Џанмарко Тамбери

италијански атлетичар

Џанмарко Тамбери (роден на 1 јуни 1992 г.) — италијански атлетичар кој се натпреварува во дисциплината скок во височина.

Џанмарко Тамбери
Лични податоци
Роден(а)1 јуни 1992(1992-06-01)(32 г.)
Чивитанова Марке, Италија
Висина1.91 м[1]
Тежина76 кг[1]
Спорт
Земја Италија
СпортАтлетика
ДисциплиниСкок во височина
Клуб
  • ATL-Etica (2021–)[2]
  • Fiamme Oro (2021–)[2]
Тренер

Тој е актуелен олимписки првак (2020), европски првак (2022) и светски првак (2023).[3][4] Тој ја освоил титулата во Дијамантската лига во 2021 година, станувајќи првиот италијанец на кој тоа му успеало,[5] и го повторил истото во 2022 година.[6]

Биографија

уреди

Роден во Чивитанова Марке во покраината Мачерата, тој израснал во Офања во покраината Анкона. Син на скокачот Марко Тамбери, тој како дете главно се занимавал со кошарка пред да се посвети на истата дисциплина како и неговиот татко.

Почетоци (2011–12)

уреди

Во 2011 година, на италијанското јуниорско првенство во Бресаноне, Тамбери го подобрил својот најдобар резултат за единаесет сантиметри, од 2,14 на 2,25 метри, откако го прифатил предлогот на неговиот татко да ја избричи брадата само на еден образ. Оттогаш, тој секогаш кога ќе се пласира во финале, се натпреварува со избричена брада само на едната страна. На 19-годишна возраст, тој освоил бронзен медал на европското јуниорско првенство во Талин во 2011 година, израмнувајќи го неговиот личен рекорд.

Во 2012 година, на европското првенство во Хелсинки, тој го завршил финалето во скок во височина на 5. место со прескокнати 2,24 метри.

На италијанското првенство во Бресаноне, Тамбери прескокнал 2,31 метри, со што остварил личен најдобар и трет италијански резултат во историјата (два сантиметри зад Марчело Бенвенути) и пред сè, достигнал норма за Летните олимписки игри 2012. Тој настапил на игрите во Лондон, кои биле први во неговата кариера, но не успеал да се пласира во финалето, прескокнувајќи само 2,21 метри во квалификациите.

Прв италијански државен рекорд (2013–15)

уреди

Во јуни 2013 година, Тамбери завршил на шестото место на Средоземните игри 2013 во Мерсин, Турција. Тој прескокнал 2,21 метри од трет обид, а потоа не успеал да ја прескокне височината од 2,24 метри. Две недели подоцна, на европското првенство до 23 години во Тампере, Финска, тој не успеал да се пласира во финалето во скок во височина, прескокнувајќи само 2,17 метри од вториот обид.

На италијанското државно првенство 2013 во Милано, Тамбери прескокнал 2,25 метри со што го освоил второто место, зад Марко Фасиноти кој пресконал 2,27 метри. Следната сезона, во јули, тој го подобрил овој резултат, станувајќи италијански првак со прескокнати 2,22 метри.

Во 2015 година, Тамбери постепено ги подобрувал своите резултати, започнувајќи ја сезоната со резултат од 2,15 метри на натпреварување во Прага. Во јуни, на митинг во Лисабон, тој пресконал 2,25 метри кои биле доволни за победа, а потоа на меѓународниот митинг во Келн прескокнал 2,34 метри со што станал италијански рекордер, соборувајќи го рекордот поставен еден месец претходно од Марко Фасиноти.

На 2 август 2015 година во Еберштат, Германија, тој на два пати го подобрил сопствениот италијански рекорд, прво скокајќи 2,35 метри од трет обид, а потоа 2,37 метри од прв обид. На Светското првенство 2015, во Пекинг, Тамбери прескокнал 2,29 метри во квалификациите кои биле доволни за пласман во финалето, во кое прескокнал 2,25 метри за пласман на осмото место.

Европски и светски првак во сала (2016–18)

уреди

На 4 февруари 2016 година тој победил на митинг во Банска Бистрица, Словачка поставувајќи нов италијански рекорд во сала од 2,35 метри. Една недела подоцна, тој го подобрил италијанскиот рекорд во сала во Хустопече, Чешка со скок од 2,38 метри, поставувајќи го најдобриот светски резултат во сала во годината. На 6 март, на италијанското првенство во сала во Анкона тој го освоил златниот медал со прескокнати 2,36 метри, поставувајќи најдобар резултат досега постигнат од италијанец во Италија.

На Светското првенство во сала 2016 оддржано во Портланд, Тамбери го освоил златниот медал во скок во височина со прескокнати 2,36 метри. Завршувајќи на подиумот пред Роберт Грабарз и Ерик Кинард, тој ја пресконал височината од 2,36 метри од прв обид, откако претходно од трети обид ги прескокнувал височините од 2,29 метри и 2,33 метри.

Тамбери ја започнал сезоната на отворено со натпреварување на неколку митинзи од Дијамантската лига: на 22 мај, на меѓународниот митинг во Рабат, тој бил шести со резултат од 2,25 метри; на 2 јуни тој го заземал третото место на митингот во Рим со 2,30 метри; на 5 јуни на меѓународниот митинг во Бирмингем тој завршил осми со прескокнати 2,20 метри.

На 26 јуни тој победил на италијанското првенство во Риети со прескокнати 2,36 метри, што во тоа време бил втор најдобар светски резултат на отворено во годината.

На Европското првенство 2016 во Амстердам, Тамбери прескокнал 2,32 метри од прв обид кои биле доволни за да го освои златниот медал, завршувајќи на највисокото место на подиумот пред Роберт Грабарз и Крис Бејкер. Тој станал првиот италијанец кој освоил европски златен медал во скок во височина.

На 15 јули 2016 година, Тамбери победил на митингот од Дијамантската лига во Монако, поставувајќи нов сопствен и италијански рекорд од 2,39 метри, еден сантиметар помалку од најдобриот светски резултат во сезоната постигнат од Мутаз Еса Баршим на митинг во Ополе, Полска. Тој се обидел да прескокне 2,41 метри, но при вториот обид заработил повреда на левиот скочен зглоб која на крајот ќе се покаже како причина поради која Тамбери ќе ги пропушти Летните олимписки игри 2016.[7]

Тамбери ги пропуштил натпреварувањата во сала во 2017 година и започнал да се натпреварува на натпреварувања на отворено во јуни. На Светското првенство 2017 во Лондон, тој ја прескокнал висината од 2,29 метри во квалификациите, но не успеал да се квалификува во финалето. Овој резултат се покажал како негов најдобар до крајот на сезоната.

Во јули 2018 година, Тамбери настапил на митингот од Дијамантската лига во Монако, каде што завршил на 4. место со прескокнати 2,27 метри. Во август, на Европското првенство 2018 во Берлин, тој не успеал да се закити со медал, освојувајќи го 4. место со прескокнати 2,28 метри, зад Матеуш Пжибилко (2,35 м), Максим Недасекај (2,33 м) и Иља Ивањук (2,31 м).

Во септември, на италијанското државно првенство во Пескара, Тамбери лесно ја освоил титулата со резултат од 2,30 метри.

Олимписко, светско и европско злато (2019–23)

уреди

На 15 февруари 2019 година, на италијанското државно првенство во сала во Анкона, Тамбери победил со скок од 2,32 метри. На Европското првенство во сала 2019 во Глазгов, тој го освоил златниот медал со прескокнати 2,32 метри, со што станал првиот италијанец што освоил златен медал во скок во височина на европско натпреварување во сала.[8]

На Светското првенство 2019 во Доха, Тамбери прескокнал 2,27 метри во финалето, резултат кој му го донел осмото место во конечниот поредок.

Тамбери не успеал да ја одбрани светската титула во сала на Светското првенство 2021 во Торуњ, завршувајќи втор, зад Максим Недасекај, со прескокнати 2,35 метри.

 
Тамбери на Европското првенство 2022.

