Отвори го главното мени

Стопанска банка АД Скопје

банка во Македонија
Лого на Стопанска банка АД Скопје
Новиот изглед на експозитурата на банката

Стопанска банка АД - Скопје е најстарата македонска банка и една од трите најголеми банки во Македонија. Денес, таа е дел од банкарската групација на Националната банка на Грција. Седиштето на банката е во Скопје, на ул. 11 Октомври бр. 7.

ИсторијаУреди

Период на СР МакедонијаУреди

Стопанска банка е првата македонска банка, формирана на Второто вонредно заседание на АСНОМ, одржано на 29 декември 1944 г. Подоцна, на 18 февруари 1945 г. била донесена Уредбата за "Македонската стопанска банка", со која таа е дефинирана како јавна институција. Со банката раководел Управен одбор од седум члена, избран од Президиумот на АСНОМ, а прв управител на банката бил д-р Тодор Мировски. Македонска стопанска банка работела две години до нејзиното спојување со НБ ФНРЈ, во октомври 1946. На 7 февруари 1962 г., Народното собрание на Република Македонија го изгласал Законот за основање Стопанска банка на НР Македонија, со што била обновена работата на банката. Во 1965 г. банката го променила името во Стопанска банка - Скопје. Во овој период, банката учествувала во финансирањето на неколку крупни објекти од значење за македонското стопанство, како: Железарница "Скопје", "ОХИС", "Алумина", Рудници за олово и цинк "САСА", хидроцентралите "Тиквеш" и "Глобочица" итн. Во 1973 г., кон банката се припоиле две други големи банки: КИБ - Скопје и КИБ - Битола. Во 1977 г., сите филијали на Стопанска банка - Скопје биле трансформирани во основни банки, а подоцна, 25 основни банки се здружиле во Стопанска банка - здружена банка. Во периодот 1977-1980 г., банката била членка-основач на повеќе банки во странство, како: LHB од Франкфурт, AY Bank од Лондон итн. На 31 јануари 1990 г., банката се трансформирала во акционерско друштво, под името: Стопанска банка а.д. - Скопје и вклучувала 8 филијали и 19 експозитури.[1]

По монетарното осамостојувањеУреди

Непосредно по монетарното осамостојување на Македонија, Стопанска банка а.д. - Скопје имаше доминантна положба во банкарскиот систем на Македонија, со учество од дури 65% во вкупните средства на банкарскиот систем. Во текот на 1994 г., банката ја издаде првата парична картичка во Македонија. Во 1995 г., во рамките на санацијата на банкарскиот систем, започна преструктурирање на банката, кое вклучуваше отстранување на дел од средствата и обврските од нејзиниот биланс, а истовремено, од банката се издвоија пет филијали. Во 1998 г., Стопанска банка се вклучи во меѓународната VISA мрежа.

Во 1999 г. започна процесот на приватизација на банката, кој заврши на 4 април 2000 г., кога со блок трансакција на Македонската берза, Националната банка на Грција (NBG), Меѓународната финансиска корпорација (IFC) и Европската банка за обнова и развој (EBRD) откупија 85% од управувачкиот пакет акции. Подоцна, со докапитализацијата, учеството на овие стратегиски инвеститори во акционерскиот капитал на банката порасна на 91,8%. Во 2001 г. започна процесот на внатрешно организациско и функционално преструктурирање, а во 2002 г., банката воведе нов информациски систем.

Денес, Стопанска банка е една од трите водечки банки во Македонија (најголема македонска банка, мерено според капиталот), со најголема мрежа на филијали (68 филијали низ Македонија), при што, таа го држи водството во кредитирањето на населението. На крајот на 2009 г., вкупните средства на банката изнесувале 65,6 мрд. денари, а вкупниот капитал и резервите - 7,5 мрд. денари.[2] Со состојба на 30 јуни 2010 г., банката имала 1 106 вработени.[3] Како признание за доброто работење, Стопанска банка е добитник на неколку меѓународни награди, како што се:

  • Најдобра банка во Македонија за 2007 год., награда на списанието Јуромани (Euromoney).
  • Најдобра банка во Македонија за 2008 год., награда на списанието Јуромани (Euromoney).
  • Најдобра банка во Македониja за 2008 год., награда на списанието Фајненс Централ Јуроп (Finance Central Europe).

