Филиповци

село во Општина Кратово

Филиповци — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.

Филиповци

Спиридоново Маало, дел од селото Филиповци

Филиповци во рамките на Македонија
Филиповци
Местоположба на Филиповци во Македонија
Филиповци на карта

Карта

Координати 42°03′34″N 22°05′05″E / 42.05944° СГШ; 22.08472° ИГД / 42.05944; 22.08472
Регион  Североисточен
Општина  Кратово
Население 52 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1360
Повик. бр. 031
Шифра на КО 14029
Надм. вис. 530-620 м
Филиповци на општинската карта

Атарот на Филиповци во рамките на општината
Филиповци на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Најстариот запис за селото со името Филиповци потекнува од турските документи од 1570 година. Името на селото потекнува и доаѓа од личното име Филип.[2] Со именската наставка -вци името на селото означува семејна или друг вид на заедница и задруга на луѓе која потекнува или припаѓа на некој Филип кој најверојатно бил основач или сопственик на селото и воедно родоначалник на неговите први жители.

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во јужниот дел на подрачјето на Општина Кратово, а атарот се допира до просторот на Општина Пробиштип.[3] Филиповци е ридско, раштркано односно село од разбиен тип и неговите маала се издигнуваат од 530 до 620 метри надморска височина. Од градот Кратово селото е оддалечено 10 километри.[3]

Низ селото поминува регионалниот пат 2247.

Маалата на селото носат имиња според родовите коишто живеат во нив, односно: Смилковци, Јашковци, Спиридонова, Караманска. Селото со своите маала е опкружено со ридови од сите страни и тоа: Змијарник (790 м.) и Градиште (1009 м.) на југ, познатиот кратовски Црн Врв (1115 м.) на југоисток, Гарина (793 м.), Бели Брег (675 м.) и Било (694 м.) на исток, Долно Осое (620 м.) на североисток, Боровик (664 м.) и Градиште (639 м.) на север, Шумак (572 м.) на северозапад, Бачков Рид (569 м.) на запад и Чука (697 м.) на југозапад.

За него македонскиот револуционер Ѓорче Петров, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, запишал дека тоа е сместено во подножјето на Црн Врв подолу од Сакулица на 2 часа од Кратово, при што од една страна тоа се доближува до Сакулица на ¼ час, а од друга страна до Тополовиќ на ½ час. Едниот дел на селото се гледал од кумановскиот пат спроти Тополовиќ на една тумба во чиешто подножје е Филиповскиот ан (спроти анот на една тумба е с. Нановци или Вак’в).[4]

Историја

уреди

Во пишаните извори селото Филиповци се сретнува во турските пописни даночни дефтери од XVI и XVII век кога селото потпаѓало под вилаетот Кратово и било царски хас во Ќустендилскиот санџак. Во XVI век во 1570 година во селото Филиповци живееле 21 македонско христијанско семејство и 11 неженети како и 6 муслимански чифлици кои произведувале до 100 товари пченица, мешано жито, граор, коноп, леќа, грозје, вино, бостан и одгледувале свињи и пчели, а имало и 2 воденици за што плаќале данок од 7500 акчиња.[5]

