Свињиште
Свињиште — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Свињиште | |
Поглед на селото | |
Координати 41°26′11″N 20°54′52″E / 41.43639° СГШ; 20.91444° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Копачка |
Население | 38 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6255 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12066 |
Надм. вис. | 690 м |
Свињиште на општинската карта Атарот на Свињиште во рамките на општината | |
Свињиште на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во јужниот дел на Кичевската Котлина, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 690 метри.[2]
Куќите на ова село се наоѓаат во две плитки долини, лево од Беличка Река. Околни села се: Брждани на северозапад и Козица на југоисток.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Калуѓерица, Требејнци, Света Петка, Присојница, Солев Камен, Манастириште, Рамни Лаз, Ледина, Калкаи, Ѓутев Лаз, Рамништа, Стојкови Ливади, Гочмајнца, Краста, Колибиште, Црн Камен, Јасен, Драпаиште, Кошари, Плоча, Кочо Рид, Гршајца, Стредојне, Палеј Трлишта, Рамна Краста, Дупало, Јама, Перуника, Стрмол, Богданоа Присојница, Рајко Осој, Голем Дол, Селиште, Црквиште, Бекутинец, Букале, Граорник, Солишта, Грамаѓе, Мартиноа Нива, Кремен, Широки Рид и Рамништа.[3]
Селото има разреден тип. Постојат четири маала, Велеско и Караџовско на север, Чорчиоско и Поповско на југ.[3]
Селото се наоѓа во областа Долна Копачка, во близина на Беличка Река. Оддалечено е 10 километри јужно од градот Кичево.
Низ селото течат потоците Гочмајнца и Селишка. Во долината на Гочмајнца на север се маалата Велеско и Караџовско, додека во долината на Селешка се наоѓаат маалата Попоско и Чорчиоско.[3]
Историја
уредиВо долината на потокот Гочмајнца, околу 400 метри југозападно од селото се наоѓаат месностите Селиште и Црквиште. Народната традиција наведува дека таму некогаш се наоѓало село Гочмајнца, кое поседувало црква. На месноста Селиште се наоѓаат стари гробови, остатоци од црковни ѕидови и има извор.[3]
Називот Манастириште или Богоројчина Храста се однесува на ридот, кој го одделува селото од соседното село Брждани. Народната традиција наведува дека таму некогаш се наоѓале манастир и тврдина. Свињите на тој манастир се наоѓале („лежеле“) на просторот на денешното село. Од изворот кај Селиште била донесена вода за манастирот.[3]
Денешното село не е многу старо. Било основано од македонски доселеници кон крајот на XVIII век.[3]
Во XIX век, Свињиште било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиАтарот е мал и зафаќа простор од 4,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 265 хектари, на пасиштата отпаѓаат 100 хектари, а на обработливото земјиште 80 хектари.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 29 домаќинства со 105 жители христијани (Македонци).[4]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Свињиште имало 360 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Свињиште имало 320 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Свињишта се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[7]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Свињиште:[8]
Домаќинства | Гурбетчии | Писмени | Неписмени | ||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
мажи | жени | вкупно | мажи | жени | вкупно | ||
40 | 50 | 83 | 7 | 90 | 61 | 114 | 175 |
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Свињиште е мало село, кое што во 1961 година броело 237 жители, додека во 1994 година имало 98 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Свињиште живееле 57 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 38 жители, од кои 37 Македонци и 1 лице без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 360 | 320 | 228 | 243 | 237 | 172 | 125 | 109 | 98 | 57 | 38 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиСвињиште е македонско православно село. Денешното село не е многу старо, основано е крајот на XVIII век. Прв кој дошол бил родот Велевци. Во селото родовите се делат, на родови што си го знаат местото на потекло и родови со непознато место на старина.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
- Родови со познато место на потекло: Велевци (4 к.), најстар род во селото дојдени од селото Брждани, со подалечно потекло од некое село од околината на Елбасан, во Брждани се дојдени средината на XVIII век и Караџовци (10 к.) најмлад род во селото доселени се почетокот или средината на XIX век од селото Врбјани, во Свињиште дошол основачот на родот Мојсо;
- Родови со непознато место на старина се: Стамевци (3 к.), Џорџиовци (20 к.) и Поповци (8 к.).
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Матулевци (6 к.), староседелци; Караџовци (7 к.) и Стамевци (3 к.), гранка на Караџовци, староседелци; Ѓурчијовци (4 к.), доселени се од селото Брезово, кај Битола и Велевци (3 к.), доселени се од селото Брждани.[16]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Брждани, во која покрај селото Козица, се наоѓале и селата Белица, Брждани, Видрани, Јудово и Свињиште.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0779 според Државната изборна комисија, сместено во училишната зграда.[17]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 39 гласачи.[18] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 36 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[21]
- Селиште — доцноантичка населба.
- Цркви[22]
- Црква „Св. Никола“ — средновековна црква и населба.
- Реки[23]
- Беличка Река — тече близу селото, се влева во Треска
Личности
уреди- Родени во Свињиште
- Борис Андреев — македонски револуционер.
- Ефтим Божинов — македонски револуционер.
- Кирил Андреев — македонски револуционер.
- Софронија Димов Вељаноски — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Иван Ѓоргиев Гиноски — македонски револуционер од ВМОРО.[25]
- Крсте Гроздановски — македонски револуционер од ВМОРО.[25]
- Крсте Лазаревски — македонски револуционер од ВМОРО.[26]
- Иван Пејоски — македонски револуционер од ВМОРО.[27]
- Захарија Петрески — македонски револуционер од ВМОРО.[27]
- Мицко Станкоски (1919-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Иселеништво
уредиРодот Дамњановци (2 к.) се иселиле во соседното село Козица. Во поново време, повеќе домаќинства се преселиле во градот Кичево.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 267. Посетено на 8 март 2019.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 97–98.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.92-93.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 156-157.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
- ↑ Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 75.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 март 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 8 март 2019.
- ↑ „Локални избори 2017“. Посетено на 8 март 2019.[мртва врска]
- ↑ „Референдум 2018“. Посетено на 8 март 2019.[мртва врска]
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 12. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 25,0 25,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 27,0 27,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.