Замокот на вкрстените судбини

„Замокот на вкрстените судбини“ (италијански: Il castello dei destini incrociati) - книга на италијанскиот писател Итало Калвино. Првата верзија на книгата се појавила во 1969 година, а втората верзија била објавена во 1973 година.[1]

Содржина

уреди

Книгата се состои од два дела:[2]

  • Замокот на вкрстените судбини
  • Меаната на вкрстените судбини

Замокот на вкрстените судбини

уреди

Замокот: Еден патник, кој штотуку поминал низ густа шума, влегува во стар замок преполнет со гости. Патникот седнува да руча, но сфаќа дека онемел и дека сите присутни се, исто така, неми. Неспособни да зборуваат, гостите во замокот почнуваат да раскажуваат приказни служејќи се со карти за тарот.[3]

Приказна за казнетиот неблагодарник: По смртта на татко му, еден млад, богат човек заминал на пат, со намера да најде богата жена. Кога стигнал во шумата, тој бил ограбен од разбојник и обесен со главата надолу. За среќа, него го спасила една девојка која случајно поминала низ шумата. Меѓу нив се родила љубов, но тој ја оставил девојката и се оженил со богата благородничка. На денот на свадбата, тој го јавнал коњот и почнал да го гони едно дете во близината на замокот, но патот му го препречила наоружан коњаник во кој ја препознал девојката што му го спасила животот во шумата. Меѓу нив почнал двобој во кој победила девојката. Најпосле, нему му се појавила една свештеничка, која му кажала дека ја навредил божицата Кибела и дека, за казна, мора да стане дел од шумата. Притоа, следбеничките на Кибела му се нафрлиле и го искасапиле со мечевите.[4]

Приказна за алхемичарот кој си ја продал душата: Еден алхемичар го поминал целиот живот во неуспешни обиди да ја најде тајната на претворањето на металите во злато. Еден ден, него го посетил ѓаволот кој му понудил да му ја открие тајната, барајќи од алхемичарот да направи златен град и да му ги даде душите на жителите на градот. Алхемичарот почнал да го гради градот, а во тоа му помагале илјадници луѓе кои во текот на работата започнале да се претвораат во животни. Кога градот бил готов, на неговите порти стоеле стражари кои не пуштале никого внатре. Еден ден, на портите дошла девојка и кога жителите на градот ја прашале, дали се плаши дека нивните души може да паднат во рацете на ѓаволот, таа им одговорила дека тие воопшто немаат души.[5]

Приказна за проклетата невеста: Еден витез сретнал девојка во шумата, која му го побарала оклопот за да се скрие од свршеникот кого не можела да го поднесе. Витезот ја послушал и таа му понудила да си избере награда: богатство или неа, а тој ја одбрал неа. Меѓутоа, кога почнал да води љубов со девојката во оклопот, наеднаш таа се претворила во труп на мртовец. Тогаш, витезот видел како од шумата излегол нејзиниот свршеник – ѓаволот, кој ја зел девојката под земјата.[6]

Приказна за крадецот на гробови: Младо момче, крадец на гробови, слегол во гробот на еден папа, со намера да го ограби, но од гробот почнало да расте дрво и крадецот се искачил по него дури до небото, каде пристигнал во еден град. Таму, пред него се појавил архангел, кој на крадецот му понудил да избере меѓу богатство, сила и мудрост. Крадецот го избрал богатството, но тогаш градот и дрвото се запалиле и тој се струполил во шумата.[7]

Приказна за Орландо кој полудел од љубов: По поразот на војската на Франките, Орландо навлегол во една шума, заслепен од љубовта кон волшебничката Анѓелика. Но, кога ја видел со нејзиниот љубовник, тој го загубил разумот и почнал да беснее, уништувајќи ја шумата и убивајќи ги животните. На крајот, рицарите од неговата војска го пронашле обесен со главата надолу, но тој ја одбил понудената помош, барајќи да го остават во таа положба.[8]

Приказна за Астолфо на Месечината: Сакајќи да го спаси Орландо, витезот Астолфо отишол во Париз, којшто се наоѓал под опсада на Сарацените. Таму, Карло Велики го замолил Астолфо да го најде изгубениот разум на Орландо. Астолфо сретнал еден пустиник, кој му кажал дека треба да се качи на Месечината. Таму, Астолфо сретнал еден поет, кој му кажал дека Месечината е само пуст, празен хоризонт.[9]

Сите други приказни: Откако сите карти се фрлени на масата, станува јасно дека сите приказни на гостите во замокот се измешани при што поединечните карти истовремено претставуваат повеќе ликови. Исто така, и сопственикот и сопственичката на замокот се ликови од картите и учествуваат во играта во која бескрајно се мешаат картите, а со тоа и приказните на луѓето.[10]

