Фондација ERSTE

(Пренасочено од ЕРСТЕ Фондација)

Фондацијата ЕРСТЕ (германски: DIE ERSTE österreichische Spar-Casse Privatstiftung, или ERSTE Stiftung) е фондација на најголемата австриска штедилница. Формирана е во 2003 година, на темелите на Првата австриска штедилница (Erste Oesterreichische Spar-Casse), која била формирана во 1819 година. Како фондација на приватна австриска штедилница, посветена е на општата добросостојба на општеството. Освен тоа, има и посебна улога како најголем сопственик на удели во Erste Grupe. Фондацијата ЕРСТЕ ја користи добивката од своите удели со цел да го поддржи развојот на општествата во централна и Југоисточна Европа.

Фондација ERSTE
ТипАвстриска приватна фондација
Основана2003
Седиште Виена, Австрија
ПотеклоПравен наследник на Првата австриска штедилница (Erste oesterreichische Spar-Casse), формирана 1819.
Опслужувано подрачјеЦентрална, Источна и Југоисточна Европа
ЗадршкаОпштествен развој, култура, европска интеграција
МетодФинансирање оперативни активности и обезбедување неповратна помош (грантови)
ПриходНајголем поединечен сопственик на удели во Erste Group Bank AG
Вработенинад 30
Мреж. местоwww.erstestiftung.org

Мисија на Фондацијата

уреди

Фондацијата ЕРСТЕ е активна во Централна и Југоисточна Европа. Нејзината мисија е заснована врз идејата на штедилница од 19-от век. Таа го поддржува општественото учество и активизмот на граѓанското општество; се обидува да ги здружи луѓето и да го пренесе знаењето за неодамнешната историја на регионот којшто претрпе драматични промени од 1989 година. Како активна фондација, таа развива сопствени проекти во рамките на три програми: Општествен развој, Култура и Европа.

Програми

уреди

Општествен развој

уреди

Фондацијата го поддржува развојот на поправедни и посилни општества во кои никој нема да се чувствува запоставен. Од таа причина направени се две комплементарни стратегии на општествено учество: интеграција на поединци и групи кои живеат на маргините на општеството и барање начин за остварување општествени промени. Преку активностите на Фондацијата се создаваат еднакви можности за луѓето кои живеат во тешки општествени услови и ситуации кои бараат неодложна помош кога се работи за образование и општествено учество.

Култура

уреди

Програмата која што се занимава со културата е најактивна во меѓународни, регионални проекти и опфаќа истражувања кои се насочени кон визуелната уметност од 1960-тите години до денес. Културата се смета за движечка сила на демократското општество, благодарение на својата способност да создава врски помеѓу различните јазични и географски региони. Работата со различни уметнички стратегии создава поле за експериментирање на темата утопија и за предлози надвор од границата на остварливост на секојдневната политика, како и за истражување на можностите на различните уметнички пристапи. Благодарение на тоа, културната програма промовира независни проекти, како и проекти кои спаѓаат во секторот култура, давајќи им поддршка со ресурси и со прекугранични контакти кои се одвиваат преку државните институции, со цел да се запре таканаречениот одлив на мозоци.

Европа

уреди

Фондацијата го промовира процесот на европска интеграција, создавајќи платформа за размена на идеи, знаења и иницијативи. Европејците се поттикнуваат да живеат во склад со заедничките вредности, слободно да разменуваат идеи, да работат заедно и да учат едни од други. Проектите најмногу се занимаваат со воспоставување жива култура на дијалог. Во опкружување во кое се инсистира на меѓусебни разлики, на луѓето треба да им се овозможи да доживеат солидарност, поврзаност и соработка. Проектите ја антиципираат реалноста на обединета Европа и го пренесуваат потенцијалот на Унијата, особено во оние земји во кои во овој момент сè уште не е овозможено спроведување на програмите на ЕУ. Во центарот на вниманието се работата со млади луѓе, програмите за новинари и дебатите за иднината на Европа.

Проекти (примери)

