Жан Нувел
Жан Нувел (француски: Jean Nouvel, француски: [ʒɑ̃ nu.vɛl]); (Фимел, 12 август 1945) - француски архитект. Студирал на Високата национална школа за уметности во Париз, а бил и еден од основачите на движењето Марс 1976 и Архитектонскиот синдикат. Добитник е на бројни престижни признанија, вклучувајќи ги и Агакановата награда за архитектура (поточно наградата му е доделена на Арапскиот светски институт, проектиран од Нувел), Волфовата награда за уметност во 2005 година и Прицкеровата награда во 2008 година.[1][2][3][4] Неговите дела се изложувани во голем број музеи и архитектонски центри.[5]
Жан Нувел Jean Nouvel | |
---|---|
Жан Нувел во 2009 година | |
Роден(а) | 12 август 1945 Фимел, Лот-е-Гарон, Франција |
Националност | Французин |
Установа | Висока национална школа за фини уметности |
Награди | Агаханова награда за архитектура (Арапски светски институт) Прицкерова награда Волфова награда за уметност Императорска награда |
Ателје | Ателје Жан Нувел |
Зданија | Арапски светски институт, Париз Културен и конгресен центар, Луцерн Гутриеов театар, Минеаполис Кулa Агбар, Барселона Музеј на крајбрежјето Бранли, Париз Фондација Картије, Париз |
Проекти | Париска филхармонија (2012), Лувр Абу Даби (во тек) |
Семејство и образование
уредиНувел е роден на 12 август 1945 г., во Фимел, Франција. Неговите родители Рене и Роже Нувел биле наставници и честопати се селеле откако татко му станал регионален училиштен директор. Родителите го поттикнувале да учи математика и јазици, но кога имал 16 години почнал да учи цртање и бил воодушевен од уметноста. Иако подоцна изјавил дека родителите го наведувале да гради кариера во образование или инженерство, постигнале компромис кога му дозволиле да студира архитектура, сметајќи ја за помалку ризична од уметноста.
Откако паднал на приемниот испит за Школата за уметности во Бордо, се преселил во Париз и освоил прво место на националниот конкурс за упис на Високата национална школа за уметности. Од 1967 до 1970 година, заработувал како помошник на архитектите Клод Парен и Пол Вирилијо. По само една година, Вирилијо го назначил за раководител на проект за изградба на голем станбен комплекс.
Се оженил со кинематографката Одил Фијон, со која има два сина: Бертран, кој завршил постдокторски студии за компјутерски науки и работи во Мајндсторм Малтитач (Mindstorm Multitouch) во Лондон, и Пјер, кој работи како театарски продуцент и дизајнер за неговата компанија Фактоид (Factoid). Со втората жена Катрин Ришар ја има ќерката Сара. Сега живее со Миjа Хаг, шведска архитектка која работи за нејзиното студио Поинакво домување (Habiter Autrement) во Париз.
Професионална дејност
уредиНувел дипломирал на 25 години и влегол во партнерство со Франсоа Сењер. Родителите им помагале да најдат работни ангажмани, а Нувел го препорачале кај претседателот на седмото издание на Париското биенале, каде 15 години дизајнирал поставки и воспоставувал контакти од областа на уметноста и театарот. Во почетокот на кариерата, Нувел станал клучен учесник во интелектуалните дебати за архитектурата во Франција: бил еден од основачите на движењето Марс 1976, а една година подоцна и на Архитектонскиот синдикат. Нувел бил еден од организаторите на конкурсот за обнова на објектот Ле Ал (Les Halles) (1977) и го основал првото Париско архитектонско биенале во 1980 година.
Во 1981 г., го освоил конкурсот за проектирање на објектот на Арапскиот светски институт (Institut du Monde Arabe) во Париз, чијашто изградба завршила во 1987 г. и му донела светска слава. Механичките леќи, кои потсетуваат на арапскиот стил на дрвена решетка на јужниот ѕид, го контролираат внатрешното осветлување така што автоматски се отвораат и затвораат, кога нивните фотоелектричните клетки реагираат на нивоата на надворешна светлина.
