднаква височина, наместа покриена со шуми и темна, наместа гола и црвена на изглед од глинестата и почва, наместа обработена и покриена со ниви кои ја прикажуваат шарена на изглед, таа го заградува Прилепското Поле од запад и југозапад. Приближно до нејзиниот врв е расположено живописното и во многу односи чудно гратче Крушево, поради што во подалечните места ја викаат Крушевска Планина, а во самото местото е позната под имињата: Дени-Камен затоа што сред планината има карпи, над коишто вообичаено се покажува денот и деницата поради што и планината била наречена со тоа име и Слива.[5]

Шуми и растителен свет уреди

 
Раноутринска глетка кон источните падини на Бушева Планина од селото Лажани во Прилепското Поле

Бушева Планина е доста е пошумена со листопадни – букови, а на места и со зимзелени дрвја. Падините на Бушева Планина околку Крушево како планинско место спаѓа меѓу оние општини во Македонија кои се побогати со шуми.[6] Етатот го сочинуваат претежно нискостеблени дабови и букови шуми, а во поново време, како резултат на систематското пошумување, во вкупниот шумски фонд се позабележително е присуството на иглолисните видови.[6] Од зимзелените дрвја доста се застапени елката и борот, особено околу хотелот „Монтана“, кон одморалиштето „Шула Мина“ и Мечкин Камен.

Соодветно на видот и категоријата, експлоатацијата на овие шуми во најголема мера е наменета за снабдување на потрошувачите со огревно, а во помал процент и со техничко дрво за градежништво. Со оглед на туристичкиот карактер на градот и неговата околина, територијата на општината располага и со значителен фонд парк-шуми, меѓу кои особена знаменитост претставува познатата букова Крушевска Корија[6] која е стара над 300 години.[7]

Со шумското богатство на Бушева Планина стопанисува ПШС „Липа" – Крушево која располага со околу 12.500 хектари шумско земјиште, од кои 10.300 хектари се под шуми. Покрај природните шуми, значајно место во вкупниот шумски фонд заземаат итн. шумски култури, односно, шумите подигнати на вештачки начин по пат на пошумивање на голините. Годишно се врши производство на 10.500 метри кубни дрвна маса, претежно огревно дрво.[6]

Градба и геолошки состав уреди

Според настанокот Бушева Планина е дел од старите грамадни планини. Бушева Планина се одликува со различен геолошки состав.[2] Покрај кристалестите шкрилци, на Бушева Планина е карактеристичен крушевскиот гранитоиден масив.[2] Тој претставува централен дел на една крупна антиклинала, а ззафаќа површина од околу 80 км2.[2] Во нејзиниот геолошки состав се исто така застапени и варовничките карпи околу врвот Козјак, солената почва и рудни минаерали со изворот во селото Сланско на северната падина и глинестата почва на источните падини. За геолошките особености на составот на Бушева Падина, Ѓорче Петров во своите записи навел дека на јужната падина има голем ископ за вар, која се носи во Битола и Прилеп.[5] По натамошното протегање на северната падина на Бушова Чешма кај селото Сланско има извор со солена вода, која што доаѓа од повисокиот дел на планината.[5] Една компанија ја откупила солената руда по таа планина, но сѐ уште не можело да ѝ се пронајде местото, затоа што таа не била кај самиот извор.[5]

Туризам уреди

 
Планински велосипедизам на терените на Бушева Планина

Поради извонредните природни убавини и бројните културно-историски знаменитости поврзани со Илинденското востание, Бушева Планина претставува значајно туристичко место со доста развиен туризам и во зимно и во летно време. На падините веднаш над Крушево постои и функционира скијачки центар со жичарница која тргнува од самиот град и со два ски-лифта, кои се доста посетени во зима кога исто така на погодните терени околу Крушево е развиено и нордиското трчање. Во летниот период Крушево и Бушева Планина се најпознати по летањето со параглајдери. Поради убавината на местото и глетката кон полето во Пелагонија, познатиот центар за летање со параглајдери на Мечкин Камен[7] покрај за бројните странски и домашни туристи, е домаќин и на балканското првенство како и наицоналните првенства во летање со параглајдер на повеќе различни држави меѓу кои Полска, Унгарија, Норвешка.

Крушевската букова корија, бројните асфалтни и земјени патишта и скијачките терени лете се користат и за планински велосипедизам, јавање на коњи, пешачење и планинарење. Меѓу повеќето природни и културно-историски знаменитости кои се често посетувани од туристите на Бушева Планина се: Мечкин Камен, манастирот „Св. Преображение“ со големиот крст подигнати од Тоше Проески, споменикот на Илинденското Востание - Македониум, споменикот на битката на Слива, вештачкото езеро на „Гумење“ и други.

Поради чистиот воздух и големите количества снег голем број на ученици од Македонија преку организирано зимување ги посетуваат Крушево и Бушева Планина. Најпознати сметувачки капацитет за туристите се хотелите „Монтана“, „Панорама“, „Илинден“, детското одморалиште „Шула Мина“, а во последно време сместување се обезбедува и со изнајмување на приватни куќи.

 
Панорамски поглед на планината од Крушевскиот крст

Наводи уреди

  1. Топографска карта: лист Битола 1-2 (Латово), размер 1:25 000, Военогеографски институт, 1973
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 56, 64.
  3. Marković, Jovan Đ (1968). Fizička geografija Jugoslavije (2. изд.). Naučna knjiga.
  4. Географско друштво на СР Македонија (1989). Географски разгледи (27-30. изд.). Скопје: Друштво.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 11, 75, 268.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 "ПСШ „Липа" - Крушево". Скопје: Македонски Шуми. 2010. Посетено на 10 септември 2015.
  7. 7,0 7,1 "Крушево станува меѓународно познат центар за параглајдерство". Скопје: Вечер. 18 јули 2014. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 10 септември 2015.

Надворешни врски уреди