Според записите на Ѓорче Петров, Филиповци било чифлик со 40 македонски куќи чиишто жители ја имаат истата издршка како и сакуловчани. Сите тукашни села се чифлизи на кратовските бегови како и козјачките во Кумановската каза. Се гледа дека некогаш Кратовската каза била владение на беговите. Земјата се сметала за посед на господарите, а селаните немале ниту педа своја земја со исклучок на оние случаи кога некои селани си откупуваат дел од земјата, се откажуваат од чифликот и стануваат самостојни. Селаните биле чифчии-работници на господарот и немале дури ни своја куќа. Тие не можеле дури ни да го напуштат агата кој пак можел да ги избрка. Впрочем, при целосната потчинетост на селаните и нивната трудољубивост таквите непријатни случки биле многу ретки, а селаните се сметале како на своја земја и во своја куќа. Тие работеле туѓа земја со свои орудија за што како награда добиваат 1/3 од произведеното. После жетвата ќе ги преброеле сноповите, ќе го пресметале житото и селанецот ќе задржел за себе една третина. За семе за следната година ја оставале другата третина, а на чифликот им ја давале останатата третина. Бидејќи пресметувањето било произволно и без мислењето на селаните за нив останувало многу мал дел. Добитокот се сметал како подвижна стока и припаѓал на селаните, а сопствениците на чифлиците земале само извесна количина масло, урда или сирење и волна. Тоа било причината зошто сточарството го сочинува главниот извор на богатство во целиот западен дел на Кратовската каза.[4]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 13,4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 493 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 489 хектари, а на пасиштата 318 хектари.[3]

Во основа, селото има мешовита земјоделска функција.[3]

Населението на селото Филиповци се занимава со земјоделство, сточарство како и со занаетчиски услужни дејности. Од поледелството најзастапено е одгледувањето на жита најмногу пченица и пченка и градинарски култури како грав, компир и пиперки, патлиџани, кромид, лук на отворено, додека од сточарството застапено е одгледувањето на крави и кози.

На ридовите околу селото има доста ливади со бујна трева кои покрај како пасишта се користат и за косење на сено за прехрана на стоката во зима, а самите тие имаат и голем број нискостеблести грмушки кои се поволни за брстење од козите. Дел од жителите се занимаваат и со услужни и занаетчиски дејности како градежништво, ѕидарство, автопревоз, сеча на огревно дрво. Во самото село, веднаш крај патот пред мостот и свиокот на сред село има и мелница за жито во која се прави брашно. Во селото Филиповци се одгледуваат и многу пчелни сандаци во кои се произведува ливадски и цветен мед, а заедно со уште неколку околни кратовски села тоа е едно од ретки во кои е задржана и сѐ уште се прави древната дејност на лов на пчели со бртви во дупки на карпите.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948521—    
1953598+14.8%
1961519−13.2%
1971405−22.0%
1981289−28.6%
ГодинаНас.±%
1991166−42.6%
1994140−15.7%
2002112−20.0%
202152−53.6%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Филиповци живееле 280 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Филиповци имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]

Филиповци е населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 519 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 140 жители.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Филиповци живееле 112 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 52 жители, од кои 49 Македонци и 3 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 280 240 521 598 519 405 289 166 140 112 52
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Селото Филиповци во целост е населено само со македонски православни родови коишто во најголем дел се староседелци или пак се доселени и потекнуваат од соседните околни села. Родовите се групирани во маалата коишто се именувани според родовските прекари и презимиња: Јашковци, Смилковци, Караманци, Спиридонови. Презимиња на македонски семејства кои денес живеат во Филиповци се: Давитковски, Иванови, Алексови, Стојанови, Петковски, Трајчевски, Атанасовски, Сточеви / Стојчевски.

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Филиповци било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Кратовска градска општина, во која покрај градот Кратово се наоѓале и селата Близанци, Горно Кратово, Емирица, Железница, Живалево, Кавран, Кнежево, Којково, Куново, Мушково, Нежилово, Приковци, Туралево, Филиповци и Шлегово. Во периодот 1950-1952 година, селото било во рамките на тогашната Општина Туралево, во која се наоѓале селата Живалево, Туралево, Тополовиќ и Филиповци.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0916 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа.[15]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Манастирската црква „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[17]
Цркви[18]
Манастири

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Филиповци

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 194.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 308.
  4. 4,0 4,1 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија. 385-386 (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. ISBN 978-608-245-113-8.
  5. Соколоски, Методија (1980). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 53–54.
  6. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 221
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 1 октомври 2022.
  16. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-10-01. Посетено на 1 октомври 2022.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 188. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди