Снежен леопард

вид мачка
(Пренасочено од Uncia)
Снежен леопард
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Felidae
Потсемејство: Pantherinae
Род: Uncia
Gray, 1854
Вид: U. uncia
Научен назив
Uncia uncia
Schreber, 1775
Распространетост
Синоними
  • Panthera uncia (Schreber, 1775).[1]
  • P. u. baikalensis-romanii (Medvedev, 2000)
  • P. u. irbis (Ehrenberg, 1830)
  • P. u. schneideri (Zukowsky, 1950)
  • P. u. uncioides (Horsfield, 1855)

Снежниот леопард (Uncia uncia или Panthera uncia) е средно голема мачка која потекнува од Средна Азија. Класификацијата на овој вид е изменета, и точната таксономска позиција е во родот Panthera, а не во посебен род како што било досега.

Овој леопард не може да рика и покрај тоа што поседува непотполно оскоскување на подјазичната коска. Во минатото се сметало дека ова оскоскување бил главниот фактор кој им овозможувал рикање на големите мачки. Сепак, според најновите истражувања, способноста за рикање е последица на други морфолошки структури во гркланот, кои се отсутни кај снежниот леопард[2][3].

Особености

уреди

Снежниот леопард е помал од останатите големи мачки. Во просек тежи помеѓу 27 и 54 килограми. Должината на телото е 74-130 сантиметри, со опашка која има скоро иста должина[4]. Мажјаците генерално се поголеми од женките.

Снежните леопарди имаат кратко густо крзно, со базична боја која варира од светлосива до жолта, и белузлава боја на градите и стомакот. Имаат темносиви или црни белези на телото и главата и поголеми дамки на нозете и на опашот[4].

Снежниот леопард има неколку адаптации за живот во ладните планински услови. Телото му е набиено, со густо крзно, ушите се мали и заоблени – што помага при лимитирање на загубата на топлина. Стапалата им се широки, што овозможува подобро распределување на нивната тежина при одење на снег, и имаат крзно од долната страна што помага при движењето по стрмни и нестабилни површини. Опашката на снежните леопарди е долга и флексибилна и им помага во одржување на рамнотежа. Опашката е исто така целосно прекриена со густо крзно, кое не дозволува губење на топлината. Опашката се користи и како ќебе за заштита на лицето кога спијат[4][5].

Таксономија

уреди

Во минатото многу таксономисти го вклучувале снежниот леопард во родот Panthera, во кој спаѓаат неколку видови на големи мачки. Подоцна тој бил префрлен во посебен ред Uncia. Се сметало дека не е близок роднина на леопардот (Panthera pardus), сепак, според неодамнешните молекуларни анализи, овој вид спаѓа во родот Panthera, иако неговата точна позиција сè уште не е целосно разјаснета[6].

Неколку подвидови се предложени за животните кои живеат во различни географски региони (овие подвидови се посочени како синоними во таксономската кутија). Со исклучок на Р. u. baikalensis-romanii за кој се потребни понатамошни истражувања, останатите подвидови генерално не се сметаат за валидни.

Распространетост

уреди

Снежниот леопард е распространет низ централна и јужна Азија. Живее во суровите планински региони на површина од околу 1 230 000 квадратни километри која се протега низ 12 земји: Авганистан, Бутан, Кина, Индија, Казахстан, Киргистан, Монголија, Непал, Пакистан, Русија, Таџикистан и Узбекистан.

Географската распространетост е од Хиндукуш во источен Авганистан и Сир Дарја, преку планините Памир, Тјеншан, Каракорум, Кашмир, Кунлун и Хималаи до јужен Сибир каде ги вклучува и руските Алтаи планини, Тани Ула и планините западно од Бајкалското Езеро.

За време на летниот период живеат на надморска висина од 2700 до 6000 метри. За време на зимата, снежните леопарди се симнуваат до 1000 метри н.в. Благодарение на моќните бели дробови, на овие животни не им смета проретчената концентрација на кислород која ја среќаваме на овие височини.

Однесување

уреди
 
Глава на снежен леопард

Снежниот леопард е самотно животно, иако се случува женките да се грижат за младенчињата за време на подолг период.

Секоја иднидивуа живее во точно дефинирана „домашна“ територија. Овие животни не ја бранат агресивно територијата кога други снежни леопарди ја преминуваат. Големината на овие територии е доста варијабилна. Во Непал, каде има плен во изобилство, териториите се од 12-39 km2, и на 100 km2 се среќаваат 5 до 10 единки. Сепак во посуровите региони на територија од 1000 km2 среќаваме само 5 единки[2].

Снежните леопарди се најактивни за време на самрак и на зора, што ги прави крепускуларни животни [4].

Исхрана

уреди
Снежен леопард како јаде плен

Снежниот леопард е месојад кој активно го лови својот плен. Сепак како и останатите мачки, и овие животни се опортунисти, па се хранат со сè што ќе најдат вклучувајќи и мрша и домашна стока. Способни се за убивање животни кои се трипати поголеми од нив, но најчесто се хранат со многу помал плен како зајаци и птици [5].

Исхраната на снежниот леопард варира во зависност од регионот и од годишното време. На Хималаите, најчесто се храни со Хималајска сина овца, но во другите планински региони најчесто лови Сибирска коза и аргали, вид на дива овца (која станала ретка во регионите каде што живее снежниот леопард) [4][7]. Други ловени животни се различни типови на диви кози и овци, други слични преживари како химлајски тар и горал, потоа елени, диви свињи и мајмуни. Во помал плен спаѓаат и мрмот, Lepus oiostolus, пика, други глодачи и птици како Tetraogallus и чукар [4][5][7][8].