Меаната на вкрстените судбини

уреди

Меаната: Откако поминал низ густа, страшна шума, еден патник влегува во меана во која има многу луѓе, млади и стари, но сите со побелени коси од претрпениот страв. Патникот посакува да им раскаже на присутните за своето патување, но сфаќа дека е нем, као и сите други гости во меаната. Притоа, сите ги грабаат картите, се обидуваат да кажат нешто, но во меаната владее збрка.[11]

Приказна за неодлучното момче: Едно момче не можело да избере меѓу две девојки и затоа решило да замине на пат. Меѓутоа, кога стигнало на една раскрсница, тоа не можело да одлучи по кој пат да замине и затоа почнало да се качува по дабот што растел на раскрсницата. Но, момчето повторно било изгубено, зашто дрвото постојано се разгранувало. Качувајќи се по дрвото, момчето видело град на небото, на чиј влез стоел ангел. Таму, тоа повторно ги видело двете девојки, претставени како кралици. Момчето било жедно, но не можело да избере меѓу двата бунара и поради тоа посакало море. Тогаш, сликата се променила: ангелот станал ѓавол, а целиот свет го зафатил потоп така што момчето почнало да тоне во длабочините на морето. Најпосле, тоа било исечено на парчиња, по што пропаднало длабоко во земјата, оживеало низ ‘ртењето на шумата и повторно го добило својот облик. На крајот, неодлучното момче видело како од шумата се појавува неговиот двојник.[12]

Приказна за одмаздничката шума: Една голема и силна девојка одгледана во шумата, далеку од цивилизацијата, здогледела еден принц како виси обесен на гранка, откако претходно бил ограбен од шумски разбојник. Девојката го убила разбојникот и го ослободила принцот, а потоа воделе љубов. Принцот заминал во градот и не се вратил назад, а по некое време девојката родила близнаци. Таа отишла да бара правда кај царот, но кога пристигнала во градот, видела дека тој е празен, односно дека ги нема луѓето, а на нивното место се населиле животните.[13]

Приказна за преживеаниот воин: За време на битката, еден офицер пренесувал важна порака до царот, но патем забележал коњаник и започнал да се бори со него. Борбата, којашто била рамноправна, била прекината кога одекнале воените труби што повикувале на узбуна. Коњаникот ја поминал шумата и стигнал на военото поле, каде лежела масакрирана целата царска војска. Потоа, крај ближниот поток, офицерот повторно го сретнал коњаникот со кој се борел, но забележал дека се работело за жена. Набргу, врз него се нафрлиле многу амазонки, кои го заробиле. Тогаш, тука поминал пустиник кој му соопштил дека жените се побуниле и дека во иднина тие ќе завладеат со светот.[14]

Приказна за владеењето на вампирите: Ноќе, кралот излегол надвор, наговорен од својот паж, за да ја следат кралицата. Кога стигнале во шумата, тие ја виделе кралицата, облечена во калуѓерска мантија, како влегува во еден гроб и на мртовецот (кој бил потполно ист како кралот) му дава да пие крв. Тогаш, гробарот му кажал на кралот дека на тоа место се собираат вештерките и вампирите, кои дење се претвораат во лилјаци и други слични животни. Така, кралот ја фатил вештерката во стапица. За време на ноќта, во градот снемало струја, а кралицата се фрлила од највисоката кула. Тогаш, од сите страни почнале да се собираат луѓето, барајќи освета за крлаицата и обвинувајќи го кралот дека е вампир.[15]

Две приказни во коишто се бара и се губи: Двајца гости во меаната постојнао ги ределе картите за да ги состават своите приказни, но тие секогаш се мешале. Едниот од нив бил алхемичар (Фауст) кој му ја продал душата на ѓаволот за да ја дознае тајната на претворање на металот во злато, но, дури и кога го добил посаканото злато, тој не бил задоволен. Другиот бил витезот-скитник Парсифал, кој ја убил мајка си и им се придружил на рицарите, скитајќи низ светот. Така, тој стигнал до една кула во која живеел Кралот-Рибар, стар и ранет кому слугите му носеле пехари, а Парсифал сакал да дознае што има во нив, но тој никогаш не поставувал прашања.[16]

И јас се обидувам да ја раскажам својата приказна: Откако сите гости ги раскажувале своите приказни, и патникот ги зема картите со намера да ја состави својата приказна. Притоа, во овој расказ, писателот се обидува да ја објасни природата на пишувањето како процес на создавање животни приказни. Во тие рамки, писателот се повикува на митот за Едип и на сликите на кои се прикажани св. Ероним и св. Ѓорѓи кој ја убива ламјата.[17]

Три приказни за лудилото и разурнувањето: На крајот, од картите се составуваат три испреплетени приказни во кои лудилото води кон разурнување - тоа се приказните за Хамлет, Магбет и кралот Лир.[18]

