Ебро
Ебро (шпански: Ebro, каталонски: Ebre, латински: Hiberus, старогрчки: Έβρος) — една од најважните реки на Пиринејскиот Полуостров и најполноводната река во Шпанија.
Ебро | |
Ebro, Ebre | |
Река | |
Реката Ебро во Сарагоса
| |
Земја | Шпанија |
---|---|
Притоки | |
- леви | Нела, Хереја, Бајас, Задора, Ега, Арга. Арагон, Галјего, Сегре |
- десни | Ока, Оха, Тирон Нахериља, Ирегва, Сикадос, Алама, Халон, Уерва, Мартин, Гвадалопе, Матарања |
Извор | |
- место | Трес Марес, Кантабрија, Шпанија |
- височина | 1.980 м |
- координати | 43°02′20.80″N 4°24′10.59″W / 43.0391111° СГШ; 4.4029417° ЗГД |
Утока | |
- местоположба | Средоземно Море, Тарагонија, Шпанија |
- височина | 0 м |
- координати | 40°43′12″N 0°51′47″E / 40.72000° СГШ; 0.86306° ИГД |
Должина | 910 км |
Слив | 80.093 км2 |
Истек | во устието |
- просечен | 426 м3/с |
Сливот на Ебро
|
Реката тече низ следниве градови: Реиноса во Кантабрија; Фријас и Миранда де Ебро во Кастиља и Леон; Аро, Логроњо, Калаора и Алфаро во Ла Риоха; Тудела во Навара; Алагон, Утебо, Сарагоса и Каспе во Арагон; како и Флиш, Мора де Ебро, Бинифалет, Тивењс, Черта, Алдовер, Тортоза и Ампоста во Каталонија.
Географија
уредиРеката извира во Фонтибре (Кантабрија), место чиј назив доаѓа од латинскиот поим Fontes Iberis („Извор на Ебро“). Во горниот дел од течението, реката оди во брзаци по карпестите клисури во покраината Бургос. Одејќи на исток, почнува да образува поширока речна долина од варовнички карпи штом ќе стаса во Навара и Ла Риоха, што се должи на притоките што ѝ се придружуваат од Ибериските Планини од една страна и Наварските Планини и западните Пиринеи од друга. Тука климата постепено станува сè повеќе континентална, со крајности во температурите како во пределите со пустинска и полупустинска клима.
Пределите низ кои тече реката се закарстена имаатслоеви од растворлива карбонатна карпа на пространото воровничко карпесто тло создадено како остаток од некогашното морско дно. Тука се наоѓалиштата на арагонит — минерал наречен по Арагон.
Подолу по течението во Арагон, долината се проширува и реката станува поширока и пополноводна. Ова се должи на присуството на поголеми притоки од средишниот дел на Пиринеите и Ибериските Планини. Веќе во Сарагоса, Ебро е прилично широка река кога минува крај базиликата „Богородица“.
Кога ќе влезе во Каталонија, долината на Ебро коритото на реката се стеснува во планинските предели и добива широки кривини. Во ова подрачје се изградени големи брани како оние кај Мекиненза, Рибарожа и Флиш. Последниот потег од течението свртува на југ и минува низ мошне впечатливи клисури. Големите и стрмни карпести падини на венецот Кардо ја стеснуваат реката во последниот дел и ја двојат долината на Ебро од средоземното крајбрежје. Откако ќе ги мине клисурите, реката врти на исток кај Тортоза и конечно истекува во Средоземното Море недалеку од Ампоста, во покраината Тарагона.
Делта
уредиДелтата на Ебро во покраината Тарагона, Каталонија, е едно од најголемите мочуришни подрачја (340 км²) во западното Средоземје. Низ вековите таа се има доста проширено по земјата што реката ја носела низводно, за што сведочи фактот што градот Ампоста бил пристанишно место во IV век, а денес се наоѓа многу подалеку во внатрешноста.
Денешната делта има големо земјоделско значење, каде се одлегува ориз, овошје (особено агруми) и зеленчук. На неа има и поголем број на плажи, мочуришта и солени рамнини кои се живеалиште на преку 300 вида птици. Во 1983 г. голем дел од делтата е прогласен за Природен парк „Делта на Ебро“ (Parc Natural del Delta de l'Ebre) со цел да се заштитат нејзините природни особености.[1] Стопанското и еколошкото значење е задржано со изградбата на повеќе канали низ делтата.
Име
уредиГрчките доселеници нја нарекувале реката (Ίβηρ) („Ибер“), а Римјаните „Хибер“ или „Ибер“ (Hiber, Iber, Iberus Flumen), од каде потекнува денешното име. Поимот „Пиринејски Полуостров“ (другиот назив на Пиринејскиот Полуостров), земјата Иберија и древниот народ Ибери се наречени по реката.[2]
Историја
уредиВо антиката, Ебро служел како граница помеѓу владенијата на Рим (север) и Картагина (југ) по Првата пунска војна (264-241 г. п.н.е). Кога на Римјаните почнало да им пречи зголеменото Ханибалово влијание на полуостровот, градот Сатунт (доста појужно од Ебро) го прогласиле за римски протекторат. Ханибал го доживеал ова осојузување како насилен упад на Рим, што послужило како повод за Втората пунска војна.
На брегот на Ебро е изграден еден од најстарите цистерцитски манастири во Шпанија — манстирот „Богородица Воденичка“ (Real Monasterio de Nuestra Señora de Rueda) во Арагон, изграден во 1202 г. и е познат по тоа што бил првото место во Шпанија што користело големо воденичко тркало како производствен погон. Монасите насочиле дел од коритото во кружен водотек, што служел за централно загревање на конаците.
На реката во 1938 г. се случила познатата офанзива на републиканските сили во Шпанската граѓанска војна, наречена Битка на Ебро. Тука се истакнале повеќе македонски борци и дејци како генералот Боро Поцков,[3] иако републиканската војска на крајот била поразена и покрај првичните успеси во борбите.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Природен парк „Делта на Ебро“ Архивирано на 15 јануари 2008 г. (англиски)
- ↑ „Иберија“ — Лексикон на македонскиот јазик
- ↑ „Борбите на реката Ебро“ во „На шпанската земја: сеќавања на учесници во шпанската граѓанска војна“, Скопје, Култура, 1961, стр. 129-140 (биб. кат.[мртва врска])
- „Делта на реката Ебро во североисточна Шпанија“. Земјина опсерваторија на НАСА. Архивирано од изворникот на 2006-09-30. Посетено на 2006-05-24. (англиски)
- „Ебро“ Архивирано на 26 јули 2008 г. — Енциклопедија „Колумбија“ (англиски)
Надворешни врски
уреди- Ебро на Ризницата ?
- Реката Ебро и нејзината делта — портал (англиски)
- Фотогалерија на делтата на ебро и околнте предели: птици, пејзажи, луѓе