Патристика
Патристика или патрологија (од грчки: πατήρ, латински: pater - татко, отец) — учење на црковните отци во раното христијанство и наука за нив и за нивното дејствување во насоката на обединувањето на античката филозофија и христијанското учење.[1] Се смета дека периодот на нивното дејство се протега од крајот на новозаветното време (апостолското раздобје, ок. 100 г.) до 451 г. (Четвртиот вселенски собор во Халкидон)[2] или до Седмиот вселенски собор (Втор никејски) во 787 г.
Најважни средишта на христијанската мисла биле Рим, Цариград, Александрија, Антиохија, западот на Северна Африка околу Картагина, а имало и дејци во Милано и Ерусалим.[3]
Најважни дејци
уредиПоважни црковни отци чии дела се изучуваат во патристиката се:
- Игнатиј Богоносец (ок. 35 – ок. 108)
- Папа Климент I (ок. I век – ок. 101)
- Поликарп Смирнски (ок. 69 – ок. 155)
- Јустин Философ (ок. 100 – ок. 165)
- Иринеј Лионски (ок. 120 – ок. 202)
- Климент Александриски (ок. 150 – ок. 215)
- Тертулијан (ок. 160 – ок. 225)
- Ориген (ок. 185 – ок. 254)
- Кипријан Картагенски († 258)
- Атанасиј Александриски (ок. 296 – ок. 373)
- Василиј Велики (ок. 330 – 379)
- Григориј Богослов (329 – 389)
- Григориј Ниски (ок. 330 – ок. 395)
- Јероним Стридонски (347 – 430)
- Августин (354 – 430)
- Викентиј Лерински († пред 450)
- Кирил Александриски († 444)
- Максим Исповедник (580 – 662)
- Исак Нинивски († 700)
- Јован Дамаскин († 749)
Теолошки развој
уредиОвие теолози претежно се занимавале односот помеѓу христијанството и јудаизмот, утврдувањето на новозаветниот канон, апологетиката („одбрана“ или „образложение“ на христијанството) и расправите за верското учење со цел да се постигне ускладеност на верата, особено во рамките на христијанизацијата на Римското Царство.[4] Во овој период се развиле неколку важни области на теологијата, како опфатот на новозаветниот канон, улогата на традицијата, утврдувањето на симболите на верата, двете природи на Христа, учењето за Светото Тројство, учењата на Црквата и учењето за Божјата благодат.[5]
Систематизација
уредиПо традиција, отците можат да се сметаат и според следнава систематизација:
- Апостолски отци, во непосреден допир со апостолите.
- Апологетски (заштитнички) отци од II век, кои особено се труделе да ја докажат складноста на христијанското учење со античката филозофија, при што понекогаш го претставувале христијанството како нова филозофија (Јустин од 100 до 167 г., а потоа Атинагора Атински, втора половина на II век). Кон II век се водел спор со гностиците, на чија страна прешол Тацијан (втора половина на II век). Овој период завршува со Тертулијан.
- III и почетокот на IV век се одликуваат со првите обиди за систематизација на теологијата и покренување на прашања за Христос, од кои произлегле многубројни обиди за нивно решавање. Спротивставените тези дошле до израз со тврдењето на Атанасиј (295—378) дека Христос е божествен, наспроти порекнувањето на божественоста од страна на Ариј. Додека филозофијата на Климент Александриски сè уште не била систематизирана, Ориген, позајмувајќи сфаќања од старогрчката филозофија и в во гоелма мера согласувајќи се со идеите на неоплатонистите, го создал првиот теолошки систем на христијанството — Александриската богословска школа.
- Во IV и начало V век христијанството за првпат почнало да ја истражува својата историја. Догмата за Светото Тројство наскоро го добила својот конечен облик. Тројцата Кападокиски отци се занимавале со систематизација на теологијата како реакција против аријанството.
- Од крајот на IV век, со утврдувањето на догмите и зајакнувањето на црквата, особено по нејзиното признавање во 313 г. од царот Константин Велики, до силен израз дошлол црковно-политичкиот карактер на патристиката, која во историјата е позната како Латинска патристика. По Илариј Пиктависки (наречен „Атанасиј на Западот“, 310—367), и Амвросиј Медиолански („Латинскиот Филон“, 340—397), Августин ја ставил на прво место практичната црковна теологија, со нејзината надлежност да раководи со душите и посредството на светците. Со неговот учење за божествената држава (делото „За царството Божје“) го удрил темелот на историската метафизика. Против ова учење се борел Пелагиј со неговото движење — пелагијанство.
Поделба на отците според период и јазик
уредиЦрковните отци се делат на Предникејски отци, кои живееле и работеле пред Првиот вселенски собор во Никеја (325) и Никејски и Поникејски отци, кои твореле по 325 г. Тие исто така се делат на „грчки“ и „латински“, т.е. оние што пишувале на грчки и на латински јазик, што не е врзано со нивната етничка припадност. Некои од поважните грчки отци се Јустин Философ, Атанасиј Александриски, Василиј Велики, Григориј Богослов, Јован Златоуст, Кирил Александриски и Максим Исповедник. Меѓу латинските отци се вбројуваат Тертулијан, Кипријан Картагенски, Јероним Стридонски, Амвросиј Медиолански, Августин и Григориј Велики.
Имало и отци кои твореле на други јазици како коптски, сириски, класичен етиопски (гиз) и ерменски, меѓу другите.[6] Низ историјата, халкидонските христијани не покажувале значаен интерес за овие дела бидејќи нивните цркви ги отфрлиле заклучоците од Халкидон (станувајќи древноисточни цркви) и Ефес (станувајќи Црквата на Истокот). Во последно време ова почнало да се менува, што се должи на подобрувањето на односите помеѓу источните и западните цркви.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „патристика“ — Лексикон на македонскиот јазик
- ↑ McGrath, Alister E. (1998). „Chapter 1 The Patristic Period, c. 100–451“. Historical Theology: An Introduction to the History of Christian Thought. Oxford: Blackwell Publishers. ISBN 0-631-20843-7.
- ↑ McGrath. op.cit. pp. 20–22.
- ↑ McGrath. op.cit. Ch. 1.
- ↑ McGrath. op.cit. pp. 27–37.
- ↑ Алопен, клучен отец во Црквата на Истокот, пишувал на кинески.
Надворешни врски
уреди„Патристика“ на Ризницата ? |
- Библиотека на Светите отци и црковните писатели (англиски)
- Светоотечко наследство Архивирано на 1 јануари 2006 г. (руски)