уреди
  • Академија на централно европски училишта (aces) – прекугранична училишна мрежа во 15 земји од Централна и Југоисточна Европа, создадена за подобро разбирање на европските вредности и намалување на предрасудите помеѓу младите луѓе.
  • Балкански стипендии за новинарска извонредност – Стипендии за новинари од девет балкански земји, во соработка со Балканската истражувачка мрежа (BIRN) и Фондацијата Роберт Бош, се доделуваат со цел јакнење на демократијата и слободата на говорот низ квалитетно новинарство во медиумите.
  • Стипендии на Фондацијата ЕРСТЕ за општествени истражувања – десет источноевропски научници секоја година добиваат стипендии за подетално истражување на социолошки, демографски или општествено-политички теми во рамките на европскиот контекст.
  • Gender Check. Фемининост и маскулиност во уметноста на Источна Европа – прва изложба која што беше посветена на темата на родовите улоги, нудејќи претставителен преглед на уметноста на Источна Европа од 1960-тите години. Дваесет и пет кустоси од 24 земји соработуваа на подготовка на изложбата во Музејот на модерна уметност во Виена, на која се прикажани преку 400 дела од повеќе од 200 уметници. Изложбата беше поставена и во Националната галерија Закета во Варшава.
  • Komenskýfond – наречен по чешкиот ренесансен педагог Јан Коменски, фонд кој се создаде од соработката на Каритас Австрија и Фондацијата ЕРСТЕ, основан во девет земји, со цел поддршка за намалување на сиромаштијата низ образованието, посебно за децата во ромските заедници.
  • PATERNS Lectures – оваа серија предавања го поддржува развојот на нови универзитетски курсеви во Централна и Југоисточна Европа во областите историја на уметноста, теорија на културата и културните студии. Се поддржуваат меѓународни студиски посети на предавачи и се поттикнува меѓународна академска размена со можност да се организираат предавања на гости предавачи.
  • tranzit.org – независна транзитна мрежа која дејствува во Австрија, Чешка, Унгарија и Словачка. Секоја локална единица на Транзит има свој автономен начин на работа, соработува на неколку уметнички проекти и организира предавања, претстави, дискусии, публикации, изложби и истражувања. Во текот на 2010 година, тимот на Транзит беше еден од трите тимови со кустоси за биеналето на европската уметност Манифест 8, кое се одржа во шпанскиот град Мурсија.

Социјално банкарство и финансиска инклузија

уреди

Со оглед на тоа што ја претставува фондацијата на штедилницата, Фондацијата ЕРСТЕ е посветена на идејата за општествена штедилница од 19-от век. Според тоа, таканареченото социјално банкарство и финансиската инклузија претставуваат клучна тема во рамките на програмата под наслов Општествен развој. Најпознати проекти од оваа област се:

  • Die Zweite Sparkasse (Поинаква штедилница) – банка за луѓе кои не можат да добијат сметка во ниту една друга банка.
  • good.bee – организација на Erste Grupe и Фондацијата ЕРСТЕ за микро кредитирање и општествено претприемништво.
  • Турнеја за општествено претприемништво 2010 – турнеја и работилници што се одржаа по европските градови, со цел промовирање на општествено претприемништво во Источна Европа, чиј двигател беше Мухамед Јунус.

Награди

уреди

Награда на Фондацијата ЕРСТЕ за општествена интеграција

уреди

Почнувајќи од 2007 година, секоја втора година се доделува Наградата на Фондацијата ЕРСТЕ за општествена интеграција на проекти кои успешно поттикнуваат општествена интеграција на луѓето во локалните заедници. Во текот на јавниот конкурс, се избираат 30 победници од приближно 1000 пријавени проекти од 12 земји (конкурс за 2011 година) кои добиваат парични награди во вкупен износ од 610.000 евра. Освен тоа, на невладините организации кои ќе добијат јавно признание им се дава бесплатна PR поддршка при работата на проекти, како и пристап кон меѓународната мрежа на невладини организации. Церемонии на доделување награди до сега се одржани во Љубљана (2007), Букурешт (2009) и Прага (2011).

Награда за култура и теорија „Игор Забел“

уреди

Во 2008 година Фондацијата ЕРСТЕ ја востанови Наградата за култура и теорија ”Игор Забел”. На овој начин се поддржува работата на историчарите на уметност и теоретичарите во регионот на Средна и Источна Европа, а се претставуваат сознанија за уметноста и културата со поттикнување на собирањето и размената на знаења во областа на културата меѓу ‘истокот’ и ‘западот’. Наградата е наречена по словенечкиот автор, уметнички критичар и кустос, Игор Забел (1958–2005), виш кустос во Модерната галерија во Љубљана, кој бил заслужен за воспоставување културни врски меѓу Источна и Западна Европа.

Соработка со други фондации на меѓународни проекти

уреди

Хронологија

уреди

Корените на Фондацијата ЕРСТЕ датираат уште од 19-от век. Првата австриска штедилница „Erste österreichische Spar-Casse“ е формирана во 1819 година.[1] Како резултат на амандманите на австрискиот Закон за штедилници, во 1993 година “Erste österreichische Spar-Casse” е поделена на оперативна банка (Erste Bank AG) и холдинг компанија (DIE ERSTE österreichische Spar-CasseAnteilsverwaltungssparkasse, скратено: AVS). Ерсте Банката, која е споена со Giro Credit Bank AG der Sparkassen, излезе на берзата во 1997 година и на тој начин AVS стана најголем сопственик на удели во компанијата која од тогаш се наоѓа на списокот на Виенската берза. Во 2003 година AVS е формално трансформирана во DIE ERSTE österreichische Spar-Casse Privatstiftung, скратено: ERSTE Stiftung (Фондација ЕРСТЕ), која започна да работи по две години.

