Рис
Евроазиски рис (Lynx lynx)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Цицачи
Ред: Ѕверови
Семејство: Мачки
Потсемејство: Мачки
Род: Рис
err, 1792
Типски вид
Lynx lynx
Linnaeus, 1758
Видови

Lynx lynx
Lynx canadensis
Lynx pardinus
Lynx rufus

The overall range of Lynx species.

Рис (науч. Lynx) — род составен од четири видови на средноголеми диви мачки од родот рис. Името на рисот доаѓа од грчкиот збор “lynx”, со потекло од индоевропскиот корен “*leuk”, што значи „светлина, сјај“, поради сјајот на неговите очи. Денес доаѓа до голема забуна во врска со класифицирањето на семејството мачки, а некои ги класифицираат како дел од родот Фелис. Каракалот, кој понекогаш се нарекува персиски рис или африкански рис, не припаѓа на овој род.

Изглед уреди

 
Евроазиски рис (Lynx lynx)

Карактеристично за рисот е кратката опашка и црните перчиња на врвот на ушите. Под вратот има грива со црни линии (не секогаш видливи), кои наликуваат на вратоврска. Рисот има широки шепи погодни за одење по снег, и големи мустаќи на лицето.

Бојата на крзното варира од ‘рѓаво кафеава до жолто кафеава, а понекогаш е обележана и со темно-кафеави точки, особено на екстремитетите. Сите видови рис имаат бело крзно на градите, стомакот и на внатрешноста на нозете, кои се продолжетоци од крзното на градите и стомакот. Бојата на рисот, изгледот на крзното и големината на шепите варираат во зависност од неговиот климатски регион - во југозападните делови на Соединтетите Американски Држави крзното е со кратко влакно, темна боја, а шепите се потесни; како рисот се движи кон поладната, северна клима, крзното постепено станува погусто (за да го штити од студот), бојата е посветла (заради камуфлирање), а неговите шепи се зголемуваат и стануваат сè пошироки (за полесно движење по снег). Шепите се зголемуваат до тој степен што може да станат поголеми од човечка рака или стапало.

Рисот има неверојатно добар слух и 28 заби, кои ги забива длабоко во жртвата. Забите му се од голема помош, бидејќи тој не е најуспешниот ловец и ги губи повеќето од своите жртви поради разни други причини.

Најмалиот рис е бобкет рисот и канадскиот рис, додека најголем е евроазискиот рис. Сепак, постојат значителни разлики во рамките на еден вид.

Видови уреди

Се смета дека четиритe живи видови на родот на рис еволуирале од “Lynx issiodorensis”, кој живеел во Европа и Африка за време на доцниот Плиоцен до раниот Плеистоцен.

Евроазиски рис уреди

 
Евроазиски рис

Евроазискиот рис (Lynx, lynx) е најголемиот вид рис. Се среќава во европските и сибирските шуми. Додека неговиот статус на загрозеност е класифициран како помалку засегнат, популацијата на евроазискиот рис е намалена или истребена од Западна Европа, каде денес повторно е реинтродуциран.

Летно време, евроазискиот рис има прилично кратко, црвенкасто или кафеаво крзно, кое зимно време е заменето со многу погусто сребрено-сиво до сиво-кафеаво крзно. Рисот лови така што ја следи својата жртва и скока на неа, а е помогнат од нерамното земјиште на шумите во кои живее. Рисот обично се храни со мали жртви, како зајци, лисици итн., а поголеми жртви лови кога нема доволно храна.

Балканскиот рис е подвид на евроазискиот.

Канадски рис уреди

 
Канадски рис

Канадскиот рис (Lynx canadensis) е северноамериканска мачка. Се движи по шуми и предели на тундра преку Канада кон Алјаска, како и во некои делови на Северна Америка. Во 2010 година, по 11 години залагање, повторно беше успешно донесен во Колорадо, каде изумрел за време на 70те години. Во 2000 година, Американската служба за рибарство и дивина го назначи канадскиот рис за загрозен вид во континенталниот дел на Америка.

Канадскиот рис е одличен пливач и лесно се движи по стрмнини. Тој гради прости засолништа под паднати дрва или гребени. Канадскиот рис има густо крзно и широки шепи и многу подобро се снаоѓа во длабок снег од бобкет рисот. Исхраната на канадскиот рис речиси исклучиво зависи од планинските зајци и бројот на нивната застапеност. Тие, исто така, ловат и средноголеми цицачи и птици, доколку бројот на зајци се намали.

Ибериски рис уреди

 
Ибериски рис

Иберискиот рис (Lynx pardinus) е критично загрозен вид кој потекнува од Пиринејскиот Полуостров во Јужна Европа. Тој е најзагрозениот вид од семејството на мачки во светот. Според групата за заштита “SOS Lynx”, доколку овој вид изумре, тоа ќе биде прво истребување на вид од семејството на мачките од времето на смилодонот, пред 10.000 години. Порано овој вид бил класифициран како подвид на евроазискиот рис (Lynx, lynx), но сега се смета за посебен вид. Двата вида се појавиле заедно во Централна Европа во епохата плеистоцен, а се одделиле по однос на изборот на живеалиште. Се смета дека иберискиот рис еволуирал од рисот Lynx issiodorensis.

