Претседател на Македонија
Претседателот на Македонија (службено: претседател на Република Северна Македонија, уште и претседател на Републиката) е шеф на државата, како и врховен командант на вооружените сили и главен претставник на Републиката во земјата и во странство.
Претседател на Македонија | |
---|---|
Седиште | Вила Водно |
Мандат | пет години, еднаш повторлив |
Прв функционер | Киро Глигоров 27 јануари 1991 |
Создадена | Устав на Македонија 16 април 1991 |
Плата | 2.680 €/месечно[1] |
Мреж. место | pretsedatel.mk |
Обврски и надлежности
уредиВнатрешна политика
уредиВо однос на внатрешната политика, во согласност со уставните надлежности, претседателот на Републиката:
- го определува мандатот за состав на Владата;
- предлага двајца судии на Уставниот суд;
- предлага двајца членови на Судскиот совет;
- ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;
- именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и закон;
- доделува одликувања и признанија;
- дава помилувања
Голем дел од активностите на претседателот на државата на внатрешен план не се дефинирани со Уставот и законите и произлегуваат од приоритетите на претседателот посветени на поддршка на политичкиот дијалог, промоција и поддршка на активности на младите, како и проекти и активности во областа на образованието, науката, заштитата на животната средина, граѓанскиот сектор, економската соработка, унапредувањето на правата на ранливите групи во општеството и подобрувањето на инклузијата.
Некои од таквите активности се: посети на локално ниво; средби со граѓани; учество на конференции и на други манифестации; покровителства на настани од национален и поширок интерес за државата; одржување предавања на настани; доделување стипендии во соработка со Министерството за образование и наука; активности поврзани со промоција на македонската наука и иноваторство; иницирање и реализирање проекти во соработка со научно-образовни институции и граѓански организации во државата; поддршка на спортски и на културни настани, како и поттикнување и поддршка на политичкиот дијалог.[2]
Надворешна политика
уредиВо надворешната политика претседателот на државата има надлежности во однос на стратегиските правци на државата, нејзиното претставување надвор, начинот на кој се води надворешната политика, можностите за нова соработка, како и кадровската поставеност на дипломатијата.
Во согласност со меѓународното право и обичаи, како највисок претставник на Републиката, претседателот ја претставува државата во меѓународни рамки, особено во контактот и во комуникацијата со другите држави и меѓународни организации. Секогаш кога претседателот престојува во официјална или работна посета на странска држава, ја претставува Републиката, а официјалните изјави на претседателот се и официјален став на државата. Имајќи предвид дека претседателот се избира на општи и непосредни избори и дека својот мандат го црпи директно од граѓаните, претседателот има дополнителна одговорност во претставувањето на државата во странство.
Улогата на претседателот во претставувањето на Републиката е дефинирана со Уставот и Законот за надворешни работи. Според Законот за надворешни работи, претседателот на Републиката е прв меѓу четирите „органи за вршење на надворешни работи“, заедно со Собранието, Владата и Министерството за надворешни работи. Органите за вршење на надворешните работи ја создаваат, утврдуваат и спроведуваат надворешната политика на Републиката, согласно со Уставот и законите, и имено ги определуваат општите насоки, донесуваат и усвојуваат одлуки за активностите и ставовите и ги остваруваат со меѓусебна усогласена соработка сите државни активности поврзани со надворешните работи.
Според Законот за надворешни работи, во вршењето на надворешните работи претседателот на Републиката:
- ја претставува државата во меѓународните односи, согласно со меѓународното право и неговите надлежности;
- учествува во создавањето на надворешната политика во соработка со Владата, преку утврдување на општите насоки на надворешната политика, вклучувајќи ги и прашањата од меѓународните односи со импликации врз безбедноста и одбраната на земјата;
- го следи спроведувањето на надворешната политика, а за резултатите и евентуалните несогласувања со другите органи за вршење на надворешните работи може да го извести Собранието;
- дава предлози и учествува во заземањето на ставови за одредени надворешно-политички прашања од неговата надлежност, вклучувајќи ги и безбедносните и одбранбените аспекти кои произлегуваат од меѓународните односи;
- поставува и отповикува со указ амбасадори и пратеници на Републиката во странство;
- дава согласност за издавање на агреман на шеф на странско дипломатско претставништво и
- ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници.[3]
Одбрана и безбедност
уредиВо областа на одбраната и безбедноста, а во согласност со неговите уставни и законски надлежности, претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на Армијата и поставува и разрешува генерали. Тој е и претседател на Советот за безбедност и именува тројца од членовите на Советот. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.