Постанокот на делото

уреди

За второто издание на книгата, во октомври 1973 година, Итало Калвино напишал посебна белешка со објаснување на процесот на создавањето на делото. Првиот дел,„Замокот на вкрстените судбини“, првобитно бил отпечатен во книгата „Тарот карти, шпилот на семејството Висконти, од Бергамо и Њујорк“, издание на Франко Марија Ричи, во Парма, 1969 година.[19] Идејата да се искористат картите за тарот како раскажувачка техника Калвино ја добил од Паоло Фабри, кој на Меѓународниот семинар за структурата на расказот, одржан во јули 1968 година во Урбино, имал излагање на тема: „Раскажувањето со помош на карти и јазикот на симболите“. Исто така, од руските теоретичари М. И. Лекомчева, Б. А. Успенски и Ф. Егоров, Калвино ја прифатил идејата дека значењето на секоја поединечна карта зависи од нејзиното место во низата од карти што ѝ претходат и што ѝ следат. Притоа, Калвино се запознал со обемна библиографија во врска со гатањето со карти и со нивното симболичко значење, но според неговите зборови, тоа немало пресудно влијание врз делото, туку тој првенствено се посветил на внимателно набљудување на картите, обидувајќи се од нив да извлече сугестии и асоцијации и да ги претстави како сцена на пиктографска приказна. На тој начин бил создаден најголем дел од циклусот „Меана на вкрстените судбини“.[20] Кога ја добил поканата од Франко Марија Ричи да го напише текстот за книгата за картите на семејството Висконти, Калвино најпрвин се обидел да ги искористи веќе напишаните страници, но потоа размислувањето го довело до делото „Бесниот Орландо“ од Ариосто. Така, за една седмица, „Замокот на вкрстените судбини“ бил готов за печатење, во луксузно издание со илустрации во боја. Книгата наишла на добар прием кај критичарите, за неа пишувале критичарите Жерар Жено и Марија Корти, а Џон Барт држел предавања за книгата на Универзитетот во Бафало. Сето тоа го охрабрило Калвино да се обиде повторно да ја објави книгата, но овојпат без илустрации во боја.[21]

Притоа, Калвино се обидел да тргне од првите раскази кои веќе ги имал напишано, но не можел да ги вклопи во единствена шема, а паралелно со проучувањето на картите, неговата приказна станувала посложена. Така поминал долго време, скицирајќи стотици нови шеми во кои почнал и самиот да се губи. Затоа, тој ги напуштил тие шеми и им се вратил на расказите што веќе биле обликувани при што неколку години по ред, во помали или поголеми временски интервали, повеќепати ја започнувал работата на книгата и се откажувал. Така поминале неколку месеци, можеби и година, во кои Калвино воопшто не размислувал на таа тема, кога наеднаш добил идеја како побрзо и поедноставно да ја состави својата шема. Како плод на тоа мачно раѓање се појавил циклусот „Меаната на вкрстените судбини“ за кој Калвино вели дека решил да го објави за да се ослободи од него.[22] Исто така, едно време, тој имал намера да напише книга составена од три дела при што третиот дел би бил заснован врз стрипот и би бил наречен „Мотелот на вкрстените судбини“. Основната идеја за третиот дел била следнава: По некаква таинствена катастрофа, неколку ликови се засолнуваат во разурнат мотел во којшто останала една страница од некој стрип. Бидејќи се неми од претрпениот страв, преживеаните почнуваат да ги раскажуваат своите приказни покажувајќи ги цртежите на стрипот... Сепак, Калвино не ја разработил понатаму оваа идеја и потоа целосно се откажал од понатамошното занимавање со овој вид експерименти.[23]

Наводи

уреди
  1. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226-227.
  2. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997.
  3. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 7-10.
  4. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 11-17.
  5. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 18-22.
  6. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 23-26.
  7. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 27-29.
  8. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 30-35.
  9. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 36-39.
  10. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 41-48.
  11. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 51-52.
  12. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 53-60.
  13. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 61-65.
  14. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 66-72.
  15. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 73-81.
  16. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 82-89.
  17. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 91-102.
  18. Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 103-109.
  19. Italo Kalvino, „Autor o ovoj knjizi“, во: Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 111.
  20. Italo Kalvino, „Autor o ovoj knjizi“, во: Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 113.
  21. Italo Kalvino, „Autor o ovoj knjizi“, во: Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 114-115.
  22. Italo Kalvino, „Autor o ovoj knjizi“, во: Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 115-117.
  23. Italo Kalvino, „Autor o ovoj knjizi“, во: Italo Kalvino, Zamak ukrštenih sudbina. Beograd: Rad, 1997, стр. 117-118.