Од 1972 до 1984 г., Нувел работел со три различни партнери: Жилбер Лезен, Жан-Франсоа Гијо и Пјер Сорија. Во 1985 г., заедно со помладите архитекти Емануел Бламон, Жан-Марк Ибо и Мирто Витар, го основал студиото Жан Нувел и соработници (Jean Nouvel et Associés). Потоа, во 1988 г., со Емануел Гатани, го основале JNEC. Во 1994 година, заедно со Мишел Пелисје, го формирал неговото сегашно студио Ателје Жан Нувел, кое е едно од најголемите во Франција, со 140 вработени во главната канцеларија во Париз. Ателјето Жан Нувел има подрачни канцеларии во Рим, Женева, Мадрид и Барселона. Работи на 30 активни проекти во 13 земји. Нувел го дизајнирал шишето за парфемот Маж (L'Homme) на Ив Сен Лоран, за ограниченото издание од 2008 г.[6]
Прицкерова награда
уредиВо 2008 година Нувел ја освоил Прицкеровата награда, највисокото архитектонско признание, за неговата работа на повеќе од 200 проекти, меѓу кои, како што напишал Њујорк Тајмс, „егзотично осветлениот“ Арапски светски институт, Кулата Агбар, „во облик на куршум, а шарена како грст бонбони“, која се наоѓа во Барселона, „моќниот“ Гутриеов театар со конзолен мост во Минеаполис, како и Парискиот „пркосен, таинствен и екстремно ексцентричен“ музеј на крајбрежјето Бранли (2006) и Париската филхармонија („пат во непознатото“, околу 2012 г.).[7]
Прицкер упатува на уште неколку важни дела: во Европа тоа се Фондацијата Картие за современа уметност (1994), Културниот и конгресен центар во Луцерн (2000), Операта Нувел во Лион (1993), Експо 2002 во Швајцарија, Концертната хала во Копенхаген и Судот во Нант (2000); како и две високи кули во процес на планирање во Северна Америка, Стаклената кула (Tour Verre) во Њујорк и откажаниот комплекс згради во Лос Анџелес.
Жирито на Прицкеровата награда изјавило:
Од многуте фрази кои би можеле да ја доловат кариерата на архитектот Жан Нувел, предничат оние кои ја истакнуваат неговата храбра потрaга по нови идеи и предизвикот што им го задава на прифатените норми, со цел да ги помести границите во неговата област. [...] Жирито му оддаде признание за „настојчивост, фантазија, изобилство, и пред сѐ, незаситен порив за творечко експериментирање“, како квалитети со кои изобилува творештвото на Нувел.
Проекти
уредиНувел проектирал повеќе значајни објекти ширум светот, а најзначајните се наброени подолу. Како дел од објавата за доделувањето на Прицкеровата награда на Нувел, Фондацијата Хајат, која ја доделува наградата, објавила целосна илустрирана список на архитектонските дела на Нувел, вклучувајќи и проекти кои не биле изградени, кои не се започнати или се во фаза на изградба.[8][9] Во 2001 г., режисерот Беат Кверт (Beat Kuert) го сними документарниот филм Жан Нувел, за пет проекти изработени од Нувел.
