Суецки Канал

(Пренасочено од Суецкиот канал)

Суецки Канал (арапски: قناة السويس, транс. Канат ес-Сувејс) — вештачки канал долг 163 километри меѓу Средоземното и Црвеното Море, кој ги разделува африканскиот од азискиот континент. Тој е најблиската поморска врска меѓу западната и источната полутопка. Големата стратешка важност на Суецкиот Канал за Западот станува уште појасна ако се земе предвид најважниот танкерски воден пат за снабдување на Европа со блискоисточна нафта.

Суецки Канал
Технички податоци
Преводницинема
Пловна управаУправа на Суецкиот Канал
Историски податоци
Првичен сопственикДруштво на Суецкиот Канал (Compagnie Universelle du Canal Maritime de Suez)
Изградбата почнала25 април 1859
Изградбата завршиланоември 1869
Географски податоци
Ракав(и)Нов Суецки Канал

Суецкиот Канал името го добил по околниот град Суец (لسويس, Сувејс) — пристаништен град со околу 497.000 жители. Се наоѓа во Египет, во заливот. Градот бил потполно уништен и напуштен за време на Арапско-израелскиот конфликт во 1967 година. Повторно е изграден и отворен за сообраќај во 1975 година.

Историја

уреди

Пред прокопувањето на Суецкиот Канал, трговциите од Европа, за да стигнат до Индија или на Далечниот Исток морале да ја обиколат цела Африка. Со негово прокопување, на пример, патот од Риека до Бомбај, кој изнесува околу 16,5 илјади километри бил скратен за само на 6,5 илјади километри.

Во време на стариот Египет, фараоните имале идеја со канал да ги поврзат Средоземното и Црвеното Море. Првиот план за изградба на ваков канал бил направен пред 4.000 години. Но, дури 700 години подоцна, делтата на Нил била поврзана со Средоземното Море, а подоцна и со Црвеното Море. Тогаш, каналот немал некое поголемо значење затоа што по него можеле да пловат само мали бродови. Кога Римјаните го покориле Египет, песокот на повеќе места го засипал овој канал. Во почетокот на минатиот век, благодарение на пронаоѓањето на парната машина (поточно, паробродот), во голема мера се зголемил превозот на стока по воден пат. Тогаш на луѓето им станало доста јасно дека е непоходно да се изгради еден канал што ќе го скрати водениот пат меѓу Европа и Индија. Каналот би донел голема заштеда - како во пари, така и во време.

Владите на неколку европски земји покажале интерес за тој проект и решиле да формираат меѓунардона комсија. Комисијата требало да ги проучи сите можности за изградба на каналот. Право за изградба на каналот добил францускиот дипломат и инженер Фердинанд де Лесепс, кој обезбедил потребни парични средства формирајќи Друштво за изградба на Суецкиот Канал. Работите за копање на каналот започнале на 25 април 1859 година, а биле завршени десет години подоцна односно на 15 август 1869 година. По изградбата на каналот скоро постојано работеле околу 25.000 египетки феласи - селани и повеќе од илјада европски квалификувани работници. Покрај нив имало и голем број инженери и техничари, воглавно Французи, кои раководеле со овој голем потфат. Кога каналот бил завршен бил прогласен за „меѓународен“ што значело дека низ него можеле да пловат сите бродови.

Суецкиот Канал свечено бил отворен на 17 ноември 1869 година.Флотата од околу дваесетина бродови кај градот Порт Саид навлегла во каналот. Бродовите биле предводени од оклопниот крстосувач „Игл“, во кој се наоѓале Фернанд де Лесепс, француската царица и жена на Наполеон III Евгенија. На останатите бродови се наоѓале намесникот на Египет, австриската царица, рускиот престолонаследник и други видни личности од тогашниот европски свет. По седумдневното патување флотата пристигнала до Суец. По повод свеченото отворање на каналот големиот композитор Џузепе Верди во Каиро ја извел операта Аида.

Во 1956 година египетската влада го национализирала Суецкиот Канал, што ја предизвикало Суецката криза. Бродовите и понатаму можеле да пловат низ каналот, но приходите ги земала египетската влада. Од 12 јуни 1967 до 5 јуни 1975 година, како резултат на Шестдневната војна, Суецкиот Канал бил затворен и низ него немало поминато ниту еден брод. Неколкуте бродови што останале блокирани во Каналот и денес стојат неподвижни.

Со разрешување на израелско-арапскиот судир ќе се реши и понатамошната судбина на оваа најважна светска водна артерија.

Проширување на обиколницата

уреди

Во 2014 г. тогаш новиот претседател Абдулфатах ел Сиси решил да го прошири обиколниот крак од 61 на 312 метри во ширина, во должина од 35 километри. Воедно извршени се значајни работи за продлабочување на коритото. Проектот бил наречен „Нов Суецки Канал“ и овозможува истовремен двонасочен сообраќај по каналот.[1][2] Проектот чинел над 8 милијарди долари, но градежните работи траеле само една година. На 6 август 2015 г. претседателот Сиси го отворил овој крак во голема свеченост.[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Lakshmi, Aiswarya (17 July 2015). „Egypt Completes New Waterway in Suez Canal“. MarineLink. Посетено на 6 August 2015.
  2. „Egypt completes dredging for new waterway in Suez Canal“. Al-Ahram. 16 July 2015. Посетено на 6 August 2015.
  3. Knecht, Eric (6 August 2015). „Egypt's Sisi launches nationalist New Suez Canal celebration“. Reuters. Архивирано од изворникот на 2015-08-08. Посетено на 6 August 2015.