Зграда на Детски културен центар „Карпош“ (Скопје)
Зграда на Детски културен центар „Карпош“, позната и како Зграда на Пионерски дом „Карпош“ — зграда во скопската населба Дебар Маало. Таа е прогласена за Споменик на културата.[1]
Зграда на Детски културен центар „Карпош“ | |
---|---|
Зградата во 2023 година | |
Општи податоци | |
Статус | Споменик на културата (10.12.1963) |
Вид | Куќа, конзулат, полициска станица, општевствена зграда |
Адреса | бул. „Илинден“ бр. 53 |
Град | Дебар Маало, Скопје |
Земја | Македонија |
Почната | 1907 |
Завршена | 1908 |
Нарачател | Семејство Драга |
Сопственик | Град Скопје |
Технички податоци | |
Катови | 2 |
Историја
уреди3градата била почната со градба во 1907 година, а била изградена и вселена во 1908 година од турското семејство Драга, трговци со дрво од Бејрут, Египет, Константинопол, сиот Балкан и пошироко. Семејството Драга претходно имало имот на местото Кермес и Езерце во јазот на денешната улица „Орце Николов“. Ферат-Бег, сопственикот на куќата, бил син на Шабан-паша, водач на политичкиот субјект Џемиет. Семејството Драга се иселило од куќата во 1919 година, во Турција, кога Кралството СХС ја национализирало и во тие години по Првата светска војна му ја дала на извесен чиновник кој бил заслужен за ослободувањето на територијата на тогашнта Вардарска Бановина. Но, тој ја прокоцкал куќата за некоја куртизана во Хотелот Бристол, па во 30те години од минатиот век, па се до 1940 година, тука бил вселен францускиот конзул и куќата станала службен француски конзулат. За време на Војната, во 1941 година прво станала зграда на германската команда, а потоа зграда на бугарската полициска управа.[2]
Во 1945 година тука била оснаована првата државна веледрогерија Реплек. На 6 јуни 1948 година министерот за просвета на НР Македонија, Димче Мире свечено го отворил Пионерскиот дом „Карпош“ како средиште за дружење и учење на младината и градбата станала Централен пионерски дом на пионерите на Македонија и прв во тогашна Југославија.[2]
Во 1962 година, по големата полава во Скопје, подрумот бил целосно под вода и така биле уништени сите документи од архивата на Домот. Таа година, Домот го посетиле голем број амбасадори, но и тогашниот секретар на Обединетите Нации, У Тант. Матните води на надојдениот Вардар, во ноември 1962 година, најжестоко го погодиле делот на Скопје, токму помеѓу денешните улици „Илинден” и „Орце Николов”, каде што во тоа време се наоѓале, а и ден денеска стои обновената зграда на Домот. Архивата и документацијата што се наоѓала во подрумот на Домот, неповратно била уништени, а во голема мера биле уништени и опремата и уредите на техничко–моделаторската работилница како и некои други лаборатории. Она што поплавата го почнала, земјотресот го докрајчил, бидејќи ја разнишал целата зграда на Домот и ја направил неупотреблива за било каква активност. Пионерите на Југославија во тоа поземјотресно време, покренале акција за собирање средства за изградба на пионерски спомен-дом „Братство и единство”. Собраните средства не биле доволни за да биде изградена нова зграда, меѓутоа ги покриле трошоците за обновување и санација на веќе постоечката зграда.[2]
Зградата била обновена и свечено била пуштена во употреба на 1 јуни 1970 година. Исто така, во оваа зграда биле основани многу денешни установи. На пример, од балетската секција бил создаден ансамблот на Балетот на Македонската Опера и Балет, затоа што своите почетоци тука ги имале Натка Пенушлиска, Олга Милосавлева, диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски. Од драмската секција, прво бил создаден детскиот куклен театар, кој потоа прераснал во Театар за деца и младинци, а од него подоцна израснал Драмски театар - Скопје. Од моделарската секција потоа е востановена востановена Народна Техника.[2]
Статус на заштитена градба
уредиЗградата за првпат била прогласена за Споменик на културата на 10 декември 1963 година со Решението 04-113/84. Зградата добила повторно статус на заштитена градба на 14 март 1996 година со решението 0904-131/1 од страна на ЗЗСК од Скопје. Таа добила статус на значајно културно наследство врз основа на Уп. бр. 18-536 од 9 октомври 2015 година.[1]
Архитектура
уредиОградата од ковано железо во дваесетите годинин на минатиот век ја правеле мајстори од Грац и таа до ден денешен е автентична. Куќата имала одделна машка и женска бања, на долниот кат биле канцелариите од трговската фирма, а горе живеело семејството Драга. Долу во подрумот бил амамот. Bнатрешниот дел бил целосно обновен и приспособен во 2009 година со помош на тогашното раководство на Град Скопје.[2]
Поврзано
уреди- Зграда на бул. „Илинден“ бр. 41
- Зграда на бул. „Илинден“ бр. 63
- Зграда на бул. „Илинден“ бр. 68
- Рубенова палата (Зграда на бул. „Илинден“ бр. 80)
- Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 83а
- Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 88
- Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 108
- Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 109
- Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 115
- Зграда на Министерството за култура (ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61)
- Зграда на ул. „Аминта Трети“ бр. 17
- Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 82
- Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88
- Зграда на ул. „Раде Кончар“ („Живко Чинго“/„Боемска“) бр. 4а
- Зграда на Ташковиќ
- Зграда на Кубеш
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Регистрирани недвижни добра по надлежност на националните установи“ (PDF). Управа за заштита на културното наследство на Македонија. февруари 2023. стр. 44. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-04-07. Посетено на 7 декември 2023.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Александра Тодоровиќ (1 декември 2023). „Аманетот од минатото: Пионерскиот дом „Карпош" – приказна што трае и живее“. trn.mk. Посетено на 7 декември 2023.