Виктор Аќимовиќ (Тетово, 15 мај 1915 - Скопје, 21 декември 1987) — македонски публицист, новинар, филмски и фотографски автор. Познат е како „македонскиот Рихард Зорге“.[1]

Виктор Аќимовиќ
Роден 15 мај 1915
Тетово, Македонија Македонија
Починал 21 декември 1987
Скопје, Македонија Македонија
Националност Македонец
Занимање публицист, новинар, филмски и фотографски автор
Сопружник Милена Година
Татко Лазар Аќимовиќ
Мајка Параскева Герасимова
Деца 3

Животопис уреди

Аќимовиќ е роден во Тетово на 15 мај 1915 година, во видно семејство, кое се доселува во градот во средината на XIX век. Прадедото на Виктор, Стојко Аќимовиќ е првиот учител на српската пропаганда во Тетово од 1861 година, кој доаѓа од скопското село Похошево. Фамилијата Аќимовиќ во времето на Викторовата младост ги уживало привилегиите на Кралството Југославија, како истакнато просрпско семејство со заслуги за ширењето на српската просветна пропаганда во Тетовско. Татко му, Лазар, бил моден кројач, но по Првата светска војна работел како државен чиновник и со мајка му Параскева Герасимова, прилепчанка, имале уште еден син и две ќерки.

За време на основното образование Виктор бил мошне активен во скаутското движење на Тетово, скијал и се занимавал со фотографија, бидејќи и Лазар бил фотограф – аматер. Неговиот дедо Љубомир бил учител, како и прадедото, што му овозможило интелектуално опкружување и пристап до прилично богатата семејна библиотека. Од 1932 година до 1934 учел во средното земјоделско училиште во Крижевци, Хрватска. Во тоа време ги познавал, покрај македонскиот и српскиот, турскиот, албанскиот јазик, а подоцна и словенечкиот, бугарскиот, рускиот и францускиот јазик.

Уште во Крижевци пројавил антирежимски ставови за што бил казнет од судот со 14 дена затвор и отпишување од училиштето поради „ширење комунизам“. По издржаната казна (1934 година) се вратил во родниот град, но само по два месеца, поради неговиот напис објавен во „Глас Полога“, во кој се критикува работата на социјалната служба за осигурување во Тетово, заработил нова тужба. Во ноември истата година почнал да го издава својот весник „Тетовске новине“, а како уредник, покрај него, се појавува и Боро Атковиќ. По првиот ден од излегувањето, промакедонските ставови, промовирани во весникот, провоцираат судско решение за забрана за печатење. „Тетовске новине“, сепак, излегува уште извесно време. Бил пријател со Кочо Рацин, Павел Шатев, Антон Панов и жесток критичар на „големците“ како Страхил Гигов и Боро Чушкар. Бил оженет со Словенката Милена Година, но подоцна повторно се преженил. Неговите потомци живеат во Словенија.

Во 1939 година во Марибор го издал единствениот број на промакедонскиот весник на српски јазик, „Јужна Стварност“.[2] Од 1944 година активно се вклучил во НОБ.

Во март 1949 година е уапсен и според пресудата на Окружниот суд во Скопје од 1950 година против него, тој се товари дека за време на окупацијата во Скопје имал контакти со окупациските власти и дека во септември 1944 година бил избран за член на иницијативниот комитет, заедно со Мирко Стефановски и Георги Киселинов, а овој комитет, според пресудата, требало да претставува дел од марионетската управа на т.н. Независна Држава Македонија на чело со Иван Михајлов, создадена и контролирана од Гестапо.

После војната во 1948 година Информбирото му испраќа писмо во кое пишува дека тој би требало да работи како информатор на истото, но Аќимовиќ го пријавува писмото, но сепак бил уапсен и бил осуден на четири години затвор со обвинение дека се обидел да пребега во Унгарија. Починал во Скопје на 21 декември 1987 година.[3]

Творештво уреди

Аќимовиќ е еден од првите фотодокументаристи во Главниот штаб на Македонија, а со своите фотографии учествувал и во првите броеви на весникот „Нова Македонија“. Подоцна поради јавниот судир со функционерите Гигов и Чушкар, Аќимовиќ работел како дописник на „Политика“ и Белградско радио, хрватскиот „Илустриран вјесник“ и љубљанскиот „Товариш“, но не и за македонските весници.

Од 1960 тој работи како слободен уметник, како член на Друштвото на ликовни уметници на применета уметност на Македонија, но и како слободен телевизиски репортер во информативно–политичкиот сектор на Радио–телевизија Скопје.[се бара извор]Во наредните две децении Аќимовиќ им се посветил на филмот и на фотографијата. Во Кинотеката на Македонија се чуваат стотина награди и признанија на Виктор Аќимовиќ, меѓу кои „Сребрена плакетa“ на Првиот фестивал во Скопје на „Средбите на солидарноста“ (1967 година) за филмот „Циркус интернационал“, највисоката награда на Фестивалот на аматерски филм во Скопје наредната година, „Сребрена плакета“ на Меѓународниот филмски фестивал на аматерски филмови во Кан, што Аќимовиќ ја доби за својот филм „Бел гулаб“ во конкуренција од 24 земји. На Меѓународниот филмски фестивал во Луксембург, во официјална конкуренција биле прикажани три негови филма, а за еден од нив, „Циганска молитва“ е награден со „Бронзена плакета“. Тој е еден и од основачите на скопскиот клуб „Камера 300“, учесник е на бројни меѓународни изложби на фотографија и еден од најпочитуваните сниматели и фотографи на Балканот, но и во Европа.

Наводи уреди

  1. Катарџиев, Иван (1983). Борбадо победа: Студии и статии. Мисла.
  2. Иван Катарџиев, За весникот „Јужна стварност“ – Прилог кон проучувањето на македонскиот печат пред почетокот на Втората светска војна, „Историја“, VII, 2, Скопје, 110–126
  3. Ristovski, Blaže (1990). Portreti i procesi od makedonskata literaturna i nacionalna istorija. 2. Kultura.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди