Мотел – хотел покрај автопат со паркинг, наменет за прифаќање на тие што патуваат со моторни возила.[1]. Зборот е американска кованица од зборовите мотор + хотел.[2]

Мотел

Разликата меѓу хотелите и мотелите е тоа што хотелите се изградени во центрите на градовите, а мотелите покрај патишта и автопатишта на влезови во градовите, или помеѓу два далечни града.

Историја и одлики

уреди

Мотел е неологизам, настанат во САД во 1925 година и е тесно поврзан со употребата на автомобили, што започнала во Америка по Првата светска војна.

Првично, мотелите биле дизајнирани за луѓе кои патуваат со автомобил, со обезбеден простор за паркирање. Во тоа време, тие биле изградени како серија одделни простории во непосредна близина на паркингот, управувани од нивниот сопственик. Кога автомобилите станале главно средство за транспорт во 50-тите години на минатиот век во Соединетите Американски држави, а потоа во 1960-тите во Европа и Јапонија, започнал вистинскиот бум на градба на мотели, градејќи ги што е можно поблиску до меѓународните патишта. Како што одминувало времето, нивниот бизнис се проширил - голем дел од тој бизнис го презеле големите корпорации и ја поставиле нивната организациска структура, а мотелските синџири почнале да се појавуваат од 1960-тите, кои овие корпорации обично им ги нуделе како франшизи на локалните инвеститори . Во исто време, нивната архитектура се променила - така што тие станале значително поголеми и понудиле повисок стандард на услугите .

Повеќето денешни мотели им обезбедуваат на своите гости далеку понеформална и поопуштена атмосфера од хотелите, така меѓу останатото се очекува гостинот сам да си го носи багажот во својата соба, а и голем број на услуги што ги нудат хотелите не постојат во до мотелите. Денешните мотели им нудат на своите гости релативно солидна удобност, со телевизија во собите и ресторан . Некои од мотелските синџири нудат дури и одредена количина на луксуз, затоа што имаат базени, игралишта и разни други погодности, па затоа повеќе не служат како попатни ноќевалишта за една ноќ, туку гостите остануваат подолго, а честопати се места каде се организираат разни масовни собири како што се конгреси и конвенции .[3]

Првите мотели на територијата на поранешна Југославија започнале да се градат во 1960-тите, долж автопатот „Братство и единство“ помеѓу Загреб и Белград (добар дел од нив сè уште работат), а потоа и понајуг како автопатот се движел кон југ. После тоа, биле градени мотели долж Јадранската магистрала .

Мотелот како мотив во популарната култура

уреди
  • „Соба во мотелот Блу“ (англиски: Blue Motel Room) — песна на канадската музичарка Џони Мичел (Joni Mitchell) од 1976 година.[4]

Извори

уреди
  1. „мотел“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. motel (англиски). Merriam-Webster. Посетено на 23 ноември 2013.
  3. Motel (англиски). Encyclopædia Britannica. Посетено на 12 јануари 2020.
  4. Joni Mitchell – Hejira (пристапено на 26.4.2023)

Надворешни врски

уреди