Во првиот голем проект ја вклучи Zweite Wiener Vereins-Sparcasse, односно Zweite Sparkasse, која е формирана во 2006 година и мрежата на Академијата на централно европски школи (aces), која беше основана истата година. Во 2007 година е одржано првото доделување на Наградата за социјална интеграција на Фондацијата ЕРСТЕ во Љубљана и отворен е првиот конкурс за Балкански стипендии за новинарска извонредност. Наградата за култура и теорија „Игор Забел“ и формирањето на организацијата „good.bee“ следеа во 2008 година. Во 2009 година телевизиските станици ORF и 3sat први ја емитуваа документарната ТВ серија „Балкан Експрес“ (Враќање во Европа), а Наградата за општествена интеграција на Фондацијата ЕРСТЕ е доделена по вторпат на церемонијата што се одржа во Букурешт. Најголем проект до сега од областа на културата претставуваше изложбата „Gender Check“, отворена во виенскиот музеј МУМОК во 2010 година. Истата година, Турнејата за општествено претприемништво со Мухамед Јунус помина низ шест источноевропски земји, со цел да го претстави концептот на општествено претприемништво како облик на одржлива стопанска активност, и тоа во Виена, Братислава, Будимпешта, Прага, Букурешт и Белград. Истата година, Наградата за култура и теорија „Игор Забел“ му е доделена на полскиот историчар на културата, Пјотр Пјотровски во Барселона. Во 2011 година, Наградата за општествена интеграција на Фондацијата ЕРСТЕ во својот трет циклус е доделена во Прага на 34 проекти од 12 земји.

Правен статус

уреди

Фондацијата ЕРСТЕ е фондација на приватна штедилница, според дефиницијата на австрискиот Закон за штедилници.

Одбори

уреди

Органите на Фондацијата ги сочинуваат Управниот одбор, Надзорниот одбор и Асоцијацијата. Асоцијацијата на приватни штедилници, основана во 1819 година, која што има повеќе од 100 членови, ги избира членовите на Надзорниот одбор и го именува претседателот на одборот. Надзорниот одбор ги именува членовите на Управниот одбор и ја контролира работата на Фондацијата. Управниот одбор раководи со работата на Фондацијата и одлучува за распределбата на средствата за финансиски проекти, со помош на Советодавниот одбор кој е составен од меѓународни експерти.

Членови на Надзорниот одбор

уреди
  • Георг Винклер - претседавач
  • Дитрих Блаут
  • Максимилијан Хардег
  • Бернхард Кајнц
  • Хајнц Кеслер
  • Фридрих Лакнер
  • Петер Митербауер
  • Јохана Рахингер

Членови на Управниот одбор

уреди
  • Дораја Еберле - претседавач
  • Рихард Волф - заменик претседавач
  • Франц Карл Прилер
  • Бернхард Шпалт

Членови на Советодавниот одбор

уреди
  • Ерхард Бусек - претседавач
  • Кристоф Баделт
  • Каролине Хорнштајн - Томиќ
  • Иван Крастев
  • Јохана Мајр
  • Франц Залм
  • Иван Вејвода

Вработени, буџет и проекти

уреди

Во 2012 година Фондацијата ЕРСТЕ има околу 35 вработени. За финансирање проекти фондацијата одобрила средства во вкупен износ од 40 милиони евра, во периодот од своето основање во 2003 година до крајот на 2010 година.[2] Во текот на овој период вкупниот број проекти кои ги спровела или поддржала фондацијата ЕРСТЕ е 548, а 110 од нив биле пријавени на конкурсите. Околу 80% од годишниот буџет на Фондацијата ЕРСТЕ се вложува во проекти кои се спроведуваат во рамките на трите програми: Општествен развој, Култура и Европа. Останатите 20% од средствата се грантови што се одобруваат на непрофитни организации за финансирање на нивни проекти.[3]

Членство во покровителски организации

уреди
  • Централно европска фондација (European Foundation Centre - EFC)[4]
  • Мрежа на европски фондации (Network of European Foundations - NEF)[5]
  • Здружение на австриски приватни фондации (Verband österreichischer Privatstiftungen - VÖP)

Библиотека на Фондацијата ЕРСТЕ

уреди

Основана во 2007 година, Библиотеката на Фондацијата ЕРСТЕ собира литература што е издадена во најголема мера на англиски и на германски јазик. Содржи приближно 5000 наслови и 35 периодични списанија (2012). Темите ги опфаќаат областите уметност, теорија на медиумите и историја, малцинства и родова рамноправност, теорија на културата и културна политика, економски и политички развој, општествено претприемништво и банкарство. Географски збирката е фокусирана на регионот на Централна и Југоисточна Европа. Библиотеката е отворена за јавноста. Збирката може да се погледне во просториите на Фондацијата со закажување.

Референтен материјал

уреди
  1. {C. Rapp, N. Rapp-Wimberger: Arbeite, Sammle, Vermehre. Von der ersten Oesterreichischen Spar-Casse zur Erste Bank. Christian Brandstätter Verlag, Vienna 2005, p. 7.}
  2. „-{Annual reports and fact sheet on the homepage}-“. Архивирано од изворникот на 2012-07-08. Посетено на 2012-07-24.
  3. -{Annual reports Архивирано на 6 јануари 2013 г. of the Foundation}-
  4. „-{European Foundation Centre}-“. Архивирано од изворникот на 2012-07-08. Посетено на 2012-07-24.
  5. „-{Network of European Fondations}-“. Архивирано од изворникот на 2012-09-27. Посетено на 2012-07-24.

Надворешни врски

уреди