Автокоманда
Автокоманда — населба во источниот дел на градот Скопје, на 3 км оддалеченост од центарот на градот, на левиот брег на реката Вардар, од источната страна на парк-шумата Гази Баба, а западно од населбите Камник, Маџари, Триангла и Ченто, северно од Ќерамидница, јужно од населбата Железара и од фабриката Железара. Населбата Автокоманда припаѓа во рамките на скопската градска општина Гази Баба.
Сместена е на самиот влез на градот и е раскрсница кон населбите Кисела Вода и Аеродром, Карпош, Центар и Чаир и автопатот кон Гевгелија и Куманово.
Главен јавен простор на населбата е плоштадот Филип II, на кој се наоѓа споменик на истоимениот крал заедно со фонтана од антички воини и девојки.
Сообраќај
уредиНиз Автокоманда поминува булеварот Александар Македонски кој всушност е продолжение на автопатот кон Гевгелија и Куманово и води кон Бит-пазар, центарот на Скопје и Карпош. Надвозникот над булеварот води кон Аеродром, Кисела Вода, Лисиче и Драчево. Преку северниот дел од населбата се оди кон населбите Чаир, Бутел, Радишани и Железара.
Исто така, низ Автокоманда поминуваат и краци од железничката пруга кои водат кон Гевгелија, Куманово, Тетово, кон Фабриката Железара и кон Главната железничка станица Скопје.
Поради сето ова Автокоманда е сообраќаен јазол од голема важност за Скопје.
Индустрија
уредиОпштина Гази Баба е втора во Македонија според економската моќ, веднаш зад Општина Центар, со тоа што економијата на Општина Центар во голема мерка ја градат седиштата на банките, додека економијата во Општина Гази Баба е составена воглавно од индустриски гиганти. А речиси сите индустриски капацитети на оваа општина се сместени токму во Автокоманда. Тоа се Пивара Скопје, Фершпед, Алкалоид, Фабрика за чоколадо и вафел Европа, Жито Лукс, ЈСП Скопје, ЕРА Скопски саем, Фабрика за автобуси Скопје (ФАС), Митал стил, Балкан стил, Сковин.
Образовна инфраструктура
уредиВо самата населба постојат следниве образовни установи:
- Основно училиште Стив Наумов,
- Државното средно училиште АСУЦ Боро Петрушевски,
- Државното средно училиште Никола Тесла
- Државното средно училиште Михајло Пупин,
- Државното средно училиште Панче Арсовски,
- приватниот колеџ Јахја Кемал,
- Земјоделскиот Факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј,
- Хемискиот Факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј,
- Информатичкиот Факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј,
- Шумарскиот Факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј
- Ветеринарниот Факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј,
- студентскиот дом Стив Наумов,
- средношколскиот интернат Томе Стефановски Сениќ.
Општествена инфраструктура
уредиВо непосредна близина на Студентскиот Дом Стив Наумов и Земјоделскиот Факултет се наоѓа црквата Св. Архангел Михаил, храм на Македонската православна црква. Во самиот црковен круг се наоѓаат и гробишта на Британските војници загинати на Македонските простори во текот на Првата светска војна Во близина се наоѓа и парк-шумата Гази Баба која служи за рекреација на населението. Помладите ништо не ги врзува за Домот на Културата Димитар Влахов, но оние кои растеа во периодот 1960-тите до 1990-тите години со невидена носталгија се присетуваат на овој објект кој престана да постои во 2017 година. Во состав на стариот Дом на Култура работеше библиотека и аматерскиот театар „Чекори“, а во минатото имаше и кино со околу 100-тина седишта. Во киното најмногу гледани беа филмови од хонгконгшка продукција (најомилен лик на публиката беше Брус Ли), Индиски филмови, филмови со тематика од Втората светска војна. Во текот на 2017 година домот е урнат и на негово место се гради современ објект во сопственост на приватна компанија која се занимава со музичка продукција.
