Јужна Стварност
Јужна Стварност бил единствен број на весник „за сите културни прашања на Македонија“, напечатен во 2.500 примероци на српски јазик, но со македонска културно-национална, економско-политичка и прокомунистичка концепција. Излегол во Марибор, Словенија во декември 1939 година.[1] На воведно место се истакнува: „Го покренавме весникот ’Јужна стварност’ со задача да се стави во служба на најшироките слоеви на нашата покраина, во границите на можностите објективно да ги известува и низ него да се чуе чесниот збор по сите прашања што ги интересираат масите од нашата покраина“. Меѓу другите прилози значајно е „Отвореното писмо“ до акад. Никола Вулиќ, во врска со неговото предавање во Српскиот културен клуб во Белград, за историјата на Македонија и Македонците, па преку насловот ја најавил и дилемата: „Јужна Србија или Македонија“. Сопственик и главен и одговорен уредник, но и автор на прилозите бил тетовецот новинар и поет Виктор Аќимовиќ кој бил оженет за Словенката Милена од Марибор.[2]