Мито Хаџивасилев - Јасмин

Политичар од Македонија
(Пренасочено од Мито Хаџивасилев)

Мито Хаџивасилев - Јасмин (21 декември 19221 август 1968) — македонски комунист и политичар и новинар, наречен „првото перо“ на македонското новинарство и публицистика.

Мито Хаџивасилев - Јасмин
Претседател на Собранието
На должноста
12 мај 1967 – 12 мај 1968
Претходник Видое Смилевски - Бато
Наследник Никола Минчев
Лични податоци
Роден(а) 21 декември 1922
Кавадарци, Кралство СХС
Починал(а) 1 август 1968(1968-08-01) (возр. 45)
Макарска, СР Хрватска СФРЈ

Завршил гимназија во Битола. Уште во училишните клупи почнал да соработува со напредното младинско движење. Студирал на Правниот факултет во Белград. Во 1940 година е примен во членство во КПЈ и бил член на МК на КПЈ, секретар на СКОЈ во Кавадарци, член на Вториот областен комитет на КПМ, заменик политички комесар на Третата оперативна зона и на Втората бригада и член на Обласниот комитет на НОО во Битола.

По ослободувањето, од крајот на 1945 година до 1 јануари 1948 година е главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“. Во 1962 година повторно е именуван за главен уредник на весникот „Нова Македонија“. На Основачкото собрание на Здружението на новинарите на Македонија, Хаџивасилев е избран за негов прв претседател.

Речиси две децении Хаџивасилев е член на највисоките партиски и државни органи на Републиката. На Првиот конгрес на КПМ бил избран за кандидат, а потоа и за член на ЦК КПМ. На Вториот и Третиот конгрес на КПМ одново е избран во највисокото партиско раководство, а на Седмиот конгрес на СКЈ - за член на Централниот комитет. Од 1957 година беше претседател на Идеолошката комисија на ЦК СКМ, а од 1964 до 1967 - член на ИК на ЦК СКМ и секретар на ЦК СКМ за идеолошкиот сектор. Бил и член на Претседателството и Претседател на Собранието на Македонија со едногодишен мандат од 12 мај 1967 година.[1]

Учествува во издавањето на речиси сите централни весници во Македонија во 1944 година. Еден е од првите главни и одговорни уредници на весникот Нова Македонија.

Неговата богата публицистичка и теоретска дејност е собрана и објавена во неколку томови. Автор е на повеќе книги и брошури, а меѓу нив од областа на македонската национална историја се „ВМРО-Обединета“, „Јане Сандански“ и „За великобугарскиот шовинизам“, од областа на општествените науки „Свртени кон човекот“, „СКЈ и непосредната демократија“, „Социјалистичката распределба според трудот“, „Одраз-Израз“, „За противречностите на социјализмот“, „Односите меѓу социјалистичките земји и проблемот на мирот”. Во негова чест, во Македонија од 1969 година се доделува државната награда „Мито Хаџи Василев - Јасмин“, со која е оддавано признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството.[2]

Наводи

уреди
  1. Биографија на страницата на Собранието на Република Македонија
  2. Членови 1,2,7,12,16,17 и 18 од Законот за државните награди, Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди („Службен весник на Р.М.” бр.52/06 и бр.54/07)
Политички функции
Претходник
Видое Смилевски
Претседател на Собранието на Македонија
1967-1968
Наследник
Никола Минчев