Лобаница
Лобаница или Лабаница (дијалектно Ломбаница или Ламбаница; грчки: Άγιος Δημήτριος, Агиос Димитриос; до 1928 г. Λαμπάνιτσα, Ламбаница[1]) — поранешно село во Костурско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Костур во областа Западна Македонија, Грција.
Лобаница Άγιος Δημήτριος | |
---|---|
Координати: 40°35.10′N 21°3.47′E / 40.58500° СГШ; 21.05783° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Костурски |
Општина | Костур |
Општ. единица | Кастраки |
Надм. вис. | 20 м |
Население | |
• Вкупно | иселено |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија
уредиЛобаница била сместена во традиционалната област Корешта, 27 км северозападно од општинското седиште Костур и 2 км северозападно од селото Косинец, во западните пазуви на планината Орлово (Малимади). Селото традиционално имало две маала — Горна и Долна Лобаница.
Историја
уредиВо Османлиското Царство
уредиСелото за првпат се споменува во османлиски дефтер од 1530 г.[2] Кон крајот на XIX век ова било чисто македонско село на самата западна граница со Деволскиот крај во Албанија. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Лобаница (Lobanitza) било село во Костурската каза со 95 домаќинства и 300 жители Македонци.[3][4] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Горна Лабаница имала 535, а Долна — 20 жители, сите Македонци.[3] Милоевиќ во ова време утврдил дека селото имало вкупно 80 македонски куќи.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лобаништа се води како чисто македонско село во Костурската каза на Горичкиот санџак со 64 куќи.[6]
Раководството на Илинденското востание во Костурско, меѓу кои и Васил Чекаларов, Лазар Поптрајков, Пандо Кљашев, Манол и Михаил Розов, испратило до сите странски конзулати во Битола дека на 30 август 1903 г. сите 80 куќи во Лабаница се изгорени, убиени се попадијата (на возрат од 70 години), Толе Гулов (75), Митре Капиданчев (60), Стојан Димов (75), Наке Гологачев (65), Наковица Гологачева (65), Митре Коломанчев (62), Наке Донев (60), Лазовица Капиданка (23), Иловица Марковичина (21), Наум Мангов (75) и Доне Миџов (65), а ранети се Лазо Сотирчев, Дина Сотировска, Коловица Богданоска и Геловица Димитрова.[7]
На почетокот на XX век Лабаница страдала од влијанието на двете најсилни странски пропаганди во Македонија. Според податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. селото имало 288 жители под Бугарската егзархија и 224 под Цариградската патријаршија,[3] и во него работеле и бугарско и грчко училиште.[8] Според Георги Трајчев во 1911/12 г. во Лабаница имало 60 куќи со 305 жители, и во неа работеле црква и училиште.[9] Георги Константинов Бистрицки вели дека Лабаница пред Првата балканска војна во 1912 г. се состоела од 70 македонски куќи.[3][10]
При избувнувањето на Првата балканска војна, 8 лица од Лабаница зеле учество во Македонско-одринските доброволни чети.[11]
Во 1915 г. учителот Ѓорѓи Рајков од костурско напишал:
„ | 1⁄2 ч. на северозапад од с. Косинец, в едно низинско место се наоѓа с. Лабаница со 81 куќа. Населението го говори мајчиниот македонски. Имаа бугарска црква и свештеник, бугарско училиште и учители Насе Павлов Јуруков и Коста Јанакев, обајцата од Лабаница. За духовен началник го признаваа бугарскиот егзарх Јосиф I. Позначајни македонски првенци се Христо Јруков, Трпе Ан. Божинов, Илија Л. Јуруков, Ване Анастасов, поранешен учител, Христо П. Грозданов, Динко Јан. Терзи, Ламбро Јанакев.[3][12] | “ |
Потпаѓање под Грција
уредиЗа време на војната селото е окупирано од грчката војска, и по Втората балканска војна е припоено кон Грција. Во 1928 г. е преименувано во Агиос Димитриос. Истата 1928 г. доведени се 5 грчки семејства со вкупно 18 члена.[13] Ова сепак немало значајна последица по демографската состојба, земајќи дека таа година селото броело 228 жители.[5]
Население
уредиСелото бежелело постојан опад на населението поради големото иселување во странство, претежно во прекуокеанските земји. Така, во 1940 г. Лабаница имала 217 жители, кога воедно е забележано дека дотогаш веќе се имаат иселено 49 семејства — повеќе од половината жители.[5]
Селото е разорено за време на Грчката граѓанска војна кога сите жители биле принудени да го напуштат и да побараат спас во Р Македонија и некои источноевропски земји. Единствено останале седум семејства, на кои грчките власти не им дозволиле да се вратат во разурнатото село.[5]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 217 | — | — | — | — | — | — | — |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Λαμπάνιστα - Άγιος Δημήτριος
- ↑ Harun Yeni, Demography and settlement in Paşa sancaği sol-kol region according to muhasebe-i vilayet-i rumeli defteri dated 1530 [1530 tarihli Muhasebe-i Vilayet-i Rumeli defteri'ne göre Paşa Sancağı sol-kol bölgesinde demografi ve yerleşim], Ankara, 2006, стр. 111.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 106-107.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 29–30.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 98.
- ↑ Чекаларов, Васил. Дневник 1901-1903 година, Ива Бурилкова, Цочо Билярски, ИК „Синева” София, 2001, стр. 292
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 180-181.
- ↑ Трайчев, Георги. Български селища в днешна Албания, во: Отецъ Паисий, 15-31 юли 1929 година, стр. 212.
- ↑ Бистрицки, Българско Костурско, Ксанти, 1919, стр. 6.
- ↑ Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав, Главно управление на архивите, 2006, стр. 858.
- ↑ Райков, Георги (2005). Битие на българския народ в Македония при царуването на Турция до отстъпването ѝ от Македония и изтезание на българския народ от гърците и сърбите,в: „Борбите в Македония - Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров. София: Звезди. стр. 28–29. ISBN 954-9514-56-0.
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.