Бобкет рис уреди

 
Бобкет рис

Бобкет рисот (Lynx rufus) е северноамериканска дива мачка. Со дванаесет признаени подвидови, бобкет рисот се среќава низ Јужна Канада, континенталниот дел на САД и Северно Мексико. Бобкет рисот е прилагодлив грабливец кој ги населува листопадните, четинарските и мешаните шумски предели, но за разлика од другите видови рис, бобкет рисот не зависи само од густите шуми, се движи по мочуришта и пустински предели, како и по планински и земјоделски области; крзното со точки му служи за камуфлирање. Популацијата на бобкет рисот најмногу зависи од неговиот плен.

Бобкет рисот наликува на другите видови од родот рис, но по просек е најмал од сите четири видови. Крзното му варира, но главно има жолто-кафеава до сивкасто-кафеава боја со црни линии на телото и темни траги на предните нозе и опашот. Ушите му се зашилени со кратки црни перчиња на врвовите. Усните, брадата и долните делови од телото се главно сивкасто-бели. Бобкет рисот во пустинските предели на југозападот има најсветло крзно, додека оние кои живеат на северните шумски предели се најтемни.

Однесување уреди

Рисот е солитарно животно, иако мали групи рисови понекогаш може да патуваат и ловат заедно. Периодот на парење се случува во доцна зима, а раѓаат две до четири младенчиња еднаш годишно. Бременоста трае околу 70 дена. Младенчињата остануваат со мајката и следната зима, околу десет месеци, пред да продолжат да живеат сами како возрасни. Рисот го гради своето засолниште во дупки или под карпи. Се храни со разновидни животни, од: белоопашест елен, ирвас, срна, обичен елен и дива коза, до помал и повообичаен плен, како: планински зајци, риби, лисици, овци, верверички, глувци, мисирки и други птици и кози. Исто така, рисот се храни со тетреби, полвови и еребици.

Распространетост и живеалиште уреди

Рисот ги населува шумите со висока надморска височина со густи грмушки, трски и висока трева. Иако мачките ловат на земја, можат да се качуваат по дрва и брзо да пливаат, а и да ловат риби.

Европа и Азија уреди

Евроазискиот рис е распространет од Централна и Северна Европа до далечниот исток. Од почетокот на 20 век, се сметало дека евроазискиот рис е изумрен во дивините на Словенија и Хрватска. Проект на повторно населување на рисот, кој започнал во 1973 година, успешно го донесе рисот во словенските Алпи и областите Горски Котар и Велебит во Хрватска, вклучувајќи ги и Плитвичките Езера и националниот парк „Рисњак“. Во двете земји рисот се смета за загрозен вид и е заштитен со закон.

Неколку проекти за повторно населување на рисот започнати во 70те години, биле успешно спроведени во многу области во Швајцарија. Уште од 90те години се правеле напори за повторно населување на Евроазискиот рис во Германија, а од 2000 година може да се сретне мала популација на планините Харц, близу Бад Лаутерберг.

Рисот се среќава во Беловешката шума во Североисточна Полска, во Естонија и во северните и западните делови на Кина, осоебно во Тибетската висорамнина. Во Романија, бројот на единки надминува 2000, најголемата популација во Европа надовр од Русија, иако повеќето стручњаци сметаат дека официјалниот број на популацијата на рисот е преценет.

Рисот почесто се сретнува во Северна Европа, особено во Шведска, Естонија, Финска и северните делови на Русија. Популацијата во Шведска е проценета на 1200 - 1500 единки низ целата држава, но најмногу во центарот на Шведска и на планинскиот венец. Популацијата на рисот во Финска изнесувала 1900 - 2100 единки во 2008 година, а по 1992та, бројот секоја година се зголемува. Според направена пресметка, популацијата на рисот во Финска е моментално поголема од било кога. Рисот во Британија бил истребен во 17 век, но се јавува потреба од повторно населување на рисот, за да се одржи бројот на елени.

Критично загрозениот ибериски рис живее во Јужна Шпанија и некогаш во Источна Португалија. Постои центар за размножување на рисот, надвор од градот Силвеш во регионот Алгарве, Јужна Португалија.

Северна Америка уреди

Постојат два вида на рис во Северна Америка - канадскиот рис и бобкет рисот, и двата ги населуваат умерените зони. Додека бобкет рисот се среќава во Јужна Канада, континенталните делови на САД и Северно Мексико, канадскиот рис најчесто се среќава во четинарските шуми на Канада и Алјаска.

Правен статус уреди

 
Lynx pardinus, Ибериски рис, е критички загрозен вид, и е предмет на интензивни напори за зачувување.

Ловењето на рис е нелегално во многу земји. Иберискиот рис е пред истребување и неговото ловење е забрането со закон уште од 70те години во Шпанија и Португалија.

Национален симбол уреди

Балканскиот рис се смета за национален симбол во Македонија и се појавува на македонската петденарка и дресовите на македонската фудбалска репрезентација.

Во астрономијата уреди

Ова животно е претставено и во соѕвездието Рис, како едно од 88-те современи соѕвездија на небото.

Рисот како тема во уметноста уреди

  • „Рисот и лисицата“ - басна на старогрчкиот баснописец Езоп.[2]
  • „Тажачка на планината по последниот рис“ — песна на македонскиот поет Славко Јаневски.[3]

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. Breitenmoser, U.; Breitenmoser-Würsten, C.; Lanz, T.; von Arx, M.; Antonevich, A.; Bao, W. & Avgan, B. (2015). Lynx lynx. The IUCN Red List of Threatened Species. IUCN. 2015: e.T12519A121707666.
  2. Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 63.
  3. Славко Јаневски, Глуви команди. Мисла, Скопје, 1966, стр. 12-13.