Стопанска банка АД Битола
Стопанска банка АД Битола — македонска универзална банка, организирана како акционерско друштво со својство на правно лице. Банката самостојно врши депозитни, кредитни и други банкарски работи, работи на платен промет во земјата и странство, работи со хартии од вредност и други банкарски работи во согласност со законските прописи, врз начелата на ликвидност, сигурност и рентабилност. Банката е со седиште во Битола, а располага со филијали во Скопје, Демир Хисар, Прилеп, Ресен, Струмица, Тетово и Охрид.[1]
Историјат
уредиСо решение на Градскиот Народен одбор Битола била основана Комунална банка - Битола, која започнала со работа на 1 октомври 1948 година. Предмет на работа на банката било: прибирање на слободни парични средства од локалното стопанство и населението.
Со решение на Народниот одбор на Битолска околија била основана Комунална банка - Битола за подрачјето каде што делува Околијата, со тоа што дотогашната Комунална банка - Битола која била основана на 1 октомври 1948 се припоила кон Комунална банка - Битола (банка на околијата), која отпочнала со работа на 8 октомври 1956 година.
Со одлука на основачите, Комунална банка - Битола останала да делува како банка на општините Битола и Демир Хисар од 1 април 1962 година.
Со одлуки на собранијата на основачите на комуналните банки од Битола, Охрид, Струга, Ресен и Крушево била основана Комерцијално инвестициона банка - Битола со седиште на Централата во Битола и со постоење на пет филијали. Оваа банкарска организација почнала да работи од 1 јануари 1966 година и постоела до крајот на 1972 година.[2] Тогаш, со одлуки на собранијата на основачите било извршено спојување на Комерцијално инвестициона банка Битола, Комерцијално инвестициона банка Скопје и Стопанска банка АД Скопје во единствена банка со седиште во Скопје. Новоформираната Стопанска банка со седиште во Скопје започнала со работа на 1 јануари 1973 година со отворање на филијали во сите општински центри.
Со Одлука на основачите, на 23 декември 1977 година, била конституирала Стопанска банка, Основна банка Битола. Формираните основни банки по пат на Спогодба ја формирале Стопанска банка, Здружена банка Скопје.
Со одлуки на основачите на основните банки во текот на декември 1989 година била донесена одлука за спојување-основање на Стопанска банка а.д. Скопје, со тоа што основните банки се трансформирале во главни филијали, а деловните единици на основните банки во филијали. Банката отпочнала со работа на 01.01.1990 година.
Со тендер на Народната банка на Република Македонија било извршено издвојување на пет банки од Стопанска банка а.д. Скопје, меѓу кои била и Стопанска банка а.д. Битола, која отпочнала со работа со одлука на Собранието на акционери од 07.06.1995 година, како самостојна банка со почетен биланс од 01.01.1995 година.
Мисија на Банката
уредиРаботењето на Банката, како впрочем и целокупната економија, вклучително и банкарскиот сектор во Република Македонија, се одвива сè уште во услови на недозавршена транзиција, процес кој трае една и половина деценија и кој е многу посложен и подолготраен од очекувањата.
Мисијата на Банката, како водич при одредувањето на стратешките цели, и во овој среднорочен период на оваа банка е:
- Банката да биде значаен дел од глобалниот финансиски пазар т.е. да биде елитна финансиска институција во градот, регионот, пошироко во Република Македонија и во работењето со странство;
- Да ги мобилизира слободните парични средства од физички и правни лица во вид на депозити или купување на хартии од вредност;
- Да биде универзална банка со избор на висококвалитетни финансиски производи и услуги за стопанството и населението по квалитетни и прифатливи цени;
- Да остане независна и самостојна банка, која со супериорно финансиско работење, преку ефикасноста и економичноста во работењето ќе остварува добивка за акционерите;
- Акционерите на Банката со својата лојалност да придонесат за нејзината стабилност и да ги поттикнат стручните служби и менаџментот за взаемна лојалност во постигнувањето на стратешките цели.[2]
Финансиски податоци
уредиСпоред финансиските извештаи, банката ги покажала следниве резултати во работењето (искажани во илјади денари):[1]
Година | 2012 | 2011 | 2010 |
---|---|---|---|