- Цркви
- Црква „Св. Архангел Михаил“ - Автокоманда[1]
- Црква „Покров на Пресвета Богородица“ - Автокоманда - црква параклис со света вода. Се наоѓа во дворот на црквата „Св. Архангел Михаил“;
Историја
уредиСамото име Автокоманда е во тесна врска со настанокот на населбата. Имено, по завршувањето на Првата светска војна, војската на Кралството СХС проценила дека овој простор е погоден за стационирање на транспортни единици и на еден дел од денешната населба изградила транспортна база. По завршувањето на Втората светска војна во текот на 1940-тите и 1950-тите години, војската на СФРЈ ја дислоцира оваа база при крајот на 1964. По завршувањето на граѓанската војна во Грција, во Автокоманда им се дава прибежиште на Македонците кои биваат протерани од своите дотогашни домови во Грција. Во населбата Автокоманда масовно се доселуваат протераните со цели семејства. Сосема природно, големиот број новодоселени жители се дочекани студено од староседелците во населбата, и се јавува соперништво кој трае се`до времето на Скопскиот земјотрес. По земјотресот, се гради низ целиот град. Автокоманда го добива сегашниот изглед: изградени се таканаречените Железарски згради во северниот дел на населбата, четирите жолти станбени кули покрај булеварот Александар Македонски, исти такви три кули позади бензинската пумпа, таканаречената Руска зграда кај пазарчето (изградена од владата на тогашен СССР), спортската сала, а во залезот на 1970-тите години е изградена и Воената Кула, наменета за офицерите на ЈНА, воени пензионери и цивили во служба на ЈНА. Во новите згради се доселуваат нови жители, и дотогашното соперништво помеѓу староседелците и протераните од Грција избледува во целост. Денеска старите жители на Автокоманда се вистинска реткост. Во текот на 1980-тите и 1990-тите години се изруши старото гето составено од суб-стандардни бараки кои од жителите на Автокоманда беа цинично наречени Американско Село, и на истото место се изградени зградите позади бензинската пумпа, кои гледаат кон Ветеринарниот Факултет.
Население и структура на население
уредиНаселението на Автокоманда се главно (99%) Македонци. Социјалната структура на жителите на Автокоманда е широка, станува збор за главно работничка средина, сопственици на мали и средни бизниси, како и државни службеници од понизок и среден ранг.
Самоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиБрој на избирачко место | Установа кадешто се наоѓа | Женски гласачи | Машки гласачи | Регистрирани гласачи |
---|---|---|---|---|
2481 | ДСУ Панче Арсовски | 244 | 248 | 492 |
2482 | ДСУ Панче Арсовски | 298 | 335 | 633 |
2483 | ОУ Стив Наумов | 171 | 202 | 373 |
2484 | ОУ Стив Наумов | 176 | 196 | 372 |
2485 | ОУ Стив Наумов | 239 | 295 | 534 |
2486 | ОУ Стив Наумов | 337 | 426 | 763 |
2487 | Пензионерски Дом | 268 | 278 | 546 |
2488 | Пензионерски Дом | 147 | 179 | 326 |
2489 | Спортска сала „Автокоманда“ | 341 | 382 | 723 |
2490 | Спортска сала „Автокоманда“ | 268 | 317 | 585 |
Вкупно | 2.489 | 2.858 | 5.347 |
На парламентарните избори во 2024 година, гласале вкупно 3.472 жители, каде 61% од гласовите освоила Коалицијата “Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, 12% Коалицијата за европска иднина - СДСМ и 11% партијата Левица.[4]
Познати личности
уреди- Магдалена Ризова-Черних, глумица
- Борче Стефановски, градоначалник на Општина Гази Баба во период 2000 до 2004 година, е израснат овде и сѐ уште е жител на населбата.
- Драган Стефановски, поранешен фудбалер во повеќе клубови: ФК Скопје, ФК Металург, ФК Љуботен, ФК Цементарница, ФК Борец.
- Славица Грковска, пратеничка во државното собрание.