Значајни дела
уреди- 1987 – Немасус 1 (објект за домување, 114 стана), Ним, Франција
- 1987 – Арапски светски институт, Париз, Франција[10]
- 1994 – Фондација Картие за современа уметност (деловна / културна зграда), Париз, Франција[11]
- 1995 – Ералиј (малопродажен, деловен и станбен објект), Лил, Франција
- 2000 – Културен и конгресен центар (изведбен простор / конференциска сала / музеј / ресторан), Луцерн, Швајцарија
- 2000 – Судска палата, Нант, Франција
- 2001 – Златен ангел (Zlatý Anděl), Прага, Чешка
- 2002 – Монолит на Експо.02, Муртен, Швајцарија[12]
- 2004 – Кула Агбар (деловен објект), Барселона, Шпанија[13]
- 2004 – Музеј два, Леум, Самсунгов музеј на уметност, Сеул, Јужна Кореја[14]
- 2005 – Музеј на кралицата Софија, Мадрид, Шпанија
- 2006 – Музеј на крајбрежјето Бранли, Париз, Франција
- 2006 – Гутриеов театар, Минеаполис, САД
- 2009 – Концертна хала во Копенхаген, Копенхаген, Данска[15]
- 2010 – 11-та авенија 100, Менхетен, Њујорк, САД.[16][17]
- 2010 – Серпентинската галерија, привремен павилјон, Лондон, Обединето Кралство[18]
- 2010 – Една нова промена, Лондон, Обединето Кралство
- 2011 – Кула 25 во Никозија, Кипар
- 2012 – Кула Доха, облакодер, Доха, Катар[19]
- 2012 – Градско собрание, Монпелје, Франција.[20]
- 2015 – Париска филхармонија, Париз, Франција.[21]
- 2016 – Станбениот комплекс Нувел, Куала Лумпур, Малезија.
Наводи
уреди- ↑ „Aga Khan Award for Architecture; The Fourth Award Cycle, 1987–1989“. Aga Khan Development Network. Архивирано од изворникот на 15 March 2008. Посетено на 30 March 2008.
- ↑ „THE 2005 Wolf Foundation Prize in the Arts“. Wolf Foundation. Архивирано од изворникот на 14 September 2007. Посетено на 30 March 2008.
- ↑ Robin Pogrebin (30 March 2008). „French Architect Wins Pritzker Prize“. The New York Times. Посетено на 30 March 2008.
- ↑ „Media Kit announcing the 2008 Pritzker architecture Prize Laureate“ (PDF). The Hyatt Foundation. 31 March 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 9 April 2008. Посетено на 31 March 2008.
- ↑ Alain Adam (Winter 2006). „Not all Sweetness and Light at Quai Branly“. State of Art (8). Архивирано од изворникот на 10 March 2008.
- ↑ Slenske, Michael (20 March 2008). „Pocket Rocket“. Advance Publications via Men.Style.com. Архивирано од изворникот на 24 March 2008. Посетено на 2 April 2008.
- ↑ „Nouvel wins top architect's prize“. BBC News. 31 March 2008. Посетено на 31 March 2008.
- ↑ „Project List – 2000–2007 – Ateliers Jean Nouvel“ (PDF). The Hyatt Foundation. 31 March 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 9 April 2008. Посетено на 31 March 2008.
- ↑ „The Pritzker Architecture Prize 2008 Presented to Jean Nouvel“ (PDF). The Hyatt Foundation. 31 March 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 9 April 2008. Посетено на 31 March 2008.
- ↑ „Photos at archiseek.com“. Архивирано од изворникот на 2004-08-31. Посетено на 2017-05-24.
- ↑ „Photo“. Galinsky.com. Посетено на 31 March 2012.
- ↑ Photo
- ↑ Torre Agbar — Structurae (англиски)
- ↑ CNN Go Seoul's best museums 27 October 2011.
- ↑ „Copenhagen Concert Hall project description“. Danmarks Radio website. Посетено на 17 January 2009.
- ↑ Mindlin, Alex (11 February 2007). „After a 37-Year Run, a Roadside Venus to Be Veiled“. The New York Times.
- ↑ Ouroussoff, Nicolai (15 March 2010). „At the Corner of Grit and Glamour“. The New York Times. Посетено на 19 November 2013.
- ↑ Serpentine Gallery Pavilion 2010
- ↑ „Flying High in Qatar“. Архивирано од изворникот на 2012-11-17. Посетено на 2017-05-24.
- ↑ „Le nouvel hôtel de ville – Portail Ville de Montpellier“. Ville de Montpellier.
- ↑ http://www.philharmoniedeparis.fr