Симеон Молеров (роден на 15 февруари 1875 година во Банско - починал на 7 мај 1923 година во Банско) — македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација (МРО). Тој учествувал во Мелничкото востание (1895), потоа во запленувањето на мис Елен Стоун (1901), како и во Илинденското востание (1903), кога бил член на Востаничкиот штаб во Разлошко. По востанието бил избран за радовишки околиски војвода (1904–1906), потоа и за скопски војвода (1906 –1908). Исто така, учествувал во Балканските (1912 - 1913) и во Првата светска војна (1914 - 1918).[1]

Симеон Молеров
Роден 15 февруари 1875
Банско, Отоманско Царство
Починал 7 мај 1923
Банско, Бугарија
Националност Македонец
Занимање револуционер

Животопис

уреди

Симеон Молеров е роден на 15 февруари 1875 година во селото Банско, Пиринскиот дел на Македонија. Тој е внук на живописецот Симеон Димитров Молеров од големото семејство Молерови. Завршил класно училиште во родниот град и работел како чевлар во Софија. Потоа се пријавил во армијата и завршил ветеринарно училиште во Софија.

Симеон Молеров учествувал во Мелничкото востание во 1895 година[2]. Во 1896 година тој се вратил во родниот крај и Гоце Делчев го привлекол да стане член на месниот комитет на МРО и војвода на реонската чета. По неговото пристапување на Организацијата, Молеров ја проширил револуционерната мрежа во Разлог и организирал канал за пренесување на оружјето во Серско и Солун. Во 1901 година Симеон Молеров учествувал во аферата Мис Стон, а веќе следната година бил избран за кочански војвода. На почетокот негови четници биле Димитар Грчев од Порој,[3], Крсто од Скопје, Диме Апостолов од Кавадарци, Богдан Шејнов од Свети Николе, Васил Талев од Белушино, Георги Костадинов од Мусомишта, Крум Џеров од Охрид, Коста Андонов од Брезово, Мијал Стојчев од Брезово и Селен од Прибогово.[4]

Во летото 1903 година Симеон Молеров бил делегат од Разлог на Серскиот револуционерен округ и бил избран за член на окружното раководно тело. Во Илинденското востание учествувал во Востаничкиот штаб во Разлошко, а по востанието бил избран за радовишки околиски војвода (1904–1906), потоа и за скопски војвода (1906 –1908). По Младотурската револуција во 1908 година, тој се легализирал и се вратил во родното село и станал претседател на месното читалиште. Но на крајот на 1909 година Симеон Молеров бил уапсен и затворен во Мала Азија. Меѓутоа, на патот кон Солун, тој побегнал и се населил во Софија, каде работел како ветеринарен техничар. Симеон Молеров учествувал во Балканските војни (1912 - 1913) и во Првата светска војна (1914 - 1918). За време на Балканските војни бил војвода на партизанска чета бр. 38 на Македонско-одринското ополчение, која дејствувала во Струмичко во тилот на отоманската војска, а подоцна служел во 15-тата штипска дружина[5].

По војните Симеон Молеров се вратил во Банско и станал член на партијата Бугарскиот народен земјоделски сојуз (БЗНС) и раководител на месната организација на сојузот. Од 1919 до 1921 година бил кмет (градоначалник) на Банско. Тој бил убиен во мај 1923 година од страна на лица на ВМРО (Автономистичка) на Тодор Александров, која дошла во судир со БЗНС.[6]

Молеров држел став дека ако треба да се обнови Делчевата организација, ќе треба на чело да дојдат чесни Македонци, а не царски луѓе како Тодор Александров и Александар Протогеров.[7]

Наводи

уреди
  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Молеров“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 982–983. Text "series " ignored (help)
  2. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 109 – 110.
  3. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 39.
  4. Кьосев, Дино, „Гоце Делчев. Писма и други материали“, БАН, София 1967, стр. 332
  5. Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 – 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 21.
  6. Тюлеков, Димитър. Обреченото родолюбие ВМРО в Пиринско 1919 – 1934, Унив. Изд. „Неофит Рилски“, Благоевград, 2001
  7. Динев, Ангел (1983). Политичките убиства во Бугарија. Скопје: Култура-Скопје. стр. 331. ISBN 323.285.497.3 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).