Употреба на човекот

„Употреба на човекот“ (српски: Употреба човека) - роман на српскиот писател Александар Тишма, првобитно објавен во 1976 година. За овој роман, во 1977 година, авторот ја добил НИН-овата награда за роман на годината.

Содржина

уреди

Во 1935 година, Ана Дрентвеншек, учителка од Нови Сад, почнала да води дневник. Во декември 1940 година, таа умрела по операцијата на жолчката, а дневникот го зела нејзината ученичка Вера Кронер. Четири години подоцна, партизанот Средоје Лазукиќ (исто така, нејзин ученик) случајно го нашол дневникот во напуштената куќа на Вера, а пет години подоцна го запалил дневникот, што била претсмртна желба на Ана. Ана, по потекло Германка, израснала без мајка; потоа се омажила и живеела во Загреб, а откако ја напуштил сопругот, се преселила во Нови Сад. Таму, таа давала часови и живеела сиромашно и осамено поради што почнала да води дневник. Вера Кронер била ќерка на еврејскиот трговец Роберт Кронер, оженет со својата поранешна слугинка, Германката Тереза, која потоа работела како проститутка. Посетувајќи ги часовите по германски јазик, Милинко Божоќ ја запознал Вера и набргу станал нејзино момче, иако таа му се допаѓала и на Средоје.[1]

Во април 1941 година, Нови Сад бил окупиран и дуќанот на Роберт Кронер му бил одземен. По некое време, семејството Кронер го посетил братот на Тереза, Сеп Ленарт, кој бил војник на источниот фронт. Тој му раскажувал на Роберт за воените акции и за истребувањето на Евреите и тогаш Роберт западнал во очај и се затворил во себе. Во тоа време, тој се зближил со Милинко кому му ја разгорел љубовта кон книгите. Неговиот син, Герхард Кронер бил бесен на пасивноста на неговиот народ и му се приклучил на илегалното движење на отпорот, но бил уапсен и стрелан. Вера Кронер, исто така, била незадоволна од состојбата во која се нашла нејзиното семејство и фантазирала да замине некаде далеку. Подоцна, целото семејство Кронер било депортирано во логорот Аушвиц. Таму, Вера служела како проститутка, но го преживеала геноцидот и умрела по војната, извршувајќи самоубиство; нејзината мајка Тереза не била депортирана, туку на крајот од војната го напуштила Нови Сад заедно со германските бегалци и подоцна умрела во една болница во Штутгарт; а нејзиниот брат, Сеп Ленарт, погинал некаде во Русија.[2]

Откако го прежиевала геноцидот, Вера Кронер се вратила во Нови Сад, каде дознала дека мајка ѝ заминала во Германија. Набргу, Вера се вработила во поштата, иако немала волја за работа. Покажувајќи се како вредна работничка, таа добила поннуда да се зачлени во комунистичката партија, но ја одбила, по што паднала во немилост кај претпоставените. Истовремено, разочарана од состојбата во која се наоѓала, Вера почнала да се опива, да доцни на работното место и да се проституира, така што набргу добила отказ од работата. Со помош на еден пријател на татко ѝ, Вера воспоставила контакт со мајка ѝ (која се премажила и живеела во Франкфурт), успеала да извади пасош и отишла да ја посети. Меѓутоа, таа била незадоволна и од состојбата во Германија, па повторно се вратила во Нови Сад. Таму, продолжила да живее во тага и апатија, незадоволна од себеси и од околината, а по неколку години, еден ден, ненадејно пак го сретнала Средоје.[3]

Непосредно пред германскиот напад на Југославија, Средоје, татко му и брат му го напуштиле Нови Сад и заминале во Белград, но патем погинал неговиот постар брат. По ослободувањето на Нови Сад, иако бил противник на насилството, потресен од судбината на семејството Кронер, Милинко се пријавил во војската и заминал на фронтот во Славонија, каде бил ранет во борбата со германската војска. По депортирањето на новосадските Евреи, таткото на Вера била стрелан во текот на нивниот транспорт до логорот, а Вера била пренесена во одделението за проституција, но сепак го доживеала ослободувањето.[4]

