Махмуд Дарвиш (арапски: محمود درويش) (13 март 1941 - 9 август 2008) — најпознатиот палестински поет и најзначаен современ поет кој пишуваше на арапски јазик. Во 2007 година станал лауреат на Струшките вечери на поезијата[1] и бил прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.[2]

Златен венец Махмуд Дарвиш
محمود درويش
Дарвиш во Витлеемскиот универзитет (2006)
Роден/а13 март 1941
ел-Бирва, Палестина
Починат/аавгуст 9, 2008(2008-08-09) (возр. 67)
Хјустон, Тексас, САД
Занимањепоет, писател
НационалностПалестинец
Период1964–2008
Жанрпоезија

Животопис

уреди

Роден е во селото Ал Бирва во западна Галилеја (денешен Израел). Во текот на Арапско-израелска војна од 1948 година неговото родно село е уништено од израелските трупи. Неговото семејство бега во Либан, но следната година, по тајни патишта, илегално се враќа во Израел.

Во младоста Дарвиш е неколкупати затворан заради политичка активност, но и за своите јавни поетски читања. Неговиот егзил започнува уште во 1970 година кога заминува за Москва, при што му е одземено израелското државјанство. По само една година престој во СССР, заминува за Каиро, а потоа и за Бејрут. Повеќе од 26 години живее во егзил, постојано на релацијата помеѓу Бејрут и Париз. Во 1995 година му е дозволено да се врати во Израел, по што се населува во Рамалах, на Западниот брег.

Во 1960-тите станува член на Комунистичката партија на Израел, а потоа во 1973 година и на Палестинската ослободителна организација. Во 1987 година влегува во Извршниот комитет на ПЛО, а во 1988 година го напиша Манифестот кој послужи како Декларација за независност на палестинската држава од Израел. Но, во 1993 година ја напушта Организацијата, во знак на протест против прифаќањето на Договорот од Осло. Во 1997 година го основа списанието „Ал-Кармел“ и станува негов главен и одговорен уредник на списанието.

Творештво

уреди

Махмуд Дарвиш е на 30-тина поетски книги, а неговите песни се преведени на повеќе од 20 јазици, вклучително и на македонски.[3] Покрај поетските збирки, има објавено и осум прозни дела и други објави и студии.

Првата поетска книга ја објавил во 1964 година со наслов „Маслиново лисје“.

Негови поважни избори на англиски јазик се: „За жал, тоа беше рај: Избрани песни“ (2003), „Опсада“ (2002), „Мастилото на гавранот“ (2001), „Адам од два раја“ (2001), како и други избори на арапски јазик: „Мурал“ (2000), „Постелата на туѓинецот“ (1999), збирките „Псалми“ (1995), „Зошто го оставивте коњот сам?“ (1994), „Музика на човечкото месо“ (1980) и други. Во 2000 година, престижната француска издавачка куќа „Галимар“ објавува ексклузивен избор од неговата поезија „Земјата ни е тесна“ на француски јазик, а неговиот роман „Заборавност“ е објавен во издание на Калифорнискиот универзитетски прес, на англиски јазик.

За своето дело има добиено голем број меѓународни награди, меѓу кои: наградата "Ибн Сина", "Лениновата награда за литература", "Сталиновата награда за мир", наградата "Лотос" од Сојузoт на aфроазиски писатели (1969), "Наградата за културни слободи" од фондацијата Ланан (2001), мароканската награда "Висам" за интелектуални дострели што ја доделува лично мароканскиот суверен Мохамед ВИ, а во 1997 година ја добил почесната француска титула "витез", заедно со орденот за заслуги во уметноста и литературата.

Дарвиш во своите дела ја опишуваше борбата на својот народ за независнот. Го критикува Израел, но и палестинското раководство и внатрешните палестински судири. Пишуваше за животот на Палестинците во егзил, како и за израелската окупација на палестинските територии.

Махмуд Дарвиш учествувал на голем број познати светски поетски фестивали, држел предавања на престижни светски универзитети, а патот кон својата вистинска меѓународна поетска афирмација го започнал токму на Струшките вечери на поезијата, кога во 1978 година учествувал како поет на специјалната вечер посветена на современата палестинска поезија.

Наводи

уреди
  1. Струшки вечери на поезијата
  2. „Махмуд Дарвиш почесен член на ДПМ“
  3. Махмуд Дарвиш, „Одбрани песни“, Струшки вечери на поезијата, Струга, 2007.

Надворешни врски

уреди