Според Законот за одбрана, претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата:
- донесува стратегија за одбрана на Републиката;
- донесува план за одбрана на Републиката;
- ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување;
- пропишува организација и формација на Армијата;
- донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба;
- дава согласност на документите за развој на Армијата;
- ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување;
- наредува мобилизација на Армијата;
- го пропишува командувањето во Армијата;
- донесува прописи што се однесуваат на борбената готовност, вооружената борба и мобилизацијата на Армијата;
- поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали и
- поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство.[4]
Изборна постапка
уредиПретседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за мандат од пет години, со можност за најмногу два мандата. Изборот на претседател на Републиката го распишува претседателот на Собранието. Изборот на претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од која било причина, изборот на нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.
Изборот се врши со модифициран систем од два круга. Кандидат може да биде избран во првиот круг само ако добие половина од гласовите од вкупниот број избирачи. Доколку во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, во вториот круг можат да учествуваат само двајца кандидати кои добиле најмногу гласови во првиот круг. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од вкупниот број избирачи. Доколку и во вториот круг не се исполнат условите, целата изборна постапка се повторува.
Квалификации
уредиПретседателот на Републиката мора:
- да биде македонски државјанин;
- на денот на изборите наполнил најмалку 40 години живот;
- до денот на изборите бил жител на Републиката најмалку десет години во последните петнаесет години.
Кандидат за претседател на Републиката може да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.
Пензија и бенефиции
уредиСпоред закон, поранешните претседатели имаат право на пензија, чиј износ е еднаков на платата што ја прима актуелниот Претседател. Тие исто така имаат право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач.[5]
- Партија
- Статус
# | Име (роден–починал) |
Слика | Мандат | Политичка партија | |
---|---|---|---|---|---|
Претседател на Иницијативниот Комитет на АСНОМ 1943–1944 | |||||
1 | Методија Андонов - Ченто (1902–1957) |
1 октомври 1943 | 2 август 1944 | Комунистичка партија на Македонија | |
Претседател на АСНОМ 1944–1945 | |||||
Методија Андонов - Ченто (1902–1957) |
2 август 1944 | 1 јануари 1945 | Комунистичка партија на Македонија | ||
Претседатели на Президиумот на Народното Собрание 1945–1953 | |||||
Методија Андонов - Ченто (1902–1957) |
1 јануари 1945 | 15 март 1946 | Комунистичка партија на Македонија | ||
— | Димитар Несторов (1890–1968) |
16 март 1946 | 30 декември 1946 | Комунистичка партија на Македонија | |
2 | Благоја Фотев (1900–1993) |
1947 | 4 јануари 1951 | Комунистичка партија на Македонија | |
— | Видое Смилевски (1915–1979) |
4 јануари 1951 | 1953 | Комунистичка партија на Македонија во 1952 преименувана во Сојуз на комунистите на Македонија | |
Претседатели на Народното Собрание 1953–1974 | |||||
3 | Димче Стојанов (1910–1991) |
1953 | 19 декември 1953 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
4 | Лазар Колишевски (1914–2000) |
19 декември 1953 | 26 јуни 1962 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
5 | Љупчо Арсов (1910–1986) |
26 јуни 1962 | 24 јуни 1963 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
6 | Видое Смилевски (1915–1979) |
25 јуни 1963 | 12 мај 1967 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
7 | Мито Хаџивасилев (1921–1968) |
12 мај 1967 | 1 август 1968 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
8 | Никола Минчев (1915–1997) |
23 декември 1968 | 6 мај 1974 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
Претседатели на Претседателството 1974–1991 | |||||
9 | Видое Смилевски (1915–1979) |
6 мај 1974 | 31 октомври 1979 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
10 | Љупчо Арсов (1910–1986) |