Во Белград, татко му на Средоје почнал да препродава разни предмети на црно и така се спријателил со еден германски офицер, кој му понудил на Средоје работа како преведувач во полицијата. Средоје го поминувал времето барајќи лесни жени по кафеаните и улиците и тоа траело додека не го фатиле како ја злоупотребува својата полициска пропусница. Во меѓувреме, често го придружувал германскиот офицер на негвоите службени патувања низ Србија, а во една прилика, во Пожега, офицерот се обидел да го принуди пијаниот Средоје на хомосексуален однос и тогаш Средоје го убил. Потоа, тој му се придружил на еден партизански одред, а во знак на одмазда, нацистите го стрелале татко му. Во 1944 година, Средоје се вратил во Нови Сад, како ослободител, и тогаш случајно го пронашол дневникот на Ана Дрентвеншек. Госпоѓицата Дрентвеншек го водела својот дневник од 1935 до 1940 година и во неа ги запишувала своите мисли, доживувања и чувства поврзани со невозвратените љубовни копнежи, осаменоста, разочарувањата, неисполнетите желби за среќа во љубовта и во животот, тешката работа и борбата со сиромаштијата, здравствените проблеми, повремените патувања во Загреб, итн.[5]

Средоје го дочекал крајот на војната во Цеље, каде работел во војската, а времето претежно го поминувал во многубројни љубовни авантури. Таму, тој почнал да живее со Доминика, по што побарал да биде отпуштен од војската, но молбата не му била прифатена. Во 1948 година бил обвинет за непријателска дејност и осуден на затворска казна од една година. По издржувањето на казната повторно се вратил во Цеље каде стапил во брак со Доминика, но одбивал да се вработи поради што постојано се расправал со неа. Во 1950 година, Средоје заминал во Нови Сад каде безуспешно се борел за сопственоста на семејната куќа. Така, тој останал да живее во градот, давајќи им на учениците приватни часови и не се вратил во Цеље, иако во меѓувреме му се родила ќерка која никогаш не ја видел. Еден ден, случајно на улицата ја сретнал Вера Кронер. Уште при првата нивна средба, Средоје ѝ го подарил на Вера дневникот на Ана Дрентвеншек. Средоје и Вера редовно се посетувале и вднаш станале љубовници. Притоа, тие го читале дневникот на Дрентвеншек и разговарале за нивното минато, но двајцата не можеле да се вклопат во општеството. Набргу, тие сфатиле дека за нив нема заедничка иднина така што Вера одлучила да замине кај мајка ѝ во Германија. Непосредно пред да отпатува, таа и Средоје решиле да го запалат дневникот.[6]

Осврт кон делото

уреди

Романот „Употреба на човекот“ се одликува со дисперзирана, распрскана форма, со голем број наративни дигресии кои во едне миг се претвораат во главен тек на романот, па наеднаш се губат, се прелеваат во друга приказна за потоа, нивните ординарни мистерии да бидар разрешени наеднаш, како со полуреченица. Сепак, на крајот, читателот има впечаток дека направи, правилен, прецизен круг. Таквата структура на романот Тишма ја поддржува со горко-лирски пасажи, со првата реченица која се идентификува со насловот и со темата на целата глава и со сите ликови, обединети во таксативен список на болести, страсти и неразбирливи знаци. Овие слики го претставуваат врвот на раскажувачката вештина на Тишма. Втората обединувачка врска во романот е таинствениот дневник на госпоѓицата учителка чија содржина цело време само се навестува, а се открива дури кон крајот на романот.[7]

Наводи

уреди
  1. Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 17-77.
  2. Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 78-139.
  3. Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 140-191.
  4. Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 192-241.
  5. Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 242-300.
  6. Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 301-329.
  7. Laslo Blašković, „Predgovor - Tišmina praška kuća“, во: Aleksandar Tišma, Upotreba čoveka. Novi Sad: Akademska knjiga, 2010, стр. 11-12.