На 1 август 2021 година, на Летните олимписки игри во Токио, Тамбери го поделил златниот медал заедно со Мутаз Еса Баршим, откако двајцата прескокнале височина од 2,37 метри.[9] Двајцата атлетичари, откако прескокнале шест височини без грешки до 2,37 метри, направиле три грешки на следното мерење од 2,39 метри. Откако го завршиле натпреварувањето со идентичен резултат, судијата им пришол на Тамбери и Баршим, објаснувајќи им дека можат да го продолжат финалето со дополнително прескокнување или да се договорат за заедничка победа. На барање на Баршим, двајцата скокачи кои исто така се пријатели и надвор од теренот прифатиле да го поделат златниот медал.[10][11]

Тамбери ја започнал 2022 година со освоен бронзен медал (идентичен резултат со Хамиш Кер од Австралија) на Светското првенство во сала 2022 во Белград, со прескокнати 2,31 метри. На 24 јуни, во Риети, Тамбери ја освоил италијанската титула во скок во височина прескокнувајќи 2,26 метри. Откако завршил четвртти на светското првенство во Јуџин со прескокнати 2,33 метри,[12] тој во август освоил златен медал на Европското првенство 2022 во Минхен, со резултат од 2,30 метри, оставајќи ги зад себе Тобијас Потје и Андриј Проценко.[13]

На 22 август 2023 година, Тамбери го освоил златниот медал на Светското првенство 2023 во Будимпешта, прескокнувајќи 2,36 метри. Со оваа победа тој станал вториот италијанец досега, по Алберто Кова, кој освоил олимписко, светско и европско злато во иста атлетска дисциплина.[14]

Лични рекорди

уреди
Дисциплина Резултат Место Датум Рекорд
На отворено Скок во височина 2.39 м Монако, Франција 15 јули 2016 ДР
Во сала Скок во височина 2.38 м Хустопече, Чешка 13 февруари 2016 ДР

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „GIANMARCO TAMBERI“. coni.it. Италијански олимписки комитет. Посетено на 1 август 2021.
  2. 2,0 2,1 „Tamberi e Zanon, ingresso in Fiamme Oro“ (италијански). fidal.it. 15 July 2021. Посетено на 18 July 2021.
  3. „Athletics: Tamberi wins Euro high jump gold“. ansa.it. 19 August 2022. Посетено на 19 August 2022.
  4. „REPORT: MEN'S HIGH JUMP – IAAF WORLD INDOOR CHAMPIONSHIPS PORTLAND 2016“. iaafg.org. Посетено на 21 July 2018.
  5. „Athletics: it is the year of Tamberi, he triumphs in Zurich jumping 2.34. First Italian to win the Diamond League“. breakinglatest.news. 9 септември 2021. Архивирано од изворникот на 2023-04-30. Посетено на 10 септември 2021.
  6. „Jumps success for Tamberi and Kennedy“. worldathletics.org. 7 September 2022. Посетено на 8 септември 2022.
  7. „Atletica, per Tamberi niente Rio: "Ridatemi il mio sogno" (италијански). 16 јули 2016. Посетено на 16 јули 2016.
  8. „European Athletics - What the athletes had to say at the European Athletics Indoor Championships“ (италијански). Посетено на 7 април 2019.
  9. Andrea Buongiovanni (1 август 2021). „Fantastico Tamberi, è un oro da impazzire! Vince nel salto in alto ex aequo con Barshim“ (италијански). Посетено на 1 август 2021.
  10. „«Possiamo avere due ori?»“ (италијански). 2 август 2021. Посетено на 2 август 2021.
  11. Marco Bonarrigo (1 август 2021). „L'oro ex aequo di Tamberi e Barshim: come funziona il regolamento del salto in alto sullo spareggio“ (италијански). Посетено на 2 август 2021.
  12. „Tamberi quarto nel salto in alto ai Mondiali: "L'oro? Arriverà a Budapest l'anno prossimo". la Repubblica (италијански). 19 јули 2023.
  13. „Un Tamberi da favola è oro nel salto in alto: "E adesso l'addio al celibato coi miei amici" (италијански). 18 август 2022. Посетено на 19 август 2022.
  14. „Mondiali di atletica, Tamberi d'oro nel salto in alto“. la Repubblica (италијански). 22 август 2023.

Надворешни врски

уреди