- Коце Трајановски, градоначалник на Општина Гази Баба во период 2004 до 2009 година, и избран градоначалник на Скопје на изборите 2009 година.
- Косара Николиќ Мазнова, пратеничка во државното собрание.
- Мирослав Вајс, поранешен фудбалер на ФК Вардар и на ФК Хајдук од Сплит, Хрватска.
- Сашо Караџов, поранешен фудбалер на ФК Вардар, ФК Скопје, ФК Металург.
- Горан Караџов, поранешен фудбалер на ФК Вардар, ФК Скопје, ФК Металург.
- Арчи, естраден пејач.
- Кристијан Наумовски, фудбалер од редовите на ФК Работнички и поранешен играч на ФК Скопје повремен репрезентативец на Република Македонија роден,израснат и сѐ уште е жител на наслебата.
- Стево Пендаровски, универзитетски професор, политички аналитичар и кандидат за Претседател на Република Македонија.
- Браќата Илија Боцевски и Душко Боцевски кошаркари, репрезентативци на Македонија.
Спорт
уредиВо текот на 1950-тите и 1960-тите години активен е Фудбалскиот клуб МИК (кратенка од „Металска Индустрија Кале„), кој се натпреварува во фудбалски лиги од понизок ранг: Македонска Републичка Лига, Трета Југословенска Лига, а има и играно 2 сезони во Втората Југословенска Лига Исток од кои во првата го освојува шестото место. Подоцна го менува своето име во Фудбалски клуб Скопје, под кое име постои до ден денешен, и се натпреварува во втората лига. Клубот ги доживеа своите ѕвездени мигови во 1990-тите години под спонзорство на Авио-Компанијата Палер Македонија и подоцна под спонзорство на спортскиот менаџер Миленко Неделковски, кога го завршува есенскиот дел од прволигашкиото првенство на прво место. ФК Скопје настапува како кираџија на игралиштето на ФК Металург, популарно наречено Олд Трафорд.
Со изградбата на спортската сала спортскиот живот дополнително се збогатува, се создаваат и нови спортски клубови кои го носат името Скопје:
- Велосипедски клуб Скопје,
- Боксерски клуб Скопје, во 1970-тите и во 1980-тите боксерите на Скопје освојуваа повеќе турнири.
- Ракометен клуб Скопје,
- Одбојкарски клуб Скопје,
- Пингпонгарски клуб Скопје.
- Карате клубот Металург од 1970-тите до ден денешен е расадник на врвни каратисти, освојувачи на медали и победници на многу турнири,
- Ракометен клуб Металург.
- Кошаркарски клуб Скопје: Кошаркарскиот клуб Скопје наскоро по основањето добива генерален спонзор и го менува своето име во КК МЗТ Скопје. Во почетокот на 1980-тите се гради населбата Нов Аеродром (денес позната под името населба Јане Сандански), а спонзорот МЗТ таму гради сопствена спортска сала и КК МЗТ Скопје се сели таму, а Автокоманда останува посиромашна за еден прекрасен спортски колектив.
Химна
уредиАвтокоманда е населба којашто има своја химна. Песната е испеана од навивачите на ФК Скопје и на КК МЗТ Скопје во текот на 1970-тите години и е веднаш прифатена како неофицијална Химна на Автокоманда, и е сѐ уште актуелна :
„ |
|
“ |
Навивачка група Пирати
уредиВо солисна бројка за една населба , на возраст 18-50 години, и многу верни следбеници на своите миленици ФК Скопје и РК Металург. Гордо ѝ пркосат на очигледната доминација на поголемите навивачки групи и се една од најдобрите и најлојалните навивачки групи во Република Македонија.
Наводи
уреди„Автокоманда“ на Ризницата ? |
- ↑ „Верски објекти“. Општина Гази Баба. Посетено на 28 ноември 2010.[мртва врска]
- ↑ Состојба 5.2024.
- ↑ „Избирачки список“.
- ↑ „Резултати парламентарни избори 2024 - 08.05.2024“. line feed character во
|title=
во положба 36 (help)[мртва врска]