Библиографија
Библиографија е дисциплина која се занимава со опис на ракописи, поединечни трудови и публикации, како и со составување на нивниот подробен попис, по азбучен (алфабетски) или хронолошки ред. Исто така со овој термин се означува и името на самиот тој попис. Во описот на библиографската единица содржано е името на авторот, името на делото, местото и годината на издавање, името на печатницата, издавачот и форматот. Библиографијата може да биде општа (на пример национална) или специјализирана (по тема, автор, територија). Дескриптивната (или описна) библиографија содржи и информации во врска со илустрациите, хартијата, видот на буквите, цената и сл. Ретроспективната се занимава со изданијата од постарите периоди, а тековната со оние кои излегуваат напоредно со изработката на библиографијата. Критичката библиографија содржи и мислење за вредностите на делото, додека применетата се задржува на изнесување на неговата содржина. Најстарата библиографија е Калимаховиот попис на книгите од Александриската библиотека од 3 век п.н.е.