Се случува да нападне и стока, што го доведува во директен конфликт со човекот. Овчарите убиваат снежни леопарди за да го заштитат стадото[5].

Снежните леопарди ловат од заседа и можат да скокнат и до 14 метри во далечина[9].

Размножување

уреди
 

Половата зрелост ја достигнуваат на 1-2 години. Снежниот леопард се пари при крајот на зимата и носењето на младенчињата трае 90-100 дена. Големината на леглото варира од едно до пет младенчиња, но најчесто има две или три. При раѓањето младенчињата тежат 300-700 грама и се слепи. Тие ги отвораат очите после 7-9 дена. Младенчињата остануваат со мајката сè додека не станат независни, односно на возраст од 18-22 месеци[4].

Овие животни имаат животен век од 15-18 години, но во заробеништво живеат и до 20 годишна возраст.

Популација и заштитен статус

уреди
 
Снежен леопард во зоолошка во Франција, ја покажува долгата опашка
 
Снежен леопард
 
Снежен леопард во зоолошката градина во Сан Диего.

Популацијата во дивината се проценува на бројка помеѓу 4000 и 7500 единки. Во 1972 година Меѓународниот сојуз за зачувување на природата и природните ресурси (IUCN) го става снежниот леопард на Црвената список на загрозени видови како загрозен вид.

Постојат и околу 600-700 снежни леопарди во зоолошките градини ширум светот [10].

Земја Живеалиште
(sq. km.)
Проценета
Популација[10]
Авганистан 50,000 100-200
Бутан 15,000 100-200
Кина 1,100,000 2,000-5,000
Индија 75,000 200-600
Казахстан 50,000 180-200
Киргистан 105,000 150-500
Монголија 101,000 500-1000
Непал 30,000 300-500
Пакистан 80,000 200-420
Таџикистан 100,000 180-220
Узбекистан 10,000 20-50

Заштитени региони:

Голем прогрес бил направен за обезбедување услови за преживување на снежниот леопард. Исто така има успех и во програмите за размножување во заробеништво.

Снежниот леопард во хералдиката

уреди

Снежниот леопард е национален симбол на Татарите и Казаците. Ова животно е и официјален знак на градот Алмати, а снежен леопард со крилја е претставен на грбот на Татарстан. Сличен леопард се наоѓа и на грбот на Северна Осетија-Аланија.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Panthera uncia. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 9 октомври 2008.
  2. 2,0 2,1 Nowak, Ronald M. (1999). Walker's Mammals of the World. Johns Hopkins University Press. ISBN 0-8018-5789-9.
  3. Weissengruber, GE; G Forstenpointner, G Peters, A Kübber-Heiss, and WT Fitch (2002). „Hyoid apparatus and pharynx in the lion (Panthera leo), jaguar (Panthera onca), tiger (Panthera tigris), cheetah (Acinonyx jubatus) and domestic cat (Felis silvestris f. catus)“. Journal of Anatomy. Anatomical Society of Great Britain and Ireland. стр. 195–209. doi:10.1046/j.1469-7580.2002.00088.x. Архивирано од изворникот на 2013-08-01. Посетено на 20 мај 2007.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 „Snow Leopard Fact Sheet“ (PDF). Snow Leopard Trust. 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-08-18. Посетено на 23 октомври 2008.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 „Snow Leopard profile“. National Geographic. 2008. Посетено на 23 октомври 2008.
  6. Johnson, W.E.; Eizirik, E., Pecon-Slattery, J., Murphy, W.J., Antunes, A., Teeling, E. & O'Brien, S.J. (6 јануари 2006). „The Late Miocene radiation of modern Felidae: A genetic assessment“. Science. 311 (5757): стр. 73-77. doi:10.1126/science.1122277. Посетено на 24 октомври 2008.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  7. 7,0 7,1 Jackson, Rodney; Hunter, Don O. (1996). „Snow Leopard Survey and Conservation Handbook Part III“ (PDF). Snow Leopard Survey and Conservation Handbook. Seattle, Washington, & Fort Collins Science Center, Colorado, US: International Snow Leopard Trust & U.S. Geological Survey. стр. 66. Архивирано од изворникот (pdf) на 2008-07-03. Посетено на 14 март 2009.
  8. непознат автор (2004). Conservation of the Snow Leopard in Nepal“ (PDF). Seattle, US: The Snow Leopard Network. стр. 2. Архивирано од изворникот (pdf) на 2011-07-28. Посетено на 14 март 2009.
  9. „Animal Bytes: snow leopard“. San Diego Zoo. 2007. Посетено на 5 мај 2007.
  10. 10,0 10,1 „Population and Protections“. Snow Leopard Trust. 2008. Архивирано од изворникот на 2008-05-14. Посетено на 3 јули 2008.
  11. UNESCO World Heritage Centre Nanda Devi and Valley of Flowers National Parks. Brief Description. Вчитано 27 ноември 2006.
  12. Snow Leopard Conservancy. 2006. Training park managers in the conservation of snow leopards Архивирано на 20 април 2010 г.. Вчитано 27 ноември 2006.
  13. UNESCO World Heritage Center. Sagarmatha National Park: Brief Description. Вчитано 27 ноември 2006.
  14. Snow Leopard Network. 2005. Camera Trapping of Snow Leopards in the Muzat Valley Архивирано на 3 јануари 2009 г.. Вчитано 27 ноември 2006.

Надворешни врски

уреди