Активности на банкатаУреди

Согласно Законот за банките, Стопанска банка ги извршува следниве финансиски активности:

  • прибирање на депозити и други повратни извори на средства;
  • кредитирање во земјата, вклучувајќи и факторинг и финансирање на комерцијални трансакции;
  • кредитирање во странство, вклучувајќи и факторинг и финансирање на комерцијални трансакции;
  • издавање и администрирање на платежни средства (парични картички, чекови, патнички чекови, меници);
  • менувачки работи;
  • платен промет во земјата и странство, вклучувајќи купопродажба на девизи;
  • брз трансфер на пари,
  • издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедубање;
  • изнајмување сефови, остава и депо;
  • тргување со инструменти на пазарот на пари (меници, чекови, сертификати за депозит);
  • тргување со девизни средства, што вклучува и тргување со благородни метали;
  • тргување со хартии од вредност;
  • управување со средства и портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на клиенти;
  • купопродажба, гарантирање и пласман на емисија на хартии од вредност;
  • посредување во продажба на полиси за осигурување;
  • посредување при склучување договори за кредити и заем;
  • обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица;
  • економско - финансиски консалтинг и
  • други финансиски услуги утврдени со закон што може да ги врши само банка.[4]

Сопственичка структура и управување со банкатаУреди

Почетниот капитал на банката, запишан во Централниот регистар, изнесува 3.511.242.000 денари, и тоа:[5]

  • Број на обични акции - 17.460.180 акции;
  • Номиналниот износ на 1 акција – 201,1 денари;
  • Број на приоритетни акции - 227.444 акции;
  • Номиналниот износ на 1 акција – 400 денари.

Притоа, 93,42% од капиталот е во сопственост на Националната банка на Грција.

На крајот на 2010 г., членови на Управниот одбор на банката биле:

  1. д-р Глигор Бишев, Генерален извршен директор и претседател на управниот одбор
  2. Константина Панагиотополу, Заменик генерален директор за банкарство на мало
  3. Тони Стојановски, Заменик генерален директор за ризици
  4. Диомедис Нилоетопулос, Заменик генерален директор за финансиски и оперативни работи
  5. Теодулос Скордис, Заменик генерален директор за корпоративно работење.[6]

Електронско банкарство на Стопанска банкаУреди

Стопанска банка - Скопје има развиено сопствен I-BANK пакет на алтернативни канали кои овозможуваат слобода клиентите сами да изберат кога, каде и како ќе ги користат банкарските услуги. Притоа, таа ги нуди следните алтернативи:[7]

  • ATM Banking - Стопанска банка АД Скопје располага со најголема мрежа на банкомати во Македонија за плаќање на сметки и рати за кредити/картички, за пренос на средства и за проверка на мини-месечен извештај.
  • E-banking - овозможува од домашниот компјутер да се врши: плаќање на сметки и рати за кредити/картички, пренос на средства, девизни плаќања, увид во состојба на сметки и детали за сите кредитни и депозитни производи.
  • M-banking - со бесплатна мобилна апликација им се овозможува на корисниците да имаат информации за курсни листи, каматни стапки, производи, а од паметните телефони може да се извршат и базични банкарски трансакции и да се има увид и управивање со финансиите.
  • Phone banking - услуга која е достапен за сите физички лица преку телефонски број, во текот на 24 часа секој ден, преку кој може да се вршат плаќања, пренос на средства, проверка на состојба на сметки, промена и регистрација на пин за телефонско банкарство, консултација со агент и друго.


Услугата “E-banking” е достапна и за физички, а особено за правните лица, а се одвива преку енкриптирана комуникација меѓу клиентот и банката со посредство на интернет. Главна причина зошто електронското банкарство е популарно се предностите кои ги нуди услугата “e-banking”:[8]

  • Клиентот заштедува време и трошоците за патување до банката,
  • Клиентот има увид во сметките, и тоа: од дома, од работното место, или било каде што има пристап до интернет,
  • Нема потреба од лично присуство и лична идентификација на потписниците. Сигурносната идентификација се одвива со помош на дигиталните сертификати,
  • Едноставно користење,
  • Податоците за работењето со сметките се лесно преносливи во друг формат и други апликации за поедноставно користење, обработка и анализа,
  • Пристапот до услугата “e-banking” е без надомест, интерните трансакции за физичките лица се без провизија, а останатите провизии за финансиски трансакции се пониски во донос на провизиите на шалтер.

ГалеријаУреди

НаводиУреди

  1. Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006.
  2. Стопанска банка АД Скопје
  3. Стопанска банка АД Скопје
  4. Стопанска банка АД Скопје
  5. Стопанска банка АД Скопје
  6. Стопанска банка АД Скопје
  7. Стопанска банка АД Скопје
  8. Стопанска банка АД Скопје

Надворешни врскиУреди