Вкупен приход од редовни активности | 426.203 | 456.273 | 523.193 |
Оперативна добивка | -144.942 | -475.255 | 16.875 |
Добивка по оданочување | -146.558 | -476.498 | 15.589 |
Главнина | 1.027.667 | 1.174.225 | 1.650.912 |
Вкупно обврски | 6.347.900 | 5.645.082 | 5.804.317 |
Вкупно средства | 7.375.567 | 6.819.307 | 7.455.229 |
Пазарна капитализација | 508.892 | 816.977 | 1.105.308 |
Финансиски показатели
уредиОсновните финансиски показатели на банката се следниве:[1]
Година | 2012 | 2011 | 2010 |
---|---|---|---|
Оперативна добивка/Приход од продажба (ROS) | -34,01% | -104,16% | 3,23% |
Нето-добивка по акција(EPS) | -374,85 | -1.222,48 | 39,99 |
Поврат на вкупните средства (ROA) | -1,99% | -6,99% | 0,21% |
Поврат на капиталот (ROE) | -14,26% | -40,58% | 0,94% |
Коефициент цена/добивка | -3,47 | -1,71 | 70,90 |
Книговодствена вредност по акција | 2.628,46 | 3.012,54 | 4.235,51 |
Коефициент цена/ книговодствена вредност по акција | 0,50 | 0,70 | 0,67 |
Активности на банката
уредиСтопанска Банка АД Битола ги нуди следниве услуги за физички и правни лица:
- Штедни влогови
- Кредитирање на население
- Потрошувачки кредити
- Автомобилски кредит
- Станбени кредити
- Кредит за набавка на деловен простор
- Кредит за реновирање
- Хипотекарен кредит
- Договор за рамка лимит
- Кредит со залог на депозит
- Кредит со залог на обврзници издадени од државата
- Кредит за купување на опрема за земјоделство
- Гаранции за физички лица
- Платежни картички
- Платен промет со странство за физички и правни лица
- Платен промет во земјата за физички и правни лица
- Трансакциски сметки
- Денарска трансакциска сметка
- Мултивалутна трансакциска сметка
- Изнајмување на сефови за физички и правни лица
- Менувачко работење
- Корпоративно кредитирање
- Е-banking преку пакетот Е-пакет 3-1
Органи на управување
уредиУправен одбор
уреди- Владимир Ефтимовски - Претседател
- Наташа Несторовска
- Гордана Балтовска
Надзорен одбор
уреди- Јосифовиќ Ненад - Претседател
- Дејан Панделески
- Иванчо Велјановски
- Кирил Митровски
- Коста Костадиновски
- Александра Радевска
- Нефтенов Панче
Награди и признанија
уредиФинансиското списание „Global Banking Finance“ ја прогласил Стопанска банка - Битола за најдобра банка во Македонија во областа на банкарството на мало (retail banking), а директорот Владимир Ефтимовски го добил признанието за најдобар главен извршен директор во банкарскиот сектор на Македонија.[3] Исто така, на почетокот од 2016 година, списанието „Интернешенел бенкер“ (International Banker) ја оценило Стопанска банка - Битола како една до водечките банки во Македонија.[4] Во 2016, вторпат по ред, „Стопанска банка“ АД Битола била прогласена од списанието „Глобал бенкинг енд фајненс“ (Global banking and Finance Review) за најдобра банка во Македонија, во категориите: работа со правни лица и работа со население. Исто така, директорот Владимир Ефтимоски ја добил наградата за најдобар главен извршен менаџер во банкарскиот сектор во 2016 година. Истата година, од страна на списанието „Д бизнис ворлдвајд“ (The Business Worldwide) тој бил избран за најдобар главен извршен менаџер во банкарскиот сектор на Македонија, како и за најиновативен извршен директор во Македонија.[5]
Во 2017 година, банката го добила одликувањето „Добар бренд“ за нејзината поддршка на социјалното претприемништво и иновациите.[6]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Македонска берза - податоци за Стопанска банка Битола
- ↑ 2,0 2,1 „Стопанска банка Битола“. Архивирано од изворникот на 2013-07-24. Посетено на 2013-12-12.
- ↑ „Стопанска банка А.Д. Битола е избрана за најдобра „ритеил“ банка за 2015 година во Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 208, октомври 2015, стр. 10.
- ↑ „Интернешнал бенкер ја оцени „Стопанска банка“ Битола како една од водечките банки во Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 212, февруари 2016, стр. 10.
- ↑ „Глобал бенкинг енд фајненс по вторпат ја избра Стопанска банка Битола за најдобра банка во Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 222/223, декември 2016/јанауари 2017, стр. 10.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Стопанска банка АД Битола одликувана со признанието Добар бренд“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 10.