31 октомври 1979 | 29 април 1982 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
11 | Ангел Чемерски (1923–2005) |
29 април 1982 | 29 април 1983 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
12 | Благоја Талески (1924–2001) |
29 април 1983 | 29 април 1984 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
13 | Томе Буклески (1921–2018) |
29 април 1984 | 26 април 1985 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
14 | Ванчо Апостолски (1925–2008) |
26 април 1985 | 28 април 1986 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
— | Матеја Матевски (1929–2018) |
28 април 1986 | 30 април 1986 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
15 | Драгољуб Ставрев (1932–2003) |
30 април 1986 | мај 1988 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
16 | Јездимир Богдански (1930–2007) |
мај 1988 | 28 април 1990 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
17 | Владимир Митков (1931–2024) |
28 април 1990 | 27 јануари 1991 | Сојуз на комунистите на Македонија | |
18 | Киро Глигоров (1917–2012) |
27 јануари 1991 | 18 септември 1991 | Независен |
Претседатели на независна Македонија
уредиКиро Глигоров
Прв претседател на независна Република Македонија. Во негово време и најстар претседател на постоечките држави во светот, сè до престанокот на неговиот мандат во 1999 по сила на Уставот. Првиот мандат го добива по пат на гласање во Собранието на Република Македонија. Вториот мандат го добива на непосредни избори. Киро Глигоров не бил во состојба да ја врши функцијата претседател по обидот за атентат врз него во 1995 г. За време на неговата спреченост за вршење на функцијата, вршител на функцијата Претседател на Република Македонија бил Стојан Андов.
Борис Трајковски
За време на мандатот на Претседателот Борис Трајковски во Република Македонија се случуваат борбени дејствија, во кои безбедносните сили на републиката се борат против недефинирана воена сила. После борбените дејствија доаѓа до промена на уставното уредување на Република Македонија со што Македонија од граѓанска држава на Македонскиот народ и останатите народи станува држава на етничките заедници на Македонците, Албанците и останатите. Претседателот Борис Трајковски го завршува својот мандат после неговата трагична смрт во авионска несреќа под неразјаснети околности, со владиниот авион во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
Бранко Црвенковски
Бранко Црвенковски доаѓа на функција Претседател на Република Македонија на вонредните претседателски избори 2004 година организирани после трагичната смрт на претходниот претседател на Република Македонија.
Следува табеларен приказ на македонските претседатели:
- Партија
ЛПМ ДА ВМРО-ДПМНЕ СДСМ Независен
# | Име (роден–починал) |
Слика | Избран | Мандат | Политичка припадност | |
---|---|---|---|---|---|---|
Претседатели 1991–денес | ||||||
1 | Киро Глигоров (1917–2012) |
1994 | 18 септември 1991 | 4 октомври 1995 | Независен | |
— | Стојан Андов (1935–2024) |
— | 4 октомври 1995 | 17 ноември 1995 | ЛПМ | |
(1) | Киро Глигоров (1917–2012) |
— | 17 ноември 1995 | 19 ноември 1999 | Независен | |
— | Саво Климовски (1947–) |
— | 19 ноември 1999 | 15 декември 1999 | ДА | |
2 | Борис Трајковски (1956–2004) |
1999 | 15 декември 1999 | 26 февруари 2004 | ВМРО-ДПМНЕ | |
— | Љупчо Јордановски (1953–2010) |
— | 26 февруари 2004 | 12 мај 2004 | СДСМ | |
3 | Бранко Црвенковски (1962–) |
2004 | 12 мај 2004 | 12 мај 2009 | СДСМ | |
4 | Ѓорге Иванов (1960–) |
2009 2014 |
12 мај 2009 | 12 мај 2019 | ВМРО-ДПМНЕ | |
5 | Стево Пендаровски (1963–) |
2019 | 12 мај 2019 | 12 мај 2024 | СДСМ | |
6 | Гордана Сиљановска-Давкова (1953-) |
2024 | 12 мај 2024 | во служба | ВМРО-ДПМНЕ |
Живи поранешни претседатели
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Претседателот вчера ја добил платата од 165 000 денари, зголемена за 72 000 денари
- ↑ „Внатрешна политика“. Претседател на Република Северна Македонија.
- ↑ „Надворешна политика“. Претседател на Република Северна Македонија.
- ↑ „Одбрана и безбедност“. Претседател на Република Северна Македонија.
- ↑ Закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата. Службен весник на Република Македонија. 2004.
- ↑ Leaders of Macedonia (англиски)